Ѓорѓи Јанчевски, НЛБ Тутунска банка: Ќе бараме решенија за компаниите што имаат проблеми со ликвидноста
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Предизвик е да се наплатат нефункционалните пласмани и ние активно ќе работиме на  понуда на излезни решенија за компаниите кои се западнати во ликвидносни проблеми поради глобалната криза, вели во својата прогноза за годинава претседателот на Управниот одбор на НЛБ Тутунска банка, Ѓорѓи Јанчевски.

Каква оценувате дека ќе биде 2015 година на економски план?

Тешко е да се превиди 2015 година, кога светот исчекува како ќе заврши политичката криза помеѓу најголемите воено-политички и економски сили, САД, Европската унија и Русија. Минатата година стана јасно дека современите војни ќе се водат преку дисторзија на финансиската моќ на земјите, што неизбежно ќе има негативно влијание на меѓународните пазари на стоки и пари. Во такви услови, економската состојба во Македонија, која главно е извозно ориентирана кон пазарот на Европската унија,  исто така е делумно неизвесна.

Што се однесува до економската политика очекувам и во 2015 година таа да биде насочена кон зачувување на платно-билансната стабилност и стабилноста на денарот, како и кон овозможување поволни услови за водење бизнис што и понатаму ќе привлекувa нови странски, но и повеќе домашни инвеститори. Инфраструктурните инвестиции во патната мрежа и инвестициите во слободните зони кои беа направени изминативе години поволно влијаеа на макроекономската стабилност, но оваа година очекувам тие да влијаат на раздвижување на локалниот бизнис кој гравитира околу нив, како и на пораст на вкупната домашна потрошувачка имајќи ги предвид новите вработувања.

Какви се плановите на НЛБ Тутунска банка за следната година? Може ли фирмите да очекуваат поголема кредитна поддршка?

Плановите на банката за 2015 година се амбициозни. Фокусот на работење е на зголемување на кредитирањето за 7% и тоа пред се кај малите и средни претпријатија, микробизнисот и населението, нови инвестиции во деловната мрежа и отворање на нови експозитури, нови инвестиции во проширување на мрежата на ПОС уреди и банкомати и нови финкционалности во електронските сервиси (e-banking, mobile banking, web services) со цел да им понудиме на клиентите брз и лесен пристап до продуктите и услугите на банката. Во тој контекст, кон крајот на лани, банката воведе и Контакт центар кој на нашите клиенти ќе им овозможи брзо информирање за продуктите и услугите по телефонски пат, по е-маил или смс.

Активно ќе се работи и на одржување на квалитетот на портфолиото и разрешување на нефункционалните пласмани, преку понуда на излезни решенија за компаниите кои се западнати во ликвидносни проблеми поради глобалната криза.

Кои се најголемите предизвици со кои што ќе се соочат банките следната година во работењето?

Најголем предизвик за банките годинава ќе биде изнаоѓањето добри проекти за кредитирање бидејќи банкарскиот сектор е преликвиден, каматите на кредитите се снижија на најниско ниво до сега, а добри проекти за кредитирање кај компаниите има многу малку.

Истовремено, банките ќе мора да се справат со нефункционалното портфолио кое минатата година континуирано растеше и достигна 12% (од кои кај фирмите 16%, кај населението 6%). Споредено со останатите земји во окружувањето овој процент е се уште подобар, меѓутоа портфолиото е товар за банките и предизвикува дополнителни трошоци. Во Македонија постапката за санација, како и за ликвидирање на банкротираните фирми се одвива доста бавно, што само ги товари должниците и доверителите со административни трошоци, а истовремено под забот на времето се обезвреднува имотот со кој располагаат фирмите, така што не губат само должниците и доверителите, туку и самата економија. Тука се неопходни многу поголеми напори овој процес да се забрза, како и да се развие пазарот на преземање на ваквите разработени а неликвидни фирми од страна на инвеститори кои имаат ликвидни средства и сакаат да водат бизнис.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×