Исланд банкротираше, па како феникс полета од пепелта!
Објавено на од во Економија
iceland

 

Спротивно на мантрата што на Грците им ја повторуваат хипнотизираните официјални претставници на ЕУ а која гласи „штеди“ за да ги вратиш долговите кон банките, Исланд во 2008 година се најде пред банкрот и одбра сосема различен концепт. Граѓаните на Исланд на референдум одлучија да не ги враќаат долговите што ги направија трите водечки банки од околу 50 милијарди евра, макар што штедачите од Велика Британија и Холандија поради тој потег ги нарекува терористи. Можеби 2008 година беше кобна и тешка за Исланд, но неколку години по кризата, феникс полета од пепелта. Круната девалвираше околу 50%, па така земјата стана атрактивна за инвеститорите. Туризмот процвета, а од морето повторно испливаа исландските спасители, рибарите. Економијата повторно ита кон врвот со стапки на раст меѓу 3% и 4%.

 

Банките и меѓународните финансиски институции може да здивнат оти Грција сепак се обврза да штеди и да им ги врати парите што им ги должи, меѓутоа, не толку далечната историја памети и сосема различно однесување на земја што беше во слична ситуација. Да се вратиме само седум години наназад.

До кобната 2008 година, Исланд отсекогаш беше стабилна земја, рај за инвеститорите од Велика Британија, Белгија но и многу други земји бидејќи нудеше атрактивни камати за штедење, даваше поволни кредити и во краток период им овозможуваше на банките да заработат. Оваа земја беше толку просперитетна и богата што беше незамисливо дека може да ја погоди криза од големи размери.

Исландската економија во 2007 година делуваше толку здраво и напредно. Бруто домашниот производ (БДП) порасна дури 35% за само пет години, невработеноста беше едвај 2,3%, додека вкупниот надворешен долг изнесуваше скромни 27% од БДП.

Државите како Грција, Италија, Португалија, Шпанија се навикнаа да одат по кривулест пат во економијата, но не и Исланд. Исланѓаните не се плеткаа во ничии работи, ниту пак сакаа некој да ги тормози.
И тогаш дојде октомври, 2008 година. Од другата страна на Атлантикот, САД се соочи со хипотекарна криза која доби размери со кои можеше да и конкурира на Големата депресија, но сепак, првиот банкрот се случи во Европа. Банкротираше Исланд.

Исланд одеднаш веќе немаше од каде да обезбеди пари за рефинансирање на долговите бидејќи кредитната чешма пресуши. Трите водечки банки Kauphting, Landsbanki и Glitnir беа ставени под принудно управување од државата. Трите заедно имаа долг од 50 милијарди евра што не можеа да го вратат, што е многу помалку од долгот на Грција или другите медитерански земји должнички. Се чинеше дека Исланд со огромни долгови незадржливо паѓа на дното и дека ќе стане финансиска Атлантида.

Земјата во таа ситуација имаше два избора, да ги спасува банките или да ги остави да пропаднат, што значеше дека штедачите ќе останат без своите пари. Од Исланѓаните беше побарано да го свиткаат ’рбетот и да ги надоместат штетите на Британците и Холанѓаните од околу четири милијарди евра, чии економии исто така беа погодени од тоа што генијалните „викиншки“ момци од банкарскиот сектор фрлија се на коцка.
Но, на референдум, граѓаните на Исланд ја одбраа другата варијанта – отпис на долговите бидејќи не сакаа да ги враќаат парите што ги должат банките. Затоа банкротот на Исланд во 2008 година предизвика голем шок. Колапсот што се случи во Исланд беше најголем по размери откако луѓето од трампа преминаа на пари.

И додека најголем дел од земјите панично би повикувале помош кога би се нашле во ситуација во еден ден 10% од граѓаните им останат без работа како што се случи во Исланд кога пропаднаа банките, оваа земја ги реши своите проблеми со минимална помош на светските финансиски институции, но најмногу преку сопствената политика.
Одбија да ги плаќаат долговите што не ги направија, и тоа 3,8 милијарди евра колку што бараа од нив (секој Исланѓанец требаше да плати по 20.000 евра за да ги помират долговите кон Англичаните и Холанѓаните), ја сменија Владата која беше виновна за финансиските акробации. Луѓето организираа бунтови, протестираа додека нивните барања не се исполнија (промена на власта, на гувернерот на Централната банка и на Советот што управување од банките) а потоа, ги засукаа ракавите и почнаа да работат.

„Ние дозволивме банките да банкротираат. Отсекогаш сум се прашувал зошто се однесуваме како банките да се свети крави на економијата? По што банки се издвојуваат од другите компании?“, вака претседателот на Исланд, Олафур Рагнар Гримсон го пренесува успешниот рецепт кој го примени оваа земја за излез од кризата.
Според него и банките се како сите други компании дали во секторот телекомуникации или пак транспорт, се приватни претпријатија и како такви прават грешки и затоа треба да се остават да одат во стечај.

Неколку години по кризата, Исланд си го пронајде својот пат. Круната девалвираше околу 50%, па така земјата стана атрактивна за инвеститорите. Туризмот процвета, а од морето повторно испливаа исландските спасители, рибарите.
Спротивно на рецептот кои како мантра ја повторуваат хипнотизираните официјални претставници на ЕУ а кој гласи „приватизирај“, Исланд го примени концептот кој гласеше „национализирај“.
Тоа беше клучниот потег. Концептот на слободен, неолиберален пазар пропадна токму во Исланд, каде што ја покажуваше својата суровост. Интервенционизам, економски социјализам, може да се нарече како било… , на Исланд му ја отвори вратата за излез од кризата. Во комбинација со силен извоз, особено во секторот рибарство, потпомогнат со туризмот и производството на алуминиум, се спасуваа банките а воедно и сопствената глава и економија. Државата се покажа како подобар стопанственик од приватниците.

„Постојат две причини зошто Исланд се опоравува со растечка економија и опад на невработеноста. Како прво, ние на самиот почеток сфативме дека не се работи за финансиска или економска криза, туку за длабоко политичка, социјална, па може да се рече и правно системска криза. Затоа во секој од овие сектори спроведовме темелни реформи. Во останатите делови на Европа на кризата се гледаше исклучиво како економска криза. И второ, ние не се држевме не досегашните востановени рецепти за излез од криза“ вели Гримсон во интервју за Дојче Веле.

За да не се повтори неправдата, Исланѓаните го сменија Уставот така што во реформите се вклучени обичните граѓани, односно 25 од нив. Услов е да не смеат да бидат припадници на ниедна политичка партија, секој од нив мора да го препорачаат најмалку 30 други граѓани. На Исланд важат принципите на традицијата и семејството, по системот „Кога е тешко, да се држиме заедно’. Толку спротивно од поголемиот дел од европската политика.
Колку беше страшно? McDonalds ги затвораше рестораните, градилиштата се испразнија преку ноќ, автомобилите што чекаа да стигнат до продажните салони останаа заклучени на шлеперите на пристаништето, стаклената зграда на влезот остана да сјае но недовршена…

Но Исланд можеше да се однесува поинаку од Грција со таа разлика што не беше и се уште не е дел од Еврозоната. Веројатно ни самите Исланѓани не се сигурни дали воопшто припаѓаат на Европа или не. Политичарите пробаа да покренат процес на пристапување кон ЕУ, но граѓаните категорично одбија.

Исланѓаните го споредуваат влезот во ЕУ со влегување во ресторан во кој не можат сами да одбираат што јадат, туку добиваат храна што им ја носат од кујната. Додека некои држави итаат да се качат на ЕУ бродот, Исланд останува на копното, далеку од првиот сосед, но не и од најдобриот пријател, Европа.

Рибарите испливаа од морето да го спасат Исланд. Риболовот обезбедува 40% од приходите од извоз а оваа индустрија вработува 7% од луѓето.

Рибарите испливаа од морето да го спасат Исланд. Риболовот обезбедува 40% од приходите од извоз а оваа индустрија вработува 7% од луѓето.

Го чуваат рибарството како клучна стопанска гранка и тоа е една од главните причини поради која што не сакаат во ЕУ. Квотите би ги уништиле, а Англичаните повторно пред нивните носови би ловеле риба. Малата но интелигентна нордиска држава реши да не го дозволи тоа, а рибарството (поради кое Исланд во минатото водеше војни) да го зачува за себе и да не го дели со „европските пријатели“.

По банкротот, Исланд во 2010 година беше рангирана на 110 место според БДП. Пет години претходно, беше на второто место. Падот беше стрмен, а заздравувањето бавно и постепено. Но лекцијата е научена – не се чувствуваат должни никому и не одговараат за она што го направи слободниот пазар, макар поради тоа Британците да ги нарекуваат терористи. Оваа држава стана симбол за отпор против глобалните економски кризи и глобалните методи за решавање на кризата, благодарение на владините одлуки, кои беа спротивни на барањата на ЕУ.
Кредитната агенција Фич го зголеми рејтингот на Исланд и со тоа оваа специфична економија која одби да врати долг од 50 милијарди евра, излезе од кризата. Секако олеснително за Исланд беше што е надвор од еврозоната, што значи дека овој пример не би можела да го следи Грција.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×