Нема челична рака што ќе ги запре протестите!
Објавено на од во Интервју
Љупчо Зиков – главниот и одговорен уредник на неделникот Капитал и поранешен претседател на Алијансата за позитивна Македонија во интервју за Фактор говори за последните актуелни политички случувања, објавувањето на „бомбите“ на опозицијата, поврзани со смртта на Никола Младенов, убиството на Мартин Нешковски, речникот кој го употребуваат владините функционери во телефонските разговори, за она што се случува на македоснките улици деновиве и за разврската што ја очекува од кризата која демнее над Македонија, каков е амбиентот во медиумите и со каков притисок се соочуваат секојдневно…

 

разговараше Горазд Чомовски

 

Фактор: Јавното обвинителство  пред две години  по кратка постапка се  произнесе дека загинувањето на новинарот Никола Младенов   било  несреќен случај.  По обелоденувањето  на т.н бомба за сопственикот на неделникот Фокус  СДСМ побара  реобновување на истрагата.  Власта  нема ништо против нова истрага. Нели ви е ова малку индикативно ?

 

Зиков:  А што и преостанува на власта освен “да нема ништо против нова истрага”. По се што слушнавме во телефонските разговори што ги објави лидерот на СДСМ, и по се што се случува деновиве на македонските улици, во време кога владата е обврзана да одговори на милион прашања пред обединетите македонски граѓани од сите етнички групи кои бараат одговори, уште и да се противи на нова истрага ли!?!

Секаде во нормалниот демократски свет, кога главен уредник и оснивач на медиумска куќа загинува одненадеж, на ваков начин, секогаш постојат сомнежи. И ќе постојат уште долго… Колку уредници и новинари гинат годишно во светот… Па речиси ниедно загинување не е случајно … Оттука, статистиката на загинувањето на новинари не е на страната на било која власт, ниту на оваа македонска власт, кога станува збор за загинувањето на Младенов.

Никола Младенов беше новинар, оснивач и главен уредник… И беше влијателен колумнист кој во 24 години независна Македонија отворено ја критикуваше македонската транзиција и нејзините дефекти предизвикани од сите влади… Беше фајтер. Со него можеше отворено да дебатираш за македонските проблеми. Тој беше јасен и ништо не ставаше под тепих…. Неговиот проблем беше што во рингот за боксување секогаш излегуваше без гард… Но во Македонија тоа не се цени. Овде молчењето се цени. Но сега работите се сменија. Широката јавноста почна да испорачува сметки на што има право.

И најсилната и најкредибилна истрага да се случила околу загинувањето на Младенов секогаш ќе има едно, или повеќе прашања за професионалните истражители и за власта. Затоа што тој беше човек и новинар кој беше непрекинато на своето работно место. Колку што јас го познавав нему животот му беше новинарството и политиката…

Оттука, нема ништо нелогично во барањето нова истрага за овој случај.

Па јавноста и ден денеска ги поставува дилемите, на пример, дали загинувањето на Јордан Мијалков, на позиција министер за внатрешни работи, беше сообраќајна несреќа или беше атентат… Можеме ли да претпоставиме дека по 23 години од тој настан, многу независни истраги се направени за овој случај во минатите години? Ако се согласиме дека е така, тогаш што е ненормално во барањето за нова истрага за Младенов … !?!

Во оваа тема се содржи и темата за тоа во каков амбиент функционираат македонските медиуми, со какви и колкави притисоци се соочуваат во своето известување, каков е односот на власта и политичарите кон нив, притисоците, корумпираноста на меидумите и поедини новинари, клиентелизмот и долгот кон својот патрон на кој нели практично и “животот му го должите”…

Каков е амбиентот за работа во медиумите гледаме секојдневно. Огромни се притисоците. Корупцијата е колосална, а новинарите се претворени во “човек бомба”наоружани со динамит околу стомакот и телепортирани на клучни локации да експлодираат и да направат огромна штета… Слушнавме за такви “човек бомба”сопственици на медиуми кои се подготвени и сами себеси да си пресудат само да си го добијат делот од буџетот …

А и да е се чисто во случајот со Младенов, самиот случај како таков, потоа гледаме дека станал алатка за притисок и злоупотреба, манипулација и закана врз медиумите. Тоа јасно можеше да се слушне во бомбата на Заев во делот на репликата “кој е следниот”или онаа “нека си провери дали му се напумпани гумите”!?!

Е сега… за целата оваа медиумска деструкција што се случува со години, прва одговорна е Владата. Таа треба да се соочи со својата одговорност, и пред јавноста и институциите да одговори на милион поставени прашања … Од тоа нема бегање.

Ако се преслушаат убаво и концентрирано аргументите за нова истрага што ги објави Зоран Заев, веројатно срочени и спакувани од некои други професионалци во оваа област, кои не биле ангажирани од власта, но се професионалци, заклучокот е дека во тие десет причини има доволно такви што јасно повикуваат и бараат нова истрага.

Таа истрага кога тогаш ќе се случи…

 

Фактор: Како го оценувате примитивиот речник  во разговорите наводно на владините функционери, каде повеќепати се слушаат навредливи зборови за Младенов, како „хохштаплер, корумпиран, злобен“, како и за повеќе новинари, кои се нарекувани „комуњари“, „лудаци“ и „будалетинки“ ?

 

Зиков:  Нема тука многу што да се коментира. Примитивизам. Речникот што го употребуваат владините високи претставници, а што го слушнавме до сега во сите триесет прес конференции, сам по себе кажува буквално се, и е објаснување зошто Македонија во 2015 година се наоѓа овде.

Најтрагично за сите нас е што кога зборуваме за нивниот речник ние не можеме да кажеме дека е тоа состојба во која јазикот им бил подолг од што треба, и дека им бил побрз јазикот од мозокот… Тоа не е така…

Проблемот за сите нас е во тоа што ова е суштински деструктивен инженеринг. Тоа е состојба на умот кај ликови што ја водат земјата и нас во неја … Затоа не треба да се чудиме оти не мрднавме никаде подалику од оваа точка. Па како да мрднеме со ваков изграден став на оние кои ја водат државата.

Од друга страна, сите ние за нив сме биле само поединечни јадни судбини кои прават кворум за тие да имаат предмет за работа. Предмет за владеење… Предмет за креирање буџет на РМ од 2,5 милијарди евра секоја година, потоа сме биле само гола примитивна причина за испумпување цифри од буџетот по разни основи, сме биле разни сегментирани таргети, сме биле човечиња и суштетсва, копиљаци и идиоти … Ние сме биле само гола мета на која тие мавале пикадо во време на разонода … лечеле комплекси и фрустрации …

Но, денес кога сето ова се слуша јавно, нивниот начин на разговор, речникот и сите “ќитки”со кои дискредитираат и си го чистеле патот за владеење без притисоци, многу повеќе кажува за нив отколку за сите споменати… Ова само покажува дека ним таму не им е местото…. Затоа тие дефакто се веке надвор од власта. Нивните изјави повеќе не создаваат “пеперутки во стомакот”кај наводното нивно големо членство и подржувачи …

И тоа е добро за идното здравје на Македонија…

 

Фактор: Поранешниот  разузнавач  Јанко Бачев  во  едно интервју за  Фокус  ќе рече „Едноставно така му било пишано на Никола Младенов да биде под постојан надзор на македонската тајна полиција, без оглед дали на власт е ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ.  Зошто  Младенов  бил  трн  во око   на политичките гарнитури особено на актуелната  и постои  ли простор да се сомневаме  дека тој е ликвидиран ?

 

Зиков:   Поранешниот разунавач од вашето прашање веројатно подобро ги знае нештата со присмотрата врз Младенов од страна на сите служби во сите влади. Во тоа не сакам да навлегувам оти немам доволно информации… Што се однесува до револтот на граѓаните тој е евидентен. Моја проценка е дека тој ќе се зголемува уште повеќе …

 

Фактор: Ја “пресретнува’ ли Груевски  можноста да се промени значењето на настаните, на пример,  објавувањето на  т.н бомби, револтот на граѓаните  по објавувањето на  снимките за Мартин Нешкоски, и со тоа не дозволува да се доведат под прашање односите на моќ и целата општествена стварност во која постои силен култ за неговата непогрешливост, непобедливост и бескомпромисност? 

 

Зиков: Не знам што и дали пресретнува господинот Никола Груевски. Тој е сега во состојба да менаџира со она што останува да се менаџира … Општетсвото и вредностите во него се девастирани… Повеќе никој не зборува за проектите од неговата програма, не се важни ниту инвестициите странски, тие не се важни дури ниту за неговите подржувачи и членови … Долгото владеење на неговата партија создаде повеќе илјади моќни локални ликови кои едноставно не се научени, и не се ментално способни да се носат со ваков тип на афери. Најпрво беа арогантни, а сега се променија… деновиве зборуваат и јавно единствено на темата како да се тргнат настрана и да не биде предмет на опсервација …. Стравот кај нив е голем. Дилемите уште поголеми…

 

Фактор: Постои ли опасност овој револт да се  зголеми,  по објавувањето на  случајот  со Младенов и најавата дека ќе следуваат  аудио-снимки поврзани  со ликвидцијата на момчињата кај Смилковско езеро кои  наводно содржат материјали кои се контроверзни или откриваат одредени непријатни моменти?

 

Зиков: Груевски се помалку има што да менаџира … Некои работи се егзактни и емпириски… И важат секаде во светот. Генерациите се менуваат. Трендовите се контра сегашните македонски власти… Ветровите дуваат толку силно што за извесно време, никој не може да процени за колку време во блиската иднина, од оваа владина екипа ке гледаме само “гола олупина”. Оваа вака поставена власт е технички збир на интересни групи и ликови клиентелистички поврзани меѓу себе и со концентричните кругови околу нив по принципот на должничко доверителски односи. Ги менуваат своите интересни цели во зависност од моменталниот распоред на фигурите на шаховската табла…

Аферата што ја лансираше опозицијата ја сруши таблата и сега се повеќе се движиме кон состојбата на ново прерспоредување на фигурите на таблата.

Оттука, дали ситуацијата ќе ескалира? Не сакам да верувам дека има такви будали, ниту во опозицијата, а уште повеќе во власта

 

Фактор: Каква разврска очекувате на кризата, опозицијата најавува протести за 17 мај, не се исклучуваат и контра протести. Може ли е  ситуација да ескалира?

 

Зиков: Ако власта организира контра протести тогаш можни се повеќе деструктивни сценарија… ке се намали просторот за мирни протести на опозицијата. Но, ке се отвори широк простор за брзо паѓање на власта.

Не гледам сила која може во моментот да спроведе владеење со челична рака што би подразбирало вонредна состојба, репресии и ќотек и да ги врати граѓаните дома и да ги одврати од протестите со сила … Оваа земја ниту е Русија ниту Украина, ниту е Белорусија ..

Ниту, пак, со оваа земја владее некоја длабоко фундирана власт која својата силина и моќ ја црпи од суштински дефинирана и егзактна идологија, историски точки и секвенци што нејзината иднина на владеење би ја проектирала како константа или пак спротивно оваа власт да е некој NEW WAVE- нов бран…Напротив. Тоа време и таа шанса одамна ја изгубија. Аферата што ја лансираше опозицијата ја сруши таблата и сега се повеќе се движиме кон состојбата на ново прерспоредување на фигурите на таблата.

Оттука, дали ситуацијата ќе ескалира? Не сакам да верувам дека има такви будали, ниту во опозицијата, а уште повеќе во власта

 

Фактор: Дали Груевски се бори да остане на власт,  или веќе   бара  решение  да  се спаси  од евентуално кривично гонење по објавувањето на наводните инкриминирачки материјали  на опозицијата?

 

Зиков: Не знам што прави Груевски сега, и не се фокусирам само на неговата позиција… Мислам за првото е малку доцна сега … Но, добро знам дека стратегијата на власта на промовирање на континуирана ароганција, недопирливост со реалноста, како и во неколку случаи изразување на колосална некомпетентност, ако вака продолжат нештата во многу блиска иднина ќе биде доцна и за едното и за другото во вашето прашање!?

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×