И по шкотското референдумско „не“ останаа многу „храбри срца“. Шпанија се израдува на шкотското „не“, но спремна ли е да ја плати цената со која Лондон го купи?
Објавено на од во Политика

Обединетото Кралство остана во истите граници, но тоа веќе не може да биде истото, ако сака да остане цело. Кампањата „Да, Шкотска“ мотивираше незапамтено масовна политичка ангажирност чија енергија нема да биде лесно да се канализира ако Лондон брзо не го увери Единбург дека го добива ветеното. Шкотска ги охрабри другите што сакаат да го следат нејзиниот пример дека референдумот е легитимен начин да се испита волјата на народот дури и за прашањата на суверенитетот. Но, постои ли, на пример, во Шпанија, толку висок демократски амбиент каков што демонстрираше Англија, што ќе гарантира оти референдумот за независност на Каталонија ќе се спроведе со пуштање ливче во гласачка кутија, а не со грубо кинење на сложената државна заедница?

Причините за радост во Лондон по победата на референдумското „не“ за независност на Шкотска се сведуваат на избегнувањето само на краткорочните последици што ќе ги наметнеше евентуалното потврдно изјаснување на Шкотланѓаните. Дејвид Камерун се спаси од срамниот влез во историјата како најголем губитник меѓу премиерите на Британија со тоа што не беше ставен во ситуација да треба да преговара со шкотскиот премиер, Алекс Салмонд, за раздружување на тровековната унија, односно за начинот на кој Британија би изгубила третина од својата територија. Но, она што се знаеше уште долго пред да се одржи референдумот е дека Обединетото Кралство, но и Европа, па и пошироко, ќе треба да најдат начин за пресретнување на неизбежните долгорочни последици во многуте средини каде што евидентно постои желба да се тргне по патот на Шкотска. Конретно во северната конститутивна држава на Обединетото Кралство, тесната победа на кампањата „Подобро заедно“ (55% наспроти 45%) значи дека Лондон што поитно, и без никакви калкулации, треба да почне да делегира нови овластувања во Единбург, но и во Кардиф (Велс), и во Белфаст (Северна Ирска). Тоа сепак не ја исклучува можноста Шкотланѓаните да побараат нов референдум веќе во догледно време (сепак, кампањата „Да, Шкотска“ мотивираше незапамтено масовна политичка ангажирност чија енергија нема да биде лесно (од позиција на Британија) да се канализира).

Темата независност на Салмонд не му е тешко да ја одржува жешка благодарение на лидерите на трите главни британски партии – Дејвид Камерун (на владејачката Конзервативна), Ед Милибанд (на Лабуристичката) и Ник Клег (на Либерално-демократската), кои во пресрет на референдумот им ветија на Шкотланѓаните проширување на овластувањата на Единбург (во замена за останувањето заедно). Имено, меѓу тројцата индикативно се појави разногласие околу начинот на кој треба да се испорача ветеното, и тоа само неколку часа по објавувањето на резултатите од референдумското изјаснување. Камерун излезе со став дека од пошироката автономија на Шкотска не може да не се офајди и остатокот од Обединетото Кралство, Клег реагираше дека исполнувањето на ветувањето до Шкотланѓаните не може да биде условено со други уставни реформи, а само Милибанд предупреди дека не смее да има никакви „но“, ниту „ако“, во препуштањето на ветените поголеми овластувања на Единбург. „Не сум изненаден што ситничарат и што не се држат до земената обврска – единствено ме изненадува брзината со која тоа го направија“, зајадливо прокоментира Салмонд. Но, и доколку нема нов референдум за независност, и еден друг, временски близок референдум, може да покаже дека оваа приказна не е завршена, на кој „островајните“ ќе се изјаснуваат „за“ или „против“ останувањето на Британија во Европската унија, а кој британскиот премиер вети дека ќе го организира до 2017 година. На тој референдум Шкотланѓаните би можеле да ја тестираат новостекнатата автономија, и да не ги признаат неговите резултати. Главното прашање овде е колку се подготвени државите да се одречат од централизираноста на своите овластувања. На одумирањето на државите се чини прерано се израдуваа приврзаниците на делегирањето што поголеми овластувања во Брисел и во останатите центри на Европската унија. Референдумот на кој Британците може да се изјаснат за излегување од ЕУ, наликува на извесна компензација и антиципација на претстојниот процес на зголемување на автономијата и на праќањето повеќе пари во Шкотска, но и во останатите делови на Кралството, за да се сочува заедништвото, преку одржување на социјалниот мир.

Во прилог на тезата оди и совпаѓањето на засилувањето на ефектот “храбро срце“ во Шкотска со падот на животниот стандард и растот на несигурноста кај населението. Британската држава (како и најголем дел од другите светски држави) слабее во корист на беспоштедната либерализација – државите се одрекуваат од своите овластувања во интерес на слободното движење на капиталот и на зголемувањето на профитот, зад што стојат корпорациските конгломерати кои Салмонд не може да ги тргоне, како што му успеа да ги „расплаче“ „студените“ Англичани. Ваквото слабеење на државите ја намалува социјалната сигурност зашто се скратува јавната потрошувачка во здравството, во образованието, за социјалната грижа …, а грижата во овие сектори му се доверува на пазарот, односно на приватниот сектор, во кој, особено во доживувањето на ранливите категории граѓани, се работи само за приватните интереси на елитата. Конретно, во Шкотска, Салмонд во кампањата за независноста алармираше на бесчувствителноста на елитите, кои, визирајќи го Лондон, ги обвини и за послушнички менталитет кон САД во „нелегалните војни“, спротивни на шкотскиот „интернационализам“. Наспроти дел од аналитичарите кои сметаат дека социјалната димензија на протестите асоцирана со глобализацијата и светската економска криза е само ново „руво“ на стариот национализам, се чини дека пореално е на сецесионизмот да не му се одрекува ниту една од димензиите. Една од предностите на Британија (во споредба, на пример, со Шпанија, и нејзините проблеми со Каталонија) е високиот демократски амбиент во кој се случи референдумот во Шкотска, што би требало да го намали степенот на непријателство меѓу унионистите и сецесионистите во шкотското општество. Аналитичарите очекуваат опомената од референдумот Британија да ја натера да ги преуреди политичките односи со регионалните актери во правец на федерализација (некоја форма на федерализација, која, нормално, официјален Лондон нема да ја нарекува со вистинското име). Трите клучни британски политички партии постигнаа договор дека Шкотска треба да добие поголема автономија за останувањето во Обединетото Кралство, во чиј контекст се планира префрлање на овластувања во делот на финансиите, на даноците и на социјалната политика на шкотскиот парламент. Кога, пак, зборуваме за долгорочните ефекти со светски одек, не треба да заборавиме дека ако и во Квебек референдумот заврши во корист на Канада, и, што е најважно, мирно, прашање е како ќе завршат сѐ поизвесните референдуми, на пример, во Шпанија, односно во Каталонија и во Баскија. Шкотска дефинитивно покажа дека референдумот е сосем легитимен начин да се испита волјата на народот (нацијата) дури и за прашањата на суверенитетот, но постои ли во Шпанија демократски амбиент што ќе гарантира оти референдумот ќе се спроведе со изразување на волјата со пуштање ливче во гласачка кутија или, ќе има грубо кинење на некои сложени државни заедници? Во Шпанија ризикот да се случи второто е прилично голем.

Претседателот на регионалната (каталонска) влада, Артур Мас, најави дека набргу официјално ќе побара Мадрид да дозволи одржување референдум за независноста на шпанската покраина асоцирана со Барселона. Каталонскиот парламент веќе усвои закон за необврзувачки консултации (преку референдумско изјаснување) за независност од Шпанија, кои треба да се оржат на 9 ноември. Шпанската влада смета дека овој референдум ќе го прекрши уставот на Шпанија, зашто (според уставот) регион не може самостојно да распише ваква форма на непосредно одлучување на граѓаните на кој самостојно ќе одлучи за својата интегрираност во Шпанија. Прашање од голем безбедносен ризик е дали шпанскиот премиер, Маријано Рахој, ја научи лекцијата од Камерун, и наместо игнорирањето што ја иритира „провинцијатата“ Каталонија, од центарот Мадрид ќе делегира поголема автономија кон североистокот на државата.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×