Илон Маск ќе го тестира првиот Hyperloop тунел во Лос Анџелес на почетокот на декември
Објавено на од во hi-tech & business

SpaceX MuskПочнува да се остварува визијата на генијалниот претприемач за ултра брз транспорт на луѓе и стоки

Брзината во овој тестен хиперлуп тунел ќе биде 250 км/час . Хиперлуп е “капсула“ што се лебди на магнетни шини, нешто како воз, но во цевка во која што има вакуум или сосема малку воздух. Во теоријата, хиперлупот би овозможил транспорт со брзина поголема од онаа на звукот.

 

Хиперлуп (Hyperloop), ултра – брзиот транспортен систем на генијалниот претприемач Илон Маск ќе биде промовиран во Лос Анџелес овој декември, со бесплатни тест возења за јавноста, објави самиот Маск на својот Твитер профил деновиве.

“Првиот тунел е речиси готов. Отворањето е на 10 декември“, напиша Маск.

Одговарајќи на коментарите на социјалната мрежа, Маск додаде дека ќе има свечено отворање таа вечер и бесплатни возења за луѓето, следниот ден, на 11 –ти декември.

Стартапот на Маск, “Boring Company“, го развива хиперлупскиот подземен систем како футуристички концепт што би можел драматично да го забрза транспортот во самите градови и помеѓу нив.

Во друг твитер коментар, Маск рече дека во тунелот што наскоро ќе се тестира во Лос Анџелес, максималната брзина ќе биде 250 км/час. Поддржувачите на оваа технологија имаат визија дека патувањето од Лос Анџелес до Сан Франциско, на пример, би можело да трае само 30 минути наместо 5-6 часа колку што е сега. Хиперлуп е “капсула“ што се движи на магнетни шини, нешто како воз, но во цевка во која што има вакуум или сосема малку воздух. Во теоријата, хиперлупот би овозможил транспорт со брзина поголема од онаа на звукот.

Во презентација во Лос Анџелес во мај годинава, Маск рече дека возилата во хиперлуп би можеле да стигнат од центарот на ЛА до аеродромот за помалку од 10 минути, со долгорочна цел да достигнат брзина од речиси 500 км/час.

Hyperloop е еден од најпознатите иновативни проекти што ги турка Маск, заедно со SpaceX и Tesla Motors. Акциите на Tesla паднаа за повеќе од 30% од август наваму, откако тој твитна дека компанијата ќе ja повлече од берза, што подоцна се покажа како неточно. Американската Комисија за хартии од вредност го казни Маск со 20 милиони долари заради оваа лажна објава.

Од Вашингтон до Њујорк за половина час

Хиперлуп тунелите се опсесија на родениот во Јужноафриканската Република, канадско – американски претприемач, иноватор и милијардер Маск последниве неколку години.

Маск сака да го поврзе и источниот брег на САД – од Њујорк, преку Филаделфија и Балтимор, до Вашингтон, така што ќе ископа подземен тунел и во него ќе смести Hyperloop. Основачот на Tesla Motors и на SpaceX првпат минатата година спомна дека ќе гради Hyperloop – дотогаш оваа работа им ја препушташе на други (иако токму Маск во 2012 година го предложи овој радикален концепт за масовен превоз).

За овој проект веќе тој доби „усно одобрување“ од одговорните, и веста ја објави на својот Twitter профил. Hyperloop би ги поврзувал центрите на споменатите градови, но на таа, околу 350 километри долга релација, би имало и други станици – повеќе од десетина. Патувањето со посебните вагони од Вашингтон до Њујорк во подземна цевка со низок притисок би траело 29 минути, пресметал Маск.

Сместувањето на Hyperloop под земја би решило неколку проблеми со кои моментално се борат инженерите во другите компании што го развиваат овој систем за превоз, како заштитата на цевките од пробивање (на пример, со куршум), потоа, би биле минимизирани деформациите (на цевката) поради промените на температурата; а можеби и малку би ги намалило трошоците.

Подземното решение, пак, си носи други проблеми, како проблематичната евакуација во итни ситуации, итн.


38hКрајна цел: евтино и брз транспорт и намалување на метежот

За дупчењето на подземните тунели Маск ја основа The Boring Company, која со помош на првата машина за дупчење на тлото, наречена Godot, лани го почна копањето на првиот тестен тунел во близина на седиштето на SpaceX (компанијата на Илон Маск за транспорт во вселената) во калифорнискиот Хоторн.

Крајната цел на компанијата е да им се овозможи на градовите евтино и брзо да изградат мрежа од подземни тунели во кои би се одвивал сообраќај што би ги намалил вообичаените гужви.

Овде треба да потенцираме дека Hyperloop-от на The Boring Company е различен од оној на Virgin Hyperloop One. Секако, ист е главниот концепт – вакуумска цевка низ кој лебдат и многу брзо се движат поради малиот отпор/триење соодветни транспротни „капсули“. Разликата е во тоа што The Boring Company освен патници, планира да превезува и возила. Но, во тунелите на Маск автомобилите нема да возат самостојно, туку таму ќе ги преземаат посебни автономни платформи задолжени за транспортот.

Во The Boring Company цевките се под земја, а возилата е планирано да се спуштаат со лифт, до гондола во која истите (возилата) ќе се сместат и ќе патуваат извонредно брзо низ мрежата.

Virgin Hyperloop One развива систем на транспорт со магнетски левитирачки капсули во вакуумски цевки, а споменатиот таен тест (види рамка) беше прв во светот извршен во цевка со механизам за превоз во реална големина. Компанијата сепак не користела цела патничка капсула, иако нејзиниот прототип веќе бил изработен од алуминиум и јаглеродни влакна, туку само погонскиот маглев механизам што подоцна би требало да ги носи вагоните.


Foto za ramk -  Hyperloop 2016Вториот голем претприемач што реши да развива Hyperloop технологија се соочува со проблеми

Ричард Бренсон се повлече од претседателското место на Virgin Hyperloop One

Оставката на Бренсон се случи откако Саудијците го откажале финансирањето на проектот за хиперлуп транспорт по неговите критики на кралството во врска со убиството на новинарот Џамал Кашоги. Тој тврди дека на Virgin Hyperloop One ѝ е потребен претседател што ќе биде повеќе ангажиран во проектот за којшто самиот тој е лично многу загреан.

 

Ричард Бренсон се повлече од претседателското место во Virgin Hyperloop One, соопштија Bloomberg и Reuters деновиве. Бренсон ја објави својата улога во понеделникот, со изјава дека на компанијата ѝ треба повеќе ангажиран претседател, како што се развиваат нејзините планови за изградба на целосно оперативен хиперлуп.

Минатата недела, Financial Times објави дека Саудиска Арабија го откажала финансирањето на физибилити студијата откако Бренсон го критикуваше блискоисточното кралство заради инволвираноста во смртта на новинарот Џамал Кашоги.

Пред нешто повеќе од една година, компанијата ја изненади јавноста со објавата дека Бренсон ќе влезе во бордот на директори, откако влегол со инвестиција чиј што износ не се објави, а потоа следеше и ребрендирање во Virgin Hyperloop One.

Virgin Hyperloop One, уште пред да се ребрендирa под водство на Бренсон, го направи првото тестирање на проектот за футуристички траспортен систем, за превоз на патници со брзини и до 1.000 км/ч, во вагони што се движат во вакуумски тунели, пред нешто повеќе од две години, во мај 2016-та. Американската компанија изврши прво јавно тестирање на својот концепт за Hyperloop погон заснован на магнетска пропулзија. Компанијата ја развиваше технологијата што ја замисли Илон Маск независно од него.

Тестот што се направи во пустината во Невада покажа дека во осмислениот концепт вреди понатаму да се вложува. На тестната патека посебен вагон беше забрзан на 187 км/ч за само 1,1 секунда.

Ваквото забрзување за патници би било прилично непријатно, но за превоз на товар е прифатливо. Затоа Hyperloop One планира до 2019 година со својот систем да пренесува товар, а дури во 2021 да стигне до потребните услови за превоз на луѓе.
Компанијата за развој на оваа технологија собра нови 80 милиони долари, и го почна натпреварот Hyperloop One Global Challenge во кој градови од целиот свет се натпреваруваат токму кај нив да биде изградена првата Hyperloop One комерцијална траса.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×