Изборите во Бугарија повторно не сменија ништо. Ќе стави ли Борисов крај на серијата бесполезни избори?
Објавено на од во БАЛКАН-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Стратегијата на Бојко Борисов во кампањата за предвремените парламентарни избори во Бугарија – постојано драматично да потсетува на ситуацијата во која се наоѓа земјата со цел да ги доуплаши граѓаните во однос на иднината на најсиромашната членка на ЕУ, даде половичен резултат. Неговата партија ГЕРБ освои двојно повеќе гласови од БСП – уплашените граѓани гласаа за Борисов, кој водеше на предизборните анкети, па според тоа имаше и најголем потенцијал да состави стабилна влада, што ќе ја врати стабилноста во земјата. Но, ГЕРБ, иако победи, освои помалку од третина од вкупните гласови на изборите со најмала излезност во историјата на посткомунистичка Бугарија. Во обид да направи владина коалиција што ќе ја запре серијата бесполезни предвремени избори, Борисов ќе преговара со сите парламентрани партии, кои и ако влезат во широка коалиција, тешко дека државните интереси ќе им ги претпостават на партиските

И новите предвремени парламентарни избори што треба да ја дадат петтата по ред бугарска влада во последниве две години не донесоа решение. Победи Бојко Борисов и неговата партија ГЕРБ, но колку ќе му биде тешко да состави некаква влада, а да не зборуваме за стабилна, јасно е од изборниот резултат. Борисов доби нешто над 32% од гласовите, но со рекордно ниска излезност од под 50%, најниска во последните 25 години откако во Бугарија падна комунизмот. Ако му е за утеха тоа што овој пат осетно се одлепи од главните конкуренти, социјалистите на Михаил Миков (порано на Сергеј Станишев), (БСП), кои освоија двојно помалку гласови од ГЕРБ, нешто над 15%, на идниот премиер нова главоболка ќе му бидат двојно поголемиот број на партии во парламентот (во однос на претходниот состав) како потенцијални партнери со кои ќе треба да се пазари при формирањето на новата владина коалиција. Во составот на бугарското собрание што го одредија претходните предвремени парламентарни избори, одржани во мај 2013 година (на кои ГЕРБ, исто така, победи, но со само 4% повеќе гласови од БСП, па, бидејќи Борисов пред изборите си беше дал оставка како премиер, парламентарните партии му дадоа можност на Станишев да формира влада, на чие чело до август годинава беше технократот Пламен Орешарски) влегоа четири партии: ГЕРБ, БСП, ДПС (Движење за права и слободи) на Љутви Местан, која е позната како турска партија, и ултранационалистичката Атака на Волен Сидоров. Борисов по новите избори партнери ќе бара меѓу седум партии или коалиции, кои разочараните бугарски гласачи како намерно да ги гласале за Парламентот да наликува на „рогови во вреќа“. Покрај ГЕРБ и БСП, пратенички мандати освоија и ДПС (со над 14% од гласовите), Реформаторскиот блок (со над 8%), коалицијата Патриотски фронт во која влегува и бугарското ВМРО (со над 7%), коалицијата Бугарија без цензура (со над 5%), Атака (со над 4%) и АБВ (Алтернатива за бугарска преродба) (со над 4%).

Ситуацијата во која се наоѓа Борисов пред составувањето на новата влада, прилично точно, иако, со намера да звучи духовито, ја опиша анонимен Бугарин на Фејсбук, нарекувајќи ја „задача за Ајнштајн“. Имате осум партии, вели тој, кои треба да соберат 50% (за парламентарно мнозинство, н.з.). Првата има околу 33% и нема да преговара со третата и со шестата. Втората има 15% и нема да преговара со првата. Третата има нешто помалку и преговара со сите. Четвртата има околу 9%, а не преговара со третата. Петтата има околу 8% и не преговара со третата и со четвртата. Шестата има околу 6% и не преговара со првата и со третата. Седмата и осмата имаат по 4% и преговараат со сите. Се сметка дека само 1% од луѓето можат да ја решат оваа задача, се вели на крајот на Фејсбук постот.
Но, иако ноќта по изборниот ден, по првичните резултати, можеа да се слушнат изјави со многу црвени линии на патот до новата влада, со секој следен ден реториката омекнува. Борисов веќе ден по изборите изрази подготвеност да им предложи министерски места на останатите парламентарни формации во замена за поддршка на неговиот кабинет (ако не може да стигне до мнозинска влада со поддршка од барем 121 пратеник – бугарското собрание има 240 пратеници, тогаш новиот премиер ќе оди на малцинска влада, поддржана и од пратеници кои нема да бидат дел од владејачката коалиција).

„Ако во БСП, на пример, имаат разумни гледишта во областа на одбраната, зошто да не им дадеме можност да предложат свој министер во кабинетот на ГЕРБ? Или, пак, ако екипата на Кунева (Маглена Кунева, Реформаторски блок) е подготвена да се ангажира за решавање на проблемите во образованието, би ја прифатил нивната варијанта за министер во овој сектор“, изјави Борисов.

Од БСП претходно, демонстрирајќи конструктивност, изјавија дека ќе ја поддржат новата влада во однос на важните национални приоритети (со оглед на ситуацијата во Бугарија), но инсистираа дека ќе останат во опозиција. Првите, пак, изјави од Реформаторскиот блок беа дека не го поддржуваат Борисов за премиер, сметајќи дека ГЕРБ има понеискомпромитирани персонални решенија. Како и да е, на крајот не треба да се исклучи можноста во Бугарија да се случи голема „германска“ коалиција (по углед на онаа меѓу демохристијаните на Ангела Меркел и социјалдемократите на Зигмар Габриел) меѓу ГЕРБ и БСП, што и би било соодветно на приликите во земјата, како некаква влада на национален спас, но прашање е дали во ваков случај ќе биде соодветна и одговорноста за државата на овие две најголеми партии кои се менуваат на власт. Извршна комисија на ГЕРБ одлучи преговори да има со сите парламентарни партии, почнувајќи од 13 октомври (понеделник) со БСП, следниот ден, со ДПС, потоа со Реформаторскиот блок, и така натаму.

Во Бугарија е лошо, ама не колку во говорите на Борисов

На Бојко Борисов нема да му олесни и откако ќе ја избрише потта од маките за составување на новата влада. „Државата е исправена пред неодложни внатрешни и надворешни проблеми, како најтешката банкарска криза во претходните две десетлетија“, напиша по изборите во Бугарија „Волстрит журнал“, а „Гардијан“ оцени дека „за новата влада е неопходно да му даде поттик на економскиот раст, да излезе на крај со корупцијата и со организираниот криминал“ и оти „Бугарија, која од една страна има потреба да ги зачува традиционално силните врски со Русија – изворот на гас, на туристи и инвеститори, во исто време треба да се држи до Брисел, кој заедно со Вашингтон бара Софија да ги ослаби врските со Москва поради украинската криза“.
Покрај политичките проблеми поврзани со снабдувањето со руски гас и масовните протести на граѓаните (поради сиромаштијата – Бугарија е најсиромашна членка на ЕУ, и високите цени на енергенсите, кои го принудија Борисов на оставка во февруари 2013), претходната влада на социјалистите ја обележаа и катастрофалните поплави. На земјата ѝ се неопходни темелни реформи и во здравствениот, пензискиот и во образовниот систем. Борисов, сметаат бугарските аналитичари, во кампањата вешто ја искорисисти ваквата ситуација. Даваше апокалиптични изјави дека изборите се последна можност за спас на Бугарија, предупредувајќи оти ако има нови предвремени избори, нема да остане ништо што би ја одржало земјата. Лидерот на ГЕРБ играше на картата дека уплашениот народ полесно ќе се определи за очекуваниот победник (а, анкетите во предизборието за таков го посочија токму ГЕРБ) кој би „гарантирал“ стабилна власт. Ниту излезноста, ниту процентот на освоени гласови покажаа дека Борисов успеал доволно да ја мобилизира нацијата со ваквиот пристап. Но, ефектот е очигледен во одлепувањето на ГЕРБ како прва партија, од втората, БСП. Понатаму, говорејќи во колку тешки околности треба да го преземе водењето на државата, Борисов се обиде да го спушти прагот на очекувањата од неговата нова влада.

„Состојбата во државата е исклучително тешка … ако до 15 октомври немаме стабилна влада, нема како да заздрави државата … да сврземе крај до крај до крајот на годината е огромен предизвик, а да ја поминеме 2015 година е неверојатна вештина“, изјавуваше Борисов.

Но, дел од експертите (особено финансиските и економските, кои успеваат да се дистанцираат од вревата на политичката криза во земјата) не сметаат дека ситуацијата е толку очајна како што ја опишува идниот премиер, а неговото драматизирање го припишуваат на погоре споменатата тактика – со уплашениот гласач полесно се манипулира. Овие експерти посочуваат на податоците кои покажуваат дека какви и да се актуелните економски, финансиски и буџетски проблеми на Бугарија, не може да стане збор за некаква катастрофална промена ниту во однос на личните, ниту, пак, на државните финансии. Во овој контекст, сметаат дека тоа што дури 61% од Бугарите одговориле на анкетно прашање дека државата им се наоѓа во финансиска катастрофа, е резултат на впечаток сугериран од политичарите.

***

Бугарите првпат гласаа и за личност

Овие избори во Бугарија ги одбележа и значајниот демократски исчекор – воведувањето на можноста да се гласа по преференција, односно покрај за партија или за коалиција, гласачите можеа да изберат и еден кандидат од листата на партијата за која гласале, така влијаејќи на подредувањето на кандидатите. Затворените листи (како во Македонија) не му даваат можност на гласачот да го менува распоредот на кандидатите на листата одреден од партиите. Воведувањето на преференцијалното гласање сепак не направи некој поголем потрес на бугарската политичка сцена, пред сѐ, поради тоа што е тукушто воведено (граѓаните не се доволно информирани), а според изборната регулатива се смета дека глас добил првиот на листата (носителот) секогаш кога не е избран претпочитан кандидат. Како и да е, третина од гласачите ја искористиле преференцијалната можност (1.120.868 од вкупно 3.443.326 кои гласаа на 5 октомври), и во бугарскиот Парламент ќе има пратеници избрани според преференцијата на граѓаните, поради кои без пратенички столчиња ќе останат кандидати кои партиските врхушки ги поставиле повисоко на листите.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×