Голема поддршка за македонските претприемачи – се очекува заживување на стартап сцената
Објавено на од во Компании

 

Mind MapДржавата со помош на Светска банка ко – финансира основање на бизнис акцелератори

Разговаравме со трите конзорциуми што деновиве добија државно ко – финансирање за формирање бизнис акцелератори за да ни објаснат што точно ќе може да добијат домашните стартапи во рамки на акцелераторските програми.

 

 

Деловно – технолошки акцелератор „УКИМ“ ДОО Скопје, „СЕАВУС“- едукативен и развоен центар и Друштвото за деловна, техничка поддршка и едукација „ИКС Фактор“ се трите конзорциуми избрани од Комитетот за одобрување на инвестициите, со кои Фондот за иновации минатата недела потпиша договори за финансиска поддршка за отворање на три бизнис акцелератори за стартап фирми основани од млади претприемачи и иноватори.

Со овој проект на младите луѓе кои поседуваат креативни бизнис планови ќе им се понуди можност и поддршка за развој на конкретни бизниси и старт ап компании. Вкупниот буџет за сите три проекти е 2 милиони евра од кои Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во соработка со Светската банка обезбедува 1,5 милиони евра, додека трите бизнис акцелератори вложуваат половина милион евра сопствени средства, соопштуваат од Владата.

Во следните три години овие три бизнис акцелератори треба да овозможат финансиска поддршка на најмалку 100 стартап компании.

Во рамки на бизнис акцелераторите, младите претприемачи и иноватори ќе ја имаат целосната поддршка, менторство и сите потребни услови за развој на нивните бизнис планови и иновации. На младите кои ќе стартуваат со бизнис овие бизнис акцелератори ќе им нудат простор, опрема и обуки за реализација на нивните бизнис плановите.

Од Владата потенцираа дека се работи за прв проект за државна поддршка на бизнис акцелератори во земјава и дека од таму ќе понудат силна база на поддршка, едукативни програми, стручни анализи на пазарот, обуки за практична примена и имплементација на новите технологии и иновации и огромна бизнис поддршка којашто ќе им овозможи на старт ап компаниите успех, брз раст и напредок.

Разговаравме со менаџерите/основачите на сите три компании што ќе формираат бизнис акцелератори, за да ни објаснат што точно ќе понудат акцелераторите на домашните стартапи, односно како ќе изгледаат акцелераторските програми.


Акцелератор УКИМ – ќе ги спојува академските знаења и истражувања со исклучителни претприемачи

Деловно – технолошкиот акцелератор УКИМ Доо Скопје, е всушност правен субјект со пет основачки партнери/содружници: Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје како водечки партнер; Развојната фондација Кримсон Скопје (ЦДФ); Центарот за развој на претприемачи и менаџери – ЦЕЕД Хаб Скопје; Фондација “Проф. д-р Димитар Стамболиев“; како и РСМ.

“Основачките партнери имаат исклучителна национална и меѓународна експертиза во областите клучни за развојот на еден успешен и одржлив деловно – технолошки акцелератор: развој на фундаментални и применети проекти за истражување; развој на мали и средни претпријатија, стартапи и претприемништво; финансирање на претпријатија и стартапи од рана фаза; техничка експертиза и деловни вештини коишто може да се применат на корисниците на новооснованиот акцелератор“, вели Александар Стамболиев, управител на Акцелераторот УКИМ.

Стамболиев додава дека партнерите во акцелераторот ги соединуваат клучните елементи на развојот на проектот, вклучувајќи 1) Разновидност; 2) Пристап до инфраструктура за знаење и технологија; 3) Менторство; 4) Истражување и развој; 5) Вмрежување и 6) Пристап до финансии. Само во 2018 година, партнерите планираат да спроведат 10-на настани наменети за иновациските компании, со фокус на пристап до нови пазара но и нови алатки и знаења за унапредување на компаниските бизнис и иновациски модели.

Мисијата на основачите е Акцелераторот УКИМ да ги спои академските знаења и истражувања со висок бизнис потенцијал, со исклучителни претприемачи. Тоа, ќе го подобри и стимулира трансферот на знаење од академијата до постоечки и нови иновативни бизниси и стартап со фокус на напредните технологии. Акцелераторот УКИМ се обврзува дека ќе ја промовира соработката меѓу универзитетите и индустријата, трансферот на технологии, развојот на бизнисот и промовирање на спин-оф компаниите. Седиштето и административната канцеларија на Акцелераторот УКИМ ќе биде во просториите на Центарот за трансфер на технологии – ИНОФЕИТ, како и во други објекти на УКИМ и ЦЕЕД Хаб Скопје, врз основа на видот на активност. За развојот на технологијата (R & D), сите лаборатории на УКИМ ќе бидат на располагање на стартапите кои ќе учествуваат во акцелераторските програми.


Содружници на Акцелераторот УКИМ и нивната улога

  • Водечки партнер: Св. Кирил и Методиј во Скопје (УКИМ): Најголемиот универзитет во Македонија со 3.000 професори и 30.000 активни студенти. УКИМ претставува функционална заедница од 23 факултети и 5 истражувачки институти. УКИМ ги има клучните искуства за промовирање на технолошкиот и деловниот развој .
  • Развојна фондацијата Кримсон Скопје (ЦДФ): ЦДФ е фонд од 4 милиони американски долари кој обезбедува финансирање за МСП, вклучувајќи и стартапи. Досега, ЦДФ обезбеди повеќе од 36,6 милиони долари за финансирање на македонските МСП. Во новиот УКИМ Акцелератор улогата на ЦДФ ќе биде исто така изнаоѓање финансиска поддршка, односно инвестиции за најперспективните стартапи.
  • ЦЕЕД Хаб Скопје е бизнис акцелератор кој промовира развој на екосистемот за стартапи; во последните две години од страна на ЦЕЕД ХАБ Скопје беа спроведени 6 акцелераторски програми (52 тима / 70 членови), што резултираше со речиси 100.000 евра инвестиции. И во новиот акцелератор ЦЕЕД Хаб Скопје ќе биде одговорен за спроведување на акцелерациската програма и менторска поддршка на стартапите.
  • Фондација проф. д-р Димитар Стамболиев: Над 200 стипендии и награди доделени на студенти од УКИМ во текот на последните 25 години, во вкупен износ од 100.000 евра. Фондацијата ќе биде задолжена за унапредување на меѓународната соработка и пристапот до светските пазари.
  • РСМ: Поддржани преку 400 клиенти на локално ниво со финансиски, сметководствени, даночни, усогласеност, спојувања и преземања и советодавни услуги во повеќе индустрии. РСМ е шестата по големина глобална мрежа на независни сметководствени и консултантски фирми, со канцеларии во преку 120 земји и 43.000 вработени. Компанијата ќе им обезбеди на сите корисници на Акцелераторот УКИМ правни, финансиски, сметководствени, даночни и административни услуги, а преку мрежата на канцеларии и полесен пристап до нови пазари.

Дополнително, Акцелераторот УКИМ веќе има изградено партнерски односи со десетина Европски водечки технолошки и стартап центри кои ќе им овозможат полесен пристап до нови пазари и дополнителна финансиска и останата поддршка.


 

 

Почетни инвестиции од околу 25.000 евра и додатни инвестиции од околу 75.000 евра

Стамболиев ни објасни и како ќе тече акцелераторската програма, односно начинот на работа на УКИМ Акцелераторот.

“Ќе обезбедиме акцелераторска програма за иновативните стартапи во Македонија кои имаат најголем потенцијал за раст.

Фазата пред инвестирање ќе вклучува програми за пред – акцелерација и акцелерација. Програмата за пред – акцелерација ќе се спроведе во рамките на постоечките наставни предмети на УКИМ, кои имаат фокус на претприемништвото, иновациите, управувањето со бизнисот, развој на технологија и сл., со можност да опфатат 250 до 300 студенти по семестар. Вкупно пет пред-акцелераторски програми ќе бидат спроведени, по што ќе следат пет акцелераторски програми во времетраење до три месеци. Последователно на пред – инвестициската фаза, следат почетните инвестиции, од околу 25.000 евра по инвестиција во компанијата. На секој стартап во кој ќе биде инвестирано, ќе му биде овозможена поддршка согласно индивидуалните потреби, фокусирајќи се на деловните менторства, преку национални и меѓународни ментори и технолошка помош преку факултетскиот и истражувачкиот персонал од УКИМ, вклучувајќи пристап до технички и лаборатории за истражување и развој. Натамошните инвестиции ќе бидат наменети за оние стартапи (кои веќе добиле почетни инвестиции од околу 25.000 евра), за чијшто развој на технологии можат да бидат инвестирани од околу 75.000 евра.“, ни објасни Стамболиев.

Акцелераторот УКИМ ќе цели кон потенцијални сектори со висок раст, како што се (но, не ограничувајќи се исклучиво на) дистрибуирани вмрежени системи базирани на концептот на big data, интелигентни околини, вештачка интелигенција, дигитални технологии, обновлива енергија / зелена технологија, паметни решенија за автомобилската индустрија и иновативни ИКТ услуги. Финансираните претпријатија мора да имаат македонска сопственичка структура од 50,1% или повеќе. Акцентот ќе биде ставен на компании со голем потенцијал за интернационализација.

 

12akСеавус акцелераторот – логичен след на инкубаторската програма

СЕАВУС Едукативниот и развоен центар (СЕРЦ) веќе седум години во рамки на најголемата ИТ компанија во земјава, СЕАВУС Групација, нуди обука во областите на програмирање, мрежи, веб дизајн, интернет безбедност, итн., и претставува своевиден регрутен центар за млади претприемачи коишто основаат стартапи, или пак се придружуваат на некој стартап и сл. Последниве две години СЕРЦ почна со еден општествено одговорен проект, Сеавус Инкубатор, за поддршка на компании во многу рана фаза од развојот, на ниво на бизнис идеја, што се вели, или т.н. предакцелетаторска фаза, на коишто им се нудеше менторска, експертска, и друг вид помош. Со добивањето на грантот од Фондот за иновации со цел формирање бизнис акцелератор, СЕРЦ ќе го продолжи логичниот след на своите активности, како што вели генералната менаџерка на центарот, Весна Иваноска.

“Основната разлика помеѓу инкубаторската (пред – акцелераторската) и акцелераторската програма е зрелоста на самите компании што учествуваат во овие програми, односно понапредната фаза на развој во која што се компаниите што во принцип аплицираат за учество во акцелератор. Но, можеби клучната разлика е во фактот што акцелераторот ќе инвестира средства во компаниите, а нема само да пружа поддршка во вид на менторство, консалтинг и сл. Затоа што, компаниите што вообичаено ги таргетира еден акцелератор можно е да имаат т.н. MVP (minimum viable product), односно прототип на производ, потенцијални или реални клиенти, но им требаат пари за финиширање на продуктот, лансирање на светски пазар и сл.“, ни објасни Иваноска.

Таа додаде дека ова е многу суштинска разлика, затоа што праксата покажала дека многу стартапи не гледале актрактивност во повеќето постоечки инкубаторски или акцелераторски програми во Македонија токму заради неможноста за инвестирање од нивна страна.

Иваноска објаснува и дека во самиот повик од страна на ФИТР, услов за добивање на овој грант било самиот основач на акцелераторот да е подготвен да вложи 25% од вкупната вредност на проектот, а во случајот на Сеавус тоа ќе биде 32%, или 235 илјади евра, од вкупните 729 илјади евра.

“Ова ни дава солидна основа за вложување во најдобрите стартапи од акцелераторската програма што допрва ќе ја почнеме“, вели Иваноска.

Сеавус акцелераторот во период од три години планира да прифати 45 компании, односно 15 во секој годишен циклус. Од нив, во отприлика 9 се планира да се вложат пари, од коишто во првата фаза по 30-35 илјади евра, а во најдобрите три компании што ќе се издвојат за време на програмата, уште по стотина илјади евра.

“Максималната сума што една компанија би можела да ја добие од нас е 130-135 илјади евра, сума за којашто мислиме дека може да даде добра поддршка во развојот на еден нов бизнис, што ќе биде, природно, технолошки ориентиран, како што е впрочем и бизнисот на Сеавус групацијата“, вели Иваноска.


Зошто Сеавус акцелератор?

Нашата најголема предност е пред сè во фактот дека ова ќе биде првиот корпоративен акцелератор кој е дел од поголем микро систем на интернационална компанија во областа на софтвер, односно технологија со своја развојна мрежа на партнери и клиенти. Во исто време преку 900 ИТ професионалци на групациско ниво се огромен експертски и менторски потенцијал во различни технолошки домени, но и бизнис искуство и конечно, како едукативен центар, ние сме одличен извор на млади таленти кои би можеле да лансираат сопствени бизниси или пак, што е чест случај и досега, да се приклучат на некој од новоформираните стартапи. Другата битна работа е што ние имаме идеја компаниите со најголем потенцијал да ги покажеме и на други потенцијални инвеститори, а не себично да ги чуваме само во рамки на нашиот акцелератор. Можеби во некој бизнис модел ние како групација нема да видиме интерес, но ќе сметаме дека има потенцијал, или пак ако мислиме дека друг инвеститор може подобро да изведе некој стартап на пазарот, зошто да не го предадеме тој стартап нему. Наша задача е да ги направиме компаниите од акцелераторот повидливи, а во тоа ќе ни помагаат и регионалниот СЦВ фонд, а исто така и мрежата на партнери со коишто работиме во рамки на проектот My Gateway, финансиран од ЕУ, каде што влегуваат акцелератори од БиХ, Чешка, Словенија, итн. “, вели Весна Иваноска од Сеавус едукативниот центар.


 

 

6+6 недели акцелераторска програма

Периодов се дефинираат точно правните форми за финансирање на стартапите, а она што е предвидено со инвестициската стратегија е дека Сеавус акцелераторот инвестирајќи во една компанија ќе добие удел во неа. Се предвидува за првата инвестициска фаза, односно за влог од триесетина илјади евра максималниот сопственички удел на акцелераторот да е 7%, додека во оние стартапи кајшто ќе има и дополнително вложување, тој максимум удел да
биде 15%.

“Ова се првични проекции, ние сега во моментов не може да предвидиме какви сè стартапи ќе дојдат, односно со колку комплексни и скапи технологии ќе работат, затоа што, на пример, оние што вклучуваат работа со поскап хардвер подразбираат поголеми инвестиции. Инаку, по природа на нештата, односно во согласност со она што го работи и самата Сеавус групација, таргет за во акцелераторот ќе ни бидат бизниси базирани на софтверска технологија, fintech, вештачка интелигенција, блочкеин, Интернет на нештата (IoT), гејминг, е-трговија, итн. Програмата ја замисливме како 6+6, односно шест недели сите стартапи ќе слушаат исто, ќе поминат низ оние базични обуки – креирање бизнис план, валидација на продукт, генерирање на лидови, итн., а потоа оние што ќе се покажат како најдобри, ќе имаат уште шест недели програма по нивна мерка, во зависност од тоа што ним им е најпотребно за развој до моментот на инвестиција.“, објаснува нашата соговорничка од Сеавус едукативниот центар.

 

Велешкиот акцелератор “X Factor” ќе ја раздвижи стартап сцената надвор од Скопје

Икс Фактор Акцелератор (X Factor) од Велес, е третата компанија што потпиша договор со Фондот за иновации за финансиска поддршка за отворање на бизнис акцелератор.

Овој акцелератор го основаат четворица партнери, поединци со големо практично искуство во креирање, управување и поддршка на развојот на успешни стартап бизниси (види рамка, н.з). Акцелераторот ќе биде лоциран во строгиот центар на општина Велес, во деловни канцеларии опремени за потребите на неговите корисници.

“Посебно сме горди што ќе имаме шанса да го стартуваме првиот и единствен Акцелератор во еден од поголемите регионални центри од внатрешноста, со што ќе придонесеме за значително раздвижување на стартап сцената, надвор од Скопје.“, вели Игор Андреев, еден од основачите на X Factor акцелераторот, инаку маркетинг истражувач и бизнис консултант.

Проектните активности на акцелераторот се поделени во неколку фази, ни објасни нашиот соговорник, при што првите шест месеци се предвидени за воспоставување на Акцелераторот. Потоа ќе следуваат два инвестициски циклуси, во кои се очекува, со почетни инвестиции да се финансираат најмалку 10 атрактивни стартапи, а оние, со најголем потенцијал за раст, ќе се финансираат со дополнителни средства и во фазата на понатамошни инвестиции.

“За потребите на корисниците ќе се креира интензивна тримесечна акцелераторска програма, во која ќе бидат опфатени теми кои се однесуваат на сите аспекти за успешен раст и развој на бизнисот – алатки за истражување на пазар, сегментација на клиенти, анализа на конкуренција, иновациски менаџмент, развој на производ, маркетинг и продажба, развој на тимови, финансии, развој на бизнис – моделот, стратегија за влез на пазарот, проектен менаџмент и сл. При тоа, важно е да се потенцира дека за секој од тимовите, програмата ќе се прилагоди согласно нивните специфични потреби, а како техники кои ќе се применат при нејзината испорака ќе бидат застапени: тренинзи, менторски пристап, директни средби и сл.“, додава Андреев.

 

Шанса ќе имаат и млади претприемачи во пред – стартап фаза

Тој вели дека наспроти досегашната скромна пракса со функционирањето на (пред)акцелераторски програми на македонскиот пазар, кои во најголем дел се претворија, пред сè во едукативни центри, нивната идеја, и по завршувањето на проектот, е да ја задржат основната мисија, а тоа е: да бидат водечки акцелератор во регионот и пошироко, чии главни активности ќе произлегуваат пред сè од инвестирањето во атрактивни стартап проекти. Со оглед на фактот што, преку инвестирањето во стартапите, Акцелераторот ќе стекнува соодветен удел во фирмите, основен критериум за влез ќе биде процената на нивната атрактивност и потенцијалот за раст. Покрај тоа, ќе се цени и степенот на иновативност на планираниот бизнис-проект, капацитетот на тимот на апликантот и слично, при што, покрај новоосновани бизниси кои се во почетна фаза од развојот, шанса за влез ќе имаат и тимови на млади претприемачи, чии бизнис-проекти се наоѓаат во т.н. пред-стартап фаза, или истите се’уште се на ниво на идеи, за кои ќе се процени дека имаат сериозен потенцијал да се развијат во профитабилни бизниси.

“При тоа, покрај предвидените средства за инвестиции (од коишто 25% се влог на основачите на Акцелераторот, н.з.), доколку произлезе потреба за дополнителни финансии, истите ќе се обезбедат и од останати надворешни инвеститори. За таа цел, паралелно со сите проектни активности ќе се организираат и настани за вмрежување на претприемачките тимови со заинтересирани бизнис ангели, а во партнерство со општините од регионот, ќе се обидеме да го привлечеме вниманието и на големиот број иселеници, кои ќе имаат шанса, на едно место да пронајдат атрактивни бизнис можности за инвестирање.“, вели нашиот соговорник од X Factor Акцелератор, Игор Андреев.


13akОсновачи на X Factor акцелератор

  • Д-р Игор Андреев, маркетинг истражувач и бизнис консултант, којшто покрај академската кариера (во периодот од 2009-2012 година, работел како асистент на Економскиот факултет на УКЛО – Битола, на катедрата за маркетинг менаџмент и бизнис), поседува и повеќе од десет годишно искуство во консултантскиот бизнис и во креирањето успешни стартап проекти, поврзани пред сè, со поттикнување на претприемништвото, креативноста и иновативноста, особено кај младата популација, студентите и др. Додипломските студии ги завршил на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје, а докторира на Економскиот факултет на УКИМ – Скопје. Претседател е на Институтот за маркетинг истражувања (ИМИ) – Скопје.
  •  Милан Димитриевски, претприемач, којшто во периодот од основањето на сопствената компанија Делта-пром инг ДООЕЛ Велес во 2013 година, па сè до денес, ја извршува позицијата генерален менаџер, а фирмата е една од најуспешните во градежниот сектор во велешкиот регион и пошироко.
  • Сашко Панчевски, претприемач, кој, во периодот од 2008 година до денес е основач и извршен директор на Еуропап ДОО Скопје. Фирмата е ко – основач на DHYS групацијата, која е водечка меѓународна трговска асоцијација во секторот на производи и услуги за професионална хигиена, при што, во изминатиот период од 3 години, Еуропап е лидер на македонскиот пазар во овој сектор.
  • Тодор Левков, експерт за финансиски менаџмент, кој во својата 30 годишна професионална кариера во банкарскиот сектор ги поминал сите служби и го заокружил целокупниот процес на банкарско работење. При тоа, бил и Директор на филијалите на Стопанска банка АД Скопје и Комерцијална банка АД Скопје, во Велес, со главни одговорности во делот на: утврдување на ризиците од работењето, континуирано следење на пазарот на финансиски производи/услуги, мерење на нивната профитабилност и др.

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×