InPlayer: Добра работна средина, модерни технологии и баланс меѓу работата и приватноста – ова се трите клучни фактори за нашиот успех
Објавено на од во Start-up
Разговаравме со менаџментот на InPlayer, софтверска компанија што ви помага да заработите од вашите видео содржини
InPlayer-1
„Ние секогаш им веруваме на нашите вработени и нивната индивидуална и колективна одговорност да се грижат за нашиот продукт. Затоа се трудиме да направиме сe’ за да го елиминираме работниот стрес и нарушувањето на нивниот приватен живот. Секогаш пред секое вработување на луѓето им потенцираме дека ние не сме бирократски стегната компанија каде капитализмот е движечка сила и дефиниција на нашето секојдневие. Ние сме рационални луѓе на кои човечноста им е на прво место.“
На видеа отпаѓа преку половина од сиот интернет сообраќај денес. Секој ден се гледаат милијарди видео записи, а објавата на видео за компаниски бренд, бизнис или организација се смета за составен дел од секоја маркетинг стратегија. Ако веќе трошите пари, време и човечки ресурси за да направите висококвалитетна видео содржина, сигурно ќе сакате и да заработите од сето тоа. Е, во тоа ви помагаат компаниите како што е InPlayer : македонско – британски тим којшто пред околу две и пол години ѝ стана познат на домашната јавност како стартапот што добил најголема инвестиција од некоја венчр капитал организација. Се работеше за 560 илјади евра што регионалниот инвестициски фонд South Central Ventures (SCV) реши да ги вложи во идејата на InPlayer, компанија којашто постои од 2010 година. Во меѓувреме бизнисот на InPlayer порасна, вработија уште многу нови луѓе, така што сега од почетните 20-тина тимот е пораснат на речиси 150.
Разговаравме со тројца претставници на топ менаџментот на компанијата околу нивниот развој, корпоративната култура, како и за значењето на ИТ индустријата за домашната економија.
 
Ненад Чубриновски, COO (главен оперативен менаџер)
Со InPlayer се запознавме пред две и пол години, кога станавте актуелни со добивањето на инвестицијата од регионалниот инвестициски фонд SCV. Што се случи во меѓувреме, до каде стигна развојот на компанијата?
InPlayer е македонско-британска компанија која има своја платформа за монетизација и им овозможува на повеќе светски компании да заработуваат од монетизирање на нивните дигитални содржини. Основана во 2011 година најпрвин во Лондон, па набрзо и со канцеларии во Скопје со тим од 5 луѓе, кој многу брзо порасна на 15-тина (најмногу програмери) кои работеа и почнаа со градење на InPlayer продуктот, за сега да се речиси 150 луѓе.
Првиот продукт кој го работевме и сè уште го работиме, а кој сега е во далеку понапреден формат, е Paywall платформа. Продуктот е практично софтверско решение што им помага на нашите клиенти да ги монетизираат/продаваат своите премиум дигитални содржини. Со нашиот продукт на клиентите им овозможуваме да се фокусираат на она во што се најдобри – продуцирање на содржини кои ги нудат онлајн, а за останатото се грижиме ние.
Дополнително, нашиот систем нуди алатки со кои клиентите може да ги менаџираат своите содржини, цените, како и да добијат општ преглед и аналитика за нивната публика, статус на претплати и заработувачка.
Со тек на време успеавме да стигнеме до најголемите клиенти во нашата индустрија, иако мора да напомнам дека како компанија посветуваме исто време и професионалност на сите клиенти, без разлика на големината.
Што е додадената вредност на InPlayer за вработените?
Мој личен впечаток е дека од самото формирање го имаме вработениот и тимот во фокус, односно нивното задоволство и вклученост во секоја етапа од процесите. Од самиот старт работиме на компаниската култура и тоа ни е од огромно значење како за секој вработен така и за секој потенцијален вработен. Сметам дека истата ја имаме издигнато на доста високо ниво досега, почнувајќи од самото вклучување на секој вработен без разлика на позицијата во градењето на продуктот со свој личен придонес, достапноста на секој од нас од CEO-то па до целиот тим, како и разните поволности и европски, односно светски стандарди на работа, како флексибилното работно време, бенефити за вработениот, организацијата на спортски активности, разни тимски настани низ годината, па се до самиот амбиент за работа, сето ова придонесува вработените да се чувствуваат мотивирано и комфорно.
Со задоволство можам да констатирам дека самата компаниска култура и дека сe’ она што го работиме резултира со плод е фактот што почнавме со нешто под 20 вработени, а сега сме речиси 150.
Што значи за македонска компанија да има три c-level менаџери?
Генерално земено, во Македонија компаниите функционираат на база на outsourcing, и тоа е главното по што InPlayer се разликува. Целиот продукт и стратегија се одвиваат тука. Во Македонија работи развојниот тим, но и сите останати тимови кои ја сочинуваат структурата на компанијата, така што сите заедно со генералниот директор во Англија ја водиме цела компанија. Уште нешто што придонесува кон уникатноста е тоа што вработените имаат можност директно да учествуваат во обликувањето и развивањето на продуктот, а со тоа и подинамично да решаваат за стратешката насока на компанијата во светски рамки.
Би сакал да истакнам и дека сме горди што имаме продукт познат во светски рамки, кој стои рамо до рамо со продукти што се развиваат во Америка и низ Европа. Претставува особен предизвик да се развие и испорача висококвалитетен продукт и платформа која во ништо не заостанува во однос на светските производи.
Нашата платформа е развиена да опслужува клиенти од секакви размери и индустрии, било каде во светот. Горди сме што работиме со различни типови на компании од имиња како Sport1, кој е еден од најгледаните спортски канали во Германија, понатаму Deltatre и IMG, SportRadar, па сe’ до најразлични настани во живо кои ги монетизираме, а каде како нешто што последно го работевме би го спомнал Miss Universe настанот кои беше емитуван во живо на Интернет со наплата преку нашиот систем. Често сакаме да кажеме дека нема спортски настан во светот што има online stream, а не поминува низ нашата канцеларија во Скопје.
Тимот нова
Елена Драгановска, Chief Client Officer (главен менаџер за клиенти)
Што е најважно во еден тим за да одржи квалитетен производ/услуга?
Во фокусот треба да биде добриот тим и mindset за кориснички успех на ниво на цела компанија. За да се одржи еден производ или услуга на квалитетно ниво, од суштинско значење во последниве години е транзицијата од максимата „Клиентот е секогаш во право“, кон концептот наречен Customer Success, односно кориснички успех. А што всушност значи овој концепт? Во суштина, наместо да зборуваме за тоа дека клиентот е секогаш во право – концепт кој лесно може погрешно да се сфати дека на некој начин му се „попушта“ на клиентот, односно дека се „игра“ по негово, кај КУ (кориснички успех) се тргнува од тоа дека тимот максимално ги става во функција сиот свој капацитет и заедно со клиентот да стигне до резултат кој ќе ги задоволи двете страни. Тоа честопати значи дека тимот задолжен за корисничкиот успех не се раководи строго по желбите на клиентот, туку изнаоѓа и работи на решенија кои клиентот не ги гледа, не може да ги види, или неговата експертиза не ги препознава, а Customer Success тимот смета дека се потребни за постигнување на целите кои клиентот ги има утврдено.
Со ова, клиентот и тимот заеднички се движат кон целта, а тоа е успех и профит за двете страни. Во контекст на ова, би сакала да додадам дека овој концепт на големо го воведуваат сите големи компании (на минатогодишниот websummit во Лисабон сите големи компании зборуваа за важноста за секторот за управување со односи со клиенти и имплементирање на концептот на кориснички успех), а ние тоа го правиме од самиот почеток, пред 8 години кога впрочем почна да се имплементира еден спротивен тренд – кратење/елиминирање на тимот одговорен за управување со односи со клиенти, па дури и кратење на тимот за тестирање и воведување на директни канали на комуникација помеѓу клиентот и девелоперите.
Важно да изградите доверлив тим каде членовите имаат желба и потенцијал да се надградуваат со нови знаења. Тимот за „Кориснички успех“ подразбира сите клиенти да се целосно ангажирани и да ја добиваат вредноста која ја заслужуваат. Овој тим собира, анализира и користи податоци за да го подобри работењето на својот клиентот, работи на постојана оптимизација и подобрување на корисничкото искуство. Ова не значи само собирање на информации за понатамошна анализа од страна на висок менаџмент, туку учење на секој член во тимот да ја препознае и анализира ситуацијата, правилно да ја документира и ескалира. Ова значи постојан менаџмент на процесите (и на функционирање, и на ескалирање и на комуникација).
Што значи развојот на софтверски и ИТ компании за развојот на општеството и неговата економија?
Во кратки црти би рекла „Бизнис без граници“. Односно, огромни бизнис можности и партнерства. ИТ компаниите и нивниот развој помагаат во подигнување на стандардот на општеството. Со тоа се зголемува и поголема куповна моќ на населението. Кога населението има повеќе пари, локалните бизниси побрзо растат. Овие компании го забрзуваат и помагаат колективниот раст на општеството.
ИТ компаниите имаат голем удел во создавање на нов кадар и менување на ставот кон учењето и создавањето. Создаваат чувство на припадност во заедница и влијанието на индивидуалецот за целокупниот резултат, но и значењето на индивидуалната одговорност. ИТ компаниите треба правилно да имплементираат техники за постојан развој на индивидуата како дел од заедницата. Со тоа се гледа индивидуа која изнаоѓа решение за некаков проблем, а не индивидуа заглавена во ќорсокак која се жали за проблемот.
Но, развојот на ИТ компаниите е отежнат. Конкуренцијата на пазарот е сѐ поголема, а со тоа се намалува и можноста за иновативност. За една компанија во ИТ индустријата да се издвои и пробие на пазарот, мора да даде квалитетен производ или услуга, но и да изгради врска со своите корисници. Затоа повторно се враќаме на тоа дека вкупниот квалитет на производот е клучот во развојот на еден бизнис.
Тука би додала и дека погоре наведеното ќе се случи кога mindset-от на вработените ќе биде во насока на доживотно учење. Со други зборови, треба да се оформи критичко размислување во насока дека целата професионална патека е патека на учење и усовршување, а не познавање само на неколку техники и поседување одреден сет на вештини. Штом ова се случи на микро ниво, ќе има домино ефект, и таквиот начин на размислување ќе се рефлектира врз останатите слоеви во општеството.
 
Филип Димчевски, CTO (главен менаџер за технологија)
Како креиравте успешен тим во услови кога „се плаче“ по стручни и квалификувани кадри?
Нашата стратегија е тесно поврзана со вредностите кои се негуваат во компанијата и тимот за развој. За да се креира и одржи успешен тим секогаш целиме кон три главни вредности: работната атмосфера, прогресивната технологија и баланс на работата и животот на вработените. Атмосферата е секогаш позитивна и културата цврсто се темели на меѓусебна почит и разбирање. Програмерите имаат слобода да имплементираат технолошки експерименти и надградувања во проектите на кои работат и секогаш гледаме да работиме со прогресивни и модерни технологии на целата софтверска платформа.
Ние секогаш им веруваме на нашите вработени и нивната индивидуална и колективна одговорност да се грижат за нашиот продукт. Затоа се трудиме да направиме сe’ за да го елиминираме работниот стрес и нарушувањето на нивниот приватен живот. Секогаш пред секое вработување на луѓето им потенцирам дека ние не сме бирократски стегната компанија каде капитализмот е движечка сила и дефиниција на нашето секојдневие. Ние сме рационални луѓе на кои човечноста им е на прво место. Кога ќе го почувствуваат тоа самите вработени и безгрижно ќе доаѓаат на работа без страв од притисок поради капиталистички правила, ќе почнат да се однесуваат кон компанијата и продуктот со еднаква енергија, силен ентузијазам, морал и лојалност.
Дигиталниот пазар на труд во земјава сè уште е во сенка на конвенционалното поимање за работа. Колкава е моменталната конкуренција вовиртуелниот свет?
Конкуренцијата е голема во поглед на квантитет на фирми кои бараат талентиран кадар. Меѓутоа квалитетот е дискутабилен. Не сите компании нудат атрактивни и привлечни проекти. Преовладуваат компании кои што не работат на сопствен продукт, туку ги користат програмерите за различни проекти кои можат да ги најдат на пазарот. Соработка од тој карактер знае да биде доста фрустрирачка, променлива, хаотична и не секогаш продуцира ентузијазам и морал. Ние имаме наш продукт со цврсто изградена визија и мисија. Истиот е користен од милиони корисници и работиме со доста познати клиенти и партнери. Сето ова ни овозможува лесно да привлечеме талент и да не ја осетиме борбата со конкуренцијата за талентиран кадар.
За и против во советите на софтверските кадри кои се двоумат дали да останат или да си заминат од Македонија?
Јас сум човек кој од секогаш се залагал за слобода на луѓето да превземаат интуитивни чекори и да не се плашат во преземање ризици. Доколку навистина сакаат да пробаат со живот надвор од Македонија, нема ништо ниту чудно ниту лошо со тоа. Селењето особено во нашата индустрија се случува на секаде и истото си има сопствени бенефити како и загуби. Но тоа не значи дека се согласувам со оние кои велат дека нема шанса за креирање на квалитетна информатичка кариера овде. Ниту пак не значи дека ќе заработуваат поголеми финансии доколку се земат во предвид трошоците и високите стандарди на западните држави. Во листата на предности со кариера во Македонија ќе го додадам и топлиот социјален живот на кои сме ние навикнати. Некогаш и тоа ќе допринесе луѓето да станат помалку среќни во големите западни држави. Но, се разбира сетo ова е премногу индивидуално прашање и не може да се аплицира како стереотип за секој. Јас само можам да кажам каков став имам изградено со оглед на искуството кое го имам.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×