Хонг Конг бара слободни избори. „Чадор револуцијата“ ја менува и политичката клима во Кина
Објавено на од во Политика

Претераната цивилизираност на “Чадор револуционерите“ не е само прашање на менталитет, и никако не значи наивност – тие добро знаат дека ненасилството и грижата колку што е можно помалку да им создаваат непријатности на другите граѓани на Хонг Конг, ги штитат од грубите полициски мерки за расчистување со продемократските протести. И властите во Пекинг знаат дека насилното полициско задушување на протестите ќе предизвика жестока меѓународна реакција. И дека ако Хонг Конг, пак, го добие она што го бара, тоа ќе ги охрабри демократските процеси во другиот дел од Кина каде што се уште владее стравот од барањето демократија наметнат од крвавото задушување на протестите на плоштадот Тјенанмен во 1989 година. Единствена опција што му останува на Пекинг, а што во меѓувреме се обидува да ја реализира, е преку контра-протести да провоцира инциденти надевајќи се на насилен одговор од продемократските протестанти, што барем некако би го оправдало нивното евентуално грубо отстранување од улиците на Хонг Конг

Покрај за поводот и за политичко-економските импликациии од масовните протести во Хонг Конг, светските медиуми не престануваат да известуваат за однесувањето на учесниците во „Чадор револуцијата“. Ако протестите на кое и да е друго место во светот имаат краток „фитил“ што може да го запали и помала провокација од груба полициска интервенција, продемократските активисти во Хонг Конг на дождот од солзавец одговорија во духот на Ганди – отворајќи чадори и ставајќи нуркачки маски. Најфините протестанти, како што ги нарекоа, не само што одржуваат беспрекорна хигиена на местата кадешто се собираат, туку и отпадот го селектираат за рециклирање. Студентите меѓу нив мирно го ислушаа „предавањето“ на револтираниот граѓанин кој побара да престанат да ги блокираат улиците и да се вратат на настава, па продолжија со пишувањето на своите домашни работи откако го исчистија нередот од расипаните јајца со кои тој фрлаше по нив.

Во блиските паркови никому не паѓа на памет да ја гази или да седне на тревата – протестантите стриктно се држат до патеките. Делат храна и вода, маски и чадори по потреба – чадорите ги поделија и со полицијата откако заврна вистински дожд, а на некои од објектите на кои поставија барикади може да се видат и табли со пораки до граѓаните на Хонг Конг, како „Извинете за непријатностите“. „Чадорот изгледа незаканувачки, што покажува колку сме кротки, ние, луѓето од Хонг Конг. Но, кога ќе ја преминеш нашата црвена линија, ние сме единствени, како чадорите кои сите ги отвораат штом почне да врне“, вели дваесетгодишната студентка по историја, Клои Хо, која дистрибуира јаболка, чоколатца и влажни марамчиња меѓу протестантите. Но, дека оваа демонстрација на висока цивилизираност не значи и наивност покажува начинот на кој протестантите ги пресретнаа можните ограничувања на пристапот до интернет и до мобилната мрежа, неоходни за успешна организација на протестната агенда.

Имено, најголем дел од нив на своите мобилни уреди ја инсталирале апликацијата FireChat која овозможува комуникација, „четување“, и без пристап до интернет или без мрежно покривање (апликацијата ги користи wi-fi и bluetooth модулите за да создаде локален интернет од преку неа вмрежените уреди). Сета оваа присебност при блиските средби со солзавецот и со пендреците, како и при организацијата, покрај тоа што ги освои симпатиите на светската јавност, направи причините и целите на „чадор револуцијата“ максимално чисто да се исцртаат, особено таму кадешто се првенствено адресирани. Меѓу протестантите во Хонг Конг нема такви кои се стопиле со масата водени од фрустрации собирани кој знае каде, и за кои протестите би биле само можност да го канализираат гневот. Оттука, засега не успева обидот на Пекинг да им даде димензија на протестите што ќе може барем некако да го оправда нивното евентуално грубо задушување. Со ништо од страна на протестантите испровоцираната полициска интервенција со солзавец, лут спреј и пендреци, во жесток контраст со однесувањето на илјадниците луѓе на хонгконшките улици, само дополнително ја искомпримитира позицијата на Пекинг.

Кина се соочи со внимателно спакувани закани од центрите на глобална политичка моќ, во форма – внимателно ги следиме протестите во Хонгконг. Оставена без опции, таа стравува дека протестите нема да престанат додека „чадор револуционерите“ не го добијат она што го бараат (што им било ветено) со сите последици што тоа може да ги има ако се прошири на север низ Кина, а да се обиде да ги запре насилно може да биде уште поопасно. Властите во Хонг Конг, лојални на Пекинг, во меѓувреме се обидуваат да испровоцираат насилство од протестантите. Откако полицијата изјави дека „кршењето на јавниот ред и мир ќе биде санкционирано“, контра-протестна група предизвика инцидент за кој беше јавено оти „граѓаните се свртеле едни против други, додека полицијата се наоѓала меѓу нив“. Продемократските протестанти, пак, изјавија дека нападот врз нив всушност го извеле припадници на кинеското подземје, познатите Тријади, и оти зад него стојат градските власти. Полицијата стоела настрана, јавија присутните од организациите за заштита на човековите права, очекувајќи протестантите да одговорат на насилството од спротивната група. Стравувањата се дека преку вакво сценарио властите може да создадат услови за „санкционирање на кршењето на јавниот ред и мир“, односно повод за отстранување на протестантите од улиците.

Протестантите се спремни да ја платат цената на демократијата

Протестантите бараат право да го изберат градскиот лидер без процедуралните препреки што ги воведува Кина како гаранција дека само кандидатите кои таа ги фаворизира ќе се најдат на гласачките листи на изборите во 2017 година. Притисокот за поголема автономија на посебниот административен регион во рамките на Народна Република Кина почна веднаш по неговото британско предавање (на Кина) во 1997 година. Разбирливо, со оглед на демократските слободи што ги уживаа жителите на Хонг Конг под британската управа, за разлика од нивните сонародници во останатиот дел од најнаселената светска држава. При трансферот на власта Кина вети дека ќе се придржува до моделот „една земја – два системи“, што значеше дека Хонг Конг ќе може слободно да ја развива својата демократија без мешање на централната власт.

Во 2017 посебниот административен регион требаше да добие и право на демократски избори да ја избере својата власт – досега оваа функција ја извршува претставник одобрен од Пекинг. Но, Кина во август (годинава) објави дека правото на граѓаните на Хонг Конг да го бираат првиот човек на својата извршна власт е условено со тоа кандидатите да добијат одобрување од посебен комитет, секако, близок до централната власт. Теренот за ваквата одлука беше јасно подготвен со документот (издаден од Пекинг еден месец порано) во кој Кина ја потврди својата целосна јурисдикција врз Хонг Конг, дополнувајќи дека „високиот степен на автономија (за Хонг Конг) не е резултат на инхерентна моќ, туку потекнува исклучиво од овластувањата дадени од централното раководство“. По објавата на одлуката во август, јасно беше дека Пекинг не се држи до договорот од 1997 (една земја – два системи), и студентите го направија првиот чекор, по кој веднаш тргнаа и активистите од движењето Occupy Central (последниве првично планирале со граѓанска непослушност нешто подоцна да го изразат своето мислење за кинескиот изборнен план за Хонг Конг, на неодамна одбележаниот кинески национален празник, 1 октомври, кога се навршија 65 години откога Мао Це Тунг ја прогласи Народна Република Кина).

Протестите во Хонг Конг можат да бидат првата видлива пукнатина на кинескиот политички ѕид – „вечната“ комунистичка партија, на која, во денес де факто ултра-капиталистичката Кина, веќе ѝ е време да стане историски артефакт – како и Кинескиот ѕид. Во Пекинг се секако свесни дека ситуацијата во која се најдоа во Хонг Конг најлесно би можеле да ја надминат ако го исполнат договореното во 1997 година. Но, тоа за нив никако не е опција, поради логичното нарушување на авторитетот на партијата што неизоставно ќе следи ако Хонг Конг го добие тоа што му следува, додека во другиот дел од Кина сеуште владее стравот од барањето демократија што го наметна крвавото задушување на протестите на плоштадот Тјенанмен во 1989 година. Засега Кина со строга цензура на информациите за она што се случува во посебниот административен регион спречува демократскиот бран од Хонг Конг да се прелее на север. Секако, цената на барањето демократија, макар и само со чадори како „оружје“, не е ниска, а во Хонг Конг како силен трговски и финансиски центар на Азија таа веќе пристигна во форма на затворање на банкарски филијали во градот, на работење од дома за голем број вработени во финансиските институции … Градот кој „до вчера“ беше поим за безбеден и стабилен амбиент за глобален бизнис, може да ја изгуби репутацијата на клучна крстосница на која влегуваше светскиот капитал во Азија. Многу компании чие работење е врзано за Хонг Конг веднаш покажаа лоши резултати на пазарите на капитал, со пад на берзанскиот индекс до 2,5%. Засегнат е и пазарот на луксузни производи по кој градот е познат, пред сѐ, зашто многу од хонгоншките компании од бизнисот тргуваат со клиенти од Кина (последниве драстично се намалија и како туристи, што се виде на 1 октомври, на националниот празник) – акциите на Richemont паднале за 1.7%, а на LVMH за 2%. Од новите услови под кои функционира Хонг Конг посебно се засегнати и компаниите од градежниот бизнис со големи удели во малопродажниот сектор. Со протестите е намалена циркулацијата на луѓе низ главните трговски делови од градот, што значи помалку купувачи – сопствениците на трговските синџири и центри само во еден ден забележаа пад на акциите меѓу еден и шест отсто. „Покус“ не остана ниту хонгконшкиот долар, кој, во однос на американскиот, падна на најниско ниво во последните шест месеци. „Чадор револуционерите“ се свесни за овој дел од последиците од нивната борба, може да се заклучи од изјавите што ги даваат активистите. Тие тврдат дека ако цената на демократијата е тоа, вреди да се плати, особено ако се гледа долгорочно.

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×