интервју
Методија Миноски: Преку едукација на компаниите до три пати повеќе инвестиции во фотоволтаични централи
Методија Миноски, координатор на Одделот за животна средина на ПроКредит Холдинг

„Заклучно со крајот на 2022 година, нашето зелено портфолио изнесува скоро 20% од вкупното портфолио на банката, или преку 90 милиони евра. Овде вклучуваме кредити за енергетска ефикасност, проекти за обновливи извори на енергија и други зелени мерки како управување со отпад, рециклирање и слично. Ако сето ова го интерпретираме низ ефектот врз животната средина, избегнавме емисија на 18.000 тони CO2, еквивалентно со отстранување на 9.200 возила од сообраќај за една година. Како банка ориентирана кон одржливо работење, ова е податок на кој сме особено горди.“
Разговаравме со г. Методија Миноски, одговорен за управување со животната средина во ПроКредит Холдинг, една од организациите пионери во државава според користењето на обновливи извори на енергија за потребите на секојдневното работење, но и активен промотор на инсталирањето на фотоволтаични системи меѓу компаниите на нашиот пазар преку специјалните кредитни линии наменети за набавка на ваква опрема.
Г. Миноски, изминатиов период многу актуелно беше прашањето за инвестиции во фотоволтаични системи, како за продажба на струја, така и за сопствени потреби на компаниите. Каква беше побарувачката за кредитите за оваа намена во ПроКредит? Имаше ли значителен пораст во 2022 година?
Инвестициите во фотоволтаични системи станаа особено актуелна тема изминатата година, што беше и очекуван тренд кој следеше како одговор на енергетската криза која предизвика драматичен раст на цената на електричната енергија.
Ние како банка веќе неколку години наназад правиме сериозни заложби за едукација на нашите клиенти и промоција на соларната енергија како едно од решенијата за зголемена енергетска независност на компаниите. Уште во 2019 започнавме со кампања за инвестиции во соларна енергија, антиципирајќи ги предизвиците на енергетскиот систем во Македонија, но и предностите за компаниите да инвестираат во фото-централи, за да ја намалат ранливоста од пазарните шокови кои подоцна и се појавија од средината на 2021. Фотоволтаичните системи, и генерално инвестициите во еко – решенија, се производи кои ние како банка ги работиме веќе долги години и за кои имаме експертиза по која сме познати како лидери на пазарот. Нашето знаење постојано го споделуваме со клиентите, а стручната поддршка која им ја понудивме за многу од нив беше пресудна да се одлучат за овој тип на инвестиција.
Досега имаме организирано преку 10-тина работилници во повеќе градови низ земјата на кои присуствуваа преку 300 компании каде што ги едуциравме клиентите за предностите во инвестиции во фотоволтаици. Настанот кој го реализиравме минатата година под наслов “Наше сонце, наша енергија, наши инвестиции” беше од особено големо значење, каде на едно место ги собравме сите државни и приватни институции кои се вклучени во постапката за добивање на неопходните одобренија и лиценци, изведба на централите и приклучокот на мрежа, како и трговија со електрична енергија. Само на овој настан присуствуваа преку 100 компании кои во неколку панел дискусии имаа можност да се запознаат со постапката на изведба, да добијат одговори на нивните прашања, но и да воспостават директен контакт со сите чинители во процесот.
Како резултат на кампањите во последните 4 години стигнавме до портфолио од преку 40 мегавати инсталиран капацитет на финансирани инвестиции, од кои помалку од половината беа реализирани во текот на 2022. Според бројот на предмети кои во моментов ги работиме и интересот кој го пројавуваат клиентите, очекуваме трендот да продолжи да расте и во годината која е пред нас.
Каков е пристапот на банката при процесирањето на овие кредитни барања, имајќи предвид дека се работи за не толку едноставни инвестиции од повеќе аспекти? Колкав е износот на кредити за фотоволтаични системи што досега ги има одобрено ПроКредит и на колку клиенти?

Како и за сите останати кредитни производи, па така и за кредитните барања за инвестиции во фотоволтаици, банката им пристапува индивидуално, ги анализираме ризиците и предностите од инвестицијата и се обидуваме преку стручна поддршка и совети да ги водиме клиентите низ целиот процес. Па така, заради нашата проактивна и советодавна улога, компаниите кои се клиенти на ПроКредит Банка инвестираат во фотоволтаични централи за сопствена употреба дури три пати повеќе во однос на останатите компании кои соработуваат со други банки.
Секако, има разлика во процесот на финансирање за централи за сопствена употреба, и за централи поставени на земја исклучиво за продажба.
Постапката за финансирање на централите поставени на кров е едноставна, банката има интерни механизми за проценка на инвестицијата и брзо одобрување на кредитот, каде само опремата се зема како обезбедување. До сега имаме финансирано преку 130 кровни централи, каде просечниот инсталиран капацитет е меѓу 200-250 KW , што значи околу 130.000 евра просечен износ на кредит.
Кога станува збор за инвестиции во централи поставени на земја, во банката има специјализиран тим кој е сочинет од инженери, правници и финансиски аналитичари кои прават проверка на техничките, правните и финансиските ризици на проектот, со што заеднички со клиентот ги проценуваме потенцијалните препреки кои можат да се јават во одолговлекување на инвестицијата. Нашиот тим е стручен и често ги советува и води клиентите низ постапката, од почетната идеја па се до реализација на инвестицијата, што за клиентите дава дополнителна сигурност имајќи предвид дека најголем дел од нив претходно немале искуство со изведба или оперирање на фотоволтаични централи.
Повеќегодишното искуство ни овозможува добро разбирање за тоа како функционира овој сегмент од пазарот, кои се изведувачите со најголемо искуство но и кои се маркет стандардите за тоа како делува пазарот на електричната енергија. Ова е особено битно бидејќи цената по која ќе се продава струјата е клучна информација во проектирање на идните парични текови на проектите. Дополнително имаме директната соработка со најголемите изведувачи на фото-централи и трговци на електрична енергија на нашиот пазар, што е од голем бенефит за клиентите, бидејќи го забрзува процесот на финансирање и финализирање на овие инвестиции.
Освен инвестиции во фотоволтаици, за какви се’ други намени во доменот на енергетската ефикасност ПроКредит одобрува кредити?
Во насока на поддршка на инвестиции во “зелени технологии”, нашето портфолио е навистина широко со цел да ги задоволи потребите и на компаниите, но исто така и за домаќинствата. Па така, во доменот на енергетска ефикасност поддржуваме: електро-мобилност, ефикасни системи за греење и ладење, енергетски ефикасни објекти, инвестиции во ефикасни машини, опрема, системи за намалување на загадување, управување со отпад и останато.
Колкав дел од кредитното портфолио на ПроКредит банка во моментов е сочинето од “зелени“ кредити? Претпоставувам дека поголем интерес има кај бизнисите, но каква е ситуацијата кај физичките лица, поточно интересот за кредити за енергетска ефикасност во домот?
Поголемиот дел од еко-портфолиото на банката го сочинуваат инвестиции наменети за малите и средни претпријатија. Компаниите најмногу инвестираат во соларната енергија, енергетска опрема и машини, како и реновирање или изградба на објекти со намалена потреба за енергија за греење или ладење. Бројката на физички лица кои одбираат да инвестираат во домаќинства се’ повеќе се зголемува и тука претежно станува збор за реновирање на домовите со ефикасни системи за греење или ладење, бела техника, а во последно време и фотоволтаични системи за сопствено производство на струја. Кога сме кај зелените кредити за домаќинствата, на наше големо задоволство, преку поддршката на Европската банка за обнова и развој успеваме да обезбедиме и дополнителни поволни услови за инвестирање, кои за клиентите обезбедуваат поврат на кредит и до 20%.
Заклучно со крајот на 2022 година, нашето зелено портфолио изнесува скоро 20% од вкупното портфолио на банката, или преку 90 милиони евра. Овде вклучуваме кредити за енергетска ефикасност, проекти за обновливи извори на енергија и други зелени мерки како управување со отпад, рециклирање и слично. Ако сето ова го интерпретираме низ ефектот врз животната средина, избегнавме емисија на 18.000 тони CO2, еквивалентно со отстранување на 9.200 возила од сообраќај за една година. Како банка ориентирана кон одржливо работење, ова е податок на кој сме особено горди.
И самата ПроКредит веќе подолго време е заговорник и дава сопствен пример за водење грижа за енергетската ефикасност и екологијата генерално… Како всушност банката ја спроведува ваквата стратегија на одржливо работење? Наведете ни ги најбитните постигнувања.
ПроКредит е импакт ориентирана банка, тоа значи дека целиме кон одржлив модел на управување кое започнува со следење на нашето социо-еколошко влијание, па потоа и влијанието кое го имаат нашите кредитни клиенти и соработници.
Конкретно, се обидуваме да ја минимизираме нашата емисија на стакленички гасови, заради што работиме на сопствената енергетска ефикасност, користиме обновливи извори на енергија, го редуцираме креирањето на отпад кој потоа го селектираме заради идно рециклирање, како и преземаме активности за намалување на аеро-загадувањето преку користење на електрични возила.
Така, до сега значајно ја намаливме употребата на хартија преку дигитализација на голем дел од нашите интерни процеси. Применуваме високи еколошки и енергетски стандарди при изградба, реновирање и опремување на нашата деловна мрежа, со што потрошувачката на струја на квадратен метар ја преполовивме во последните неколку години. Централната управа на банката важи за една од “најзелените” згради во нашата земја, што е потврдено со меѓународната сертификацијата на Светска банка со сертификатот EDGE (Excellence in Design for Greater Efficiencies).
Истовремено сме и лидери во електромобилноста каде 70% од нашиот возен парк вози на струја произведена од фотоволтаичната централа поставена на кровот од нашата Централна управа.
Познати сте и како банка која има свои црвени линии кога станува збор за финансирање проекти што имаат негативен ефект за животната средина. Кажете ни нешто повеќе за оваа стратегија?
Банките тежнеат да исплатат што е можно повеќе кредити и да пораснат со кредитното портфолио, притоа анализирајќи ги само економските принципи на исплатливост на инвестицијата и степенот на обезбедување на кредитот. За жал, проценката за тоа какво е влијанието на финансираните проекти врз животната средина, во какви услови работат работниците или како дејноста придонесува кон општеството и поширокото опкружувањето, речиси и да не се прави. Токму поради ваквото еднострано разбирање на кредитирањето, сведоци сме на многу финансирани инвестиции, кои придонесоа за еколошки штети или сериозно го загрозија општественото здравје и безбедноста.
Во ПроКредит банка пристапуваме поинаку, каде се проценува влијанието кон животната средина и општеството на секој еден кредитен пласман кој го одобруваме кон компаниите.
Првиот филтер е јасно дефинирана листа на активности со кои не соработуваме и покрај тоа што се законски дозволени, но имаат негативно еколошко или социјално влијание, како на пример инвестициите во заштитени зони, производството на пластика за еднократна употреба, инвестиции во игри на среќа, инвестиции во производство и трговија на оружје, подземни ископи и рудници.
Кај останатите клиенти интерно го проценуваме социо-еколошкиот ризик од секој кредитен пласман, а во одредени случаи ангажираме екстерни соработници кои тоа го прават во наше име. Проценката на еден клиент или проект подразбира дека банката, покрај економската исплатливост, задолжително прави и проценка на еколошките и општествените практики и ризици во компанијата, како на пример управувањето со отпад, степенот на загадувањето и емисијата на штетни гасови, начините и управувањето со опасни и експлозивни материи или нивото на безбедност и ризик од повреди на работното место.
На глобалните пазари компаниите веќе не се оценуваат само низ финансиските параметри на профитабилност, туку и низ придонесот кои тие го имаат во борбата со климатските промени или пак позитивниот импакт кои го имаат кон општеството. За оваа цел веќе се применуваат ESG (environment, social, governance) принципи на управување, но и на нефинансиско известување преку кое се мери степенот на одржливо работење на компаниите. ESG рејтинзите веќе стануваат критериум за избор за инвестиција на берзите или партнер/клиент за соработка на пазарите во Европа. Затоа колку позабрзано деловната заедница во Македонија работи на подобрување на еколошките стандарди и работните услови или инвестира во сопствените човечки капацитети, толку повеќе ќе придонесе во зголемување на конкурентност, во резистентноста од разни пазарни турбуленции, што на долг рок несомнено ќе ја зголеми вредноста и стабилноста на компанијата.