Илон Маск – Супер-претприемачот кој прави многу пари спасувајќи го светот
Објавено на од во hi-tech & business
Не морате да ги менувате детските соништа и кога ќе пораснете, дури и ако се толку амбициозни да мечтаете да му овозможите на човештвото да живее на други планети доколку тоа стане невозможно на Земјата, порачува биографијата на претприемачот и иноватор Илон Маск. Неговите проекти и компании досега се толку успешни, што не е тешко да се поверува дека во догледно време Tesla Motors ќе ја спаси земјата од загадувањето на моторите со внатрешно согорувањепретворајќи ги електричните автомобили во нов стандард. А ако тоа не успее, неговата SpaceX работи на револуционизирање и на поевтинување на технологијата за патување во вселената, со ултимативна цел да им се овозможи на луѓето да живеат на други планети

Кога стрип авторите креираат ликови на суперхерои ја имаат предвид наивноста со која децата очекуваат дека може да се решаваат проблемите на светот, според која и само еден човек со супермоќ, која не мора да биде натприродна за тој да биде сметан за суперхерој, може да се избори со светските неправди ако храбро се стави во служба на општеството. Американскиот претприемач и иноватор Илон Маск, најпознат како извршен директорна SpaceX и на Tesla Motors, како да не го смета овој детски приод за толку наивен. Благодарение на големиот ум и на не помалиот претприемачки инстинкт, тој одамна ја доби и третата супермоќ – доволно многу пари за да ги финансира неговите детско-младешки соништа и тогаш кога инвеститорите ги сметаат за лудост, како во случајот кога почнувал со SpaceX, со амбиција да ги направи вселенските летови достапни за луѓето, односно вообичаени, со перспектива да се бара и најде резервна планета за Земјаните, во случај да останат без својата.

„Никој не го сакаше, им беше чуден на луѓето, го сметаа за гениј и „нерд“, раскажува мајката на Илон Маск сеќавајќи се на неговите детски години. „На училиште ништо не можеше да научи бидејќи знаеше повеќе од учителите. По цел ден читаше. Дома го користевме како што денес ги користиме Google и Wikipedia. Имаше фотографско паметење и секогаш сѐ знаеше“. На радарот на ловците на таленти на IBM, Масксе појавил кога имал само десет години, и по тестирањата тие известиле дека никогаш не сретнале програмер со толку супериорни способности. Веќе на 12 години ја програмирал видео играта Blastar и ја продал. Кариерата му се забрзала кога тој и неговиот брат дошле на возраст за отслужување редовен воен рок во Јужноафриканската Република (роден е во Преторија, ЈАР) каде во тоа време беснееле конфликти (Апартхејдот траеше до 1994). Мајка им не сакајќи да дозволи нејзините синови да го ризикуваат животот во одбрана на режимот на Националната партија (чие владеење го одбележа расната дискриминација на небелците), двајцата ги испратила во Канада (со помош на своето канадско државјанство), знаејќи дека полесно ќе емигрираат во САД од Канада, отколку од ЈАР. Илон тогаш имал 17 години, а на 19 почнал да студира во Кингстон, Онтарио (Канада), за по две години да се префрли на Универзитетот на Пенсилванија, во Филаделфија (САД), каде што дипломирал физика и економија. Во 1995 година се преселил во Калифорнија со цел да стекне докторат од областа применета физика на Универзитетот Стенфорд, но, студиите ги напуштил по само два дена, откако сфатил дека го забавуваат остварувањето на неговите амбиции поврзани со интернетот, со обновливата енергија и со истражувањето на космосот. Во овие области Илон Маск ја гледал перспективата на темелното менување на светот кон ослободување на луѓето, особено од заканите за уништување на човештвото од некоја голема природна катастрофа или од еколошка неосвестеност.

Од Zip2 до SpaceX …
embo

Со Обама на лансирањето на Falcon 9 на SpaceX

Со својот план почнал таму каде што е најевтино меѓу трите области на неговиот иноваторски и претприемачки интерес – на интернет. Во 1995 година додека интернетот за широката јавност претставуваше само иднина, Маск развил интернет градски водич за весникарската индустрија. Неговата компанија Zip2 потпишала договори со New York Times и со Chicago Tribune, а во 1999 година Compaq (поранешната компјутерска компанија) ја купил за 307 милиони долари во пари, и 24 милиони во акции, од што Маск добил 7% или 22 милиони долари.

Време е за следно ниво, си рекол Илон, или, да ги употребиме неговите зборови –  „парите се само бројка во базата на податоци“. Истата година кога ја продал Zip2 станал соосновач на X.com, компанија за онлајн финансиски услуги и за плаќање преку и-меил. Година подоцна (2000), X.com се споила со компанијата Confinity, што ја нудела услугата за трансфер на пари PayPal, па, бидејќи новоформираната компанија за свој фокус ја земала оваа услуга, во 2001 година од неа го презела и името – PayPal. Брзорастечката компанија веќе во октомври 2002 година ја купил eBay, за 1,5 милијарди долари во акции, од кои Маск, кој пред продажбата поседувал најголем дел од акциите на PayPal (11,7%), добил 165 милиони долари.

Истата година, неколку месеци пред официјализирањето на продажбата на PayPal, Илон Маск конечно конкретно вложува во својот сон – ослободување на човештвото од зависноста од планетата Земја. Во јуни 2002 година ја основа компанијата SpaceX (Space Exploration Technologies), вложувајќи 100 милиони долари од своето дотогашно богатство.

„Веројатно еден ден астероид или супервулкан ќе нѐ уништи, а ние и самите секојдневно си создаваме потенцијални опасности – смртоносни вируси што може да ни излезат од контрола, случајни минијатурни црни дупки, катастрофични последици од глобалното затоплување, или некои други, сѐ уште непознати закани. Порано или подоцна ќе мораме да ја напуштиме оваа мала планета ако не сакаме да изумреме“, размислува Маск.

На веб-страницата на SpaceX стои дека компанијата е основана за да ја „револуционизира технологијата за патување во вселената, со ултимативна цел да им се овозможи на луѓето да живеат на други планети“.

Меѓу многубројните успеси, од кои повеќето се пресвртници во историјата на астронаутиката, во SpaceX особено се горди што се единствена приватна компанија што успеала да испрати вселенско летало во земјината орбита и успешно да го врати на Земјата (декември 2010); и прва приватна компанија што своето вселенско летало Dragon го поврзала со Меѓународната вселенска станица, кое таму доставило и на Земјата оттаму вратило товар (мај 2012).

Според договорот склучен со NASA (National Aeronautics and Space Administration) во 2008 година, а вреден 1,6 милијарди долари, SpaceX спроведува мисии за снабдување на Меѓународната вселенска станица (договорот предвидува најмалку 12). Веќе во блиска иднина (најавите се за годинава), компанијата ќе почне да испраќа и човечки екипаж на своите мисии – споменатото летало Dragon е дизајнирано со ваквата можност на ум, и SpaceX според договор со NASA на 440 милиони долари, во моментов ги прави последните модификации (на леталото) за можноста да се оствари. SpaceX е најбрзорастечка компанија во бизнисот со транспорт на товар во вселената, а досега има педесетина успешни лансирања, што претставува околу 5 милијарди долари заработени од договори кои вклучуваат и комерцијални летови, и NASA мисии. Во моментов, во фаза на развој е Falcon Heavy, што ќе биде, според тврдењето на Илон Маск, најмоќната ракета во светот. Во меѓувреме, компанијата работи следејќи ги своите главни цели: развивање на ракети за повеќекратна употреба – подвиг што ќе го трансформира истражувањето на вселената со помош на високо квалитетни и безбедни летала, но, што ќе подразбираат радикално помали трошоци.

За оптимизирање на расходите (целта на Маск е да ги направи вселенските летови достапни) SpaceX не работи со надворешни добавувачи, односно, сѐ што е потребно за проектите на компанијата се изработува во нејзините погони, вклучително и најсложената компонента од едно вселенско летало – моторите. Како резултат, компанијата нуди најниски цени во космичката индустрија и осетно помало време потребно за развој на една ракета.

Неговиот ментор и прв потпретседател за развој на бизнисот во SpaceX, претприемачот, инженерот и консултантот во воздухопловната индустрија, Џим Кантрел, го потврдува погоре кажаното со изјавата: „Тој (Маск, н.з.) употребува милијарда долари за да го направи она што NASA не би можела ниту со 27 милијарди“.

Во последно време вниманието на јавноста особено го привлече информацијата дека Google ќе вложи милијарда долари во SpaceX (во замена за 8.333% од компанијата на Илон Маск, со што вредноста на последната беше одредена на 12 милијарди), со цел да донесе интернет врска и во најзафрлените краишта на светот. Ова треба да се постигне со најавеното (од страна на Маск) лансирање на над 700 комуникациски микросателити.

… од Tesla Motors до SolarCity и Hyperloop
emtm

Tesla Motors го има најпродаваниот електричен автомобил во светот, Model S

Компанијата за електрични возила, Tesla Motors, е основана во 2003 година во Силиконската долина од страна на неколку инженери, на кои година подоцна како инвеститор им се приклучува Илон Маск. Во Tesla Motors имаат визија споредлива со онаа на SpaceX во индустријата на која ѝ припаѓаат – да го забрзаат преминот на светот кон ерата на одржлив транспорт. Неодамна Маск го привлече вниманието со изјавата дека Tesla Motors до 2015 година ќе вреди околу 700 милијарди долари, што е вредноста што денес ја има Apple. На изненадените (од изјавата) не им оди во прилог досегашната оствареност на визиите на првиот човек на Tesla, кој, на пример, кога дојде во оваа компанија малку кој веруваше дека ќе има успех и со електричните автомобили, но, таа денес е исклучително успешен производител на истите. На економските аналитичари кои се обидоа низ конкретна математика да ги објаснат очекувањата на Маск за раст до вредност од 700 милијарди, тој самиот им „помогна“ велејќи дека сѐ што треба да направи Tesla, е до 2025 година да продава милиони возила годишно. А со оглед на сегашната продажба што се движи околу 10 илјади (годишно), растот треба во наредните десет години да не паѓа под 50% (повторно годишно). За оваа цел ќе биде неопходно сериозно вложување во придружната инфраструктура, во согласност со најавите од Tesla дека паралелно со САД, и во Европа ќе се шири мрежата на станици за полнење на батериите на електричните автомобили. Илон Маск во наредниот период го најави претставувањето и на Tesla „домашните“ батерии, кои, според пишувањето на реномираниот портал за технологија, The Verge, ќе овозможуваат доволно енергија за едно домаќинство да може да си ги задоволи седмичните потреби. „Батериите би биле долги и рамни, дебели пет инчи, би се закачувале на ѕид, би имале некоја убава маска, интегриран инвертер, и би работеле по принципот „plug and play““, изјави Маск.

Деновиве излезе информацијата и дека уште еден амбициозен проект на Илон Маск, Hyperloop, претставен пред неполни две години како концепт за транспорт на иднината што во својата основа има вакуумски тунели низ кои посебни возови ќе се движат со надзвучни брзини, добива конкретни контури. Hyperloop Transport Technologies (компанија основана за развој на концептот на Маск) најави дека до 2016 година ќе изгради транспортни цевки за Hyperloop во должина од 8 километри, во долината Кјуаи, во Калифорнија.

Не може да не се спомене и SolarCity, концептот за „сончева“ компанија каква што  (под споменатото име) е основана во 2006 година по сугестија на Илон Маск, а од страна на неговите братучеди Линдон и Питер Рајв (Маск е претседател на компанијата). SolarCity и Tesla ги поврзува мотивацијата на Маск да ги финансира поради желбата да помогне во борбата со загадувањето, односно, со глобалното затоплување. Во јуни 2014 година компанијата најави план за изградба на нов производен објект во Бафало, Њујорк, што ќе биде најголема соларна централа во САД и една од најголемите во светот. SolarCity на своите клиенти им дава соларни панели и под наем, по цена пониска од износот што би требало да го платат на добавувачот на електрична енергија, при што клиентот остварува заштеда, а SolarCity заработува продавајќи го вишокот струја.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×