Кој ќе го замени Субрата Рој?
Објавено на од во Економија
Повеќе од 20 милиони евра изнесуваат загубите поради необработката на земјиштето во Овчеполието во последниве неколку години. Најстрашно од се е што активирањето на банкарската гаранција од 3 милиони евра не значи и експресно враќање на земјиштето во државна сопственост и ставање во функција. Иако никој не знае како и кога ќе се раскине 15 годишниот договор за концесија кој државата го потпиша со индиската Сахара груп, она што засега е единствено сигурно е дека процедурата за да се најде нов концесионер може да трае со месеци или години.
Авантурата со ЗК Џумајлија е само сегмент од она за што го најавуваше Субрата Рој во Македонија. Не се толку далечни сцените кога контроверзниот индиски милијардер организираше грандиозни посети и мировни фестивали, кога ветуваше дека Љубаништа ќе стане балканското Монте Карло и дека цела  бизнис елита од Азија ќе летува на Охридското крајбрежје. (фото од Љубаништа)

Авантурата со ЗК Џумајлија е само сегмент од она за што го најавуваше Субрата Рој во Македонија. Не се толку далечни сцените кога контроверзниот индиски милијардер организираше грандиозни посети и мировни фестивали, кога ветуваше дека Љубаништа ќе стане балканското Монте Карло и дека цела бизнис елита од Азија ќе летува на Охридското крајбрежје. (фото од Љубаништа)

Случајот со инвестициите на индискиот милијардер Субрата Рој полека почнува да добива димензии на индиска серија на голема љубовна приказна со тажен крај. Многу патетики и фестивали, за малку акција и содржина.

Имено, и две недели по раскинувањето на договорот помеѓу Сахара груп и Министерството за земјоделие и активирањето на банкарската гаранција од 3 милиони евра, никој со сигурност не знае да каже што навистина се случува на терен и дали е ова дефинитивен крај на проектот за изградба на најголемата млекарница во земјава и на Балканот, кој помпезно беше најавен пред повеќе од една година со најава дека на површина од 5.300 хектари во Овчеполието ќе се сее жито и добиточна храна за фармите во кои ќе се чуваат 20.000 крави.
“Гаранцијата е активирана во банката „Сосиете женерал“ и сега следува раскинување на доворот. Што ќе биде понатаму, ќе решиме дополнително. Најверојатно за земјиштето ќе се бара нов сопственик”, велат во ресорното Министерство.
Но, во меѓувреме од Сахара груп стигна соопштение во кое тие тврдат
дека се во напредна фаза од спроведувањето на своите бизнис планови во Македонија и дека не треба да постои ни најмал сомнеж за нивно повлекување од кој било од овие проекти.
„Што се однесува на земјоделскиот и проектот за млекарницата, работиме за да дојдеме до прифатливо решение за некои конкретни прашања од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и убедени сме дека ќе бидат разрешени. А во врска со одлуката за банкарската гаранција, наше мислење е дека ќе има негативно влијание врз овој мега проект, кој што е рана фаза на спроведување. Можеме да разбереме зошто македонската влада се одлучи на овој чекор и подготвени сме за последиците. Ќе ја следиме секоја одлука од Владата и ќе останеме посветени на исполнување на нашите обврски. Ова не е само еден проект на Сахара Индија во земјата, Македонија е главниот фокус за нашите бизниси во странство и затоа сме среќни што сме партнер со земја што се наоѓа во забрзан развој. Иако Сахара има јасни приоритет дека проектите во Македонија нема да бидат стопирани, се случија работи поради кои проектите беа одложени како резултат на административни бариери или компликации што се појавија заради ситуацијата на терен “, изјавуваат од Сахара.
Иако на прв поглед активирањето на банкарската гаранција на Субрата Рој изгледа како спасоносно решение за погоре споменатото земјиште кое е цели пет години необработено, тоа фактички не е така.
Неофицијално дознаваме дека активирањето на банкарската гаранција е само пенал кој го плаќа Субрата Рој за неисполнетите ветувања, а дека постапката за раскинување на концесијата на државното земјиште кое сега е под капа на Субрата Рој не е реализирана и можно е да не се реализира во брзо време.
„Едно е договорот помеѓу Сахара и Министерството за земјоделие за млекарата, друго е договорот за концесија на државно земјоделско земјиште кое е дадено на користење на петнаесет години. Што значи дека не е нужно дека Субрата Рој го изгубил правото на ова земјиште“, велат извори на Капитал.
На нашето прашање дали е можно во скоро време да очекуваме да се реализира и оваа претпоставка и што тогаш може да очекуваме да се случи истиот соговорник ни ја кажа целата законска процедура.
„Ако навистина му се одземе концесијата на Сахара тогаш земјиштето се враќа под државна капа и се распишува нов конкурс согласно сите прописи кои важат на цела територија на Македонија. Но, сепак сето тоа е процедура која ќе трае со месеци и тешко да се очекува дека ова земјиште во скоро време ќе се стави во функција. Колку за споредба цели две години беа потребни да се раскине концесискиот договор на Данески за земјиштето да стигне до новиот концесионер Сахара глобал“.
Капитал стапи во контакт и со градоначалникот на Лозово, Орце Цветков чија општина е најзасегната.
Цветков не извести дека земјиштето на Субрата Рој е во целосна надлежност на државата и дека општината ниту е информирана, ниту е во можност нешто повеќе да направи. Сепак градоначалникот упати апел дека е најдобро работата да се оконча што побрзо.
„За нас како општина е важност случајот што побрзо да се затвори за земјата конечно да почне да се обработува. Ако дојде до повторна прераспределба на земјиштето ние не сме тоа да оди кај еден човек или концесионер туку да се подели на повеќе дела за да можат земјоделците кои зависат од таа земја да добијат барем и најмал дел“ вели Цветков.
Во овој дел не може да не се потсети дека после катастрофата која се случи со Данески во 2012, доминираше идејата дека земјиштето на Џумајлија треба да се подели на четири парцели од по илјада и нешто хектари и да се даде на различни домашни производители на храна. Таа процедура дури и започна за спектакуларно да се прекине и со политичка одлука да му се додели земјиштето на Субрата Рој. Погубниот резултат од ваквата несекојдневна практика за која се реагираше уште тогаш дури сега го гледаме.

Зошто е раскинат договорот со Субрата Рој?

Министерството за земјоделство конечно се реши на на активирање на банкарската гаранција поради неисполнување на обврските на компанијата Сахара груп од договорот потпишан при преземање на агркомбинатот „Џумајлија“.
„Сахара груп“ согласно договорот потпишан со Министерството за земјоделство пред нецели две години се обврза да плаќа годишна закупнина за земјиштето од 121.000 евра, да вработи 900 лица и да инвестира намјалку 60 милиони евра во земјоделска механизација, изградба на фарми, но и на млекарница.
Тригодишниот мастер инвестициски план на Субрата Рој, презентиран лично од него минатото лето, е повеќе од амбициозен!. Предвидува отворање на 2.000 работни места, набавка на 20.000 крави од кои дневно во новата млекарница, која треба да се изгради, ќе се произведуваат до 80.000 литри млеко, а на закупените 5.353 хектари плодна земја до крајот на третата година треба да се произведуваат 75.000 тони сточна храна!
Од сево ова како од договореното така и од ветеното не е остварено буквално ништо.
Точно е дека Министерството ги оствари најавите кои што ги даваше сите овие 18 месеци наназад дека ако Сахара Груп не ги оствари ветувањата ќе биде активирана банкарската гаранција од 3 милиони евра. Но намерно или не се заборава дека Министерството ја имаше и обврската да контролира што се прави на Земјиштето на Субрата Рој во сите овие 18 месеци.
Кога Капитал со месеци преку репортажи и теренски согледувања предупредуваше дека на земјиштето на комбинатот Џумајлија не се работи буквално ништо, од Министерството за земјоделие тогаш ни одговорија:
“Државниот инспекторат за земјоделство констатирал превземање на одредени земјоделски активности на закупеното земјоделско земјиште од страна на концесионерот со ангажирање на земјоделска механизација во негова подготовка за понатамошна земјоделска дејност, односно одгледување на земјоделски култури за производство на сточна храна. Концесионерот ангажирал домашни стручни компании за геолошките испитувања на земјиштето и испитувања на можноста за изградба на посебен бунарски систем преку кој би се обезбедила доволна количина вода за потребите на фармата во која би се одгледувале молзните крави“.
Сепак нашите информации за овие активности од теренот беа сосема различни.Еве што кажаа тогаш нашите извори во Овчеполијата.
„Од свеченото заорување на браздите до раскинувањето на договорот Субрата Рој не презеде буквално никакви активности на парцелите на Џумајлија. И тие активности кои се книжат како такви беа превземени од македонската страна колку да се одложи обзнанувањето на суровата вистина“, вели наш соговорник кој директно е информиран и засегнат за случувањата околу Џумајлија.

Што ќе биде со земјиштето на Џумајлија?

За да се анализира целата приказна околу Субрата Рој прво треба да се знае дека парцелата која тој ја доби на користење од повеќе од 5.000 хектари е втора по големина во Македонија веднаш зад онаа на ЗК Пелагонија. Трагедијата на ова несреќно земјиште е што тоа не се обработува цели пет години. Прво заради познатиот криминален случај со Зоран Даневски, а сега како континуитет на катастрофата со трагикомичната приказна за Субрата Рој.
Експертите се децидни дека загубите можат да се сметаат во десетици милиони евра како и во уништување на плодноста на почвата. Според нив толку долго земјата не седела необработувана од времето на Втората Светска Војна по што постарите жители се сеќаваат на бројни неродни години. Сепак најдиректно засегнати од целата катастрофа се жителите од околните села распоредени околу парцелите на Џумајлија. Тие буквално се доведени на работ на егзистенција бидејќи не смеат да ги обработуваат нивите кои со децении и векови ги прехранувале, а кои се наоѓаат буквално во нивните дворови.
„Субрата Рој ја зеде земјата на Џумајлија и таа земја петта година по ред е пустош и воопшто не се обработува. Знаете дека Даневски како што си отиде се се уништи. Тоа беше уште 2010 година, што значи дека ова поле со години не се обработува.. Кога постоеше ЗИК Џумајлија сите работевме таму од секоја фамилија во општината по еден човек. Џумајлија е срцето на оваа општина. Само од ова село за Џумајлија секој ден одеа два автобуси работници . Сега единствено луѓето можат да се вработат кај Зегин каде работат тешка физичка работа во никакви услови. За акциите од Џумајлија неколку пати ни е кажано дека вредат колку хартија за ВЦ“ вели Орце Николовски земјоделец од село Дурфулија, во општина Лозово.
И неговиот соселанец Венче Ангеловски нема посреќна приказна. Тој вели дека не може да претпостави каква голема игра се игра со Субрата Рој но изворно од терен знае дека населението страда од ваквата состојба.
Дири и градоначалникот на Лозово Орце Цветков со тешко срце констатира дека општината и населението во нејзе се во безизлезна состојба.
“Со Даневски ни се случи многу лошо сценарио. Вработените и другите индивидуални доверители се уште не се обештетени, а вкупната проценка на штетата се проценува на 15 милиони евра. За инвестицијата на Субрата Рој луѓето од мојата општина секако не беа големи оптимисти дека најавената инвестиција ќе се реализира. Јас пак би бил задоволен макар и 20-30% од предвиденото да се реализира, што ќе значи барем 500 вработувања. Вака како што е сега, ситуацијата е безизлезна. Во општина Лозово со 2.857 жители, има околу 500 невработени. Невработеноста всушност е и најголемиот проблем во општината затоа што поранешните 250 вработени од “Џумајлија“ во најголем дел сега се без работа“.
Грубите проценки на ескпертите се дека за една реколта од 5000 хектари земја со добра механизација може да се обезбеди најмалку 4 илјади килограми пченица по хектар. По сегашните берзански цени на пченицата од 2оо евра по тон испаѓа дека годишната загуба минимум изнесува 5 милиони евра годишно. Ако тоа се помножи со целосно 3, а делумно пет необработливи години, загубата е поголема од 25 милиони евра.

“Капитал“ уште пред две години, кога проектот беше во најава, пренесе предупредувања од домашните експерти дека бројките од договорот со Сахара се мегаломански и тешко остварливи, бидејќи условите во Овчеполието не се соодветни за реализирање на оваа идеја. Прво, затоа што земјата е многу сува и нема услови за наводнување на голем дел од површините.
“Дискутабилно е какви ќе бидат приносите, односно дали ќе може воопшто да се произведува пченка, а приносите на јачмен не би биле поголеми од три тони по хектар“, предупреди тогаш професорот Борис Анакиев, со образложение дека климата во Овчеполието е претопла и несоодветна за одгледување на високопродуктивни раси крави од Германија или од Холандија.
Но, авантурата со ЗК Џумајлија е само сегмент од она за што го најавуваше Субрата Рој во Македонија. Не се толку далечни сцените кога контроверзниот индиски милијардер организираше грандиозни посети и мировни фестивали, кога ветуваше дека Љубаништа ќе стане балканското Монте Карло и дека цела бизнис елита од Азија ќе летува на Охридското крајбрежје.
Без разлика дали овие најави биле сериозни или се било само фарса, логичниот заклучок е дека во безглавата трка по странски инвеститори која ја манифестира Македонија како држава на светска сцена, само прашање на време е кога ќе се налета на вакви сомнителни инвеститори. На крајот, најголемата штета е што е нарушен имиџот на државата.

Subrata-Roj-vo-Ljubaniste-5Дали Субрата Рој завршена приказна?

Во земјава уште од првото споменување на Субрата Рој почна да се истражува за неговиот кредибилитет. Медиумите на почетокот го оспоруваа неговото богатство и местото на листата на Форбс но на крај се констатира дека сепак Субрата Рој е познат и докажан бизнисмен во меѓународни води кој располага со значаен капитал.
Сепак она што е попроблематично е потеклото на истиот тој капитал.
Индискиот бизнисмен во моментов е во затвор во неговата земја заради измама тешка 4 милјарди долари на 2 милиони граѓани преку продажба на недвижности. Неговиот имот е замрзнат, а пред да биде уапсен му беше забрането да ја напушта земјата. Во обид да најде пари за кауција и да го плати долгот бизнисменот почна постапка за продажба на неговите највредни хотели.
Сепак симптоматично е што милијардерот во текот на истражната постапка не успеа да обезбеди 850 милиони евра гаранција за да биде пуштен од притвор. Ова зборува дека неговите ресурси се ограничени и дека во скоро време не може да се очекува негов брз камбек на светската бизнис сцена.
Ова го потврдија и од Сахара Груп од каде децидно изјавија дека притворот на нивниот основач и долгогодишен челник крајно негативно се одразува на бизнисите на корпорацијата насекаде низ светот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×