Извозот на европските пазари ќе расте, но Брегзит може да ги помати сметките
Објавено на од во COVER STORY

Kamion-MK-MontazaПозитивни проценки за најголемите трговски партнери

Повлекувањето на Обединетото Кралство со или без договор со Европската Унија им танцува по нервите на пазарите и создава неизвесност околу проценките за економската активност во повеќето земји во ЕУ, па дури и во Македонија. Доколку британскиот парламент не го усвои договорот за Брегзит, тоа би можело да предизвика трговски хаос што ја засега и Македонија бидејќи со обем на размена на производи од 660 милиони евра лани, Обединетото Кралство е трет најголем трговски партнер на земјата.Во исчекување на исходот од британскиот парламент, релевантните институции засега не ги ревидираат своите проценки за странската побарувачка од Македонија, но секако го перципираат како еден од основните ризици. Според проценките на Владата, реалниот пораст на извозот на стоки и услуги е проектиран на 8,5%.Народната банка во октомври ја ревидираше проекцијата за раст на странската побарувачка на 2%, а надолната ревизија е главно поради Германија, одразувајќи пониска побарувачка и посилно евро.Капитал анализира какви се проценките за растот на бруто домашниот производ (БДП), увозот и извозот годинава во земјите најголеми извозни пазари на Македонија.

Повлекувањето на Обединетото Кралство со или без договор со Европската Унија им танцува по нервите на пазарите и создава неизвесност околу проценките за економската активност во повеќето земји во ЕУ, па дури и во Македонија. Доколку британскиот парламент не го усвои договорот за Брегзит, тоа би можело да предизвика трговски хаос што ја засега и Македонија бидејќи со обем на размена на производи од 660 милиони евра лани, Обединетото Кралство е трет најголем трговски партнер на земјата.

Македонија е нето увозник од Обединетото Кралство, од каде што најмногу се набавува платина и паладиум за производството на најголемата компанија во земјава, Џонсон Мети, па оттука и ризикот од евентуалното излегување од ЕУ без договор најмногу е поврзан со работењето на оваа странска инвестиција. Но Брегзит без договор со ЕУ секако е потенцијална закана и за извозот, односно за нарачките од некои земји кои што може да бидат најпогодени од тоа, како што е на пример Германија која што е најголем извозен пазар на Македонија, но и во другите европски пазари, поради големата трговска поврзаност на Обединетото Кралство со овие земји.

Во исчекување на исходот од британскиот парламент, релевантните институции засега не ги ревидираат своите проценки за странската побарувачка од Македонија, но секако го перципираат како еден од основните ризици.

Според проценките на Владата, реалниот пораст на извозот на стоки и услуги е проектиран на 8,5%.

„Зголемениот извозен потенцијал на земјата, при континуиран солиден извоз од новите производствени капацитети, како и опоравувањето на традиционалните извозни сектори во земјата, се солидна основа за задржување на високиот раст на извозот на Македонија, во услови на очекуван раст на странската побарувачка“, пишува во Буџетот за годинава.

Народната банка во октомври ја ревидираше проекцијата за раст на странската побарувачка на 2%, а надолната ревизија е главно поради Германија, одразувајќи пониска побарувачка и посилно евро.

„Во просек за 2018 – 2020 година, извозната побарувачка и натаму е клучниот фактор на растот, што е поврзано со активноста на странските извозни капацитети, влезот на нови компании и натамошниот раст на странската ефективна побарувачка“, анализираа од Народната банка.

Капитал анализира какви се проценките за растот на бруто домашниот производ (БДП), увозот и извозот годинава во земјите најголеми извозни пазари на Македонија.
Позитивни проценки за извозните пазари

Имајќи го предвид фактот дека дури 47% од македонскиот извоз минатата година завршил на германскиот пазар со што Германија е неприкосновен лидер на табелата најголеми извозни пазари на Македонија, проценките за раст на германската економија се клучни параметри што определуваат како ќе се движи македонскиот извоз. А светските економисти се загрижени дека токму Германија може да биде една од земјите што најмногу ќе ги почувствува негативните последици од Брегзит без договор со ЕУ на сопствена кожа.

Според последните проценки на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во својот последен извештај од октомври лани, германската економија годинава ќе порасне 1,9% што е благо забавување во споредба со претходните години. Извозот на германски производи според ММФ ќе се зголеми за 4,3%, додека пак увозот се проценува дека порасне 5,1%.

За 11 месеци лани, извозот од Македонија во Германија достигна 2,5 милијарди евра и на годишно ниво е зголемен за над 15,6%. Ако се анализира што најмногу извезуваме во Германија, тогаш најголем дел од извозот отпаѓа на автомобилските делови кои во Македонија ги произведуваат странските инвеститори кои отворија фабриките со слободните зони.

Најголем е извозот на Џонсон Мети чии катализатори и прочистувачи за издувни гасови се користат во германската автомобилска индустрија, а потоа следуваат сетовите за спроводници за палење кои во Македонија ги произведува Дреклсмајер, иницијатори и забрзувачи на реакција, табли и плочи за управување или разведување на електрична енергија.

Инаку, извозот во најсилната економија постојано бележи зголемување, благодарение на извозот на автомобилски делови кои се произведуваат од страна на странските инвеститори во слободните економски зони. Па, така за изминатите пет години извозот од Македонија кон Германија е зголемен повеќе од двојно, од 1,15 милијарди евра во 2013 година на 2,5 милијарди евра лани.

Втор најголем извозен пазар за македонските компании лани била Бугарија, каде што биле продадени производи и услуги во вредност од 285,5 милиони евра, што е раст од 5,5% за една година.Во Бугарија завршува 5,3% од вкупниот македонски извоз, што е далеку помалку во споредба со лидерот на табелата, Германија,

ММФ проценува дека бугарската економија годинава ќе порасне 3,1%, додека пак увозот и извозот ќе се зголемат за 5% и 4,а% соодветно.

Ако се анализира што најмногу се извезува во Бугарија, тогаш во петте најизвезувани производи влегуваат руди, суров тутун и челични цевки.

Трет најголем извозен пазар за Македонија е соседна Србија, каде се извезува 4% од целиот македонски извоз. За 11 месеци лани во Србија се извезени производи во вредност од 212,8 милиони евра, што е годишен раст од 6,5 %.

ММФ проценува дека економскиот раст на Србија годинава ќе достигне 3,5%. Увозот на производи и услуги во Србија според ММФ ќе се зголеми за 7,5%, додека пак извозот на српски производи се проценува да порасне за 9,1%.

Меѓу најизвезуваните производи во Србија лани се електрична енергија, лекови, плоснати валани производи преслечени со пластична маса, челични цевки, трпезно грозје, свежи домати, кондиторски производи.

Белгија е следна земја каде што се продаваат најмногу производи од Македонија, со извоз од 207,5 милиони евра. Најизвезуван производ во Белгија се автобусите кои белгиски Ван Хол ги произведува во технолошко индустриската развојна зона Бунарџик, но извезуваме и тутун, фероникел и други производи.

Проценките на ММФ за белгиската економија се раст од 1,5%, раст на увозот и извозот по 4,1%.

Петти најголем извозен пазар на Македонија е Косово. Според статистичките податоци од јануари до ноември лани, извозот во Косово изнесува речиси 204 милиони евра и е зголемен за 10,5% за една година. По одделни производи, во извозот доминираат горивата на ОКТА.

Проценките за косовската економија на ММФ исто така се позитивни – раст на БДП од 4%, зголемување на увозот и извозот за 2,7% и 9,4%.

Но иако проценките навестуваат дека Косово како соседен пазар има голем потенцијал за македонските извозници, сепак податоците покажуваат дека Македонија со текот на времето го губи овој пазар. На пример, во 2011 година извозот од Македонија во Косово изнесувал рекордни 396 милиони евра, што било двојно повеќе од лани.

Грција е следна на листата според обемот на извозот од Македонија. Статистиката за 11 месеци лани евидентира продажба на стоки и услуги на грчкиот пазар од 176,8 милиони евра што е раст од околу 6% на годишно ниво.

Но во исто време увозот од Грција се зголеми за над 20% па така оваа земја стана втор најголем трговски партнер според вкупниот обем на размена. Во увозот од Грција, доминираат горива додека пак во извозот, суров тутун, мермер, памучни блузи и кошули кои се шијат во неколкуте текстилни фабрики кои грчки фирми ги имаат отворено во Македонија, железни прачки и цевки, електрична енергија, конзервирани маслинки, јагнешко месо.

По долгогодишната финансиска криза, грчката економија последните две години покажува забрзан раст, па така ММФ проценува дека економијата годинава ќе порасне 2,4%, додека пак растот на увозот и извозот е проектиран на 3,5%.

Италија е седми по големина извозен пазар за македонските производи, на кој лани се извезле производи во вредност од 173 милиони евра што е зголемување од 14,2% за една година.

ММФ за Италија проценува раст на БДП од 1 % и пораст на увозот и извозот од 3,5% и 2,5% соодветно.

Романија е следна на табелата најголеми извозни пазари со вкупен извоз од 153,8 милиони евра, што е раст од 6,9% на годишна основа,

Најголем дел од извозот, но и неговото зголемување во Романија се должи на зголемениот извоз на автомобилски делови кои се произведуваат во Македонија од страна на странските инвеститори, а потоа се склопуваат во други автомобилски фабрики за познати брендови.

Проценките на ММФ за оваа земја покажуваат пораст на економијата од 3,4%, додека пка увозот и извозот ќе пораснат по 7,4% и 7,5%.

Претпоследна на табелата најголеми извозни пазари е Австрија каде што македонските компании извезле вкупно 133,7 милиони евра. Оваа земја се приклучи на останатите најголеми извозни пазари на Македонија откако лани е евидентиран рекорден раст на извозот за два и пол пати.

ММФ за Австрија проценува економски раст од 2,2%, пораст на увозот и извозот од 4% и 4,1%.

Последна на табелата е Унгарија, каде што лани се извезени стоки во вредност од 110 милиони евра и тоа е за 58% повеќе од годината претходно.

ММФ за Унгарија проценува дека економскиот раст ќе достигне 3,3% годинава. Увозот и извозот ќе се зголемат 7,4% и 7,8% соодветно.

 


1466741256105.cachedПоследици од Брегзит за македонската економија

Доколку Обединетото Кралство не го усвои договорот за повлекување од Европската Унија, условите за трговска размена со Македонија ќе се променат.

Обединетото Кралство всушност ќе биде „трета земја“ кон Македонија, односно нема да биде дел од земјите – членки на ЕУ. Тоа практично значи дека извозот и увозот на стоки меѓу Македонија во Велика Британија ќе подлежи на плаќање на царина.

Со оглед на фактот дека Обединетото Кралство е значаен трговски партнер на Македонија и втор најголем инвеститор во земјава, интересот за регулирање на односите меѓу двете земји по Брегзит е особено значаен и неопходно е што поскоро да се изгради официјална позиција за ова прашање.

Со цел македонските производи да можат да ги уживаат погодностите од бесцаринскиот увоз, тие треба да ги исполнуваат условите за преференцијално потекло и при извозот од Македонија во Велика Британија да бидат придружувани со доказ за потекло – уверение за движење ЕУР 1 или изјава во фактура.

Регионалната конвенција за пан-евро-медитеранските преференцијални правила за потекло (ПЕМ конвенција) е единствен документ чија главна цел е примена на идентични преференцијални правила за потекло на стока со која се тргува меѓу договорните страни кои се потписнички на овој документ. ПЕМ конвенцијата овозможува поефикасно управување со системот за кумулација на потеклото на начин што им овозможува на договорните страни подобро и побрзо да реагираат на промените во економската реалност.

Пан-евро-медитеранскиот систем на кумулација на потекло ги вклучува земјите членки на Европска унија, земјите членки на ЕФТА (Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн), земјите од Барселона процесот (Алжир, Египет, Израел, Јордан, Либан, Мароко, Сирија, Тунис, Турција и Палестина) и Фарските Острови, како и земјите од Западен Балкан учесници во процесот на стабилизација и асоцијација со ЕУ (Албанија, Босна и Херцеговина, Република Македонија, Црна Гора, Србија и Косово) и Молдавија. Овој систем е составен од мноштво на договори, во кои постојат протоколи за потекло со идентични правила за потекло кои овозможуваат дијагонална кумулација меѓу земјите од зоната.

Со овој единствен документ се овозможува сите членки кои учествуваат во ПЕМ процесот, а имаат помеѓу себе договори за слободна трговија, да можат да кумулираат со потеклото на стоките, односно да користат репроматеријали од земјите членки на процесот и добивање на статус на преференцијално потекло на стоките кои ги произведуваат, како и примена на преференцијални царински стапки во земјите од ПЕМ процесот каде извезуваат.

Доколку Велика Британија не пристапи кон ПЕМ конвенцијата, бидејќи сега договорна страна кон Конвенцијата е ЕУ, значително ќе се отежни извозот на Македонија во Велика Британија и нема да постои можност за кумулирање на преференцијалното потекло на стоките.

Аналитичарите сугерираат дека трговските односи помеѓу Македонија и Велика Британија треба да бидат што поскоро регулирани, преку склучување на нова форма на договор за слободна трговија.

Притоа, потеклото на стоките да биде еден од суштинските елементи на новиот трговски договор, од причина што голем дел од странските инвеститори и домашните фабрики (автомобилска и текстилна индустрија) зависат од ПЕМ конвенцијата за потекло и кумулацијата за потекло;

Во Договорите со инвеститорите во зоните (што не се јавни достапни), доколку постојат одредби за гаранција од Македонија за безцарински увоз од Велика Британија, може да настанат финансиски импликации за Македонија, доколку странските инвеститори – извозници плаќаат царина при увоз од оваа земја што има намера да ја напушти Европската Унија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×