ИНТЕРВЈУ: ВЛАДИМИР ГЛИГОРОВ, економист истражувач од Виенски економски институт
Објавено на од во Интервју

Македонија ќе го урне угледот ако на политичката криза даде недемократски одговор!

gligorov-g2За излез од моменталната политичка криза во Македонија, очекувам да се бараат демократски средства. Кога станува збор за политички судир и за спор околу легитимноста на владата, и доколку е јасно дека таа криза ќе има демократски исход, тогаш се очекува дека ќе се прашаат за мислење гласачите на слободен и фер начин, и во таков случај меѓународниот углед и стопанските очекувања не би требало да трпат штета. Меѓутоа, ако прашањето на легитимноста на владата не наиде на демократски одговор, тогаш без сомнежи, меѓународниот углед ќе се наруши.
Г-не Глигоров, какви се вашите очекувања за разврска на актуелната политичка криза во Македонија?

За излез од моменталната политичка криза во Македонија, очекувам да се бараат демократски средства Во одреден момент, мислам дека ќе треба повторно да се прашаат граѓаните во кој имаат доверба и што треба да се стори за да се стабилизира земјата политички. Тоа значи дека најдобро би било политичките потреси да се гледат како предизборни натпревари.

Колку политичката криза ја загрозува меѓународната позиција на Македонија, особено кога станува збор за трговската размена и привлекувањето на странските инвеститори?

Трговската размена и перцепцијата на странските инвеститори може да се нарушат особено во земји каде што има ризик дека ќе се користат и недемократски средства за да се постигне некоја политичка цел. Во такви случаи впрочем се зголемуваат сите ризици.
Ако станува збор за политички судир и за спор околу легитимноста на владата, и доколку е јасно дека таа криза ќе има демократски исход, тогаш се очекува дека ќе се прашаат гласачите на слободен и фер начин, и во таков случај меѓународниот углед и стопанските очекувања не би требало да трпат штета. Меѓутоа, ако прашањето на легитимноста на владата не наиде на демократски одговор, тогаш без сомнежи, меѓународниот углед ќе се наруши.

Може ли според Вас, посредувањето на меѓународната заедница да помогне да се одбегнат најцрните сценарија во Македонија?

Вклучувањето на меѓународни посредници секако може да помогне во надминување на некои проблеми. Меѓутоа, криза на легитимност на една влада, доколку не се реши на траснпарентен начин и со учество на јавноста, и конечно со избори, не може да се заврши со договор со странски посредници. Меѓународната заедница е многу важна за стабилноста на земјата и во таа насока би требало да се консултира и известува за тековните проблеми, но сепак јас очекувам решението да дојде од носителите на легитимноста во земјата.

gligorov-sДомашната економија и во нормални услови остварува ниски стапки на економски раст, а после четврт век транзиција се уште се соочува со енормни стапки на невработеност и сиромаштија. Какви структурни реформи може да ја извлечат економијата од овие проблеми?

Факт е дека во последните неколку години македонското стопанство има подобри резултати отколку соседните земји. Делумно тоа е последица на структурните реформи, но заслуга има и монетарната политика и зголемените вложувања на државата. Меѓутоа, состојбата на пазарот на трудот е и понатаму тешка, со стапка на невработеност блиску до 30%. Бидејќи станува збор за долгорочен проблем, не може да се бараат вообичаени структурни реформи како одговор, туку вистински развојни мерки. Пред се мислам на поголеми вложувања во образованието, во физичка и институционална инфраструктура и мерки што ќе го поттикнат претприемништвото.

Има ли капацитет македонските производи да се продаваат повеќе и во регионот но и на други пазари? Со какви производи може да го зголемиме извозот?

За мала земја во развиен дел на светот важно е да биде интегрирана во производствените синџири, а не мора да има свој специфичен производ, особено кога станува збор за индустријата и разменливите услуги. Меѓутоа, ако сакаме повеќе да ги освоиме регионалните пазари, тогаш наш најголем адут се земјоделските производи и затоа би требало целата енергија да ја насочиме кон поголемо и поконкурентно земјоделско производство. Пазарите во регионот се желни за македонски земјоделски производи.

Колку е според вас Македонија навистина инвеститорски рај како што ја промовира Владата ако се споредиме со останатите земји во регионот? Како би можеле уште повеќе да ги привлечеме странците да инвестираат кај нас?

Ако ја споредиме Македонија со останатите земји од регионот, барем со оние кои што не се членки на Европската Унија, може да се каже дека имаме одредени предности што ќе ги привлечат странските инвеститори. Меѓутоа, проблемот е што перцепцијата на странците за целиот регион не е поволна, така што конкурентноста на еден или друг мал пазар не е пресудна во случаи кога тие одлучуваат дали ќе инвестираат. Поголемите земји во регионот се уште поминуваат низ тешка криза и тоа е ограничувачки фактор.

Каква перспектива има Македонија на среден рок и каде ја гледате во споредба со останатите држави од регионот?

Земјата е меѓу посиромашните на Балканот и згора на се оптоварена со основните економски проблеми, пред се на пазарот на трудот. Освен тоа, европската перспектива не се подобрува, па дури и се влошува. Ако ги анализираме ефектите од последната финансиска криза, може да се каже дека Македонија помина со помалку последици отколку Србија, Бугарија или Грција, и јас мислам дека прогнозите за пораст на бруто домашниот производ (БДП) од 3% до 4% во следните неколку години се реални. Освен тоа, ако регионот излезе од рецесијата, тоа би требало да е добра вест и за Македонија. Меѓутоа, остануваат политичките проблеми на домашен терен и ниската стартна основа, што значи дека стапка на раст од 3% или 4% не ја менува брзо сликата на подобро. Политичките проблеми може да се решат на демократски начин, но другиот проблем бара многу време и труд.

Не гледате ли во блиска иднина како дел од Европската Унија?

Ако имаме искрени намери да станеме членка на Европската Унија, тогаш мора да водиме многу поактивна и просветлена политика отколку до сега. Нема да се забрза процесот ако постојано гледаме во минатото, бидејќи тоа не е критериум за членство. Мора да гледаме напред, модерно напред.

Задоволни ли сте од интензитетот на економската соработка на земјите од регионот? Како може бизнисмените повеќе да ги освојуваат регионалните пазари и да ја воскреснат економската сила на поранешната заедничка држава?

Целиот Балкан има големи економски предности но мислам дека нема политички капацитет да ги искористи. Нема развиено индустриско претприемништво што значи дека сите земји во регионот ќе мора да се интегрираат во развиениот дел на Европа. Трговијата на регионалните пазари и сега не е мала, барем не во споредба со онаа вон регионот. Има некој интерес да се инвестира во регионот, и тоа би можело да биде голема предност откако кризата ќе стане минато.

Колку се опасни турбуленциите низ кои што минува Грција за останатите земји на Балканот кои што освен географската близина, ги поврзуваат и бизнис релации?

Грција не е клучна за регионалната економија. Проблемот може да се продлабочи само преку банкарските канали, доколку домашните централни банки не преземаат посебни мерки на претпазливост. Сепак, за нас би било многу покорисно ако Грција имаше сила да го влече со себе цел регион во Европа. Тоа би бил огромен поттик за развој на нашите економии.

Колку сметате дека Македонија после 24 години од независноста ги исполни идеалите што ги постави нашиот прв претседател, Киро Глигоров, во времето кога се создаваше државата? Вака ли ја замислувавте Вие Македонија?

Татко ми беше спремен да го даде животот за земјата и тоа за малку беше реално да се оствари. Тој имаше многу високи очекувања, но јас сум пореален. После 24 години независност, можам да кажам дека е успех што земјата воопшто се сочува.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×