И онака имаме проблем да ги задржиме програмерите во Македонија, ако веќе не помагате, тогаш не одмагајте!
Објавено на од во Компании

Foto1 za glavnaИнформатичките компании незадоволни од даночните реформи на Владата

Од бизнис комората на ИТ секторот – МАСИТ велат дека не се задоволни од актуелните даночни реформи на Владата и уште неколку клучни економски регулативи, коишто според ИТ фирмите не одат во насока на нивен побрз раст и развој, туку, напротив, само ја зголемуваат несигурноста и ги демотивираат инвеститорите, и домашните и странските.

 

Намалување на данокот на добивка за информатичкиот бизнис во Македонија од 10% на 3% најави деновиве премиерот Зоран Заев, како мерка за стимулирање на понатамошен развој на оваа економска гранка.

„Македонија ја правиме дигитална зона за технологијата на иднината, со политики за поддршка за домашните ИТ компании и атракција за инвестиции на странските компании.”, рече Заев на владината прес конференција минатата недела.

Од ИТ секторот велат дека чекаат да видат, па да поверуваат, затоа што за оваа мерка премиерот зборувал и пред една година, кога почнаа дискусиите околу воведувањето на прогресивното оданочување на личниот доход, регулатива која парламентот ја изгласа пред крајот на минатата година, а почна да важи од 1 јануари 2019 година. ИТ бизнисите очекуваат намалувањето на данокот на добивка за седум процентни поени колку – толку да го намали дополнителниот товар што сега го имаат поради прогресивниот данок на личен доход.

„Ние во фелата дискутиравме околу тоа кој всушност да го понесе товарот на дополнителните 8% данок на доход за примањата над 90.000 денари месечно. Повеќето фирми решија дека тие ќе ги преземат овие обврски, наместо да ги намалат нето платите на своите вработени. Во услови кога и онака ИТ фирмите имаат проблеми да ги задржат квалитетните кадри коишто секојдневно заминуваат од земјава, чепкањето во нивните плати може само дополнително да ги дестимулира. Доколку навистина го намалат данокот на добивка од 10% на 3% за ИТ секторот, нешто што инаку ние го бараме повеќе години наназад, би се ‘искомпензирала’ делумно ‘загубата’ поради прогресивниот данок“, вели Анита Никова – Бундовски, извршен директор на бизнис комората од ИТ секторот – МАСИТ.

Таа додава дека во МАСИТ не се задоволни од актуелните даночни реформи на Владата, коишто според ИТ фирмите не одат во насока на побрз раст и развој на овој сектор, туку, напротив, само ја зголемуваат несигурноста и ги демотивираат инвеститорите, и домашните и странските.

„ИТ секторот вработува околу 13.000 луѓе и во државниот буџет придонесува со даноци повеќе и од земјоделието, и од текстилната индустрија која што вработува 40.000 луѓе. Нашето учество во БДП е околу 8%, а не користиме никакви субвенции, ниту пак некогаш сме барале. Само бараме да не ни се одмага, кога веќе не ни се помага. Промените во даночната регулатива не беа донесени транспарентно како што ветуваше Владата, ниту пак беа слушнати и уважени нашите забелешки и сугестии“, вели Никова – Бундовски.


Државата официјално не знае ни што е стартап

Барањата на МАСИТ, освен околу ревидирањето на проблематичните за нив прогресивен данок на доходот и данокот на добивка, се однесуваат и на регулативата што ги третира донациите и нивното ослободување од данок, како и Законот за финансиска поддршка на домашните компании, каде што според Комората на ИТ бизнисите овие фирми не се опфатени, односно со конкретен член се и изземени од ваквите стимулации.

„Во член 9.14 од овој закон, се вели дека ИТ секторот е изземен од државната поддршка, освен доколку некоја компанија има намера да отвори академија за едуцирање кадар и сл. Не секоја фирма има таква потреба или визија за своето работење и не може ова да се користи како услов за аплицирање за државни пари коишто треба да се искористат во истражување и развој, како што гласи конкретната мерка.“, вели Александра Чавдаревска, правникво МАСИТ.

Според Чавдаревска, ИТ секторот е клучен за развојот на една економија, најпрогресивен и најдинамичен, па домашната регулатива треба да ги следи овие промени, односно законите да бидат адаптирани на тоа што всушност го работат компаниите.

„Во ниту еден закон нема дефиниција за тоа што е BPO (Business Process Outsourcing) на примерили пак ITO (Information Technology Outsourcing), што се бизнис сегменти всушност на светската ИТ индустрија во чиишто рамки работат бројните кол центри во Македонија, како и софтверските компании што се фокусирани на аутсорсинг и сл. Во Централен регистар нема дефиниција ниту за стартап, едноставно за нив тоа е непознат термин. Кога вие не знаете што дефинирате, не знаете ни како да постапувате кога ќе ви дојде инспектор којшто може да ве казни. Зошто? Затоа што законите не претрпеле измени за да ги дефинираат соодветно работите.“, вели Чавдаревска.

Таа објасни конкретно преку пример за овие недоречености во регулативата.
„Член 14 од Законот за ДДВ, со точките 1 и 5 дефинира ‘услуги во полето на рекламата и работа со јавност, како и услуги на електронска обработка на податоци, know how и експертиза’ – дејности под коишто се регистрирани многу од фирмите од ИТ секторот, меѓу кои и споменатите кол центри и др. И вие имате ситуација кога доаѓа даночен инспектор во еден таков кол центар, каде што има 50 или 100 вработени, коишто преку телефонска врска, на клиенти од западна Европа или северна Америка, преку сервер којшто е исто така некаде во странство, им даваат техничка поддршка во врска со производи од некој светски бренд во хардверската индустрија, да речеме. Според важечката регулатива за место на промет на услугата се смета местото каде што корисникот на услугата има седиште, подружница или била вистински извршена. Значи ДДВ плаќа корисникот на крајната услуга или фирмата мајка на кол центарот. Инаку, ќе имаме двојно оданочување. Македонската подружница плаќа придонеси за вработените, персоналец на платата и бонусите, данок на добивка. Но, инспекцијата тврди дека ДДВ мора да се плати. Две фирми, наши членки, се веќе соочени со казни поради овој проблем, па ние бевме присилени да бараме автентично толкување на законот од страна на Собранието на Р. Македонија,“, објаснува Чавдаревска.

24iz

Компании почнаа да ја напуштаат Македонија заради проблеми со даночните инспекции

Билјана Марковиќ – Стаменова, извршен директор на Македонија 2025, бизнис комора во којашто членуваат и компании од ИТ секторот, меѓу кои има и многу странски инвеститори во земјава, се надоврзува во врска со претходно спомнатиот проблем со толкувањето на Законот за ДДВ. Таа истакнува и подрастичен пример каде што компанија странски инвеститор сосема се повлекла од Македонија затоа што од даночните инспектори им било наложено дека треба да платат големи суми на ДДВ ретроактивно за пет години наназад.

„Компанијата работи во доменот на т.н. business process outsourcing, односно, извршува најразлични услуги за клиенти исклучиво од западните земји и пред неколку години отвори свое претставништво и во Скопје. Кога почнувале со работа, меѓународна сметководствено – ревизорска компанија им дала упатство за тоа како треба да изгледаат нивните фактури кон странските клиенти, конкретно, дека во нив нема потреба да внесат ДДВ, а и да го внесат, подоцна ќе го пребијат со државата. Инспекторите од УЈП им рекле дека фактурите им се погрешни и дека мора да платат ДДВ, и тоа ретроактивно. Од Министерството за финансии компанијата доби толкување дека тие дејности не подлежат на ДДВ, но УЈП беше неумолива. Кон средината на 2018 година, компанијата ја напушти земјава и регистрираше своја канцеларија во соседна земја иако намерите и беа да вработи неколку илјади вработени“, вели Марковиќ – Стаменова од Македонија 2025.

Нашите соговорнички на темава заклучуваат дека на компаниите најмногу им пречи правната несигурност и дека тие бараат даночна и секаква друга регулативна платформа врз којашто ќе може поефикасно да ги планираат своите буџети, инвестиции и да ја градат својата конкурентност во регионални и светски рамки.

 


Платите во ИТ секторот највисоки во државата, а програмерите сепак ја напуштаат

На пазарот во моментов има дефицит од 3.000 информатичари, велат од МАСИТ

Просечната плата во секторот Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности за месец октомври изнесува 59.443 денари, што е највисока исплатена нето плата во Македонија според Заводот за статистика. Но, и покрај тоа од ИТ бизнис комората велат дека нивните членки имаат проблем да ги задржат програмерите коишто интензивно заминуваат од земјава.

„ИТ секторот покрај високите плати, нуди многу други бенефиции, како приватно здравствено осигурување, животно осигурување, дури и сопственички удели им нудат сопствениците на некои ИТ фирми на своите клучни вработени со цел да ги задржат. Сепак, информатичарите заминуваат од земјава. Од поголемите компании минимум по еден човек месечно си заминува, некогаш и повеќе. Одат претежно во Германија, Холандија, скандинавските земји, поретко во САД, Канада или Австралија.“, вели Анита Никова – Бундовски од ИТ бизнис комората МАСИТ.

Според неа причините за ова заминување на ИТ кадрите пред с$ е големата побарувачка за нив на светскиот пазар, каде што може да добијат неколку пати поголема плата, но и нивното незадоволство од општите состојби во земјава.

„На секторот во моментов му требаат околу 3.000 нови информатичари, од коишто половина треба да се сениор програмери, односно, со поголемо искуство. Тие и најмногу заминуваат од земјава, но си одат и млади, с$ уште недипломирани кадри што се вели. Луѓето не секогаш се мотивирани да останат во Македонија само од заработката. Еве, да речеме со платите во ИТ секторот коишто се навистина одлични за македонски стандард, тие може да си дозволат лекување во приватни болници, школување на децата во приватни училишта, итн. Но, што правиме со загадениот воздух, постојаните политички кризи, менувањето на регулативите што ги засега компаниите во коишто работат и нив самите? Целата таа несигурност што ја создаваат овие фактори ги тера да си заминат во земји каде што ем ќе заработуваат повеќе, ем ќе живеат порелаксирано“.

 


Клучни барања на ИТ компаниите

Укинување на прогресивното оданочување што почна да важи од 01.01.2019, со коешто делот над 90.000 денари плата се оданочува со повисока стапка од 18%.
“Товарот на зголемената даночна стапка на крајот ќе го преземат самите фирми со цел да не ги намалат нето платите на своите вработени, коишто во ИТ секторот се највисоки во државата, и за компании со 100-200 програмери вкупната маса на пари во конечната пресметка не е занемарлива“, велат од МАСИТ.

Промена во Законот за данок на добивка
Од ИТ комората веќе подолго време бараат намалување на данокот на добивка во ИТ секторот од 10% на 3%, што од пред некој ден премиерот Заев вети дека ќе се донесе како регулатива до крајот на годинава.

Промена на регулативата за финансиска поддршка на домашни компании
МАСИТ вели дека ИТ фирмите се изземени од овој закон, односно се ограничува можноста за нивна апликација за државна финансиска поддршка со еден проблематичен член во него.

Промена во регулативата за јавни набавки
„Не може продажба на софтвер и услуги да се прави со е – аукција, затоа што тоа се специфични производи, коишто не можете секогаш да ги понудите како готов производ со дефинирана цена. Софтверските решенија трпат промени во согласност со потребите на клиентот, прилагодувања и сл.“, објаснуваат од МАСИТ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×