Google  и Facebook би можеле да бидат банките на иднината
Објавено на од во СВЕТ БИЗНИС

Fintek1 WEBFinTech – следната индустриска револуција

Ако плаќањата може да бидат направени било каде, било кога, од било каков уред, тогаш зошто ви треба валута? Или дури и банка?

 

“Дами и господа, се наоѓаме на прагот на нова технолошка револуција  – онаа во доменот на плаќањата, каде што веќе ништо нема да биде исто како порано“, порача високиот гостин од Европската централна банка, Ив Мерш, на неодамна одржаната Конференција за платни системи во организација на НБРМ во Охрид.

Членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, презентираше пред присутните учесници, што се случува во моментов во областа на платежните трансакции во ЕУ, каде што функционира Единствената област за плаќања во евра (Single Euro Payments Area – SEPA), која што во голема мера го олесни плаќањето во еврозоната  и им овозможи на граѓаните и компаниите да ги споредат условите и квалитетот и да ја одберат за нив најатрактивната понуда, без да мора да ја земат предвид локацијата на обезбедувачот на платежните услуги. Но, она што го најави Мерш, а предизвика огромен интерес кај публиката, во добар дел домашни и регионални банкари, е TIPS, новиот систем за инстант плаќања што од крајот на 2018 ќе почне да функционира во ЕУ и ќе го забрза порамнувањата во банкарскиот систем, од стандардниот еден ден најмалку, во само неколку секунди.

“Со инстант плаќањата средствата ќе бидат достапни веднаш – што значи во рок од најмногу 10 секунди – за користење од страна на примателот, 24 часа на ден, 365 дена годишно.“, рече Мерш во Охрид и најави уште многу возбудувања на финансискиот пазар, што ќе значат олеснување на животот на сите нас, но предизвик за комерцијалните банки и останатите играчи од традиционален тип (картични организации и сл.), затоа што во платежните услуги ќе влезат фирми од т.н. FinTech сектор, кој што не се неминовно банки, а ќе можат да ја користат нивната инфраструктура и податоци и да нудат сервиси за потрошувачите.  FinTech ќе го трансформира начинот на кој што живееме и работиме. Дали ќе бидат тоа безготовински брзи  трансакции помеѓу деловни партнери или блиски пријатели или пак апликација што автоматски ги инвестира нашите заштеди таму каде што има најдобри каматни стапки, сеедно. Битно е дека fintech  ќе им обезбеди на луѓето подобри услуги, повеќе избор, за пониски цени.

Тоа што им се случи на телекомите со Skype и Viber, може да им се случи на банките со fintech компаниите

Во банкарството во Европа допрва ќе има голема промена, што е резултат на новата европска регулатива PSD2 која стапува на сила од почетокот на 2018 година.

Тоа значи дека fintech компаниите ќе можат да ја користат инфраструктурата и податоците за клиентите од банките и да нудат сопствени услуги. Едноставно кажано, некоја компанија како Skype да речеме, ќе ви нуди да вршите трансакции, додека вашата сметка с$ уште си е на безбедно во некоја банка.
“Ова е слична ситуација на тоа што се случи во телекомуникацискиот сектор, кога т.н. over the top играчи коишто не се регулирани во индустријата, меѓу кои и веќе споменатиот Skype, Viber, WhatsApp и останатите, користејќи ја инфраструктурата на телекомите, понудија бесплатни пораки, разговори, итн. При тоа, им земаа голем дел од профитот на операторите, за што овие и ден денес остро реагираат и бараат помош од регулаторите на пазарот. Истото ќе се случи и во банкарскиот сектор, со тоа што, банките кои имаат мудар менаџмент денес купуваат fintech компании за да бидат пред останатите“, рече во скорешното интервју за Капитал, Коча Бошку, главен извршен директор на групацијата Сеавус, најголемата ИТ компанија во Македонија, која што и самата е инволвирана во развојот на иновативни технолошки решенија од финансиската и други области.  Тој како пример спомна  една од најголемите француски банки, силно присутна и во регионов, којашто во  2015 прва во својата држава купи една fintech компанија, за онлајн менаџирање на личните финансии. Исто така, BBVA, втората по големина банка во Шпанија, досега има купено неколку fintech компании, едната е стартап во Мексико, специјализиран за платформи за онлајн плаќања.

Биткоинот е само почеток н а трансформацијата што следи во финансискиот бизнис

За тоа колку подем има fintech секторот во глобални рамки, покажува примерот на В.Британија, каде што само минатата година овој бизнис генерирал околу 7 милијарди евра приходи и во моментов вработува преку 60.000 луѓе, според написот на Manchester Evening News. Колку сериозно и банките ја сфатиле потребата да работат заедно со fintech компаниите е и британскиот гигант Barclays, кој што во мај отвори fintech акцелератор во Лондон, нудејќи простор за 500 иновативни стартапи од оваа област. И самиот поранешен прв човек на оваа групација, Ентони Џенкинс, повеќе пати има изјавувано дека банките мора добро да се спремат и да го дочекаат fintech моментот инаку ќе ги снајде судбината на Kodak, и останатите некогашни предводници во сопствената индустрија, како Nokia на пример, коишто пропаднаа затоа што не успеаја да видат што е следната голема промена на пазарот. Во случајот на Kodak тоа беше дигиталната фотографија, а кај Nokia појавата на смартфоните со екран на допир.
“Криптовалутите како биткоинот, па дури и вештачката интелигенција, се само почеток на трансформацијата што ќе претстои во банкарскиот бизнис. Како што ќе се развиваат овие технологии, ќе можеме да замислиме тотална промена на банкарскиот сектор, во свет, каде што банките како што ги знаеме, всушност нема ни да постојат повеќе. Ако не го сфатат банките ова навреме, и не влезат во овие промени со целосна посветеност кон иновации, ќе се соочат со својот ‘Kodak момент’ и ќе станат нерелевантни на пазарот“, изјави Џенкинс на fintech конференција во Копенхаген годинава.
Во Македонија, каде што ни PayPal не можеше да профункционира досега како што треба, банките исто така немаат причина да “си спијат на увцето“ дека уште долго ќе бидат комотни држејќи го приматот на финансискиот пазар, затоа што се подготвува регулатива, којашто меѓу другото, ќе овозможи и влез на fintech компании наскоро.
“Со новата регулатива што се спрема во Македонија се воспоставува правна основа за побрза интеграција на земјава во ЕУ и вклучување во Единствената европска платежна област (СЕПА). Истата  треба да ја поттикне конкуренцијата во финансискиот сектор  со овозможување влез на играчи, различни од банките, на пазарот со иновативни решенија за плаќање, да ги зајакне правата на корисниците на платежните услуги за добивање на појасни и навремени информации и да донесе пониски цени на платежните услуги за корисниците.“, изјави вицегувернерот на НБРМ, Маја Кадиевска – Војновиќ, на претходно споменатата Конференција во Охрид.


Mersh Iv 927 WEBИв Мерш - члена на Извршен одбор, Европска централна банка
FinTech  и системот на инстант плаќања во ЕУ ќе донесат револуција!

“Дигитализацијата резултираше со зголемено ниво на ‘брзина’  во сите области на животот. Потрошувачите пристапуваат кон музика, вести и сообраќајни информации во реално време. Ова, исто така, влијае на начинот на кој потрошувачите сакаат да пристапат до нивните сметки и да вршат плаќања. Со системот на инстант плаќања TIPS, што ќе почне да функционира во ЕУ кон крајот на 2018, средствата ќе бидат достапни веднаш – што значи во рок од најмногу 10 секунди – за користење од страна на примателот, 24 часа на ден, 365 дена годишно.“


Ralf Jakob 927 WEBРалф Јакоб - шеф на сектор, директорат на  Европска комисија
И социјални мрежи ќе може да нудат платежни услуги

“Според новата PSD2 европска регулатива, банките нема да бидат повеќе единствени провајдери на платежни услуги, туку тоа ќе може да го прават и трети страни, односно компании од т. н. fintech сектор, технолошки компании, односно социјални мрежи како Facebook, Google, итн., и сите останати играчи на пазарот заинтересирани за дел од колачот во бизнисот со платежни услуги. Сите овие промени ги правиме за да ја зголемиме конкуренцијата и иновативноста во финансискиот сектор, се’ со крајна цел поквалитетни и поевтини услуги за корисниците.“


Jenkins 927 WEBЕнтони Џенкинс - поранешен CEO,  Barclays групација
Ако банките не го сфатат fintech моментот, ќе се соочат со својот Kodak момент

“Криптовалутите како биткоинот, па дури и вештачката интелигенција, се само почеток на трансформацијата што ќе претстои во банкарскиот бизнис. Како што ќе се развиваат овие технологии, ќе можеме да замислиме тотална промена на банкарскиот сектор, во свет, каде што банките како што ги знаеме, всушност нема ни да постојат повеќе. Ако не го сфатат банките ова навреме, и не влезат во овие промени со целосна посветеност кон иновации, ќе се соочат со својот ‘Кодак момент’ и ќе станат нерелевантни на пазарот”.


Maja Voinovic 927 WEBМаја Кадиевска – Војновиќ - вицегувернер,  НБРМ
Македонија спрема регулатива за влез на FinTech фирми на пазарот

“Со новата регулатива што се спрема во Македонија се воспоставува правна основа за побрза интеграција на земјава во ЕУ и вклучување во Единствената европска платежна област (СЕПА). Истата  треба да ја поттикне конкуренцијата во финансискиот сектор  со овозможување влез на играчи, различни од банките, на пазарот со иновативни решенија за плаќање, да ги зајакне правата на корисниците на платежните услуги за добивање на појасни и навремени информации и да донесе пониски цени на платежните услуги за корисниците.“


Boshku 927 WEBКоча Бошку - CEO, Сеавус групација
Мудрите банки денес купуваат FinTech стартапи

“Со FinTech и банкарството  ситуацијата е слична  на тоа што се случи во телекомуникацискиот сектор, кога т.н. over the top играчи коишто не се регулирани во индустријата – Skype, Viber, WhatsApp, итн, – користејќи ја инфраструктурата на телекомите, понудија бесплатни пораки, разговори, итн. При тоа, им земаа голем дел од профитот на операторите, за што овие и ден денес остро реагираат и бараат помош од регулаторите на пазарот. Истото ќе се случи и во банкарскиот сектор, со тоа што, банките кои имаат мудар менаџмент денес купуваат fintech компании за да бидат пред останатите.“


Fintek2 WEBИТ гигантот влегува во FinTech бизнисот
IBM  развива нова блокчеин технологија, ќе ја користат седум европски банки

IBM развива блокчеин (blockchain) технологија што ќе  ја користат седум големи европски банки – Deutsche Bank, HSBC, KBC, Natixis, Rabobank, Societe Generale  и  Unicredit –  за да се олесни меѓународната трговија за малите и средни компании, пренесува CNBC. Проектот всушност ќе биде една од првите практични примени на блокчеин технологијата во финансиските институции во светот. Потенцијалот на блокчеинот беше истакнуван од банкарската индустрија последниве неколку години, но првите вистински практични решенија се на своите почетоци. Блокчеинот е генерален назив за дистрибуиран дигитален блок што може да чува записи за трансакции и е заштитен од злоупотреби. Тоа е технологија што овозможува функционирање (копање, тргување, итн.)  на криптовалутите како биткоин и Етереум, но исто така од банките е разгледувана како начин да се усовршат и поевтинат платежните процеси. IBM си гради свој блокчеин, наречен Digital Trade Chain, што ќе им овозможи на засегнатите страни да следат, менаџираат и прават меѓународни трансакции.  Кога некој ќе продаде производи/услуги и тие ќе пристигнат кај купувачот, блокчеинот ќе го активира процесот на плаќање, објаснува Вибе Драјер, претседател на Управниот одбор на холандската Rabobank, една од банките што учествуваат во проектот на IBM.

“Ние се грижиме за плаќањето, што е всушност се’ уште старата технологија за плаќање. Но, целата инфраструктура и администрирањето е направено на блокчеин. На крајот целта е целосно платежната трансакција да се префрли на блокчеин решението, кога технологијата ќе биде спремна за масовна примена“, објаснува Драјер  за CNBC. Технолошкото решение што го развива IBM за банките, ќе биде на Hyperledger Fabric, open source блокчеин платформа, и треба да се пушти во оптек до крајот на годинава. “Во моментов многу банки и fintech компании експериментираат со употребата на блокчеинот. Ние седумте банки засега правиме чекор напред, со апликацијава базирана на блокчеин, каде што ќе им помогнеме на мали и средни бизниси при извозот. А, блокчеин технологијата е многу моќна и го овозможува сето тоа“, објаснува Драјер. Досега повеќе банки во светот направија проба со блокчеин технологијата. Лани, Wells Fargo  и Commonwealth Bank of Australia користеа блокчеин за да се реализира продажбата на пратка памук од САД во Кина. Британската банка Barclays пак, се обиде да тргува со финансиски деривативи користејќи блокчеин технологија.

 

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×