Христијан Мицкоски е избран за нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Со 376 гласа „за“, Христијан Мицкоски е избран за нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ на 16. Конгрес, што вчера и денеска се одржуваше во Валандово.

На изборот гласале 428 од 438 запишани делегати, а имало 52 неважечки ливчиња.

Новоизбраниот претседател Мицкоски, истакна дека главна цел му е консолидацијата на партијата и победа на следните парламентарни избори.

„Сега е време да станеме сите заедно, ВМРО-ДПМНЕ го очекува тоа од нас, а Македонија – нашата татковина, го бара тоа од нас. Потребен е нов елан и нова енергија, зошто нашиот народ бара светлина и надеж, бидејќи ова што се случува не е светлина, туку темнина и разочарување“, рече Мицкоски.

Додаде дека ја замислува Македонија како земја на среќни граѓани, економски просперитетна. Рече дека ќе се залагаа за технолошки развој, инвестиции, подобрување во образованието, здравството, намалување на невработеноста, правичност и независно правосудство.

Им забележа на СДСМ за безидејност, економски колапс и пад на стандардот на граѓаните.

„Членството во ЕУ почна да се користи за протоколарна цел која се спомнува на досадни состаноци на кои мора да се разговара на оваа тема. Патот на Македонија е членство во ЕУ и НАТО, а за тоа треба реален напредок, реално решавање на проблемите по пат на дијалог“, рече Мицкоски.

Ги отфрли обвинувањата дека ќе биде нечија марионета, додавајќи дека тоа ќе го потврди со неговата работа и залагања.

„Ќе наметнам нов начин на функционирање, силно темпо на работа, ќе користам совети од сите, ќе носиме одлуки заедно, ќе се борам за нашата заедничка идеја. Ветувам и нема да ве разочарам“, рече Мицкоски.

На вториот ден од работата на Конгресот се обрати и досегашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој се осврна на минатото политичко искуство во партијата.

Ги повтори проектите кои биле реализирани за време на владата на ВМРО-ДПМНЕ, кои, според него, го подобриле животот на граѓаните, преку намалување на невработеноста, инфраструктурни и комунални проекти, економска консолидација на државата.

Груевски побара од новиот претседател да работи на обединување на партијата, а од политичките опоненти, национално помирување.

„Потребно е национално помирување. Потребно е да се донесе Закон за амнестија за настаните од 27 април. Само така државата може да оди напред и да се стави крај на политичките освети и реваншизам. Големите политичари така се однесуваат во вакви моменти. Треба Заев да го знае тоа со целосно сочувство за неговата болка од 27 април. Треба тоа да го знае ДУИ, зошто амнестијата кон нив беше за многу потешки дела“, рече Груевски.

Додаде дека тоа досега ВМРО-ДПМНЕ го направила четири пати во 27-годишната независност, додавајќи дека нивниот предлог Закон за амнестија е готов и ќе го достават до Собранието.

„Сите овие амнестии беа многу болни и многу тешки за нас, но ние покажавме политички капацитет и државништво во поглед на национално помирување и заедничка иднина, а не заеднички вечен конфликт, освети и реваншизам“, рече Груевски.

На 16. Конгрес, Груевски беше избран за почесен претседател, а делегатите изгласаа три резолуции, за интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, за економски раст и развој и Резолуција за осуда на политичкиот прогон што го спроведува СДСМ.

На Конгресот присуствуваа гости од ДУИ, како и од коалициските партнери и претставници на неколку меѓународни институции.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×