За реализирање на стратегијата веќе сериозно инвестираме во развој на човечките ресурси во компанијата, во користење на најсовремени технологии и дигитална ефикасност, континуирано ги унапредуваме процесите на решавање и исплата на настанати штети, развиваме нови продукти и ги подобруваме постоечките кои ќе ги пресретнат реалните потреби на клиентите и на пазарот.
Капитал: Во последните неколку години Халк Осигурување помина низ интензивен развоен циклус, а 2025 година ја завршивте со позитивен финансиски резултат. Кои беа клучните чекори што доведоа до овој пресврт? Како се трансформираше компанијата во периодот од последните 3–4 години?
Ристовски: Во изминатите четири години, Халк Осигурување помина низ интензивен трансформациски период во кој компанијата постави јасна стратегија за стабилизација, раст и долгорочна одржливост.
Во 2025 Халк Осигурување оствари позитивен финансиски резултат кој произлезе од сеопфатни системски чекори што ги презедовме во овој период. Пред сѐ, фокусот беше ставен на зајакнување на корпоративното управување, унапредување на системите за управување со ризици, воведување на нови, и подобрување на постоечките осигурителни продукти, промена на продажната стратегија и синергиското дејствување со нашиот акционер Халк Банка, како и подобрување на сите оперативни процеси. Растот во делот на полисирана премија е неопходен, но стабилниот раст не се гради само преку зголемување на премијата, туку и преку дисциплинирано управување со ризикот, контролирање на трошоците и квалитетно управување со портфолиото.
Во делот на решавање и исплата на штети, професионалната, квалитетна и навремена обработка на штетите, заедно со воспоставената пракса исплатата да се изврши истиот ден кога штетата е решена, е наш препознатлив стандард и создава реална вредност за клиентите, впрочем динамиката на решавањето на штетите која е една од најдобрите на осигурителниот пазар претходно наведеното најреално го отсликува.
Паралелно со тоа, компанијата инвестираше значајни ресурси во модернизација на ИТ инфраструктурата и дигитализација на деловните процеси. Ова ни овозможи поголема оперативна ефикасност, побрза обработка на податоци и подобрена услуга кон клиентите и деловните партнери. Дигиталната трансформација е еден од клучните двигатели на модерната осигурителна индустрија и ние ја препознавме нејзината важност во секоја фаза.
Огромно внимание посветивме и на нашиот највреден и најважен ресурс – нашите вработени. Во изминатиот период компанијата го зајакна својот тим со нови професионалци во различни области – од оперативни функции до аналитика, управување со ризици и развој на продукти, како и со искусни раководни кадри. Халк Осигурување е стабилен и професионален тим што воедно е една од најголемите вредности на компанијата.
Сумирано, пресвртот што го постигнавме во 2025 година не е резултат на еден изолиран чекор, туку на внимателно планиран процес на организациска, технолошка и деловна трансформација. Тоа постави цврсти темели за следната фаза од развојот на Халк Осигурување – одржлив раст, поголема иновативност и уште посилна позиција на домашниот осигурителен пазар.

Капитал: Што всушност стои зад резултатите? Колку овие резултати се должат на растот на пазарот, а колку на внатрешни промени – стратегија, оптимизација на процеси, дигитализација и развој на доброволните осигурувања?
Ристовски: Резултатите што ги постигнавме се плод на внимателно усогласена стратегија помеѓу пазарните трендови и внатрешните трансформации во компанијата. Пазарот на неживотно осигурување во Македонија бележи раст од 12,8%, додека растот на Халк Осигурување е 24,8%, што значително го надминува пазарниот раст. Нашиот раст во 2025 доминантно е базиран на раст во сегментот на доброволните осигурувања, која беше една од зацртаните цели за успешна трансформација на Халк Осигурување.
Македонскиот осигурителен пазар кој е сѐ уште мал според полисирана премија и недоволно развиен, не го перцепираме како пречка во нашиот раст и развој туку го гледаме како можност за наше најдобро позиционирање како осигурителна компанија која ги нуди најдобрите услуги за своите клиенти. Растот на осигурителниот пазар е добар индикатор кој секако дека позитивно влијае и врз растот на Халк Осигурување, но кога зборуваме за одржлив раст истиот е поддржан од внатрешните процеси на дисциплинирано управување со портфолиото, стратешки инвестиции во технологии и процеси, и развој на висококвалификуван тим кој обезбедува ефикасно управување со ризиците и дава врвно ниво на услуга.
Овој пристап создава стабилна основа за понатамошен уште посилен развој на компанијата и ја зајакнува нашата позиција и цел да станеме една од водечките осигурителни компании во сегментот на неживотно осигурување на македонскиот пазар.
Вредноста на овие резултати произлегува од суштинските и стратешките активности што ги спроведовме: оптимизација на процесите на администрирање на полисите, дигитализација на клучните операции, унапредување на моделите за оценка и управување со ризик и развој на доброволни производи кои ги задоволуваат потребите на клиентите.
Пазарна позиција и конкурентност

Капитал: Како позитивниот резултат и растот во 2025 година ја променија позицијата на Халк Осигурување на пазарот на неживотно осигурување? Каде денес ја гледате компанијата во однос на конкуренцијата?
Ристовски: Пазарот на неживотно осигурување во Македонија е динамичен и конкурентен, со континуиран раст на премијата и присуство на неколку силни осигурителни групации. Позитивниот финансиски резултат во 2025 година, како и зголеменето пазарно учество на 8,1% претставува значаен чекор за Халк Осигурување и потврда дека промените што ги направивме даваат резултат.
Растот на премијата истовремено ја покажува нашата способност да одговориме на потребите на клиентите и деловните партнери, и ги потврдува одлуките за направените промени за развој на портфолиото, оптимизација на процесите и дигитализација на услугите. Денес Халк Осигурување се позиционира како компанија која не само што обезбедува сигурност и висок квалитет на услуги за клиентите, туку и создава вредност за деловните партнери преку стабилна и предвидлива финансиска политика.
Конкуренцијата ја сметам за многу важна, таа е поттик да бидеме подобри и да создадеме производи и услуги што ги надминуваат очекувањата на клиентите. Имаме голема почит кон сите компании на пазарот, затоа што токму преку меѓусебната конкуренција го унапредуваме целиот осигурителен сектор. Нашата цел е Халк Осигурување да биде препознаен по својата автентичност, професионалност и човечки пристап – по компанија која навистина стои зад своите клиенти.
Состојба на пазарот на неживотно осигурување

Капитал: Каква е моменталната состојба на пазарот на неживотно осигурување во Македонија? Кои се главните структурни предизвици со кои се соочуваат осигурителните компании денес?
Ристовски: Пазарот на неживотно осигурување во Македонија сѐ уште е во фаза на развој. Растот на бруто полисираната премија во неживотниот сегмент изнесуваше 12.8% во 2025 година. Вкупната премија во делот на неживотно осигурување достигна 14.744 милиони денари, а заедно со премијата од осигурувањето на живот 17.934 милиони денари, односно. Речиси 300 милиони евра. Но, тоа е сѐ уште далеку под европскиот просек во однос на пенетрација.
Меѓу главните структурни предизвици во делот на неживотни осигурувања би издвоил три клучни. Прво, премијата за задолжителното осигурување од автомобилска одговорност значително учествува во вкупната структура на премија, а истовремено актуелната тарифа не ја рефлектира реалната изложеност на ризиците односно висината на штетите и трошоците кои произлегуваат по оваа класа на осигурување.
Морам да потенцирам дека актуелната премија за Автомобилската одговорност е пониска од премијата за Автомобилска одговорност од 2006 што само по себе е преседан.
Второ – инфлацијата, генералниот раст на цените, растот на трошоците за поправка на возила, градежни материјали и медицински услуги директно го зголемува економскиот притисок врз трошоците за штети.
Трето – регулативата за осигурување, која што е во процес на усогласување со директивите на ЕУ, ќе носи доста предизвици кои ќе бараат инвестиции во системи, процеси и управување со ризици, но истовремено ќе се отвораат можности за поголема транспарентност, ефикасност и доверба на пазарот.
Во вакви услови, успехот на компаниите зависи од способноста да се направат промени и прилагодувања во реално време со цел нивото и квалитетот на услугите да бидат на високо ниво, а при тоа да не се загрози финансиската стабилност на самата компанија. Стабилноста на осигурителниот пазар е неопходно да се одржува и зајакнува имајќи во предвид дека осигурувањето е дел од финансискиот пазар во Македонија. Неопходна е инволвираноста на државата и сите учесници во осигурителниот бизнис имајќи ја во предвид и социјалната улога на осигурувањето како докажан механизам за трансфер на рзиците кои можат да ја загрозат финансиската стабилност на граѓаните и компаниите. Посебно важна е улогата и на регулаторот – Агенцијата за супервизија на осигурувањето чија улога е клучна од аспект на надзор, континуирана комуникација и стандардизација на правилата, преку која се придонесува за стабилен, уреден и доверлив пазар.
Позитивни трендови и промени во индустријата

Капитал: Покрај предизвиците … кои позитивни промени ги гледате во индустријата? Дали се зголемува интересот за доброволни осигурувања? Дали се менува свеста на клиентите?
Ристовски: Во индустријата на неживотно осигурување во Македонија забележуваме јасни позитивни трендови. Вкупниот пазар продолжува да расте, што го рефлектира зголеменото чувство на финансиска сигурност и свест за важноста на осигурувањето.
Особено охрабрувачки е развојот на доброволните производи. Имoтното осигурување и приватното здравствено осигурување бележат видлив пораст, што укажува дека клиентите сe повеќе ја препознаваат потребата од дополнителна заштита која не е наметната со законските обврски. Тоа е јасен сигнал дека свеста на осигурениците постепено се менува – од базична заштита кон свесен избор на производи кои обезбедуваат покриеност за реални ризици.
Овој раст на интересот за доброволни осигурувања создава простор за развој на иновативни и флексибилни продукти, подобри клиентски сегментации и поефикасна комуникација со пазарот.
На крајот, позитивните промени ја зајакнуваат довербата на клиентите во индустријата и го поддржуваат долгорочниот раст и стабилноста на осигурителниот пазар. Во претходниот одговор ја споменав важноста на инволвираноста на државата за подобрување на состојбите во осигурителниот сектор па како позитивен пример би го напоменал ставањето во функција на Safe City од страна на државата, со чие отпочнување со работа се чуствуваат позитивни трендови не само во сообраќајната безбедност туку и во делот на настанати штети, а пред сѐ во навременоста на регистрацијата на моторните возила.
Банкоосигурување – уникатната вредност на Халк Осигурување

Капитал: Халк Осигурување е единствено друштво на пазарот со целосна сопственост од банка. Каква додадена вредност создава синергијата со Халкбанк и како овој модел влијае врз развојот на компанијата и корисничкото искуство?
Ристовски: Синергијата со Халк Банка претставува клучна конкурентска предност за Халк Осигурување. Како единствено друштво на пазарот со целосна банкарска сопственост, имаме директен пристап до мрежата на филијали на банката, што ни овозможува ефикасна дистрибуција на осигурителни производи и брза реакција кон потребите на клиентите.
Соработката меѓу Халк Банка и Халк Осигурување се покажа како исклучително успешна, обезбедувајќи 65,6% пазарно учество и лидерска позиција во сегментот на банкоосигурување во неживотно осигурување.
Банките традиционално се столбови на финансискиот сектор, со длабоко разбирање на финансиските потреби и однесувањето на клиентите. Во тој контекст, партнерството со Халк Банка Скопје ни дава додадена вредност – банката располага со широка мрежа на филијали и големо портфолио на клиенти, што овозможува директен дијалог и континуирана присутност кај корисниците на финансиските услуги.
Остварените резултати се јасен доказ за ефикасноста на моделот.
Дигитализација и трансформација на работењето
Капитал: Осигурителната индустрија глобално поминува низ силна дигитална трансформација. Како технолошките инвестиции го менуваат начинот на работа во Халк Осигурување и што значат тие за клиентите?
Ристовски: Дигиталната трансформација е клучен фактор за развојот на осигурителната индустрија глобално, и Халк Осигурување активно ја следи оваа тенденција преку системски технолошки инвестиции. Во изминатиот период, фокусот беше ставен на развој на ново софтверско решение, модернизација на IT инфраструктурата и целосен премин кон Cloud околина, сериозна и голема инвестиција што ни овозможи побрзо и поефикасно управување со податоците и процесите.
Проектот на премин кон Cloud околина, не само што го подобри оперативното работење на на компанијата, туку ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ освои и награда за најдобра Cloud трансформација на престижниот самит FUTURE OF AI & CLOUD 2024, одржан во Истанбул, што ја потврдува иновативноста и квалитетот на нашето решение.
За клиентите, дигиталниот развој на компаниите значи побрзи, поефикасни и поинтегрирани услуги, со висока достапност и сигурност на податоците. Новата инфраструктура создава солидна основа за идниот развој на дигитални канали и продукти, овозможувајќи ни да останеме иновативни и конкурентни на македонскиот пазар на неживотно осигурување.
Улогата на штетите и довербата
Капитал: Сè почесто се нагласува дека вистинската вредност на осигурувањето се гледа во процесот на решавање на штети. Како компанијата ја гради довербата на клиентите токму во овој сегмент?
Ристовски: Би започнал од суштината односно целта на постоењето на осигурувањето како бизнис – адекватно и навремено исплаќање на штети. Наша обврска во Халк Осигурување е најпрофесионално и на најдобар можен начин да ја реализираме целта на осигурувањето во случај на настанување на штета. Процесот на решавање на штети го гледаме како клучен момент за градење доверба и лојалност кај клиентите имајќи во предвид дека се работи за моменти во кои нашите клиенти во најмала рака се финансиски афектирани. Нашата уникатност се состои во тоа што штетите се исплаќаат истиот ден кога се ликвидираат, обезбедувајќи брзина и сигурност што ретко се среќава на пазарот.
Искуството покажува дека комбинацијата од професионален пристап, брзина, дигитални алатки и персонализирана комуникација создава чувство на сигурност и доверба, што директно влијае на задоволството и лојалноста на клиентите. На овој начин, Халк Осигурување не само што исплаќа штети ефикасно, туку гради долгорочни односи кои ја потврдуваат вредноста на осигурувањето.
Перспективи за пазарот – 2026 и понатаму
Капитал: Какви се вашите очекувања за развојот на осигурителниот пазар во 2026 година и во следните неколку години? Дали очекувате консолидација, нови модели на соработка или промена во структурата на производите?
Ристовски: Очекувам дека осигурителниот пазар во Македонија во 2026 и следните години ќе продолжи да расте стабилно со стапка на раст од околу 10%, додека во повеќето класи на доброволно осигурување (со исклучок на имотното осигурување) очекувам и повисок раст. Сѐ повеќе се забележува интерес за персонализирани производи и комбинирани решенија, што е тренд кој веќе го гледаме и во регионот.
Во исто време, регулаторниот контекст ќе биде клучен. Со усогласувањето на законодавството со директивите на ЕУ и воведувањето на IFRS 17, компаниите ќе треба сериозно да инвестираат во системи за финансиско известување и управување со ризици, но тоа ќе донесе и поголема транспарентност и доверба на пазарот.
Технологијата ќе продолжи да ја зајакнува својата важност и улога – дигитализацијата, интегрираните платформи за продажба и решавање на штети, AI‑поддршка и Data Analytics ќе стануваат сѐ понеопходни, а компаниите кои ќе инвестираат во овие решенија ќе направат сериозен исчекор напред, ќе бидат поефикасни и ќе можат побрзо да одговорат на потребите на клиентите – кратко кажано ќе направат зголемување на конкурентската предност.
И на крај, очекувам дека ќе видиме и нови модели на соработка, особено помеѓу осигурители и финансиски партнери, кои ќе овозможат поширока дистрибуција и подобро таргетирани производи. За нас, тоа значи да продолжиме да бидеме фокусирани на иновации, дигитална ефикасност и развој на производи кои реално ги задоволуваат потребите на нашите клиенти.
Приоритети и визија
Капитал: Кои се клучните стратешки приоритети на Халк Осигурување во следниот период и каква компанија сакате да биде Халк Осигурување во наредните пет години?
Стратегијата на Халк Осигурување во наредните пет години е да се позиционираме меѓу првите три осигурителни компании во Македонија по пазарно учество а истовремено да го подигаме нивото и квалитетот на услугите и да ја зајакнеме финансиската стабилност на компанијата. Подобрување на синергиското дејствување на пазарот заедно со нашиот акционер Халк Банка секако дека останува еден од стратегиските столбови во работењето на Халк Осигурување.
Сигурни сме дека Халк Осигурување во наредните пет годни ќе биде препознаена на пазарот и од страна на клиентите како сигурен и доверлив осигурителен партнер и со квалитетот на услугата да ги надминеме очекувањата на клиентите.
Една од целите на кои работиме е и Халк Осигурување да биде препознаен како одличен работодавач во кој вработените ќе можат да го реализираат својот потенцијал, со натстандардни услови за работење и каде ќе се чуствуваат ценети.
За реализирање на стратегијата веќе сериозно инвестираме во развој на човечките ресурси во компанијата, во користење на најсовремени технологии и дигитална ефикасност, континуирано ги унапредуваме процесите на решавање и исплата на настанати штети, развиваме нови продукти и ги подобруваме постоечките кои ќе ги пресретнат реалните потреби на клиентите и на пазарот.
Осигурителна култура
Капитал: Што е потребно за да се зголеми осигурителната култура во земјата и како индустријата може да ја зајакне довербата на граѓаните и бизнисите во осигурувањето?
Ристовски: Свеста за важноста на осигурувањето во Македонија сѐ уште е ниска, а непредвидливите настани, за жал, не потсетуваат дека постојат ризици со кои не можеме самостојно да се справиме или да ги ублажиме нивните финансиски последици. Унапредувањето на осигурителната култура бара сеопфатен и континуиран пристап од сите чинители на осигурителниот сектор, како и неопходна поддршка од државните институции, со јасна и недвосмислена порака за значењето на осигурувањето и последиците од неосигурените настани.
Осигурувањето претставува најефикасен и најсигурен механизам за трансфер на овие ризици, и можам да кажам дека осигурителната индустрија во Македонија е подготвена и компетентна да ги превземе овие ризици и да обезбеди финансиска сигурност за граѓаните и бизнисот.
За да се зголеми осигурителната култура во земјата, потребен е системски пристап кој ги поврзува едукацијата, транспарентноста и довербата. Граѓаните и бизнисите треба да ја разберат важноста на осигурувањето, кои се придобивките од него и како правилното управување со ризици кое обезбедува финансиска сигурност во критични моменти.
Индустријата може да ја зајакне довербата преку јасна и отворена комуникација, брзо и адекватно решавање на штети, и развој на продукти кои се едноставни за разбирање и пристапни за клиентите.
Истовремено, едукацијата преку медиуми, семинари и партнерства со финансиски институции ја зголемува свеста за важноста на осигурувањето како алатка за финансиска стабилност. Со комбинација на транспарентност, дигитална ефикасност и континуирана едукација, индустријата може да изгради долгорочна доверба и да ја промовира осигурителната култура како вредност за сите граѓани и бизниси.




















