Internet of things: Поврзани паметни машини што ќе ни го олеснат животот
Објавено на од во hi-tech & business
Машина за перење што сама се пушта и нe’ известува за тоа, фрижидер што самиот нарачува храна од маркет, ветерници што сами одлучуваат кога да работат, автомобили што сами дијагностицираат дефект и се јавуваат на сервис… Ова е иднината што почнува да се случува сега.

 

На најголемиот светски саем за потрошувачка електроника Consumer Electronic Show (CES) што секој јануари се одржува во Лас Вегас, САД, оваа година се промовираа многу извонредни продукти – од паметни телефони, паметни телевизори, па до паметни машини за перење. Но, според многумина, вистински победник на шоуто не беше ниту едно од овие “паметни“ нешта, туку платформата што може сите нив да ги поврзе во нешто што се вика “Интернет на нештата“ и да ни го направи животот многу полесен.

Samsung, на пример, е еден од производителите на потрошувачка електроника, што прави големи чекори во насока на популаризирање на “Интернет на нештата“ или “Internet of things – IoT”. Нивната идеја е дека речиси секој електронски уред што современиот човек го користи, но и многу производи што не се електронски, како на пример, едно обично столче, може да бидат поврзани едни со други и способни да комуницираат. Замислете си ситуација: си влегувате во својот стан и музиката што сте ја слушале преку своите слушалки по пат накај дома, автоматски продолжува да свири преку звучниците од дневната соба веднаш штом го пречекорувате куќниот праг. Или пак, машината за перење, сама се вклучува во моментот кога ќе дознае дека има евтина струја и за тоа ве известува преку вашиот мобилен телефон.

Martin Mihajlov

Мартин Михајлов, универзитетски професор

Ако првата револуција во светот на информатичката технологија беше изумот на самиот компјутер, втората револуција појавата на интернетот, тогаш ‘Интернет на нештата’ можеме слободно да го наречеме трета голема ИТ револуција што во моментов почнува, а допрва ќе се разгори во светот.

 

Kако електроинженер по струка, и самиот е лично многу “загреан“ и информиран за оваа проблематика, универзитетскиот професор Мартин Михајлов ни објасни дека два моменти се клучни во целата оваа IoT тема: тоа што сите уреди во нашите животи полека стануваат паметни, преку вградување на компјутетски чип во нив, како и сензори, кои што им овозможуваат да детектираат мал милион работи: запалено светло, зголемена температура, човечкиот пулс, движење, итн.; и вториот момент е што сите овие уреди лесно се поврзуваат преку интернет, или некоја внатрешна мрежа која не мора да е интернет и може да прават чуда.

“Ако досега имавме релации од типот бизнис кон бизнис (business to business – B2B), или бизнис кон клиент ( business to customer- B2C), сега составен дел од ‘Интернет на нештата’ е релацијата машина кон машина (machine to machine – M2M). Па, така комуницирајќи меѓу себе, паметните машини прават паметна соба, паметна зграда, паметни градови на иднината“, вели Михајлов.

 

До 2020 ќе има 30 милијарди уреди на “Internet of things”

 
Паметните уреди поврзани на IoT засега во поразвиените земји имаат повеќе примена во рамки на индустријата, а во домаќинствата тоа пополека зема залет.

Како што ни објасни Михајлов, американскиот индустриски гигант Џенерал Електрик, на пример, почнал нов концепт на испорака на ветерниците што ги произведува, со цел да им донесе заштеда и ефикасност на своите клиенти.

“Ветерниците се поврзани меѓу себе во мрежа и компјутерите вградени во нив пресметуваат најразлични параметри врз основа на кои ветерниците можат самите да одредат кога наизменично да работат, со каква брзина, капацитет и сл., с$ со цел да работат поефикасно за 20, 20, па и 50%. Значи ЏЕ вели, јас ќе ти продадам 10 ветерници, а тие ќе работат како 15. Истиот принцип се користи и во електричните мрежи, каде што во случај на оптоварување, кога има екстремни студови или жештини, деловите од системот што комуницираат меѓу себе можат превентивно да се исклучат за да нема курцшлуси, повеќе или помалку енергија да насочат кон одреден реон и сл.“, објаснува нашиот соговорник.

 

Internet-of-Things

Според Gartner, до 2020 година ќе има околу 26 милијарди уреди на планетава, што ќе бидат на IoT. Нивните колеги од ABI Research, пак, прогнозираат за повеќе од 30 милијарди вакви уреди.

 

Веќе во 2015 значајно ќе се зголеми присуството на интернетот на нештата (IoT – Internet of things), велат светските аналитичари, односно, покрај апаратите за домаќинствата чипови ќе добијат и многу други уреди, за да може да им биде пристапено преку интеренет. Наредната година, според глобалната компанија за консалтинг и истражувања на пазарот, IDC, ќе бидат во употреба 4,9 милијарди вакви паметни геџети. Засега производството, комуналните услуги и транспортот ќе го разгазуваат патот, но веќе за пет години сите индустрии ќе ставаат сензори и чипови во сѐ и сешто. Ова се смета дека ќе креира голем пазар за клауд компјутингoт, и се очекува до 2018 година компаниите 40% од нивните IoT податоци да ги хостираат во нечиј туѓ облак.

 

Безбедноста како предизвик

И додека “интернет на нештата“ предизвикува сe’ повеќе врева во светот, многумина поставуваат прашања и околу безбедноста на овој концепт. Затоа што светот на меѓусебно поврзани уреди што комуницираат едни со други, отвора и нови можности за хакерите да украдат лични или компаниски информации. Меѓутоа, многу компании работат и на тоа поле – како да го направат IoT побезбеден. Во лабораториите на Ericsson North America Advanced Technology, моментално, во соработка со други компании, развиваат решенија за што побезбедни cloud (облак) платформи, што е уште еден технолошки сегмент поврзан со IoT. Сите горе-долу сме чуле или користеле cloud решенија, односно користење и споделување на податоци складирани некаде “во облаци“ , на некој сервер што нема никаква физичка врска со нашиот уред – компјутер, смартфон, таблет и сл.
“Облакот не значи само складирање на податоци, тоа значи и да обезбедиме максимална безбедност на конекциите за сите и сe’ околу нас. Како да дознаеме кога некој ќе го злоупотреби тоа? Како да знаеме кои податоци се злоупотребени? Како да спречиме тоа повторно да се случи?. Тоа се прашањата на чии што одговори напорно работиме“, велат од компанијата.

 

 

Female hands hold a tablet with system smart house on the backgr

Паметните домови штедат вода, струја, сами се чуваат од крадци…

Каде сe’ има примена Internet of things


-Индустриско производство

Контрола и менаџмент на производната опрема; менаџирање со нарачки; оптимизирање на процесите

-Инфраструктура
Мониторинг и менаџирање со мостови, железнички пруги, ветерници, енергетски системи

-Екологија
Сензори за мерење на квалитет и состојба на вода, воздух, почва; движење на животни и нивни навики; системи за рано предупредување за цунами, земјотреси, вулканска активност

-Здравствена заштита
Далечинско следење на здравствена состојба; системи за алармирање, сензори за состојба и однесување на ранливи категории (стари лица и сл.)

-Паметни згради
Мониторинг и контрола на механички, електрични и електронски системи во различни типови згради; системи за автоматизација во домот – светло, греење, вентилација, бела техника…

-Транспорт
Паметна контрола на сообраќајот; паметно паркирање; наплата на патарини; менаџмент со флоти на возила,

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×