Има ли опасност честите измени да доведат до нов Устав?
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА
Уставот повторно ќе се отвора и менува. Новите уставни измени ги извадија на површина старите дилеми за односот на властите кон највисокиот правен акт во земјава, но и го поставија прашањето -дали воопшто е возможно со крпење и постојано дополнување да се добие квалитетен документ којшто ќе биде на ниво на задачата. Тука е и дилемата, дали можеби има потреба од сосема нов Устав, штом низ годиниве се покажало дека постојниот не е погоден, понатаму, каква е функцијата на Охридскиот рамковен договор, време ли е за ревизија и доколку е, каде сето тоа може да ја одведе државата!?

Измените на Уставот се во насока на негово допрецизирање, подобрување на квалитетот, зголемување на независноста и целисходно функционирање на системот. Со овие зборови премиерот Никола Груевски го објасни фактот дека дури втор пат откако е на функцијата, заедно со неговиот коалициски партнер ДУИ, Владата одлучила да пристапи кон нови уставни измени. И додека во 2009-та Уставот се отвори во очи на претседателските избори, за да се намали цензусот потребен за избор на претседател на државата од 50% на 40 % излезност, новите уставни измени предвидуваат преименување на Народната банка на Р. Македонија во Банка на Р. Македонија, дефинирање на бракот, воведување на институтот уставна жалба, промена на составот на Судскиот совет, воведување на уставно гарантиран максимум на буџетскиот дефицит во висина, уставна можност за формирање на финансиска зона и внесување на Државниот завод за ревизија како уставна категорија.

Од сите овие најавени измени, најголем интерес во јавноста предизвика токму уставното дефинирање на бракот како категорија, но експертите велат дека тоа е само „димна бомба“ пуштена од Владата за да се сокријат токму посуштинските измени. Многумина од професорите и познавачите на проблематиката се убедени дека воведувањето на слободната финансиска зона ќе овозможи внесување на нечист капитал, а ниту еден закон или устав не може да ја спречи државата од прекумерно задолжување, дополнително што поважно прашање во оваа држава е на што се трошат парите од задолжувањата, додека темата за прекумерно задолжување е преценета. Економистите сметаат дека амандманот за слободна зона е контроверзен, а објаснувањата се штури и нејасни, без конкретни образложенија за начинот на формирање и ефектите од тој чекор. За ограничување на јавниот долг до 60% од БДП и на буџетскиот дефицит до 3 отсто, коментираат дека тој не гарантира домаќинско трошење на народните пари и дека во спротивно решението би стапило на сила веднаш, а не од 2017 година.
Но, настрана сите овие забелешки за актуелните уставни измени, темата тука всушност е многу подлабока и се однесува воопшто на квалитетот и функционалноста на македонскиот Устав, односот од политичките лидери и властите кон него и дебатата од која и тоа како има потреба – дали воопшто е возможно со вакво крпење и постојано дополнување да се добие квалитетен документ којшто ќе биде на ниво на задачата. Тука е и дилемата, дали можеби има потреба од сосема нов Устав, штом низ годиниве се покажало дека постојниот не е погоден, понатаму, каква е функцијата на Охридскиот рамковен договор, време ли е за ревизија и доколку е, каде сето тоа може да ја одведе државата!?
Експертите се согласни дека ова што сега се случува е недозволиво. Велат дека Уставот не е библија, но дека никој нема право да го толкува како ќе му текне во моментот и да се посветува на негови измени без реална анализа колку од нив има потреба, дали голем дел од нив не може да се решат и преку закони и без вистинска јавна дебата. „Слушаме цело време дека се толкува духот на Рамковниот договор, па духот на Уставот, па членовите се читаат вака или онака… Која тоа држава си дозволува да толкува Устав? Тоа не е поезија, тоа е највисок правен акт во една земја, нема филозофии, не може да има толкувања, тоа е документ што се почитува или не и точка“ велат тие.

 Каде гори за да мора да се менува Уставот „преку ноќ“?

Новите измени сега ги отворија старите прашања – зошто со толкава леснотија се пристапува кон измена на највисокиот правен акт во државата, особено во услови кога опозицијата го бојкотира Парламентот. Што е тоа толку итно што налага Уставот да се менува во овие моменти, додека законите и онака се менуваат секој ден и се носат по брза постапка. На јавната дебата за овие уставни измени експертите го потенцираа токму тајмингот како најспорен елемент:
„ Според мене, најдискутабилен е моментот кога се предложија овие измени. Имаме парламент кој дејствува без опозиција, тој правно може да ги донесе одлуките, меѓутоа легитимно секогаш ќе биде оспорувано, дотолку повеќе што се работи за Устав“ вели професорот Осман Кадриу.
На неговата теза се спротивставува професорката Тања Каракамишева, која смета дека нема потреба од консензус дури и кога се работи за уставни измени:
„Дали граѓански или општествен консензус се можеби неколку луѓе кои се платени во име на некои странски интереси, значи таа опасна работа којашто сака да се протне е замена на прашањето на општествен консензус со граѓански консензус. Опозицијата прави опасен политички спин и нивните реакции не се во функција на подобрување на уставната рамка, туку за дестабилизација на политичко правниот систем“ вели таа

Измените откриваат дека самиот Устав не е соодветен на реалноста

Но, не е само тајмингот спорен. Поранешниот спикер и универзитетски професор Саво Климовски отвора една многу силна тема. Тој вели дека измените и овие и претходните се само крпеници на Уставот и дека треба да се размисли за неговата основа. Дали можеби е време тој да се ревидира? Колку е функционален? Дали одговара на економскиот модел којшто ние како држава сме го поставиле? Сите овие прашања ги отвора тој и коментира дека односот на властите кон Уставот е девалвирачки, оти го сведуваат на ниво на обичен закон:

“Измените се како да правите фејс-лифтинг на старец. Тука се побитни други прашања, а пред се функционалноста на тој документ. Видете во што се претвори Рамковниот договор! Цело време му го толкуваме духот! Која држава толкува дух на Устав? И која гатачка како ќе си дојде на власт, така си го толкува. Нас ни треба еден сериозен документ, којшто ќе биде јасен, прецизен и ќе одговара на реалноста. Што сакаме ние? Пазарна економија? Ако е така, да видиме дали овој Устав баш тоа може да го пружи… Или ќе градиме мултиетничко општество или граѓанска држава. На нашите лидери устите им се полни со мултиетничноста, а не сфаќаат дека неолиберализмот кој од друга страна го пропагираат го става граѓанинот на пиедестал. Граѓанинот ослободен од секаква етничка, религиска и идеолошка припадност. Оваа држава има голем проблем со ваквата конфузност“ вели тој.
Климовски за крај наметнува и една друга тема, а тоа е колку властите ова свесно го прават со цел полесно да манипулираат со етничките групи. Тој вели дека де факто, владата дејствува двојно, ДУИ на една, ВМРО – ДПМНЕ на друга страна.
„ДУИ не го признаваат Иванов. Прашање на време е кога нема да го признаат ниту премиерот. Тие не ги признаваат институциите. Оваа тема ја ставаме под тепих, а ова е суштина. Уставот мора од тука да тргне“.

Сите измени на Уставот

• 1991 – изгласан
• 1992 – два амандмани дека Македонија нема територијални претензии кон други земји
• 1998 – притворот од 90 дена се зголеми на шест месеци
• 2001 – измена на 15 члена по донесувањето на рамковниот договор
• 2004 – легализација на прислушувањето
• 2005 – реформи во правосудството
• 2009 – намалување на цензусот за избор на претседател од 50 на 40 отсто
• 2011-та – измени на составот на Судскиот совет

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×