Интервју со Кристоф Фрајтаг, ПроКредит Германија и Јованка Јолеска Поповска, ПроКредит Македонија
Објавено на од во Банки и бизнис

Иновации во банкарството и силна поддршка за бизнисите според германски стандарди

 

Како вие како странски инвеститор ја оценувате бизнис климата во Македонија? Што би требало да се подобри?

Кристоф Фрајтаг, член на Управен одбор на ПроКредит банка Германија

Кристоф Фрајтаг, член на Управен одбор на ПроКредит банка Германија

Фрајтаг: Неодамна присуствував на Форумот на потенцијални странски инвеститори во Франкфурт, во организација на Владата на Република Македонија. Бев во улога на претставник на ПроКредит банка Германија, единствена германска инвестиција од банкарскиот сектор во Македонија со цел да го споделам позитивното искуство на ПроКредит како германски инвеститор во Македонија.
Доминантниот акционер на ПроКредит Групацијата, ПроКредит Холдинг во Македонија е присутен со три инвестиции: ПроКредит банка, ПроКредит регионалната академија во Велес, Quipu ИТ регионална компанија за ИТ консалтинг за ПроКредит Групацијата. Сите три инвестиции успешно се развиваат.
Ние сме задоволни од работењето на нашата банка во Македонија за овие 11 години. ПроКредит банка е пример како една странска директна инвестиција може да има позитивен придонес за развој на реалниот сектор. Моменталното кредитно портфолио на банката во Македонија е 222 милиони евра. Тоа претставува значајна кредитна поддршка за развој на малите и средни бизниси и дава голем придонес за економското раздвижување и креирањето на нови работни места во Македонија.
Македонија е стабилна, сигурна земја за странските инвеститори, со стратешка географска местоположба и континуирано подобрување во неколку значајни аспекти – администрацијата, правниот и даночниот систем. Банкарскиот сектор е стабилен и ужива доверба и од граѓаните и од претпријатијата. Мерките на Народната банка одат во насока на постојано одржување на солидна ликвидност на банките. Ние тоа го користиме за активно да пласираме средства во реалниот сектор за развој на малите и средни претпријатија во Македонија.
Она што е најважно во банкарството се всушност луѓето. Во Македонија најдовме исклучително добар кадар на високо едуцирани, подготвени млади луѓе кои сакаат да се усовршуваат во областа на банкарството и финансиите. Тоа е голема придобивка за клиентите и факт што нас како институција особено не радува.

Може ли компаниите во Македонија да очекуваат поголема финансиска поддршка од ПроКредит и конкурентна камата каква што добиваат фирмите во Германија?

Фрајтаг: Да да се биде германска банка значи да се биде синоним за стабилност, сигурност и модерна услуга. Работејќи со нас, странските и домашните и бизниси во Македонија имаат пристап до високо квалитетна услуга и модерна технологија иста како во банката во Германија. Во моментот сме во преговори за бизнисите од Македонија да се финансираат директно од нашата банка во Германија. Тоа ќе значи и намалување на каматните стапки на кредитите за добрите и перспективни бизниси кои сакаат да инвестираат во проекти за развој на бизнисот. Тоа е голема предност за нас како банка и работиме со цел да ја овозможиме оваа придобивка за клиентите.

Какви се плановите на ПроКредит за регионална соработка?

Фрајтаг: Во Македонија, секој бизнис кој работи во повеќе земји во кои ПроКредит има своја банка може да користи меѓународен финансиски лимит. Тоа значи комплетна финансиска поддршка за потребите на сите меѓународни претставништва на еден бизнис кои работат во земјите каде има ПроКредит банка од само еден и единствен партнер. На пример ако бизнисот кој работи во матичната земја со добри финансиски извештаи, сака да земе кредит во земјата каде што отворил претставништво и започнува, а при тоа финансиските извештаи се послаби, тогаш ќе се гледа севкупното работење на бизнисот.
Работењето на овој начин за клиентите ќе биде многу полесно. Претпријатијата ќе знаат на кого може да сметаат без разлика каде работат.

Кои се предностите што ги нуди банката во Македонија користејќи ги знаењата и искуството од Германија? Може ли клиентите да очекуваат нови иновативни производи според германските стандарди?

Joleska_mala

Јованка Јолеска Поповска, генерален директор на ПроКредит банка Македонија

Јолеска-Поповска: Германските банки се добро капитализирани, ликвидни, стабилни и добро регулирани од страна на Германските државни органи за банкарска супервизија (BaFin и Bundesbank). Германскиот банкарски систем без потешкотии ја помина финансиската криза. Оттука, германското банкарство е европски пример за стабилност, сигурност и иновативност.
ПроКредит банка ги следи германските стандарди за современ развој на банкарството што значи инвестиции во напредна технологија, модернизирање на услугите и уште поиндивидуално прилагодена услуга кон секоја целна група.
Примарни клиенти на ПроКредит банка се претпријатијата. Специјализацијата на нашата банка во тој сегмент значи постојани промени и адаптација за работа со нив. Банкарството сега и во иднина треба да е многу ефикасно, брзо и едноставно за клиентите. За таа цел воведуваме новитети кои во Германија се веќе секојдневие: деноноќна услуга за едноставни операции со примена на автомати за уплата и исплата на готовина, електронски плаќања за сите клиенти во Зона 24/7 која ќе функционира во склоп на сите експозитури во Македонија.
Дополнително, банката ќе биде таму каде што се клиентите преку современи канали; електронско банкарство, мобилна веб апликација за информации за банката и сметките за клиентот а и преку услугата за дигитално потпишување на договори – клиентите нема да имаат потреба да доаѓаат во банката за секојдневни трансакции.
Сепак во ПроКредит покрај иновациите и развојот, основен темел на кој се основа работењето е кадарот. Само со добро обучен и квалитетен кадар можеме да кажеме дека развиваме долгорочни релации со клиентите. Токму поради тоа одвојуваме значителни средства – над 600.000 евра годишно – за обука и професионален развој на вработените во ПроКредит банка.

Какви се вашите очекувања за следната година? Може ли домашните фирми да сметаат на поголема кредитна поддршка?

Јолеска-Поповска: Во 2014 година растевме со стапка од 10,5 % што е многу повисок пораст споредено со растот на кредитирањето кон претпријатијата на ниво на банкарскиот сектор од 4%. До крајот на оваа 2014 година нашето тековно кредитно портфолио ќе изнесува 230 милиони евра, средства исплатени на многу мали, мали, средни бизниси. Ова портфолио е најквалитетно во банкарскиот сектор – нефункционалните кредити изнесуваат 3,4% во споредба со просекот на банкарскиот сектор од 12,2% заклучно со третиот квартал на 2014 година.
И во следната 2015 година ќе ги кредитираме фирмите кои работат квалитетно и имаат добра визија за развој во иднина. Условите во кредитирањето веќе се адаптираат на сезоналноста и карактеристиките на бизнисот на клиентот.
ПроКредит е матична банка за бизнисите, што значи комплетна финансиска услуга од една банка. Тоа нуди поефикасно, побрзо и поекономично работење за еден бизнис. Оваа пракса на работење ја прифаќаат сè повеќе бизниси.
Банкарството го гледаме низ призма на партнерство кое се темели на вредности како одговорност, доверба и сигурност.

Во кои сектори во економијата најмногу вложува ПроКредит? Каде има најголем потенцијал да се развиваат домашните фирми?

Јолеска-Поповска: ПроКредит банка како специјализирана банка за работа со претпријатија најмногу инвестира во она што Македонија има потенцијал да го понуди, развие и извезе.
Особено внимание посветуваме на претпријатија кои развиваат препознатлив домашен производ било да е тоа дел од примарното, секундарното производство или услугите.
Дел од секторите каде има потенцијал да се развива автентично македонско производство и за домашниот и за странските пазари се примарното земјоделство, прехранбено преработувачката индустрија, органското производство. Силна поддршка даваме на храбрите иницијативи и визија за развој на најдоброто од Македонија.
Само во земјоделскиот сектор имаме пласирано над 65 милиони евра како кредитна поддршка на агро бизнисите.
Имаме специјален фокус кон претпријатијата кои се модернизираат, иновираат или развиваат конкурентност преку примена на енергетско ефикасни решенија. Досега имаме пласирано над 15 милиони евра кредитна поддршка за бизниси кои почнале да користат посовремена опрема и машини или изградиле енергетски ефикасен објект.
Тука спаѓаат и оние кои инвестирале во алтернативни извори на енергија: хидроцентрали, фотоволтаични централи за производство на струја, поставиле сончеви колектори и веќе се независни енергетски субјекти.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×