Разговараме со министерката Сања Божиновска за актуелните теми во енергетиката, домашното производство, годишните планови за изградба на енергетски објекти, создавањето услови за развој и воведувањето нови правила и стандарди во рударството.
Г-ѓо Божиновска, 2025 година ја заокруживте како година на ред и стабилност. Сепак, влегуваме во 2026 година со сериозни предизвици. Кои се клучните приоритети на Министерството за годинава?
Минатата година ја поставивме основата за развој и модернизација на енергетиката во Македонија. Го донесовме Законот за енергетика и започнавме со имплементација. Практично, конечно енергетскиот систем се позиционира како темел на конкурентна економија, каде веќе имеме предвидливост за индустријата, за инвеститорите, за јавните установи, и за домаќинствата. Во 2025 воведовме системски пристап, координација со институциите, донаторите и меѓународните финансиски институции, со јасни приоритети како законодавство, инвестиции во обновливи извори на енергија (ОИЕ), модернизација на мрежите, дигитализација и енергетска ефикасност. Тоа е рамката што ја намалува цената на ризикот за бизнисот и ја зголемува сигурноста на снабдувањето, што директно се пресликува во економски раст.
За 2026 година, фокусот е ставен на конкретна имплементација на законот. Првпат во историјата на независна Македонија, лани воведовме Годишен план за изградба на енергетски објекти. Ова значи дека инвестициите ќе се реализираат според потребите на државата.
Од тој аспект моите три приоритети се јасни: зголемување на домашното производство, стабилизација на мрежата и заштита на стандардот на граѓаните преку енергетска ефикасност.

Г-ѓо Божиновска, последниве месеци најмногу се зборува за Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2025 година, а се спомнува и Планот за 2026 година. Што е ново во пристапот и зошто е важен за пазарот?
Минатата година навистина беше динамична за енергетскиот сектор. Планот за 2025 година го подготвивме како законска обврска и веќе дава резултати, затоа што во него се опфатени објекти кои се во фаза на реализација. Во планот вклучивме 481 енергетски објект со вкупна моќност од 1.265 MW, при што доминираат обновливите извори на енергија: над 812 MW соларни и 426 MW ветерни капацитети, а за првпат имаме предвидено и значајни инвестиции во складирање на електрична енергија. Дополнително, ги интензивиравме државните проекти за соларна и ветерна енергија, вклучувајќи проект од 134 MW кај Битола и почетокот на проектот за ветерен парк. Предвидено е и засилување на преносните капацитети.
Годинава продолжуваме во иста насока, затоа што сакаме секој нов објект да биде системски оправдан, а не само бројка на хартија.
Дел од овие проекти се на ЕСМ, за кое последната недела се зборуваше и во Собранието. Пратеници од Левица ве обвинија дека „свесно спроведувате контролиран крах на ЕСМ“ со цел приватизација на компанијата, директно ве прозва за долгот на компанијата и повика да се повлечете од секторот доколку немате ингеренции. Каков е Вашиот одговор на тие обвинувања?
Таквите изјави се политички популизам што се потпира на мешање на улоги и селективно читање на фактите. Кога пратеници на Левица зборуваат за „ингеренции“, прво треба да го знаат Законот за трговски друштва, според која АД ЕСМ е акционерско друштво, со своја управувачка структура и одговорност, и не функционира како сектор или одделение во министерство што некој може да го „диригира“ со дневна политика. ЕСМ, како државна компанија, е еден од столбовите на македонската енергетика, заедно со МЕПСО, која исто така е државна компанија. Согласно законската регулатива и европските директиви, обврзани сме да обезбедиме функционално раздвојување на улогите во секторот, за да има јасни одговорности и контроли.
Од таа причина, Министерството нема влијание и по ниеден основ не се меша во оперативната работа на АД ЕСМ, кое е акционерско друштво директно под Владата. Под директна надлежност на Министерството е МЕПСО. Но како надлежно министерство, МЕРМС креира политики, подготвува стратегии, носи закони и нови мрежни правила. Ако зборуваме за ЕСМ, веќе спомнав дека од 2025 година првпат направивме план за енергетските објекти. Ист план се подготвува и за 2026, со физибилити-студии и релевантни информации. Ние ја креираме основата за развој на производството.
Колку и да е вистината непријатна за некого, јас сум поборник таа секогаш да се каже, затоа што ЕСМ седум години наназад е сериозно девастирано – финансиски, организациски и инвестиционо. Тоа не може целосно да се надомести преку ноќ. Но може да се менаџира одговорно, да се стабилизира и системски да се намалуваат загубите. И тоа го правиме: со подобра дисциплина, со јасни планови за капацитети и со реформи што ќе овозможат постепено зголемување на домашното производство.
Има ли резултати од тоа како ЕСМ го менаџира долгот?
Ние наследивме компанија во клиничка смрт. Но, за разлика од претходно, ние ставивме крај на праксата на неконтролирана државна помош која што завршуваше во приватни компании.
Нашиот план е јасен: целосна оптимизација на работните процеси и драстично кратење на оперативните трошоци. Веќе гледаме резултати – загубата во третиот квартал од 2025 е најниска во споредба со претходните квартали (14,4 милиони евра наспроти 45 милиони на почетокот на годината). Ова докажува дека консолидацијата функционира. Следните години треба да имаме реална цел за постигнување на некаква минимална профитабилност, бидејќи ние не продаваме лажни надежи, туку градиме одржлив систем врз урнатините што ги наследивме.
Една од главните причини за притисокот врз финансиските резултати е и фактот дека ЕСМ не ја продава електричната енергија по берзанска цена, за да остварува позитивни финансиски резултати. ЕСМ ја продава струјата на универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“ по цена од 65 евра, за да нема ценовни шокови за граѓаните. Само за пример, минатата недела цената на електричната енергија на берза се движеше околу 160 евра, што е повеќе од двојно. Ако ЕСМ би отишла целосно на слободен пазар и би ги продала овие количини по берзански цени, тогаш финансиските резултати би биле значително подобри. Но државата има обврска да штити од ценовни шокови, додека паралелно гради капацитети за поголемо домашно производство.
Лани се случија поголеми промени и во рударството. Објавивте дека наплатата од концесии е зголемена и 46 концесии се одземени, но најавивте и нова стратегиска рамка. Што може да очекуваме?
Во 2025 година е остварена рекордна наплата од 931 милион денари концесиски надоместоци, што е 2,4 пати повеќе од истиот период во 2024 година. Ова е резултат на поголема дисциплина во наплатата и построго почитување на регулативата. Поради непочитување на правилата и законската регулатива одземени се 46 концесии, а сепак наплатата е зголемена, како што веќе кажав за 2,4 пати.
Рударството не смее да се води импровизирано и во финална фаза е Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини 2026–2046. Во изработката на Стратегијата е вклучена и МАНУ за да обезбеди научна и експертска основа и да придонесе за решенија што ќе ја балансираат економската корист со заштитата на природните ресурси. Одлуките во овој сектор мора да се темелат на наука, експертиза и податоци, со активно вклучување на академската и стручната јавност. Станува збор за прва сеопфатна стратешка рамка по речиси три децении, подготвена низ инклузивен процес со консултации со институции, експерти, локални заедници и други засегнати страни. Во рамки на процесот се најавени и два нови законски текста – Закон за рударство и Закон за геолошки истражувања, со јавни консултации.
Мојот фокус е стратегијата да донесе предвидливост, јасни правила и заштита на животната средина по европски стандарди.
Дали ова значи и крај за нефункционалните концесии?
Апсолутно. Преку засилени инспекциски надзори раскинавме 46 концесии поради неправилности. Лани, за првпат, воведовме и дигитален надзор со дронови за поголема контрола и транспарентност. Новата технологија ја користиме за надзор и мониторинг на концесии за минерални суровини, но и за проверки поврзани со соларни и ветерни инсталации. Таа овозможува прецизно следење на експлоатацијата, како и проверка на координати и инфраструктура. Тоа значи побрза реакција, пократко време за контрола, подетален мониторинг и значително намален ризик од злоупотреби. Како Министерство, ја зајакнавме транспарентноста и одговорното користење на природните ресурси.
Производството на соларната енергија и понатаму е најинтересна инвестициска можност за бизнис заедницата. Дали постои опасност мрежата да не го издржи ова?
Интересот е добредојден, но затоа од лани инвестициите во изградба на енергетски капацитети ги водиме како планиран и контролиран процес. Со годишните планови, ние планираме и истовремено се осигуруваме дека „соларниот бум“ нема да го наруши електроенергетскиот систем. Воведуваме јасни правила за стабилност според кои секој поголем нов капацитет ќе мора да обезбеди решение за складирање или балансирање. Конкретно, производителот ќе има обврска да обезбеди батерии за складирање на електрична енергија во висина од најмалку 20% од инсталираната моќност на капацитетот. Тоа е практична заштита на системот, се обезедува повеќе флексибилност, помал ризик од преоптоварувања и исклучувања, и подобро искористување на произведената енергија од сонце и ветер.
Во Планот за 2025 година за првпат предвидовме изградба на интегрирани батериски системи во рамки на фотоволтаичните централи, како и посебни (изолирани) складишта со голема инсталирана моќност и капацитет за складирање, што ја нагласува насоката паралелно да се развива инфраструктура за балансирање и пофлексибилно управување со производството. Вкупната инвестиција е проценета на над 53 милиони евра во вкупен складиштен капацитет од 2.146,041 MW.
Кои три конкретни мерки за енергетска ефикасност ќе ги спроведете во 2026 и колкави очекувани заштеди (во kWh и во денари) ќе донесат за јавните институции и за домаќинствата?
Почнуваме со имплементацијата на Планот за реконструкција на зградите што ги користат институциите на јавниот сектор на државно ниво за периодот 2025–2028. Овој стратешки документ поставува јасна, тригодишна рамка за најмасовната и најсистемска енергетска обнова на јавни објекти во земјата досега кој опфаќа усогласување со вкупно 33 институции. Јавните згради во Македонија се меѓу најголемите потрошувачи на енергија и воедно значителен извор на емисии, не само CO₂, туку и цврсти честички кои влијаат на квалитетот на воздухот во нашите градови.
Следат домаќинствата со фокус на ранливите категории. Продолжуваме со таргетирани програми за замена на неефикасни уреди и греење, таму каде што ефектот е најбрз и најголем. Во 2025 веќе беа обезбедени 170 милиони денари за субвенции за инвертер-клими, а и во 2026 мерките ќе се насочени кон оние што најмногу трошат и најмногу страдаат од високи сметки.
Енергетската ефикасност мора да се третира како економска реформа, не како кампања и во нашето стопанството, особено кај малите и средни компании и јавни услуги со висока потрошувачка. Во 2026 ќе ја засилиме поддршката за енергетски аудити и инвестиции што се враќаат брзо преку оптимизација на системи, модернизација на опрема и управување со потрошувачката.
Колку конкретно напредна регионалната енергетска поврзаност, каде сме со реализацијата на најважните интерконективни проекти и кои се следните чекори?
Регионалното поврзување го водиме како прашање на енергетска сигурност и на економски ризик. Во реализација сме со клучните инфраструктурни врски што ја диверзифицираат енергијата и ги намалуваат зависностите. Конкретно, гасниот интерконектор со Грција е поставен со јасни технички параметри и рокови, а за интерконекторот со Србија веќе јавно е потврдено дека изградбата се очекува да заврши во текот на 2027 година, со очекување првиот гас да протече во 2028 година, при што трасата е предвидена да биде подготвена и за идниот транспорт на водород.
Паралелно, ја активираме и нафтената логистика што директно ја зајакнува снабдувачката сигурност, односно по 12 години неактивност Владата донесе одлука за повторно отворање на нафтоводот „Солун – Скопје“ со капацитет од 400.000 тони дизел годишно. Овие проекти заедно значат дека не зависиме од еден правец, туку создаваме реални алтернативи, што за економијата е пониска премија на ризик и поголема стабилност во кризни периоди.
Работиме и на интеграција во европскиот енергетски пазар преку усогласување и имплементација на обврските во рамки на Енергетската заедница, каде што веќе има јасни индикатори за напредок во пазарната интеграција и институционалната подготвеност.
За крај, кои се вашите најконкретни очекувања за 2026 – што мора да биде завршено или неповратно започнато за да кажете дека годината е успешна за енергетиката и рударството?
Изградба на нови енергетски капацитети. Веќе ги поставивме основите со Годишниот план за 2025 година и моја цел е во 2026 да се види јасен „скок“ од хартија во градба, затоа што тоа е единствениот начин да ја намалиме увозната зависност и ценовниот ризик. Следно е да ја засилиме сигурноста на системот – тоа значи подобро балансирање, подобри правила за приклучување и управување со варијабилните извори, и конкретни чекори за модернизација на мрежите со МЕПСО. Во рударството да донесеме јасна рамка што ќе ја направи индустријата предвидлива и одговорна. Тоа подразбира финализирање на стратешките документи и законските решенија што ги подготвуваме, строги стандарди за животна средина и транспарентна контрола.



















