Connect with us

интервју

In Memoriam: Интервју со проф. д-р Методи Чепреганов – Примитивноста, инаетот и суетата се главни кочничари на прогресот во една држава

објавено

на

Со длабоко жалење во Капитал ја примивме веста за смртта на почитувнаиот професор д-р Методи Чепреганов, еден од најголемите интелектуалци што Македонија ги дала, невропсихијатар и невролог, човек којшто остави скапоцен придонес за македонската и светска наука. Чепреганов беше и голем пријател на магазинот и во негова чест, го реобјавуваме интервјуто што го направивме пред 3 години, каде што хируршки прецизно ја дијагностицира менталната состојба на нашата нација и од што е всушност болно македонското општество. Во овие тешки моменти на колективна психоза и поларизираност во државата, да внимаваме на неговите зборови. Слава му.

Автор на интервјуто
Билјана Здравковска – Стојчевска

Живеејќи во време на несигурност, во кое секојдневието ни е исполето со стрес, агресија, насилство, арогантност и примитивност, партизираност во сите области и огромна поделеност помеѓу народот, сведоци сме на распаѓање на социјалните, моралните, етичките и духовните норми и вредности, но и на многу психосоматски болести. Се поголем е бројот на лица кои во неможност да се соочат со реалноста заболуваат од разни психосоматски болести и спасот го бараат во антидепресивите и лекови за смирување.
Од почитуваниот професор и доктор Методи Чепреганов побаравме објаснување за тоа од што боледува македонското општество и како невронауката ги објаснува причините за се поизразената агресија и деструктивност.

Одговорот на прашањето од што болува македонското општество е   повеќе од комплексен и мултифакторијален, вели доктор Чепреганов, и потребна е постапност во елаборацијата на фундаментот на болувањето на едно општество, а тоа е матурацијата на една личност, зрелоста на нејзиниот психопрофил, зрелоста на психопрофилот на нацијата и колку успеала и успева таа личност (народот) да ја контролира и да управува со моќта на сопствениот деструктивен нагон, поточно колку една личност има високи норми на воспитание, со какво богатство и резервоар на знаења располага и како и на кој начин во нејзиниот психопрофил се инкорпорирани социјалните, моралните, етичките и духовните норми и она што е најбитно, кое е нивото на нејзината емоционална интелигенција.
 
“И прашањето и одговорот се исконски, цивилизациски, вековни, биле  актуелни, се актуелни и ќе бидат актуелни. Рецепцијата на инкорпорацијата на споменатите норми на матурација на психопрофилот на една личност и на еден народ или популациона група е процес, кој траел, трае и ќе трае, а во тоа зреење основниот фундамент го чини воспитанието, образованието со инкорпорација на енормен број на психолошки параметри, државата и нејзината социо-економска и  политичка состојба, начинот на живеење, исхрана, климатски услови и  тн.

Агресијата, ароганцијата, суетата, инаетот, примитивниот и прост мисловен  дуктус и бројни други карактерни настраности во психоархитектурата на една личност се само секојдневна клиничка манифестација во неговата екологија на духот, поточно во интерперсоналните односи во средината во која таа личност живее, твори и работи, колку е таа матурирана, или инматурирана, за да има знаење, зрелост и капацитет да разговара, да почитува, да размислува, да биде флексибилна, да биде толерантна, секогаш со желба за позитивен и разумен исход на интерконтактот, бидејќи големите мислители, вајарите на цивилизацискиот ментум порачале: не можеме да бидеме вечни, но секој друг договор и взаемно почитување е можно ако се има разбирање и желба за договор.
А еден голем кинески мислител многу одамна, во овој контекст порачал “во животот никогаш да немате за пријател, личност со хипертрофирано его, тој е полн со суета, инает и тврдоглавост, никогаш со него не можете да се разберете и договорите, бидејќи само тој знае и за се тој е најпаметен“.
Вистина која вреди да се знае и почитува во животот, потенцира Чепреганов.
Ако внимателно се прочитаат одговорите на почитуваниот професор Чепреганов, може да се најдат објаснувања за сето она кое ни се случува, за одговорноста на граѓаните, за масовната хистерија и упадот во Собранието, за емоциите и контролата над нив, за потребата од мониторинг и совети од страна, за политичката незрелост и партиската  заробеност на граѓаните и државата.

Одговорите за проблемите никако не треба да ги бараме во партиската припадност и заробеност, туку во умот и матурацијата на психопрофилот на една личност, потенцира Чепреганов.

Но, за жал, вели тој, кај нас во партија се влегува само за личен интерес и тоа е основната наша трагедија, која за фундамент ја има партиската подобност, а не интелектуалната способност на еден индивидум. “Младите генерации мора и треба да се ослободат од овој општествен феномен, ако сакаат иднина на својата земја”, порачува Чепреганов.

-Агресијата се чини е се поприсутна во секојдневниот  живот  на обичниот  човек? Кои се според Вас причините за тоа?

Во секојдневната употреба, агресијата означува штетни дела   на уништување или  оштетување  на се што не опкружува неживо  и живо под дејство на деструктивни пулзии и  импулси кои  го нагонат индивидумот на штетно делување. Со  едно  многу  симплифицирано   прашање, имено, дали ирационалноста на сите недела што ги носи со себе агресијата  и  ароганцијата, ја чинат вродени деструктивни пулзии својствени само и единствено на човекот ?.
Денес,  невронауката вели  дека во поимот агресија се кријат две дијаметрално спротивни толкувања,  и во овој  контекст самиот  збор треба да го сфатиме како “мост кој ја  соединува биолошката адаптивна агресија (или уште нарекувана  бенигна агресија), која нема зло во себе и  човечката деструктивна агресија која е уништувачка и злобна (нарекувана малигна агресија) “.
Бенигната агресија е дефанзивна уште поточно реактивна агресија, додека малигната е офанзивна, деструктивна и свирепа, во  која се инкорпорирани, за жал, специјалните човечки склоности за уништување и желба за апсолутно владеење и моќ. Оваа  агресија  ја    манифестираат во своето однесување и интерконтакти карактерно  променети психопрофили,  со его на инает и суета, со вокабулар на  омраза, злоба, завист, љубомора и параноја.

-Може ли да го објасните психо-социјалниот аспект на анатомијата на човечката деструктивност и агресија?

Денес, во векот на максималните технички и други достигнувања, за жал сведоци сме на невиден пораст на насилието и деструктивноста, како во  национални, така и во светски размери. Вистина која не опкружува, со која стануваме и го поминуваме секојдневието, хроничен и пролонгиран стресоген фактор за секоја жива индивидуа на мајката планета Земја.
Овој фактор кој ги “раѓа” сите психосоматски страданија на милиони луѓе во светот, секако дека бара истражувања и теоретски испитувања за евентуалната масовна превенција, како би животот бил похармоничен,  со благосостојба за поквалитетно живеење .

Во оваа смисла, проблемот на агресијата бил, е и останува  актуелен. Напишани се бројни монографии и писанија, на сите континенти со една единствена цел за етологијата (грчки  етхос, однесување, норма), односно за науката на однесувањето, за карактерот, за социјалните, моралните и етичките норми, религијата и за сите други, навистина мултифакториелни параметри  и канони  и догми, се со цел да се дојде до “некое похармонично  друштво, однесување со почит и доверба, со поголема толеранција и флексибилност во  интерперсоналните односи”.

Во сите тие дела постои една и единствена теза и толкување: агресивното однесување на човекот, кое се манифестира во починетите злочини, во меѓучовечките секојдневни односи и расправии, како и во сите други човечки дејанија во кои се присутни деструктивни и садистички однесувања, сите тие произлегуваат од еден филогенетски програмиран и вроден инстинкт кој бара растеретување и го чека поволниот момент за да дојде до израз, под услов ако личноста не  е матурирана и има карактеропатски особини, без капацитет за  соответна контрола.

Групната нарцисоидност се создава многу лесно и “многу евтино”, практично во сите општества. Треба да се најде или “роди” идеолог кој ќе ги формулира паролите што ја раѓаат групната, поточно општествената нарцисоидност. Најчест мотив е националната самобитност, нацијата и нејзиното постоење како идол и светост. “Никој не смее да не го прифати овој мотив, затоа што веднаш станува издајник и предавник на народот”, вели идеологот и додава “решението е негова ликвидација”.

-Кои се актуелните теории за агресивноста ?

Толкувањата се навистина комплексни и во нив имплицират повеќе теории, секоја со свое толкување и гледиште .

Најстарата теорија на Лоренз е наречена неоинстинктивизам, која не убедува во фактот “дека насилството произлегува од нашата животинска потреба, од нашиот  несовладлив нагон за агресивност, така што” би требало да го прифатиме законот на еволуцијата со кој се објаснува моќта на тој деструктивен нагон“. Сепак, оваа теорија има големи  прашалници.
Спротивна на оваа теорија е бихевиористичкото  учење, кое не го интересират субјективните фактори кои го терат индивидумот  на едно одредено однесување  и чувствување, туку битноста е во тоа “како се однесува поединецот и кој се и какви се друштвените и социјалните услови кои го обликуват таквото однесување”.

Чекор понапред е необихевиористичкото учење на Скиннер, како   најприфатена психолошка теорија во САД, според која “човекот е социјално битие, неговиот модел на однесување зависи од миљето во  кое се раѓа, развива, учи, работи, постои. Луѓето се  крајно рационално ориентирани, имаат малку чувства и чувствата не се тие кој ги раководат, тие се до максимум контролирани .
Со цел да се изнајде некоја корелативност и  вклопување на претходните теории, во “игра” е и теорија, наречена енвиронменталистичка, која всушност прави поврзаност помеѓу “човековата биолошка детерминација и неговата егзистенцијална ситуација, условена од условите и потребите на миљето во кое индивидумот се раѓа, расте, се едуцира, постои и твори.

-Што се подразбира под бенигна, а што под малигна агресија?

Токму во овој контекст, веќе  споменавме, кај човекот разликуваме два наполно различни видови на агресивитет.

Првата е дефанзивната или бенигната агресија, потребна за опстанок на единката и врстата, агресија која човекот ја дели со животните, уште наречена филогенетски програмиран импулс за напад или бегство, одбрана, во моментите кога се загрозени виталните интереси на животното, односно човекот. Таа е биолошки прилагодлива и ја снемува во моментот, кога ја снемува и нејзината причина, поради која била активирана. Оваа агресија е дел од човечката природа.
Втората е малигната или деструктивната, или свирепата агресија, која е специфична исклучиво за човекот, која не е филогенетски програмирана и не е биолошки прилагодлива. Таа е ирационална, задоволството е во профитот, таа е биолошки штетна, нејзината главна манифестација е  свирепост и бенефит, и што е “најстрашно”, како вели еден  познат американски психолог, “степенот на деструктивност  место да се намалува со матурацијата на цивилизацискиот ментум, тој расте, во корелација со се поголемиот  развиток и напредок на цивилизацијата”. Апсурд кој  ја застрашува и прави ирационална иднината на светот! Малигната агресија, не е инстинкт, но таа претставува вкоренет човечки потенцијал во услови  на човечката егзистенција .

Во контекст на малигната агресија, поточно, за да палетата на теоретските размислувања за анатомијата на човечката деструктивност  биде комплетна, ќе го споменеме и Фројдовото учење, кој како прв модерен психолог ги проучувал човечките страсти, љубовта, омразата, амбициите, љубомората, злобата, зависта, сметајќи дека “овие страсти се сублимација, односно реакциски формации против разните манифестации на нарцисоидниот, оралниот, аналниот и гениталниот  либидо“ .

Денеска, толкувањата за човечките страсти се многу  поинакви. Имено, се мисли дека сите” страсти и добри и лоши се обид на човекот да најде некаков смисол во животот“. Тие не се “банален психолошки  комплекс за кој објаснување треба да бараме во траумите од детството”, никако, тие “се обид на човекот да ја сфати смислата на животот, за себе и према себе лично, да доживее највисок степен на интензивност и моќ и снага и да го доживее тоа во одредени услови на неговиот  живот. Таа негова желба е негова религија, негов ритуал и култ кон возвишеното  и прави  дури и недозволени напори да ја оствари својата страст, која    живее во неговиот карактер.
Во овој контекст, една поголема група на психолози, особено во САД, многу се залага за т.н. теорија на фрустрациона агресија, која се заснова на фактот дека ”појавата на агресивното однесување секогаш претпоставува постоење на фрустрација и обратно, постоењето на фрустрација секогаш води кон некој тип на агресија“.

При ова, најважниот фактор во одредувањето  на појавата на фрустрацијата и  нејзиниот  интензитет зависат од карактерот на индивидумот, поточно од хармоничниот или дисхармоничниот  конгломерат на неговите карактерни особини, патопластицирани во текот на неговиот живот, понатаму, од неговата едукација и инкорпорација на социјални, морални, духовни и етички особини на личноста.

Накрај, не би смеело да се заборави вистината (или апсурдот според некои психолози) на нашето “политички подобно секојдневие, дека сите наброени теории во себе имат имплицирано и политички  и општествено социјални елементи, креирани, помалку или повеќе, во зависност од времето кога, како и на кој начин “требало да бидат толкувани и претставени пред народот”.

Малку апсурдно, но сепак присутно и секојдневно, бидејќи секоја теорија на некој начин носи со себе и “печат на своето време кога е креирана”.
Во актуелниот момент, тоа е фундаментот, на невронауката и еминентните психолози во светот за теорискиот концепт на анатомијата на човечката деструктивност.

-Што всушност претставува војната, како желба за моќ и владеење со  другите?

Моќта за владеење со другите е нов квалитет во агресијата. Развитокот  на производните, економските, општествените, религиозните и социјалните норми на едно општество со тек на времето довеле до појава на една нова институција, наречена освојување, владеење, моќ и  потчинетост над другиот, како оружје, средство и начин, со цел за власт, слава, профит и владеење, со што се зголемува човечката деструктивност и свирепост.
Порано, примитивната популација со примитивна култура, со низок ментален коефициент и низок или никаков степен на едукација, носела со себе и атрибут на крајна интолерантност, поточно, непостоење на праг на толеранција со афективни неконтролирани реакции со голема свирепост, деструктивност и убиства, факт кој и денеска е се уште присутен во одредени локалитети и популации .

Меѓутоа, современите мислители, а особено психолозите се исправени пред еден апсурд кој веќе го споменавме и пак ќе си дозволиме да го  повториме, со оглед на неговата актуелност. Имено, “степенот на деструктивност, место да се намалува со матурацијата на цивилизацискиот ментум, тој расте, во корелација со се поголемиот развиток и напредок на цивилизацијата” . Апсурд кој  ја застрашува и прави ирационална иднината на светот!.

Освојувањето, преку наметната војна, бидејќи војната е секогаш сценарио од некоја моќ, кон некого, за кого е “одлучено” да биде покорен, со палета од најразлични профити и цели, ги загрозува човековите витални интереси загрозувајќи  ја неговата лична и општествена слобода.
Желбата за слобода е биолошка реакција на човечкиот организам и во неа се длабоко инкорпорирани културата и едукацијата на секоја индивидуа .
Историјата на цивилизациите, во суштина, секогаш била борба за слобода и слободен опстанок, бидејќи отсекогаш слободата била услов за успешен развој на една личност, за негово добро ментално здравје и благосостојба. Симболички кажано, слободата е олицетворение на виталниот биолошки интерес на човекот. Нејзиното  загрозување предизвикува дефанзивна, одбранбена агресија кај индивидумот, исто како и кога се загрозени неговите витални интереси и функции.
Токму поради овој природен феномен, кога огромни маси во неразвиените и сиромашните земји се лишени од слобода, во симболична смисла, поради немаштијата, светот не треба да биде изненаден од фактот што насилството и агресијата се постојано присутни, и тоа се повеќе и повеќе.

”Ќе дојде време кога моќта и злото ќе бидат обожавани, кога почитувањето према доброто ќе исчезне и никој нема да се противи против неделата“
Аксиом од грчката митологија

-Има ли корелација помеѓу агресијата и нарцисоидноста?

Уште еден и тоа многу битен и важен фактор, кој се јавува како извор на агресија е повредата на нарцисоидноста.
Нарцисоидноста ја опишуваме како состојба на искуство во која една личност, единствено “она” што е во врска со неа самата, со нејзините потреби, нејзиното тело, со нејзините мисли и чувства, со сето тоа што и  припаѓа на неа, само овие свои и сопствени искуства ги доживува како “наполно вистински”, додека се друго што не е нејзино и не е дел од неа  и од нејзините потреби, тоа не е нејзино, тоа не е вистинско и тоа останува без било каква афективна тежина во нејзините интимни доживувања. Се што и припаѓа на таа личност има значење, додека другите се без било какво значење, беспредметни и неважни, поточно речено, на таквата личност и недостасува способност за објективност и реалност. Во сите случаи кога “нејзината нарцисоидност” е загрозена и тоа “витално загрозена” таа реагира со интензивно лутење или бес и уште повеќе, нарцисоидната личност никогаш не ја заборава навредата и има голема желба за освета .
Многу личности не се свесни за својата нарцисоидност. Ова важи особено за некој високи  личности, политички лидери, актери, медиумски личности, така што некој психолози зборуват и за нарцисоидноста како “професионално заболување”. Нарцисоидниот вожд  не ја употребува својата харизма само како средство за политички успех, туку нешто  многу повеќе, нему му е потребен успех и аплауз заради својата сопствена ментална рамнотежа. Идејата за сопствената непогрешивост  и величина се заснова на неговата болна нарцисоидна грандиозност, а не на вистинските негови вредности и достигнувања. Борејќи се за своите цели, нарцисоидната личност се бори за хармонијата на своето здравје, бидејќи тој не може да делува без својата замислена и болна нарцисоидна големина. Особините на самодоверба, љубов, висока свест со високи морални и етички доблести и верба во сето тоа, практички ги нема, за нив таа личност е сиромашна. Таквата личност живее за  конфликти и се храни со конфликти, едноставно таа ги раѓа конфликтните ситуации, ги креира и ги измислува.
Најдобриот пример во цивилизацискиот ментум за нарцисоиден диктатор, опишан од бројни автори е Хитлер. За жал постоеле, а   постојат и многу други.

-Дали постои групна нарцисоидност?

Сепак, во секојдневниот живот многу поголема опасност носи групната нарцисоидност, која создава еден многу опасен феномен на солидарност и кохезија на една одредена група или популација.
На ваков начин “созреаната група” е многу лесна за манипулација и злоупотреба. Поединецот станува “голем и силен”, а групацијата непобедива, ништо не може да ја сопре, особено кога ќе се појави и градацијата фанатичност и фанатизам, како еден од најкарактеристичните квалитети на групната нарцисоидност. Таа се создава многу лесно и “многу евтино”, практично во сите општества . Треба да се најде или “роди” идеолог кој ќе ги формулира паролите што ја раѓаат групната, поточно општествената нарцисоидност. Најчест мотив е националната самобитност, нацијата и нејзиното постоење како  идол и светост. “Никој не смее да не го прифати овој мотив, затоа што што веднаш станува издајник и предавник на народот”, вели идеологот и додава “решението е негова ликвидација”.
И токму во оваа параноидност, сите психолози ја гледат ирационалноста, апсурдот и злото на војните и на секојдневните политички партиски конфликти, кои биле и ќе бидат секогаш само за моќ,   власт и пари.

За жал, сите знаеле и знаат дека апсурдот ќе ги уништи и едните и другите, но сепак тргнуваат по патот на ирационалноста (!!!). Разумот едноставно исчезнува.
Идејата“зрее” од ден на ден и конечно постигнува една усвитеност на масовна хистерија, која повеќе не може да се контролира, бидејќи општествената свест е веќе значително редуцирана, да не кажеме изгубена, логиката и реалноста повеќе не постојат, и масата може да се манипулира до максимум. Таа е спремна да убива, да линчува, да пустоши, во името на “барањето на правата и идеалите поставени од вождот”. Нема сила што може да ја контролира усвитената масовна хистерија, кај која нема логично размислување, свеста е до максимум стеснета, а со тоа и манипулацијата е максимално можна.
Има безброј примери во светската историја кои на дело ги покажуваат “дејанијата“ на усвитената масовна хистерија .

Конечно, во вака “созреани услови“ се раѓа таканаречената инструментална агресија, што обичниот човек ја нарекува многу едноставно, војна или конфликт, а модерниот психолог “моќ на човековиот деструктивен нагон”.

Секако во зреењето на овие услови имплицираат и други бројни фактори од економски, политички, воено стратешки и социјален карактер, како и амбициите и карактерните особини на вождовите, кои никогаш не треба да бидат заборавени и потценети. Проблемот е комплексен, крајно сериозен за иднината на светот, но изгледа нерешлив, затоа што (за жал) низ историјата досега ирационалноста на апсурдот наречен конфликт секогаш постоел, постои и ќе постои.

-Kаде е решението? Дали е можна рамнотежа или решение на вечната енигма?

Секоја нова состојба на нерамнотежа го присилува човекот да трага за некоја нова и по можност подобра рамнотежа. Хипотезата е секогаш иста и останува иста, како да се дефинира постоењето, односно природата на човекот?

Секој поединец има потреба од задоволување на своите егзистенцијални потреби, кои се манифестират во човековите страсти, како некои психолози милуваат да ги именуваат карактерните особини: љубов, независност, вистина, омраза, нежност, желба за правда, садизам, мазохизам, нарцисоидност, деструктивност, параноја.

Тоа би биле всушност човековите страсти кои се интегрирани во човековиот карактер, кој претставува “еден релативно постојан систем  на сите неинстиктивни тежненија со помош на кои човекот се однесува кон човечкиот и природниот свет”. Всушност, карактерот ја претставува втората човекова природа .

Разликите во карактерот потекнуваат од генетската диспозиција, но и од  разликите во општествените состојби, поточно од миљето во кое се раѓа, едуцира и твори една индивидуа.

Можен ли е некаков клуч на разум за подобра хармонија и квалитетен живот? Веројатно нема одговор, дури и големите мислитети останувале неми пред оваа животна енигма .

Човекот отсекогаш во своето постоење имал свои култови и ритуали, задоволувајќи ги своите интереси преку материјалните добра. Овој, да го наречеме “примитивен човеков дух на постоење” се создавал низ илјадалетија. Иако примитивен и создаван на фонот на примитивни религии и ритуали и денеска немаме “вистински клуч” да го отвориме и одгонетнеме. Би требало да се сложиме со фактот дека примарното човечко искуство е само по себе вкоренето во нашето постоење, тоа е длабоко закопано во нашите архетипови, во нашето несвесно и ја  претставува сржта на искуствата кај сите луѓе и култури.

Логично е во овој контекст да се постави и наметне едно отворено и исконско прашање: дали е ”можно ова примарно  искуство да го  трансцедираме во еден нов дух, да го наречеме дух на изворен  човек”?  На поединецот му е потребна  патоказна карта за неговиот природен и  општествен свет, без која би бил неспособен да делува и твори.
Но, се чини, дека таа патоказна карта не бил бил доволен водач за акција ако ја нема и целта, каде и кон што треба тој да оди .

Животните го немат тој проблем, бидејќи инстинктите им се и карта и цел.
Човекот има мозок кој му овозможува во кој правец да оди, каде и кон  што да се стреми. Потребен му е пат што ќе го восхитува, одржува постојано, тој навистина, нема потреба од некоја прокламирана транзиторна вредност, таа е минлива, листопадна, туку обратно, нему  му е потребна вистинска вредност, вредност што восхитува и е постојана.

Тој пат на восхит и почит треба да ја обединува неговата енергија, да го издигнува над неговата сопствена егзистенција и да му дава значење на неговиот  живот.
За огромен број од светската популација човековата трансцеденција е религијата, нејзините догми и канони, кои имаат една и единствена порака и цел за мир, почит, доверба, слога, љубов и благосостојба на земјата. Ова отвара нови погледи и нови размислувања, кои во моментот излегуват од рамките на нашата основна цел и тема.
За други индивидуи тие патишта се атеистични и многу поинакви.
Ако би се обиделе да заклучиме, мораме да признаеме дека дефинитивен заклучок немало и веројатно нема да има, вртелешката на животот се вртела, се врти и продолжува да се врти и понатаму.
Сепак, бројни мислители и писанија го потврдуваат фактот дека сите конфликтуозни проблеми во историјата ги правеле и ги направиле вождови со сомнителни и посебно структурирани карактерни и интелектуални особини.

Обратно, фундаментите на цивилизацискиот ментум, ако сакате нашето  колективно јас и нашите архетипови, ги правеле и граделе филозофи и  мислители, кои не освојувале, не потчинувале, не се богателе, нивното богатство бил умот, кој го фундаментирале да царува, царувал и ќе царува.
Иднината е во умот, знаењето, договорањето и екологијата на духот, никако во инаетот, суетата и деструкцијата. Емоционалната интелигенција и матурацијата на еден индивидум кој работи, твори и  креира, биле основната цел и стремеж и ќе бидат за сите идни цивилизации.
Малоумноста, интензивните психоемотивни напливи, поточно афектот, инаетот, суетата, примитивизмот и параноидниот начин на размислување, биле, се и ќе бидат главниот кочничар и уназадувач на  една популација и држава. Бидејќи, невронауката покажа и докажа, дека така обоената и заробена екологија на духот во интерперсоналните односи во никој случај не води кон прогрес, туку обратно, кон регрес и заробеност во своите карактерни особини и страсти за моќ и личен бенефит. За жал, примери во нашето секојдневие има многу.

За македонскиот синдром

-Често зборуваме и се прашуваме дали постои македонски синдром? Како гледате Вие на ова?

Геостратешката положба на нашата земја е на ветрометина низ која поминале повеќе цивилизации ( византиска, римска, словенска, отоманска), сите тие оставиле енграми во колективниот ментум и архетиповите на македонскиот човек, владетелот со ригидно супер его и  силна контрола, а егото на народот тивок, рудиментиран и притаен. Нашата потсвест е преполнета од психоемотивни напливи со негативна конотација.

Откако останавме сами, сите негативни психоемотивни записи потиснати  во потсвеста, излегоа во свесниост дел од личноста, нема супер его, го бараме, сите негативни пулзии го преплавија свесниот дел од личноста, нема контрола, секој знае, секој може, секој е поспособен од другите, сите сакат да бидат историски личности, знаменити, а ни фали   воспитание, ни фали добра едукација, ни фалат морални, етички, социјални и духовни норми, чест на исклучоци, но огромниот дел од  народот овие норми ги нема инкорпорирано, оти тоа е процес кој бара време и осмислено образование, со кадри, со стручна спремност и трае многу долго.

Сепак, за колективното Јас сите цивилизации кои поминале низ нашите огништа оставиле и едно огромно богатство на полето на уметноста и  креативноста, поезијата, сликарството, музиката, овој богат цивилизациски  арсенал, полека ама сигурно со секој ден се открива и покажува пред светот.

Но, за жал, во овој несреден хаос, постои и еден парадокс, самите почнуваме да се самоуништуваме, секој сака да владее и да има, никој  никого не почитува, времето не гази, немаме норми за почит, за разговор, за идеи, за договор, за иднина, тапкаме во место и се уништуваме, и секогаш бараме некој друг да ни го реши проблемот.
Не можеме да сфатиме дека клучот е во нас, актерите на нашиот живот и нашата иднина сме ние самите. Чудно, несфатливо и многу енигматично, забораваме дека умот царува, а не агресијата и моќта! Иднината е во наши раце. Можеби младите генерации со време ќе  созреаат и ќе го одгонетнат овој парадокс. Можеби?

Масмедиумите се енормен стресоген фактор

Прво и основно, енормен секојдневен стресоген фактор кај нас се   масмедиумите со темпираните  лажни информации  и манипулации, како и арената на партиските надмудрувања и ветувања, отворени емисии и анализи, со една и единствена цел борба за власт и моќ.
Како обичен граѓанин, кој 60 години се бави со науката за мозокот и  психата, многу сум  загрижен за мојата мала држава, за моето општество, кое е длабоко поделено и раслоено, и да бидам искрен многу се плашам поради непремостливиот јаз меѓу партиите да не дојде до нестанување на нацијата. Самите себе се јадеме и ќе се изедеме, а за прогрес се потребни двајца, кои се разбираат, договараат и гледат со отворени очи кон иднината.
Немаме демократски систем, живееме во хаос со многу ниски и нечесни пресметки, заблуди, дејанија, манипулации и лаги на политичките  неистомисленици, исклучиво во борбата за гола власт. Трагедија, и повеќе од трагедија
За жал, насилството и карактерните промени на носителите на политичкиот факел, се фундаментот на кој почива нашето општество, немаме смисла и знаење за демократско однесување, не знаеме и никако и никогаш не можеме да се договориме, да седнеме да направиме компромис, креираме крвнички расправии, полни со одмазда, злоба,завист, параноја. Реков исплашен сум да не ја изгубиме и државата и нацијата во политичката стрвост и глад за власт.

Во цивилизацискиот ментум е напишано со златни букви дека умот царува, а не моќта и силата, може ли да се вразумиме, да си подадеме рака и да се погледнеме во очи, ние сме тие истите, и денес и утре, и вчера бевме истите и пак сме истите и секогаш ќе бидеме истите.
Оваа егзогена секојдневна психотраума го храни нашето општество повеќе од 27 години со социјална и егзистенцијална несигурност, со анксиозност, со депресија, со партиска обоеност, со краен лошотилак, кој го закрвува и раслојува ткивото на народот.
Ова немирно море, од психотерен кој е многу кревок со манипулативните    информации делува крајно морбидно, активирајќи механизам на реактивна пролонгирана – стресогено условена психичка состојба, која, за жал, секогаш завршува со некое психосоматско заболување.
Каков ќе биде одговорот на оваа стресогена состојба која трае предолго зависи од психичката хармонија на личноста и констелацијата на психичките функции кој ги чинат карактерните особини на една личност, така што реагирањето може да биде брзо, поспоро, многу интензивно и помалку интензивно. Но, треба добро да  запаметиме и да знаеме дека хроницитетот во одговорот на пролонгираната стресогена состојба секогаш има трајни реперкусии по нашето здравје на психосоматски план.
Во секојдневниот живот кај секого од нас, оваа хронична стресогена  реакција има влијание во личната, во семејната и во работната атмосфера и средина и делува на личноста, на неговата креативност, работоспособност, конечно тоа има влијание врз целото друштво, па ако сакате и државата.
Значи масмедиите на некој начин го држат во тонус народот, го прават  анксиозен, депресивен, мрзоволен, без животна радост и енергија.
Многу е битно, како и на кој начин ќе му биде пренесена една информација, со каков емоционален трансфер ќе биде трансферирана кон обичниот човек, примитивно и агресивно, или, на начин адекватен и  со вокабулар на емпатија. Тоа зависи од умешноста и професионалноста на новинарот.
Невронауката, особено ја има елаборирано опасноста од масовна хистерија, кога афектот е во кулминација, свеста редуцирана, логичното размислување го нема, масата руши, убива, уништува се пред себе, без да може да го сфати тоа, едноставно лидерот, со хипертрофирано его управува со масата како сака и прави што сака, тој е секогаш во право,  бидејќи во интерконтактот доминира неговата суета, инает и страст за моќ и власт.

-Има  ли превенција ? 

Невронауката  вели,  да, има,  можеби  само  теориска, но има. Потребни се осмисленост и процес со многу работа на едукацијата и матурацијата на психопрофилот на секоја личност и психопрофилот на нацијата и народот, со зреење и законитост на сите други општествени, едукативни, воспитни, здравствени и социјални атрибути во фундаментот на државата. Долг процес, кој бара многу зрелост, смислена проекција на иднината и се разбира многу работа.

Стресот создава бројни психосоматски заболувања



Стресот е посебен проблем, посебно пролонгираната стресна состојба која прави револуција во нашиот организам на три системи, на хормоналниот, на неуромедијаторите и неуромодулаторите и за жал крајниот исход се бројни психосоматски заболувања.
“Ова ни се случува скоро 30 години. Несигурност, манипулации, лаги, непотизам, партизираност, со енормна ерозија на интелектуалната вредност и обезвреднување, кое го раскинува ткивото на обичниот граѓанин. Наводно,  се се прави за народот, голема лага и манипулација,  бидејќи реалноста е борба за власт, моќ и бенефит”, вели Чепреганов.

економија6 часа ago

мајВорлд Интернешнл (myWorld) го назначи Радован Витошевиќ за главен извршен директор на компанијата

банки24 часа ago

Ти само орочи, заштедата сама ќе дојде! – ПроКредит со нова понуда за штедење

македонија3 дена ago

Брако ги помогна проектите на Општина Велес со еден милион денари

банки4 дена ago

Стопанска банка а.д. Битола прослави 75 години работа

банки4 дена ago

ПроКредит Банка прослави 20 години постоење на македонскиот пазар

интервју4 дена ago

Петар Ниновски: Бреинстер се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години

економија6 дена ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

start up2 недели ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор

технологии / компании2 недели ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

регион2 недели ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас