ГОЛЕМАТА НЕВРАБОТЕНОСТ И СОЦИЈАЛАТА ГО СКРОИЈА БУЏЕТОТ ЗА 2015!
Објавено на од во Економија

Се’ е исто, повеќе пари само за плати и пензии

Буџетот за следната година од 3 милијарди евра што веќе го разгледуваат пратениците во Собранието вклучува зголемувања на платите во јавниот сектор, пензиите и социјалната помош, а само 11% од сите пари што ќе ги собере државата од даноци или ќе ги позајми, ќе ги потроши продуктивно за изградба на патишта, железнички пруги, училишта. Друг проблем е колку власта ќе успее да ги инвестира сите пари предвидени за капитални проекти или како што вообичаено се случува секоја година, тие ќе се кратат при првиот ребаланс на буџетот. Економистите се скептични и за тоа дали и колку бизнис секторот ќе има капацитет да го полни буџетот така како што планира Владата. 

Владата планира да потроши речиси 3 милијарди евра во следната 2015година, а само 345 милиони евра од нив ќе се наменат за инвестиции во капитални објекти. Тоа значи дека само 11% од сите пари што ќе ги собере државата од даноци или ќе ги позајми, ќе ги потроши продуктивно за изградба на патишта, железни-чки пруги, училишта и други развојни проекти.

Економистите коментираат дека буџетот за следната година што веќе го разгледуваат пратениците во Собранието, е изразено социјален, бидејќи вклучува зголемувања на платите во јавниот сектор, пензиите и социјалната помош, со цел да го одржи социјалниот мир во општеството.

Абдулменаф Беџети академик

Абдулменаф Беџети
академик

Буџетот за следната година е најмалку развоен од сите досегашни буџети. Не само што развојната компонента како удел во целиот буџет е најмалку застапена, туку и голем дел од парите што се книжат под оваа ставка, всушност не се за развојни проекти. На пример, се планира набавка на скулптури кои не генерираат економски развој, а освен тоа и се увезуваат. Од друга страна се зголемуваат трошоците за тековни потреби како плати на администрацијата, пензии, со цел да се одржи некој социјален мир. Ова е типичен социјален буџет пред се наменет за задоволување на политички, а не на економски потреби“, вели академик Абдулменаф Беџети.

Дел од економистите сметаат дека буџетот е предодреден да биде повеќе социјален поради високите стапки на невработеност и сиромаштиј, без оглед каква е волјата на власта.

Марјан Петрески универзитетски професор

Марјан Петрески
универзитетски професор

Во земја со висока невработеност, висока социјална ранливост и исклученост, како и опаѓачки однос вработени/пензионери, не може да се очекуваат спектакуларни издвојувања за капитални инвестиции, бидејќи обемот на “социјалната“ држава е голем и тој не може лесно и брзо да се промени. Дополнително во овој поглед, моменталната економска политика, а мислам дека и секоја идна, се базира на постојано потхранување на социјалната компонента, со цел да се алиментира социјалниот мир“, вели професорот Марјан Петрески.

Меѓутоа, економистите се согласни дека една Влада најмногу ќе им помогне на социјално загрозените граѓани ако овозможи да се отворат нови работни места. Токму затоа тие сугерираат да се вложува во проекти што ќе поттикнат инвестициска активност и вработувања.
Професорот Петрески смета дека друг важен аспект на дискусијата за развојната компонента е колку се реализираат буџетираните капитални расходи.

Кога буџетот трпеше надолни корекции, први на удар беа токму капиталните расходи, така што она што е буџетирано за 2015, нема гаранција дека во целост ќе биде реализирано, особено што претпоставувам дека целосен приоритет во тој буџет ќе се даде на најавените зголемувања на платите, пензиите и социјалната помош“, вели Петрески.

За зголемените плати на јавната администрација, Владата следната година треба да обезбеди 397,5 милиони евра, што е за 14 милиони евра повеќе отколку годинава. За пензиите пак, се потребни дури 740 милиони евра, кои што освен од придонесите, ќе се покриваат и со буџетски трансфери до државниот пензиски фонд.
Иако планира да потроши 2,95 милијарди евра, Владата очекува приходи од даноци, придонеси и царини од вкупно 2,66 милијарди евра, што е за 5% повеќе од годинава. Разликата од околу 300 милиони евра што претставува буџетски дефицит, ќе се покрие со задолжување.
Од наплата на даноци, следната година е планирано да се инкасираат 1,45 милијарди евра, што е за 37 милиони евра повеќе во однос на годинава.
“Стопанството е толку исцедено што навистина е дискутабилно дали ќе има фискален капацитет да го наполни буџетот така како што планира Владата. Проекциите за економски раст од 4% според мене се прилично оптимистички“, смета професорот Беџети.
Бизнис заедницата оценува дека предлог буџетот за 2015 година не нуди соодветна развојна економска компонента која директно ќе влијае на подобрувањето на бизнис климата кај нас.
„Имаме само повторување на проектите кои неколку години се влечат по предлог буџетите а при секој ребаланс во текот на годината, тие први се укинуваат, за потоа повторно да се појават во следниот буџет. Буџетот повеќе е насочен кон социјалната компонента, односно зголемување на плати, пензии или социјалната помош отколку кон развојната компонента. Ова за нас како бизнис заедница е загрижувачки момент бидејќи имаме огромно потрошување на буџетските средства на непродуктивни проекти и зголемување на фиксните трошоци“, смета Арбен Халили, директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Значително повеќе пари отколку годинава Владата планира да инкасира во ставката неданочни приходи, вкупно 278 милиони евра. Само од глоби, судски и административни такси, се очекува прилив од 38 милиони евра.
„Секоја година е планирано зголемување на приходите од казни и слично, што е лош показател за економската стабилност, бидејќи вие однапред определувате колку пари треба да се слеат во буџетот од казни. Ние предлагаме од буџетот да се повлечат непродуктивните проекти и наместо 3 милиони евра за продолжување на изградбата на Скопје 2014 година, истите пари да се пренасочат кон подобрување на железницата во целата земја. Бизнис секторот не е спремен и понатаму за биде жртва на трошење на народните пари на непродуктивен начин“, вели Халили.

Растат социјалните трансфери

buxetНајголем раст во буџетот за следната година има кај социјалните трансфери, за над 63 милиони евра, со што тие достигнуваат 1,34 милијарди евра. Најголем дел од овие пари ќе завршат за пензии и здравствена заштита на граѓаните, но и за зголемување на социјалната помош.
Власта во предлог буџетот за догодина објаснува дека “обезбедувањето на соодветно ниво на социјална заштита на најранливите слоеви на населението е од особена важност за остварување на оддржлив економски развој и постигнување на повисоко ниво на социјална правда“.
За набавка на стоки и услуги, предвидено е да се потрошат 303 милиони евра, слично како и годинава. Кај ставката субвенции и трансфери има намалување за околу два милиони евра, па тие в година ќе тежат 204 милиони евра. Власта уверува дека „и во текот на 2015 година ќе продолжи определбата за спроведување на рестриктивна буџетска потрошувачка во делот на помалку продуктивните расходи“.
Меѓутоа, и продуктивните расходи во буџетот за следната година се задржуваат на речиси исто ниво како и годинава.
Министерот за финансии, Зоран Ставрески, образложувајќи го предлог буџетот во Собранието најави дека и следната година продолжува инвестицискиот циклус во патната и железничката инфраструктура, за што се одвоени 76,8 милиони евра. Приоритет ќе биде обновата на Коридорот 10. За изградба и реконструкција на неговиот патнички дел ќе се потрошат 55,2 милиони евра, а за железничкиот 21,3 милиони евра.
За вложувањата во енергетската и комунал-на инфраструктура се испланирани 32,8 милиони евра. Предвидено е интензивирање на активностите околу изградбата на Националниот гасоводен систем кој ќе се финансира со пари од обврските на Руската Федерација како клириншки долг, како и со заеми од ЕБОР и ЕИБ. Во буџетот е зацртано да продолжи и изградбата на водоводните и канализационите системи во општините финансирани од сопствени извори и со средства од кредитни линии од ЕИБ и КФВ.
Уредувањето на технолошко индустриските развојни зони преку изградба на потребната инфраструктура и објекти следната година ќе чини 9 милиони евра. Во здравствениот сектор планирани се инвестиции во износ од 24,2 милиони евра наменети за проектот за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи, за исплата на набавката на медицинска опрема, изградба на ПЕТ Центар.
За образованието, детската заштита и спортот проектирани се капитални инвестиции во износ од 35,8 милиони евра, кои се наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите, набавка на современа лабараториска опрема и инвестиции во спортска инфраструктура.
Во земјоделскиот сектор, за изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства се планирани 32,7 милиони евра, додека пак земјоделските субвенции ќе го олеснат буџетот за 140 милиони евра.

Еврообврзницата ќе послужи и догодина

За да го покрие буџетскиот дефицит од 300,8 милиони евра што е 3,5% од БДП но и за да ги отплати обврските што доспеваат во 2015 година од 425,5, на Владата ќе и требаат вкупно 726,3 милиони евра. Меѓутоа, дел од овие пари власта ги обезбеди уште годинава со издавање на еврообврзница со која се задолжи за половина милијарда евра. Според буџетскиот план, државата следната година ќе треба да позајми уште околу 350 милиони евра. Најголем дел, односно 260 милиони евра ќе се позајмат од странство и околу 90 милиони евра на домашниот пазар.
„Во однос на задолжувањето на домашниот пазар ќе се врши рефинансирање на хартиите од вредност кои достасуваат во 2015 година, без ново задолжување. Притоа, основна заложба на Министерството за финансии ќе биде зголемување на рочноста на издадените хартии од вредност, и посебен акцент ќе биде ставен на издавање на државни обврзници со рок на достасување од 2, 3, 5 и 10 години со цел оптимизација на исплатите и намалување на ризикот за рефинансирање“, пишува во предлог буџетот за догодина.
Државата идната година повеќе ќе плати и по основ на камати за заеми кои ги користела, па трошокот по тој основ ќе изнесува 97 милиони евра, наспроти близу 72 милиони евра годинава.

Најмногу пари за социјала, образование и здравство

Најмладиот министер во Владата, Диме Спасов од ресорот труд и социјала, следната година ќе менаџира со најмногу пари. Неговиот дел достигнува 555,5 милиони евра. Меѓутоа, ова министерство врши трансфер на пари до социјалните фондови, како што се пензискиот и здравствениот фонд и поради тоа е прво на листата. Спасов следната година ќе треба да префрли 360 милиони евра до Фондот за ПИОМ за исплата на пензиите и уште 29,2 милиони евра до Фондот за здравство. Останатите пари овој Фонд ќе ги добие од Министерството за здравство.

Веднаш по министерството за труд и социјала, најмногу пари во касата ќе има министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми. За образование, власта следната година одвојува вкупно 365,4 милиони евра. Најголем дел од овие пари, односно 208 милиони евра всушност треба да се трансферираат до општините за потребите на училиштата.

За Министерството за внатрешни работи следната година се превидени 155,6 милиони евра, од кои најголем дел за одржување на јавната безбедност, односно за платите на полицајците кои што ќе не чинат 82,6 милиони евра.

Министерството за здравство ќе располага со 96,3 милиони евра. Од нив, најголем дел односно 35,9 милиони евра ќе се префрлат до Фондот за здравство.
За одбрана идната година е одвоен буџет од 91,9 милиони евра од кои најголем дел ќе се потрошат за функционирање на армијата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×