Иван Мрвош: Запознајте го најпопуларниот млад претприемач во Хрватска во моментов, творец на фамозните паметни клупи
Објавено на од во Start-up

 

Иван Мрвош главна
Иван Мрвош
сопственик на Include

Разговаравме со Иван Мрвош од Солин, крај Сплит, којшто е основач и сопственик на Include, компанија што стана светски позната по производството на т.н. паметни клупи. Овие интересни технолошки решенија Мрвош ги продава во 42 земји во моментов, каде што има досега инсталирано преку 1000 клупи во 11 различни модели.

 

 

Има само 24 години, а веќе 5-6 години наназад е една од главните „атракции“ во родната Хрватска, но и на сите регионални и европски бизнис форуми каде што се појавува да ја раскаже приказната за сопствената компанија Include и паметните клупи што ги произведува. Иван Мрвош ексклузивно за читателите на Капитал го сподели своето искуство за тоа како успеал во стартап лоциран во мало местенце крај Сплит да привлече преку три милиони евра инвестиции досега, а Include да достигне вредност од 15 милиони евра.
Кажете ми на почетокот, каков беше развојот на Include во последниве две години, откако ја добивте првата инвестиција: колку клупи произведувате месечно, колку од тоа е извоз, кои земји се најголеми купувачи и кој всушност најчесто ги купува вашите производи?
По завршувањето на првата инвестициска рунда во 2017 година, средствата најмногу се инвестираа во унапредување и зголемување на дистрибутивната и продажната мрежа, зголемување на производствените капацитети, создавање на залихи и, секако, на вработување на нови 15 лица. Максималниот месечен производствен капацитет ни е околу стотина клупи. Меѓу најголемите пазари се средна Европа, Скандинавија, Блискиот Исток и Австралија, а купувачите вообичаено се градови и општини, иако продаваме и на банки, телекоми, универзитети, аеродроми…
15 mКолку инвестиции имавте досега во фирмата и која е нејзината сегашна проценета вредност?
Досега имавме два инвестициски циклуси. Првиот беше во 2017 година, кога прибравме околу 3,5 милиони куни (околу 470 илјади евра, н.з.), со вреднување на компанијата од 30 милиони куни (околу 4 милиони евра). Вториот инвестициски круг беше неодамна завршен, а средствата ги прибиравме преку Funderbeam платформата и преку приватни инвеститори. Вкупно, циклусот е затворен со 18,8 милиони куни (2,5 милиони евра) инвестиции, а компанијата е проценета на 110 милиони куни (15 милиони евра) од една од ревизорските компании од листата “The Big Four”.
Што всушност значи Funderbeam платформата, објаснете ни малку повеќе од прва рака, со оглед дека и во Македонија штотуку почна да функционира со помош на Македонската берза?
Кампањите преку Funderbeam платформата првично се наменети за финансирање на стартапи, но во Хрватска е исто така прилагодена и за финансирање на мали и средни претпријатија. Инвеститорите за своите инвестиции примаат токени (најчесто 1 токен за 1 евро), а со нив може да тргуваат по инвестирањето. Тоа, всушност, многу слично на мала верзија на берзата, каде што тргувате со акции, имате можност да исплатите дивиденда и да купувате дополнителни акции. На овој начин, малите инвеститори и инвеститорите почетници можат да станат дел од интересните стартап приказни, веќе со неколку стотини евра.
По инвестициите, колкав е сега вашиот удел во Include и дали навистина планирате да го продадете по навршување на ваши 30 – години, како што неодамна изјавивте во едно интервју во Хрватска? Што би правеле после тоа, можеби потрага по нови стартап проекти со потенцијал за глобален успех?
Во врска со моето одење во пензија, хаха… Тоа беше шега што ни послужи на крајот како многу добар маркетинг. Се разбира, јас ќе продолжам да работам, но веројатно нема да биде со вака брзо темпо како последниве шест години. Што се однесува до уделот, моментално во компанијата имам 90 деловни удели кои претставуваат околу 70% од сопственоста. Да се ​​ доведе Include на нивото на бизнисот што јас го сакам, треба да се вложат уште најмалку шест до седум години, и дури потоа ќе размислам што понатаму.
16 mКои се клучните моменти во развојот на Include, во смисла, како дојде до првата инвестиција? Па, потоа како успеавте да направите соработка со Дојче Телеком и останатите големи клиенти? Кои беа најголемите предизвици и препреки на патот кон креирање финален производ и негов пласман?
Неколку клучни моменти има во развојот на Include. Првиот е, секако, на крајот на 2015 година кога бев с$ уште сам и кога одлучив “во ред, одам сега од ова да направам сериозна фирма”. Да решев да продолжам со изработка на дваесетина клупи годишно, секоја година, веројатно денеска не би зборувале ниту за Include, ниту за клупите. После тоа, сигурно еден од најважните моменти е повикот од Загрепската берза да бидеме прва хрватска компанија на Funderbeam платформата. Свеж капитал во тој момент многу ни значеше и се сомневам дека ќе најдевме друг извор на финансирање преку кој би собрале околу 400-500 илјади евра.
Приказната за соработката со Дојче Телеком почна уште во 2016 година кога почнавме да работиме со Хрватскиот Телеком. Во почетокот купувавме интернет пакети преку нив за нашите клупи, за да се прошириме набргу на моделот во кој ХТ ги продава наши клупи, а потоа ова го забележаа и други телекоми кои се дел од ДТ групата. Сето ова доведе до потпишување на официјален договор со ДТ на почетокот на оваа година.
17 mКолку всушност членството на Хрватска во ЕУ ѝ помага на развојот на вашата компанија. Што вие искористивте од тоа членство, а што од друга страна, е дел од бизнис амбиентот во вашата земја што го кочи уште побрзиот развој на вашиот бизнис?
За Хрватска, членството во ЕУ можеше да донесе цела низа различни погодности, но, за жал, нашата политика во последните шест години не беше способна да ги препознае и искористи. На самото дно сме според привлекувањето средства од фондовите на ЕУ. Наместо да ја искористевме приликата што конечно не постојат граници и царинења, и да почневме со извоз на суровини, прехранбени производи итн., ние на крајот уште и го зголемивме увозот, а намаливме извозот. Се разбира, има и позитивни примери, но тие се само исклучок што го потврдува правилото.
За нашата компанија, влезот во ЕУ е многу важен и овозможи работење што денес го имаме. Се сомневам дека 260 европски градови ќе имаа инсталирано од нашите паметни клупи денес доколку тие мораа да поминат низ комплексни постапки за увоз и царинење. Тука, всушност, ние ја гледаме и најголема предност, во логистиката и транспортот. Освен тоа, ЕУ има и многу средства што може да се повлечат директно од Брисел, што ние го сторивме уште во 2016 година.
Како се снаоѓате во врска со наоѓањето квалификувани работници…знаеме дека Хрватска, исто како и Македонија, има проблем со brain – drain трендот?
На почетокот на 2016 година, кога го спроведовме првиот циклус на вработување, беше многу полесно да се најдат луѓе, отколку денес. Ситуацијата на пазарот на труд во изминатите три години значително се промени, а денес ИТ компаниите се борат за секој вработен, особено ако е девелопер. Секако дека иселувањето дополнително ја загрозува ситуацијата, особено кога ќе се чуе дека во изминативе десетина години како држава сме загубиле речиси половина милион жители. Оно што ги привлекува вработените не се исклучиво парите, туку и интересни проекти, како и разни дополнителни погодности. За наша среќа, ние сме веднаш до море, а проектите ни се глобални и интересни, така да нешто полесно доаѓаме до нови луѓе, иако понекогаш вработените процесите на вработување можат да траат и по половина година.
Кога би добиле моќ на политичко одлучување барем на еден ден, кои би биле вашите три клучни потези?
Овде е мојот одговор многу краток и директен – намалување на товарот на претприемачите (помали придонеси за плати и помали парафискални давачки), привлекување на странски инвестиции преку подобра организација на правосудството и подобрување на бизнис климата, како и работа на стратешки проекти кои вклучуваат инфраструктура и обновливи извори на енергија.
Повеќето од младите луѓе кај нас го замислува тој стартап свет како нешто многу возбудливо, да не кажам “фенси“, па “бавењето“ со стартапи стана своевидна мода. Објаснете за нашите читатели од вашето искуство, што всушност значи стартап? Што го очекува еден претприемач на патот кон остварување на неговиот бизнис сон?
Еден стартап е сè само не “фенси”, со оглед на тоа што веројатно три години ќе работите најмалку 70 часа неделно, без плата, без годишни одмори, со многу брзо темпо, со еден куп одлуки што треба да донесете во рок од неколку минути, итн. Тука нема ништо „фенси“. Се разбира, со ова не мислам дека целиот ваш тим ќе работи така, но мора да бидете подготвени за многу жртви и откажувања.
За разработување на било каков сериозен бизнис, работата од 40 часа неделно не може да ви овозможи резултати. Инвестициите не доаѓаат исто така, сами од себе – треба да покажете дека сте способни да се снајдете за првите пари, дека можете да ја претворите идејата во производ, дека можете сами да ги пронајдете првите купувачи. Дури потоа, по најмалку една година, можете да си сонувате за првите инвестиции. Вака гледано, можеби сето тоа изгледа невозможно и напорно, но за нас, кои сме во тој свет, ова е многу динамична, предизвикувачка и забавна работа. Но, едноставно е работа која не е за секого.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×