Голема новина на финансискиот пазар – македонските компании добиваат пристап до crowdfunding финансирање преку платформата Funderbeam
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА
ФИТР и Македонска берза отвораат пристап до алтернативни можности за финансирање за македонските компании.Македонија преку Македонска берза е прва земја од регионот на Западен Балкан, која ќе има пристап до интернет платформата Funderbeam за финансирање која функционира преку принципот на креирање кампањи за собирање средства, таканаречени – crowd funding.
Berza Fond 1
Фонд за иновации и технолошки развој и „Македонска берза“ денеска потпишаа меморандум за соработка, чија цел меѓу другото е на македонските компании да им се овозможи пристап до алтернативен извор за прибирање капитал.
На присутните претставници на компании корисници на Фондот за иновации им беа презентирани можности за пристап до глобална интернет платформа Фандербим (Funderbeam) – за финансирање и трговија која овозможува поврзување со 200.000 приватни компании и 17.000 инвеститори низ Европа.
Македонија преку Македонска берза е прва земја од регионот на Западен Балкан, која ќе има пристап до интернет платформата Funderbeam за финансирање која функционира преку принципот на креирање кампањи за собирање средства, таканаречени – crowd funding.
Директорот на ФИТР Јован Деспотовски нагласи дека со ова се отвораат нови можности за поддршка и развој на македонските компании и пристап до странски фондови.
“Државата, односно владата преку Фондот за иновации и технолошки развој останува и понатаму посветена да ги поддржува домашните компании. Она што сега го правиме е на компаниите, покрај средствата обезбедени од буџетот да им овозможиме пристап и до други извори за финансирање, особено на европскиот пазар, па и во глобални рамки“, рече Деспотовски и најави дека веќе се преговара и со фондови од САД и Израел.
“Македонија не е изолиран остров, Македонија е веќе дел од глобалните финансиски трендови на финансирање и инвестиции во иновации и технолошки развој. Покрај средствата кои ги вложува владата, сакаме да фатиме приклучок и во глобалните финансиски текови и средствата кои се вложуваат во компаниите и во нивниот развој да бидат достапни и за македонските фирми.“
Иван Штериев, извршен директор на „Македонска берза“, очекува преку заедничката соработка на двете институции во иднина да се создаде нов значаен канал за финансирање на домашните иновативни претприемачи.
Funderbeam
„Во недостиг на оперативни crowdfunding платформи во нашата земја, Македонска берза во наредниот период ќе се обиде да го олесни процесот на финансирање на стартапи, мали и средни претпријатија, следејќи ги искуствата на некои други берзи во регионот. Берзатанеодамна потпиша договор со компанијата Funderbeam SЕЕ којашто е дел од една иновативна платформа за колективно финансирање на глобално ниво. Преку оваа платформа македонските компании ќе добијат можност за полесно небанкарско финансирање во зависност од нивната иновативност и конкурентност, а домашните инвеститори ќе можат да вложуваат во домашни бизнис проекти каде ќе препознаат добар потенцијал, со што ќе изврши поефикасна алокација на домашните заштеди и во овој дел од економијата. Истовремено, Берзата ќе ги понуди и прошири своите услуги и за помалите македонски компании.“
Инаку, глобалната интернет платформа Фандербим за финансирање и трговија на приватни компании е основана во 2013 година, но со тргување и инвестирање започнува во 2016 година. До сега преку неа се инвестирани 8 милиони евра во компании, а половина од средствата, односно 4,3 милиони, се инвестирани само во 2018 година.
Оваа платформа овозможува пристап до инвеститори во 113 земји, а компаниите можат да се поврзат со глобалната инвеститорска сцена. Платформата таргетира седум региони – Велика Британија, Нордиските земји, Балтикот, Јужна и Источна Европа, Сингапур и Бразил.
Фандербим користи напредна блокчеин технологија – која се нарекува и технологија на иднината – а, нуди едноставно и безбедно тргување и инвестиции. На овој начин инвеститорите повеќе не мора да бидат „заглавени“ во одредени инвестиции со години – оваа платформа нуди „рециклирање“ на сопствените фондови во нови можности.
Платформата е така дизајнирана и функционира да им помогне на компаниите да спроведат кампањи за собирање инвестиции и капитал за брзо време. Истовремено ги намалува трошоците за партиципација на инвеститорите.
Магазинот Капитал неодамна обави поголема тема за crowdfunding финансирањето кое може да ја прочитате на следниот линк.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×