Ѓорѓи Петрушев: Растот на Бимилк придонесува за растот на млечната индустрија во Македонија
Објавено на од во Интервју

31 PetrusevЃорѓи Петрушев
извршен директор на Бимилк

Што се однесува до 2019 година, остануваме на долгорочната стратешка определба да бидеме лидер во млекопроизводството, континуирано да инвестираме во нови софистицирани технологии, со целосна посветеност на безбедноста и квалитетот на производите и производствениот процес и секако да ги обезбедуваме потрошувачите со здрави, вкусни и хранливи производи со цел подигнување на нивото на свесност и неопходноста од здрав и избалансиран начин на исхрана.

 

 

Г-не Петрушев, со какви резултати ја заврши Бимилк 2018 година? Какви сеплановите и зацртаните цели за 2019 во делот на инвестициите, производството и продажбата?

Бимилк ја заврши 2018 година со исклучително позитивен тренд на продажбата, значителен раст на нето-добивкатаи рекордни резултати во повеќе категории производи, со значителен пораст на волумените и количините на преработено сирово млеко. Производите на Бимилк континуирано се прв избор за потрошувачите, а компанијата ја зацврсти водечката позиција на пазарот. Лично сум особено горд што растот на Бимилк придонесува и за севкупниот раст на млечната индустрија во Македонија, што, пак, дополнително укажува на големината и економската значајност на Млекара АД Битола.
Што се однесува до 2019 година, остануваме на долгорочната стратешка определба да бидеме лидер во млекопроизводството, континуирано да инвестираме во нови софистицирани технологии, со целосна посветеност на безбедноста и квалитетот на производите и производствениот процес и секако да ги обезбедуваме потрошувачите со здрави, вкусни и хранливи производи со цел подигнување на нивото на свесност и неопходноста од здрав и избалансиран начин на исхрана.

Растот првенствено ќе го бараме преку зголемено учество на производите со повисока додадена вредност, преку проширување на асортиманот, креирање на производи кои ja збогатуваат понудата согласно потребите и барањата на потрошувачите, но и промени и унапредувања во ланецот на снабдување. Во делот на развојот на нашата суровинска база, остануваме посветени на поддршка на инвестициите во развој на примарното млекопроизводство и унапредување на фармите.Последно, но не помалку важно, компанијата останува насочена и кон подобрување на условите во заедницата, придонесувајќи за добросостојбата на сите категории граѓани.


Колкав дел од производството извезува Бимилк, кои се главните извозни производи и пазари на компанијата? Какви се плановите за извоз за 2019?

Значаен обем од производството е наменето за извоз, пред сѐ во регионот, меѓутоа важно е да се потенцира дека постои генерален предизвик на млечниот пазар кој е директно поврзан и со извозот. Имено, Македонија во моментов се соочува со недостигот на сирово млеко на пазарот, што резултира и со релативно високи цени на откупеното сирово млеко. Тоа има двоен ефект од аспект на извозот. Прво, како дејност се соочуваме со недостиг на суровина и производ за задоволување на потребите на домашниот пазар, а второ, се намалува и нашата конкурентност на странските пазари. Во поинакви услови, потенцијалите за извоз би биле многу поголеми.

Во секој случај, без разлика на овој предизвик, Бимилк успеа значително да го зголеми извозот во 2018 година и во најголема мера беше насочен кон пазарите на Косово, Албанијаи Србија, а по подолго време и кон Црна Гора. Фокусот за извоз во регионот се наметна исклучиво поради пазарните прилики и укажаната потреба за 2018 година, меѓутоа минатите години, во едни поинакви услови, компанијата има извезувано и пошироко, како САД, Канада, Европската унија итн.

Плановите за извоз за 2019 година ќе бидат наметнати од новите пазарни прилики, а како што напоменав и претходно, фактот дека Бимилк има многу поголем капацитет за преработка на млеко и производство на млеко и млечни производи, дава простор за натамошна експанзија и освојување нови пазари.

13 Petrusev

Растот првенствено ќе го бараме преку зголемено учество на производите со повисока додадена вредност, преку проширување на асортиманот, креирање на производи кои ja збогатуваат понудата согласно потребите и барањата на потрошувачите, но и промени и унапредувања во ланецот на снабдување.


Колку иновативноста и новите производи се застапени во стратегијата за развој на млекарницата? Што може да очекуваат потрошувачите од Бимилк периодот што следи?

Иновативноста од секогаш била еден од стратешките приоритети на компанијата, секако со цел да одговориме на пазарните трендови, а воедно и на барањата и очекувањата на потрошувачите. Всушност, успехот на компанијата меѓу другото зависи токму и од способноста да ги следиме светските трендови и истовремено да ги прилагодуваме кон потребите на нашите потрошувачи. Воведувањето иновации е многу важно од секој аспект, а пред сѐ, како компанија сме должни да им понудиме на верните потрошувачи атрактивни и квалитетни производи, кои ќе го задоволат нивниот вкус. Имено, на ниво на стратегија тоа и го правиме секоја година.

Од аспект на иновации и новости, 2018 година беше одбележана и со лансирање на два нови производи, односно Баланс+ крем јогуртите, збогатени со протеини, новото кравјо Екстра кисело млеко со екстра освежителен вкус, а во минатите години го воведовме и Битолскиот густ јогурт, Битолското млеко збогатено со 10 витамини, Битолскиот путер, дополнително го проширивме портфолиото пакувања на Баланс+ и Битолското кравјо кисело млеко, го воведовме и Пекарскиот јогурт, кој е неодолива комбинација со вкусни пецива.

Сѐ ова верувам дека доволно говори за фактот дека континуирано вложуваме во проширување на асортиманот и во нови инвестиции. Иновациите несомнено се движечка сила на секој пазар, и тоа не само во млечната индустрија туку воопшто, па оттука поаѓа и нашата премиса дека континуираното иновирање неминовно доведува и до поголем успех на една компанија, што ја детерминира нашата позиција во поглед на иновации и за 2019 година. Не би ги откривал конкретните планови за нови производи, но би можел да ветам дека ќе бидат на големо задоволство на потрошувачите.

Покрај иновациите во делот на палетета производи од понудата на БиМилк, би ги споменал и континураните технолошки иновации во делот на производството, во насока на следливост, подобар квалитет и безбедност на производите.


Како ја оценувате моменталната состојба со примарното производство на млеко во земјава, односно колку Бимилк може да ги задоволи своите потреби со домашно производство? Какви политики спроведува компанијата за стимулација на фармерите млекопроизводители?

Состојба во примарното производство на млеко во изминативе години веројатно не е на најзавидно ниво. Суровинската база и натаму е претежно фрагментирана кај голем број мали производители, претежно семејни фарми, со ниска продуктивност, големи трошоци и постојан предизвик да се постигне и одржи потребниот квалитет на сирово млеко. Засега, релативно мал дел од суровото млеко се произведува во големи фарми и земјоделски стопанства и примена на најсовремени технологии и методи. Радува што полека но сигурно почнува процесот на консолидација и окрупнување, но сепак не може да се пренебрегне фактот дека тоа засега е недоволно да ги компензира количините млеко кои излегоа на пазарот поради фактот што голем број мали производители од овие или оние причини го напуштиле фармерството и преминале во други дејности или се откажале од млекото како допополнителен извор на приходи.

Резултатна како што веќе споменав е што во Македонија во моментов се чувствува недостиг на млеко, не можат да се искористат сите пазарни можности, особено во извозот, а цената оди по нагорна линија, што значително влијае врз нашата конкурентност. Моментално откупната цена на млекото е изедначена, па дури и ја надминува цената на ЕУ пазарите, во услови кога квалитетот сеуште ги нема достигнато ЕУ стандардите. Сепак, ова не го гледаме нужно како негативен развој, зашто од друга страна, во комбинација со државните мерки за субвенционирање и поддршка ќе придонесе за економско заздравување на млекопроизводителите кои останаа во дејноста и ќе им створи простор за вложување во развој. Најдобар доказ за тоа се развиените фарми кои вложуваат во својот техничко–технолошки и кадровски развој, кои се на некој начин носители на дејноста и делуваат во изразит конкурентски амбиент.

Поаѓајќи оттука, гледајќи стратешки и долгорочно, уште на почетокот на 2018година направивме корекција на откупната цена, а продолжуваме со практика на помагање на фармерите со набавка на сточна храна и современа опрема за автоматизација и компјутеризација на фармите, овозможуваме финансиски позајмици по поволни услови, ги зголемуваме фондовите за увоз на јуници со подобра генетика и секако, користејќи ги најпозитивните искуства од земјите со поразвиено сточарство, направивме и стратегија за директна работа на терен со зачестени посети и работа со фармерите за едукација и пренесување најдобри практики за подобрување на фармите. Во тој дел, воспоставивме тесна соработка со образовните институции како Биотехничкиот факултет, а би ја искористил приликата да ја истакнам и поддршката што секторот ја добива од Агенцијата за храна и ветеринарство, која активно спроведува проекти за теренски контроли и класификација на фармите според категориите на квалитет. Со нив неодамна одржавме и заедничка панел-дискусија за нашите најголеми кооперанти со цел заеднички да ги информираме за промените во законските регулативи за категоризација на фармите и да им ги презентираме практичните аспекти на модерното фармерство, со што верувам дека ќе им помогнеме во унапредувањето на условите во нивните фарми и во подобрување на квалитетот на сировото млеко, посебно во поглед на микробиолошкиот квалитет, кој е еден од главните критериуми за категоризирање во прва категорија на фарми.

Сите овие мерки се со цел да одржиме стабилна база на производители и кооперанти и да создадеме услови за нивно економско заздравување и натамошен развој. Всушност нивните цели се истовремено и компаниски цели, затоа што само со домашна здрава сировинска база, Млекарата може да смета на сигурна иднина.

vero29

Во Македонија во моментов се чувствува недостиг на млеко, не можат да се искористат сите пазарни можности, особено во извозот, а цената оди по нагорна линија, што значително влијае врз нашата конкурентност. Моментално откупната цена на млекото е изедначена, па дури и ја надминува цената на ЕУ пазарите, во услови кога квалитетот се уште ги нема достигнато ЕУ стандардите.


На каков начин Бимилк ја спроведува стратегијата за општествено одговорна компанија, кои се најважните проекти реализирани изминатата година и планирани за 2019?

На стратегијата за општествена одговорност ние во Битолска млекара не гледаме на нешто што е изолирано од целокупниот начин на работење, едноставно, таа е втемелена во нашата бизнис стратегијата, ги опфаќа сите деловни процеси и активности, а се практикува и живее од сите вработени. Така било уште од самите почетоци, така е и денес, неминовно, во таа насока се и плановите за 2019 година.

Оваа година, посветивме подеднакво внимание на сите параметри со кои општествената одговорност добива смисла, па преку проектите за потрошувачите, партнерите, добавувачите, вработените и средината во која делуваме и заедницата во која живееме, реализиравме бројни активности за кои сме уверени дека значително придонесуваат кон економскиот и социјалниот просперитет за целата заедница.

2018 година меѓу другото беше одбележана и со започнување значајни проекти за заштита на животната средина. Би ја издвоил инвестицијата во прочистителна станица во рамки на фабриката на која веќе се работи во соработка со Општина Битола, а дополнително започнавме и процес на набавка и инсталација на постројка за третирање на отпадните води. Со овие чекори убеден сум дека нашата компанија прави значителна разлика и за заедницата и придонесува во решавање на еден сериозен општествен проблем. Во контекст на еко-свесноста на почетокот на годината, дониравме прочистувачи за воздух во детските градинки во Битола и бевме едни од иницијаторите на проектот кој резултираше со прочистувачи во секоја занимална низ градинките во Битола.

Покрај ова, општествената одговорност е секако насочена и кон продлабочување на соработката со поврзаните чинители од примарното млекопроизводство, кон едукација на нашите потрошувачи, кон поттикнување на спортот и здравиот начин на живот преку донација на Баланс+ спортско-рекреативни зони, кон градење долгорочни партнерства со различни невладини организации и здруженија со цел заедничко решавање на проблемите од општествен карактер и секако, кон вложување во развојот на нашата најголема компетитивна предност – нашите вработени.

Всушност, општествената одговорност едноставно е нешто што се очекува од секој еден чинител во ова општество, и само доколку така се разбира, општеството ќе напредува, а придобивките ќе ги ползуваат сите. Во оваа насока се развиваат и нашите КОО планови и за 2019 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×