Големото затворање ги собори индустријата и пазарот на труд
Објавено на од во COVER STORY

People in a masks stands on the streetЕкономската криза се квантифицира во бројки

Големото затворање како што го нарекоа овој период на спроведување на рестриктивни мерки со забрани за движење на граѓаните, веќе ги покажува низ бројки негативните последици врз економијата. Засега статистиката ги квантифицира ефектите од кризата за март, кога од средината на месецот почна постепено да се ограничува работењето на одредени бизниси од услужниот сектор. Но првичните индкатори упатуваат на сериозни последици. Агенцијата за вработување објави дека во март, бројот на невработени што се пријавиле дека активно бараат рабпта пораснал за околу две илјади, а се очекува оваа бројка да биде драстично поголема во април. Државниот завод за статистика објави дека индустриското производство во март паднало за 13,4% споредено со истиот период лани, но се очекува овој пад да биде уште поостар во април, месецот кога се воведе и полициски час и буквално се замрзна целото општество. Бизнисмените се песимисти дека најлошото допрва ќе го гледаме.

 

Големото затворање како што го нарекоа овој период на спроведување на рестриктивни мерки со забрани за движење на граѓаните, веќе ги покажува низ бројки негативните последици врз економијата. Засега статистиката ги квантифицира ефектите од кризата за март, кога од средината на месецот почна постепено да се ограничува работењето на одредени бизниси од услужниот сектор.
Но првичните индкатори упатуваат на сериозни последици. Агенцијата за вработување објави дека во март, бројот на невработени што се пријавиле дека активно бараат рабпта пораснал за околу две илјади, а се очекува оваа бројка да биде драстично поголема во април.
„За месец април очекуваме поголема бројка од оваа и таа транспарентно ќе биде објавена во првата недела од месец мај на веб страната на Агенцијата за вработување. Новите невработени лица според евиденцијата се од производствениот сектор, преработувачкиот, трговија на големо и мало, транспортни услуги, услужни дејности“, изјави директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска.
Според неа, околу 800 мали, средни компании и социјални претпријатија склучиле договор за субвенционирање на плати, односно пријавиле нови вработувања преку новата мерка, во која наведено е дека треба да се задржат и веќе примените работници. „Најголем дел од компаниите кои склучија вакви договори се од производството, услужните дејности и транспорт и врски. Воедно се користи и мерката за раст и развој во која не даваме субвенции за плати, туку помош за набавка на репроматеријали“, изјави Јовановска.
Претходно статистиката на Google забележа намалување на движењето на граѓаните до работните места за 82% што исто така беше сигнал дека голем дел од граѓаните ги загубиле своите работни места. А дека луѓето се соочуваат со голем предизвик како да се преживее оваа криза покажува и податокот дека дури 70% од граѓаните прифатиле одложување на ратите за кредитите, мерка што банките им ја понудија како помош во време на пандемија.
Кризата е очигледна и во реалниот сектор. Државниот завод за статистика објави дека индустриското производство во март паднало за 13,4% споредено со истиот период лани, но се очекува овој пад да биде уште поостар во април, месецот кога се воведе и полициски час и буквално се замрзна целото општество.
Гледано по сектори, најголем пад на индустриското производство има кај преработувачката индустрија од дури 14,3%. Во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација производството опаднало за 115%, додека во секторот рударство и вадење на камен индустриското производство бележи опаѓање од 10,8%.
Ако се анализира само преработувачката индустрија, која има најголемо значење и учествува со речиси 77% во вкупното индустриско производство, во март само во десет гранки имало раст, додека останатите 13 гранки го намалиле производството.
Најголем пад од 40,9% има во секторот печатење и продукција на снимени медиуми, додека втор најголем пад од дури 36,8% има кај производството на тутун. Производството во кожарската индустрија, која е речиси целосно врзана за италијанската индустрија, бележи пад од 36,7% во март, месец во кој речиси целата економија во Италија беше затворена.
Пад на производството од 36,5% има и во индустријата за преработка на дрво и производи од дрво и плута, освен мебел.
Голем пад од 36,2% во март има и во индустријата за производство на машини и уреди. Производството на електрична опрема бележи пад од 30,7% во март. Производството на моторни возила, приколки има пад од 16,6%, додека производството на облека и текстил бележат пад од 15,5%.
Пад на производството има и кај производството на метали од 14,3%, додека производството на пијалоци бележи пад од 9,1%.
Од секторите кои имале зголемено производство, најголем раст во март од 48% има кај производството на опрема за транспорт. Производството на компјутерски, електронски и оптички производи е зголемено за 28%, а раст на производството од 19,9% има и кај производството на гума и пластични маси.
cover-5Производството на фабрикувани метални производи има раст на производство во март од 9,8%, кај производството ма мебел растот е 9,4%, додека производството на фармацевтски производи бележи раст од 7,6%.
Производството на хемиски производи, сектор во кој работи најголемата комапнија во земјава Џонсон Мети, има раст на производството од 4,9% во март, додека производството во индустријата за прехранбени производи има раст од само 1,2% во март годинава.
Претходно, стопанските комори преку анкети спроведени меѓу компаниите ги најавија овие трендови, потенцирајќи дека главниот удар ќе биде во вториот квартал од годинава, односно месеците април, мај и јуни.
Анкетата на Стопанската комора на Македонија спроведена во периодот од 7 до 14 април меѓи компании што минатата година заедно имале вкупни приходи од 1,53 милијарди евра, покажа дека речиси половина од фирмите очекувале преполовување или целосно стопирање на производството во април.
Состојбите се слични и кај извозот. За март, 40% од анкетираните претпријатија пријавиле дека извозот се одвива нормално, а такво нешто за април очекуваат 34% што покаѓува дека оптимизмот се топи. Преполовување на извозот за март пријавиле 13% од фирмите, а очекувања за ваков пад во април имаат 15% од фирмите. Целосен престанок на извозните активности во март пријавиле 16%, а во април 2020 година тоа го очекуваат 22% од анкетираните фирми.
Што се однесува до движењето на прометот, за март вообичаено ниво на промет пријавиле 16% од анкетираните фирми, 13% од нив пријавиле пад од 41% до 50%, а 25% од фирмите пријавиле пад на прометот поголем од 50%. Анкетата укажува на песимистички очекувања за прометот во април 2020 година. Така, само 4% од анкетираните фирми очекуваат нормален обем на промет, 10% од фирмите очекуваат пад од 41% до 50%, а дури 48% од фирмите очекуваат пад на прометот поголем од 50%.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, истакна дека интензивните контакти што секојдневно се одвиваат на релација компании – Стопанска комора на Македонија, многу отворено зборуваат дека бизнисот се наоѓа пред портите на големите проблеми кои ни претстојат.
„Прашањето за ликвидноста прво ќе затропа веќе кон средината на наредниот месец – вакви информации пристигнуваат секојдневно во Комората. Од нас се бара енергична реакција во правец на реално информирање на Владата за моменталната состојба и очекуваме адекватен одговор за поддршка на компаниите во однос на така констатираните проблеми. Речиси е сигурно дека почетокот на месец јуни ќе го дочекаме во проблеми со извозот, бидејќи овој месец нарачките се сведени на минимум, што значи дека третиот квартал може да биде катастрофално лош. Според наши сознанија, на почетокот на јуни ќе има проблеми металопреработувачката индустрија, а од јули и останатите гранки. Се најавуваат и проблеми при увозот, со оглед на актуелната ситуација и кај добавувачите“, предупреди Азески.
cover-4Според него, врз основа на ваквите информации, раководството на Стопанската комора на Македонија реши во текот на оваа недела ќе го изнесеме својот став до Владата околу помошта што треба приватниот сектор да ја добие од државата.
„Од Владата очекуваме на едноставен и прецизен начин да изнесе со колку средства, во кои рокови и кои дејности ќе бидат поддржани.Исто така, јавно ќе соопштиме дека сме подготвени после завршувањето на кризата да партиципираме во враќање на средствата назад во државниот буџет“, истакна Азески.
Претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер, со слична реторика и песимизам ја опиша кризата со која се соочува реалниот сектор.
„Избувнувањето на пандемијата на Ковид-19 низ целиот свет ги вознемири политичките, социјалните, економските, религиозните и финансиските структури. Mногу експерти за економски и финансиски прашања предупредуваат за влошување на состојбата на глобалната економска и финансиска структура. Се вели дека пандемијата и` штети на глобалната економија и светот ја доживува најтешката економска состојба после Втората светска војна“, вели Петер и додава дека економското закрепнување од оваа фатална болест е можно во 2021 година, бидејќи истата остави сериозни влијанија и ќе имаме тешкотии за враќање во стабилна состојба.
„Никој не може да знае со сигурност и да каже кога ќе закрепнеме. Многу зависи од тоа како ќе преминеме од работа од дома кон целосно враќање на работните места. Се чини дека е малку веројатно оти ќе се вратиме веднаш на нормалното работење, како и обично. Веројатно некое време ќе избегнуваме поголеми гужви и ќе користиме средства за самозаштита. Меѓутоа, веќе сме сведоци на постепено олабавување на живеењето. Оттаму, оптимизмот дека наскоро животот ќе се врати во „новото нормално живеење“. Секако, сето тоа нема да дојде само од себе. Ќе треба работа. Многу напорна работа“, посочи претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер.
Песимистички прогнози
Сите трендови веќе упатуваат на заклучок дека рецесијата е сосема незибежна годинава, како во македонската така и во глобалната економија. Прашањето е само колку силно ќе тресне кривата на раст на бруто домашниот производ.
Според најновите прогнози, и Светската банка која имаше најоптимистички проценки за сосема блага рецесија од -0,4% до најмногу 2% во некое понеповолно сценарио, сега ги ревидираше своите пресметки. Па така, најновите поргнози за македонската економија од оваа меѓународна финансиска институција се пад на БДП од -1,4% до најмногу -3,2%.
„Рецесијата во Македонија, како и во сите земји на Западен Балкан ќе биде предизвикана од значителниот пад како на домашната, така и на надворешната побарувачка во текот на пандемијата. Преработувачката индустрија, заедно со туризмот, трговијата и недвижностите се најлошо погодени, а економијата се соочува со намалување на активноста во вториот квартал од дури 11,5%. Освен тоа, и ограничувањето на патувањата и мерките за социјално дистанцирање имаат негативно влијание врз услугите кои сочинуваат околу 50% од вкупната вработеност во земјата. Се предвидува и намалување на дознаките од странство, бидејќи работниците во дијаспората ги губат своите работни места во земјите каде што работат или имаат пониски приходи“, пишува во Редовниот економски извештај на Светска банка.
Според извештајот, брзи, смели и внимателно обмислени мерки за ублажување можат да ги ограничат социјалните и економските влијанија на кризата, но тие треба да ги земат предвид условите во земјата и несигурноста околу должината на траењето на кризата. „Северна Македонија веќе издвои околу 2% од вкупниот БДП за поддршка на домаќинствата и бизнисите но може да биде потребно повеќе, доколку пандемијата и понатаму ја забавува економската активност во земјата и регионот. Плановите за членство во НАТО и почнувањето на преговорите за пристапување во ЕУ, објавено на 25 март, би требало да ги поттикнат како реформите така и довербата на инвеститорите, трасирајќи го патот за побрзо економско закрепнување откако ќе заврши кризата“, потенцираат економистите на Светска банка.
Најпесимистичка засега е прогнозата на ММФ според која падот ќе дотигне -4%. Имајќи предвид дека ММФ ја ревидираше својата прогноза за движењето на македонската економија за 7,4 процентни поени надолу, односно од првичната проценка за раст од 3,4% до последната според која ќе има пад од -4%, произлегува дека во апсолутен износ, домашниот бруто домашен производ ќе загуби околу 890 милиони евра од својата вредност годинава, како последица на кризата од коронавирусот.
Доколку се оствари, ова би бил најостар пад на домашната економија последните 20 години. Податоците за движењето на БДП по години, покажува дека во екот на големата светска криза во 2009 година, ние поминавме солидно со мал пад од само -0,4%, потоа во текот на 2012 година кога Европа се соочи со должничката криза, нашата економија падна за -0,5%, а најголем пад од -3,1% е евидентиран во 2001 година како последица на воениот конфликт.
Од домашните институции, Институтот за економски истражувања и политики, Finance Think,објави своја проценка дека економијата годинава ќе падне за -3,8% споредено со лани.
Според проценката на овој Институт, најголем интензитет на економската контракција се очекува во вториот квартал за кога се проектира намалување на БДП од -12,7%, а следните квартали да забележат економска консолидација.
„Фирмите во секторите угостителство, хотелиерство и трговија на мало кои беа затворени, позначајно ќе ја вратат својата активност кон средината или крајот на мај. Фирмите, пак, кои се дел од меѓународните синџири на снабдување постепено ќе ја воспостават меѓународната трговија во првата половина од јуни“, проценуваат од Finance Think.
Народната банка, која што се уште ги калкулира идните негативни ефекти и најави дека ќе излезе со своја прогноза до крајот на овој месец, исто така потврди дека рецесијата е неизбежна.
„Извесно е дека на краток рок, економските остварувања ќе бидат пониски од досега очекуваните“, вели гувернерката Анита Ангеловска – Бежоска.
Министерството за финансии, очекува дека падот на БДП би бил околу -3,7% што е на иста линија со прогнозите на меѓународните финансиски институции.
„Добро е што оваа економска криза не е од економска причина, што значи дека штом пандемијата почне да се смирува, очекуваме економијата многу брзо да закрепнува“, истакна министерката за финансии, Нина Ангеловска.
Па така, ММФ за следната година, прогнозира раст на македонската економија од дури 7% што е исто така своевиден екстрем во услови кога просекот кај нас се движи меѓу 3% и 4%.

 

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×