“Јас. И никој мој …”!?
Објавено на од во Колумни
Александар Тијаниќ, долгогодишниот директор на Радио телевизија Србија, во својата брилијантна книга „Ја. И нико мој …„, објавена непосредно по неговата смрт, пред две години, опишувајќи ги како инсајдер, двете децении по распадот на СФРЈ, во кои тој имаше на моменти и контроверзна улога, особено во ерата на Слободан Милошевиќ во воведот напиша:
Лордовите на мафијата, носителите на државните функции и сопствениците на капиталот од приватизацијата, оној невидлив Управен Одбор на Србија – половината олоши кои тргнаа со амбиции да бидат Џон Кенеди, а завршија во костумот на Дон Корлеоне, а другата половина од нив кои почнаа како Дон Корлеоне, а со амбиции да бидат Џон Кенеди, таа ревија на „зли духови„ ја насочи Србија кон пропаст во овие повеќе од две децении по распадот на СФРЈ. Она што не го направи српската мудрост, ќе го направи – како и обично – српската немоќ!?
Останувам без коментар на овие зборови на Тијаниќ …!

1.

Мојата проценка е дека додека излезе овој број на Капитал од печат „бомбата„ на Заев се уште нема да биде експлодирана. Носам наивно чувство дека, ако лидерот на СДСМ чекал толку месеци со бомбата со изваден осигурач, може да почека барем уште еден ден да кажам нешто важно врзано со овој мачен случај во оваа јадна и напатена наша „држава во џебно издање„!
Деновиве изјава за овој случај од мене побараа три телевизии и два весника и пет портали … Не дадов никаде изјава затоа што бојкотирам. Мојата дилема е основана, дека некој сериозно размислува како излезно решение од оваа ситуација да ги воведе медиумите во лош филм очите да си ги извадат меѓу себе бранејќи ги двата двора како кучиња чувари … Во стилот на онаа табла на оградата „Пази пас уједа …„

Им одговорив на овие колеги од македонските медиуми дека мојот став за случајот ќе го слушнат дури откако ќе експлодира бомбата на Заев и СДСМ. Затоа што самата приказна за бомбата како таква, а не експлодирана, не е моја приказна, расправата за неа, а уште неексплодирана, може да биде само уште една сапуница во која некој сака кавги и поделби, а целата оваа драма да заврши со одговорноста на медиумите за тоа што објавиле „невистина„ или невистина!?
Не може така … Затоа мојот одговор е дека Капитал, и јас лично, за бомбата ќе се изјасниме откако ќе ја слушнеме како експлодирала … и што ќе се разлета од неа. Тоа ќе биде нашата тема …!? И откако „ќе ги преброиме мртвите„ се разбира. Оти ова не е наша приказна. Ова не е приказна на мојата генерација, на моите колеги и пријатели. Затоа повелете вие раскажувајте … Јас ќе слушам.

На оние медиуми и новинари, пак, кои веќе влегоа во арената, и си ја земаа улогата на гладијатори од двете страни (повеќе од нив едноставно мораат сега да одработат) и кои „први професионално ќе погинат„ еден ден во блиската иднина топло им порачувам една реплика од Тијаниќ, во наведената книга:
„Непристојната политика фабрикува непристојни медиуми, жолтата политика размножува жолти новинари, лажливи политичари множи и произведува лажни новинари, затупена сериозност на политичари генерира затупена сериозност на новинари, кога ликови со слаб вид водат, малоумни следат. Или обратно. Што е тука нејасно?

Драги мои читатели на Капитал … Нашата поранешна држава СФР Југославија постоеше од 1945 до 1990 година кога се распадна на еден екстремно крвав начин незабележан во поновата европска и светска историја. Таа постоеше рамно 45 години. Она што во светската историја ќе остане засекогаш впечатливо напишано е што зенитот на својот општествен и економски развој таа Југославија го достигнуваше во шеесетите и првата половина на седумдесеттите години, отприлика на 25 годишнината на нејзиното постоење…!? Колку што е денес Република Македонија. Оти Македонија во временската отсечка на постоење на Југославија сега е некаде во 1970 година. Кога и јас и мојата денешна генерација сме се родиле …
Ајде сега да ја споредиме Југославија од тоа време, и Македонија од ова време …?! Што правиме ние денес? Која е нашата приказна? Каде одиме? Знаеме ли што сакаме да му порачаме, со нашето постоење, на овој денешен свет во 21 век? Која е смислата на живеење и работење овде …? Зошто ние денес треба да ја сакаме и да бидеме патриоти за оваа и ваква Македонија?

Зошто дозволивме овие политички елити, од едната и другата партиска страна, македонски и албански, да создадат две македонски нации!?! Едната мнозинска, но немоќна нација, која искрено сака Македонија да постои поради сите нас во неа од сите сорти, и другата која ја владеат стотина политичари и други ликови од две бои (нијанса од црвено, но во душа некоја архаична мутирана сорта на црвена буржоазија) која е отпорна на се што е прогресивно, и која очигледно сака Македонија да умре само поради каприцот на неколкуте лидери кои веруваат дека се тие поголеми од Македонија …!?

2 .

Еден мудрец вака кажал:„Џабе Господе што не смести овде. Се што е твое е ремек дело. Тоа што е наше е ремек дело … на наш начин … дело на купче будали. Каде уште, Господе, на овој континент, политичките и другите елити се производ на среќно, богато, глупаво, себично и злобно стекнато богатство. Каде уште на овој континент, Господе боже, вистината претставува прашање на моќ. Каде е уште, како овде, разбиена взаемна граѓанска поврзаност … каде е уште, како овде, разбиена свеста за заедничката судбина …„!?
Еве еден пример за македонската валкана и перверзна стварност ….

Хроничарите во овие 25 години независност забележале дека еден од ретките национални и државни консензуси, и договори меѓу сите партии – и македонски и албански и други е направен во македонскиот Парламент, и во моменти кога сите 120 пратеници се држеа цврсто за рака, и тоа бедно и егоистично… се законите кои ги штитат вработените во јавната администрација, владините агенции, самата Влада, јавните претпријатија, каде се напикани сите „мој до мој„ на монополистите на политичката сцена … Исто и законите за надоместоци и бенефиции на пратениците …

Што повеќе да се каже. Пониско и понеискрено нема.

За овие прашања сите тие таму на другата страна од „линијата на разграничување„ со народот и демократската јавност, си се договориле да основаат своја каста, своја планета! 25 години рај. Таму владее друг економски систем, таму денарот има друга вредност. Таму не е тема увозот и извозот, инвестициите и вработеноста, платите на граѓаните и степенот на сиромаштија, таму нема социјални случаи оти едноставно тие спасија кожа …

Таму, во тој свет на тендери, кеш, моќ и разврат не е важно што рестото македонски луѓе, кое во себе носи горко чувство оти станал троскот во сопствената бавча, се иселува некаде далеку носејќи го со себе и чувство на одвратност за изгубеното време во животот во илузии дека ова еден ден ќе стане држава!?
Па така на скандалите со расипнички потрошените пари на некои пратеници, некој „мрсимуд„ од Собранието на РМ, без трошка чувство на одговорност седнал и напишал соопштение во кое ставил дека: Надоместоците и разните други трансфери биле законски, не биле ништо ново надоместоците на пратениците …

Поинтелигентна промисла од одговорот произведен во главата што го срочила ова соопштение можеше да објасни дека – поентата не е дали „лапањето„ пари е законско или не, туку тоа што ова „лапање„ е штетно по општото здравје на нацијата … Тоа е неморално и го поткопува јавниот интерес, и не е добар пример, за тоа како треба да се гледа на државата од секој поединец поединечно … Оти да го правиш ова, и на ваков начин, во услови кога се е „умрено околу вас„ тоа е најблаго кажано бездушно.

Кој „ванземаљац„ ве креирал вас? Во кои и какви пластеници сте одгледани вие? Која реколта сте вие?

Кога ќе ги намалите надоместоците и бенефициите за пратениците? Тоа е прашањето. Кога ќе се симнете на земја? Кога ќе почнете да укинувате бенефиции? За која завршена работа во општото постоење на Македонија во овие 25 години ги земате овие надоместоци? Во името на што?
За ова ли за кое сме денес овде? Да не знаеме името да си кажеме, и утеха да ни е на доктор да добиеме „мој термин„ да се провериме дали сме таман …!?
Затоа, време е да покажете што вие воопшто знаете …Вие, провладини и опозициски пратеници, поранешни и сегашни министри, директори на агенции и јавни претпријатија, советници и градоначалници, разни „глувци„ по владините ходници …

Еве ви еден многу фер предлог, длабоко човечки … Покажете нешто што знаете …

Еве со платите што ги земате, и со други приходи по разни основи, што како што велат „интелигентните„ во Собранието на РМ законски сте ги земале со години веќе две и пол децении, и со еден куп други пари, на црно, за кои јавноста ништо не знае, ниту во моментот има како релевантно да биде информирана, направете нешто добро за да јавноста види дека не се криете зад државата и нејзиниот финансиски потенција, демек многу придонесувате за неа (!?) … Направете нешто да видиме вистински колку „ви сече мозочето„.

Не навлегувам овде како сте заработувале.
Тоа еден убав ден во блиската иднина секако ќе се види …

Како што гледате, и слушате, времињата на нагли и драматични промени низ светот доаѓаат и се немилосрдни …
Затоа, ајде одважете се, осмелете се, и сите заработени пари, по сите основи, што сте ги заработиле на кој знае каков начин, а најмногу со чмаење низ ходниците, вложете ги во бизнис…во фабрики…
Стекнатите станови, коли и куќи без многу работа, не баре сте ракометарите на Катар, како дар на оваа држава, вложете ги како хипотеки во банките и подигнете кредит за бизнисите што ќе ги отворите. Ништо не губите оти тие имоти и така без труд, и за џабе сте ги стекнале … Помислете само што сте биле пред да влезете во Парламентот и Владата … За момент застанете и помислете …!?

Отворете мали фабрики …Не мора големи. Вие не сте за големи приказни, вие сте за мали минијатурни басни …Вработете по 50 лица. Давајте плата, хонорари, плаќајте фирмарина, придонеси, даноци, казни …Чекајте поврат на ДДВ … Докажувајте од каде ви се приходите, отворајте акредитиви, молете кај банките кога не сте ликвидни, трошете лични кредитни картички за бизнисите оти немате во моментот добра наплата, продавајте домашно злато за да вложите во проектот на вашиот живот, борете се секојдневно со инспекциите, доживејте го стресот на неможност да поделиш плата, чувствувајте немир и помисла дека сте потенцијален криминалец затоа што друг има дискреционо право да ви стави лисици на раце кога сака, подигајте семејство во вакви околности и со такво чувство легнувајте и станувајте од спиење … Бирајте партија за да опстанете и „пушете длабоко до грло„ за да сево ова помине глатко, ако помине … Ајде направете го тоа!? И за вас има „мој термин„ во болница секако … Или нема. Вие можете да платите за преку ред … Или докторот ви доаѓа дома, оти мора, оти „ќе му ја скинат главата„ ако не дојде! А?

Ајде поранешни и сегашни пратеници и министри …

Ве уверувам дека ќе имате бесплатни реклами во медиумите, за вашите фабрики и производи, и тоа пред се, како израз на длабоко сочувство од страна на македонската интелигенција која со децении ја презирате, за тежината на вашата нова социјална позиција, и улога во нашето од поодамна „умрено„ општество.
Позиционирајте се веќе … да знаеме каде вистински припаѓате. Доста веќе грицкате од „мршата„ околу вас. Излезете од оној виртуелен буџетарски систем, што го полниме ние од оваа страна на „линијата„,. Излезете на отворен пазар, на видлива јавна сцена вие кои од социјални случаи, партиските и државните јасли во две и пол децении, ве произведоа во смешна аристократија, најсмешната целна група која не претставува во светот!?

Кажете каде ви се децата? Каде студираат, каде живеат? Каде сте купиле куќи и станови? Од каде вам толку пари? Од кои бизниси? Колку часови во денот вие работите?
На која интелектуална и карактерна подлога вие сте ова што сте денес? Зошто не покажете вие, или вашите дома што навистина знаете. Дека знаете како се станува милионер, од социјален случај, тоа видовме во овие 25 години.

Епа ајде сега гринфилд инвестиции, браунфилд инвестиции. И не приватизација и муфте …

Поранешни и сегашни пратеници, и вие кои не сте во парламентот оти бојкотирате и саботирате што вие не сте влада, поранешни и сегашни министри и директори на јавни претпријатија (најголемите македонски загубари и дувла на нејасни ликови и трансакции).
Нека ви е пријатен викендот некаде во Солун, или околината. И таму сега вие користите посленовогодишни попусти од над 70%. Распродажба. Ви прилега овој збор. И за шопинг не сакате полна цена да платите. Муфте да биде. Македонска црвена аристократија ами како …!?
Шупелки.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×