Историски раст на сончевата енергија: Македонија бележи 50-кратно зголемување на производството од фотонапонски електрани

Анализата е изработена врз основа на податоците објавени во Годишниот извештај за работењето на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија за 2025 година. Извештајот претставува официјален и сеопфатен преглед на состојбите во електроенергетскиот сектор, производството и потрошувачката на електрична енергија, развојот на обновливите извори, пазарните трендови и движењата во енергетската транзиција на државата.
м-р Виктор Андонов,
Експерт за енергетска политика

Посебен фокус во анализата е ставен на промените во структурата на домашното производство на електрична енергија, растот на обновливите извори на енергија, намалувањето на зависноста од увоз, како и на трендовите прикажани во Прилог 12.1, кој овозможува компаративен преглед на производството на електрична енергија од домашните производители во периодот 2016–2025 година.

Податоците покажуваат дека македонскиот енергетски сектор влегува во период на забрзана трансформација, при што обновливите извори на енергија, особено сончевата енергија, добиваат сè позначајна улога во вкупниот енергетски микс на државата.

Биланс на електрична енергија: Домашното производство обезбедува над 86% од потребите

Во 2025 година, електроенергетскиот систем на Република Северна Македонија покажува стабилност, постепено зголемување на потрошувачката и значително подобрување на енергетската независност.

Вкупната бруто потрошувачка на електрична енергија изнесува 7.098 GWh, што претставува раст од 3,03% во споредба со 2024 година. Нето потрошувачката, односно електричната енергија испорачана до крајните потрошувачи, достигна 6.094 GWh, со пораст од 3,34%.

Особено значаен е фактот што домашното производство во 2025 година изнесува 6.123 GWh, со што се обезбедуваат дури 86,26% од вкупните потреби на државата. Само 13,74% од потребната електрична енергија се обезбедени преку увоз (975 GWh), што е значително под историските нивоа кога увозната зависност често се движеше помеѓу 20% и 30%. Овие показатели упатуваат на постепено зајакнување на домашниот производствен капацитет и подобрување на енергетската сигурност.

Инсталиран капацитет: Обновливите извори доминираат во структурата

Вкупниот инсталиран капацитет за производство на електрична енергија во 2025 година достигна 3.162,5 MW.

Вкупното учество на обновливите извори на енергија (сонце, ветер, хидро, биогас и биомаса) достигна 58,22% од вкупниот инсталиран капацитет, што претставува дополнителен раст од 2,5% во однос на 2024 година. Ова е првпат обновливите извори толку убедливо да доминираат во структурата на инсталираната моќност во државата.

Ова е првпат обновливите извори толку убедливо да доминираат во структурата на инсталираната моќност во државата.

Производство на електрична енергија: Фосилните извори сè уште водат, но сонцето забрзано расте

Иако обновливите извори доминираат во инсталираниот капацитет, во реалното производство сè уште доминираат фосилните извори поради нивната базна и континуирана работа.

Најзначајниот момент во 2025 година е тоа што за првпат производството од фотонапонските електроцентрали го надминува производството од комбинираните гасни постројки.

Дополнително, најголем годишен раст бележат:

  • Ветерните електроцентрали: +32,57%
  • Фотонапонските електроцентрали: +27,77%

Ова укажува дека новите инвестиции во обновливи извори веќе имаат директно влијание врз производниот микс во државата.

Период 2016 – 2026 година: Десет години длабока трансформација на македонската енергетика

Анализата на Прилог 12.1 од Годишниот извештај на РКЕ дава исклучително важен увид во трансформацијата на македонскиот електроенергетски сектор во периодот 2016–2025 година.

Вкупното производство расте и покрај падот на јагленот. Домашното производство на електрична енергија пораснало од 5.302 GWh во 2016 година на 6.122 GWh во 2025 година, што претставува раст од 15,46%.

Она што е особено важно е што овој раст е остварен во услови на континуирано намалување на производството од државните термоелектрани.

Пад на производството на АД ЕСМ

АД ЕСМ, како најголем производител на електрична енергија во државата, бележи значително намалување на производството. Во 2025 година компанијата произвела 3.243 GWh, што е за 24,58% помалку во споредба со 2016 година.

Причините се повеќеслојни:

  • застарена производствена опрема,
  • чести дефекти,
  • намален ископ на квалитетен јаглен,
  • исцрпување на постојните рудници, зголемени трошоци за одржување.

Дополнително, производството од ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј е намалено за 19,72% во однос на 2016 година.

ТЕЦ Осломеј покажува особено големи осцилации:

  • само 26,8 GWh во 2016 година,
  • максимум од 267,4 GWh во 2022 година.

Ова јасно ја покажува нестабилноста на старите јагленски капацитети, дополнително што оваа термоелектрана е зависна од увозен јаглен.

Сонцето расте 50 пати: Најголемата енергетска промена во последната деценија

Највпечатливата трансформација во македонската енергетика е експлозивниот раст на фотонапонските електроцентрали.

Во 2016 година производството од сонце изнесувало само 23,7 GWh, додека во 2025 година достигнува 1.180 GWh.

Тоа претставува раст од речиси 50 пати.

Овој податок претставува најсилен доказ дека Македонија веќе влегува во нова фаза на енергетската транзиција, во која сончевата енергија станува еден од носечките столбови на производството.

Хидроенергијата останува клучна, но зависна од хидрологијата

Производството од хидроелектроцентралите и понатаму има важна улога во системот, но покажува големи варијации зависно од временските услови.

Во анализираниот период:

  • максимумот е достигнат во 2016 година со 1.490 GWh,
  • минимумот во 2017 година со само 816 GWh.

Ова потврдува дека хидроенергијата останува силно зависна од хидролошките услови и климатските промени.

Ветерната енергија постепено станува важен фактор

Од 2022 година наваму се забележува континуиран раст на производството од ветерни електроцентрали, пред сè како резултат на новите приватни инвестиции.

Во 2025 година производството од приватните ветерни електроцентрали (без ВЕЦ Богданци) достигнува 187,9 GWh, додека вкупното производство од ветер достигнува 287 GWh. Ова покажува дека ветерната енергија постепено добива сè поголемо значење во домашниот енергетски микс.

Заклучни согледувања: Македонија веќе ја менува енергетската структура

Податоците за периодот 2016–2025 година покажуваат дека Македонија веќе влегува во структурна енергетска трансформација.

Во минатото беше вообичаено да се каже дека околу 80% од домашното производство на електрична енергија доаѓа од термоелектраните на јаглен. Денес тоа повеќе не е случај. Бројките покажуваат дека термоелектраните на јаглен во 2025 година обезбедуваат околу 35% од вкупното домашно производство, додека обновливите извори веќе учествуваат со над 46%.

И покрај падот на производството од традиционалните термоелектрани, огромниот раст на сончевите и ветерните електроцентрали постепено го компензира овој недостаток, што резултира со:

  • поголема енергетска независност,
  • намалена увозна зависност,
  • поголема диверзификација на производството,
  • забрзана енергетска транзиција.

Податоците од РКЕ покажуваат дека енергетскиот систем на Македонија повеќе не се потпира исклучиво на јагленот, туку постепено преминува кон нов модел базиран на обновливи извори, флексибилност и модернизација на производниот микс.

м-р Виктор Андонов

Поранешен советник за енергетика на
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија

Редакција Капитал

Редакција Капитал

...само идејата е Капитал, а сè друго е пари...

Напишете коментар

Your email address will not be published.

оди наВРВ