Јордановска: Статус кво-то не’ држи во место, а тоа место има премногу „агресија, насилство, арогантност и примитивност“
Објавено на од во Интервју
„ Мораме да најдеме млади, образовани луѓе коишто доволно долго биле надвор од македонската чаура за да воведат вистински и темелни промени во начинот на функционирање“ вели во разговорот со Капитал  Ивана Јордановска, Фулбрајт стипендист по меѓународни односи на Универзитетот во Њујорк и виш соработник во Democratization Policy Council. Претходно има работено како советник на премиерот Зоран Заев и во повеќе меѓународни организации. Има завршено додипломски студии на Институтот за политички науки во Париз, со фокус на трансатлантски односи. Европски федералист.
ивана јЖивеењето во постојана (предизборна) кампања, на политичкиот доминантно биполарен систем, и агресивната политичка реторика го наметнуваат „верувањето“ дека нашите проблеми се постојано во центарот на светското влијание, и дека процесите мора да се случуваат повеќе за атер на „светот кој не гледа“, а не поради сопствениот општествен развој.
Колку постојаното живеење во локалниот политички афект не прави ефективно слепи за глобалните текови на развој?
Сите земји во коишто имам живеено патат од слично „слепило“, повеќе или помалку. Она што јас би го додала како појаснување е дека што помала (и поподелена) е земјата, толку „послепа“ е. Верувале или не, до сега, САД е земјата каде што граѓаните се најмногу свесни за своето влијание низ светот, иако ни таа свест не е пропорционална на нивното реално влијание. Од друга страна, фасцинантно е колку држава како Босна и Херцеговина се однесува и мисли дека е центар на светот. И ова не го мислам во деградирачка смисла, само во описна. Делумно поради наследството од војната кога целиот свет беше свртен кон БиХ, делумно поради внатрешните поделби, нивната локална политичка сцена навистина се однесува како театар за очите на странците. За жал, странците се помалку гледаат кон БиХ, што делумно ги објаснува и сериозните проблеми со коишто се среќаваат.
Македонија е некаде помеѓу. Навистина, немаме целосно развиен комплекс на „дога во тело на чивава“, но некогаш знаеме да се прецениме. Постојат две нивоа на проблеми, коишто имаат заеднички корен. Првото ниво е недостатокот на образовани кадри за создавање и спроведување на надворешна политика. 27 години по независноста, ние се уште не разбравме дека „правник“ не е исто со „дипломат“. Неретко, доколку некој има завршено политички науки, се смета за одличен познавач на меѓународните односи. Иако двеве области се сродни, тие и те како се разликуваат и побаруваат различни познавања и вештини. Па така, освен министерот Димитров, во МНР има многу малку луѓе коишто навистина ги познаваат меѓународните односи. Најголем дел од нив, за среќа или не, беа испратени за амбасадори во последниот бран на назначувања. Ова се луѓе од постара генерација што ја започнале својата кариера во доцните 80-ти или рани 90-ти и навистина се врвни во својата работа. Но, тие набргу и ќе заминат во пензија. Што правиме тогаш?
Второто ниво на проблеми е генералната незапознаеност на меѓународните токови. Одговорно тврдам дека генерацијата на моите родители имале посоодветно познавање на приликите на Студената војна, отколку што мојата генерација ги познава влијанијата на Кина, Русија, ЕУ и САД денес. Ова е делумно бидејќи демократското одлучување наметна јавни дискусии за проблемите дома, па така, најмногу луѓе се интересираат за асфалтирање на локалниот пат, отколку значењето на „Појас и пат иницијативата“. Но, вториот аспект е проблем што ние навистина немаме експерти по меѓународни односи што ќе излезат на телевизија и ќе зборуваат со доволно знаење.
Да сумирам, коренот е во недостатокот на образовани кадри за меѓународни односи.
 Манифестираме бескрајна, шампионска кондиција за маратонски препукувања кој е крив за иселувањето, за состојбата на економијата, за непотизмот, за…. Но од друга страна скоро незабележлива проактивност за суштинско решавање на проблемите, и промена на менталниот курс.
Кои се, според Вас, вештините кои во континуитет им недостасуваат на македонските политички и државни менаџери?
На менаџерите им недостасува менаџерство.
Живееме во заблуда дека политиката е исто што и креирање и имплементирање на политики. За политика, ти треба бистар ум, помалку мангупство, многу желба за дебатирање и вештината да изгледаш дека секогаш знаеш најдобро. Но, за креирање и имплементирање на политики е потребно многу повеќе. Прво и основно, верувале или не, потребно е сериозно познавање на математиката. Секаде во светот, статистиката е основа на креирањето политики, а после тоа и други области како анализата и актуарството, па дури и геометријата.
Второ, неопходна е мултидисциплинарност. Нашиот образовен систем се уште се труди да гради само „правници“, само „економисти“, само „политиколози“, што не можам да опишам колку е погрешно. Не може никој да креира здрави политики ако не знае какви се последици ќе има таа одредена политика на области надвор од примарната.
И финално, неопходни се менаџерски вештини. Министерот, во било која област е ефективно туркач на идеи. Ретко кој има доволно време на таква позиција да разработува и генерира идеи и затоа таа задача се остава на советниците, експертите, невладините организации (конкретно тинк тенковите). Министерот е личноста која мора, со своите надлежности и ресурси, да реализира идеи и да ги подобрува постоечките структури.
Не случајно Радмила Шекеринска изгледа успешно во која и да е позиција. Прво, „електраш“ е. Второ, како што една многу паметна личност еднаш ми рече: „Министерката размислува во системи“, што значи дека е мултидисциплинарна. И трето, менаџер е. Без разлика дали се сложуваме или не со нејзиниот пристап, Радмила Шекеринска ги завршува работите.
Зошто не можеме да говориме за општествен развој при континуираното системско прогледување низ прсти на агресијата, насилството, арогантноста и примитивноста, пред се’ на креаторите на јавното мислење, а потоа и на „сивите зони“ на моќта?
Јас би рекла дека се плашиме од промени. Што е феномен кој го разбирам и сфаќам како се има појавено, имајќи ги  предвид сите општествени измени што сме ги поминале од 80-тите до денес. Но, само со промена можеме да одиме напред. Статусот кво-то не’ држи во место, а тоа место има премногу „агресија, насилство, арогантност и примитивност“.
На што точни мислам… Неопходно е да поставиме „бунтувачи“ на клучни позиции (во недостаток на подобар превод на зборот „disruptors”). Мораме да најдеме млади, образовани луѓе коишто доволно долго биле надвор од македонската чаура за да воведат вистински и темелни промени во начинот на функционирање.
Но, освен тоа да ги пронајдеме, привлечеме и поставиме на вистински позиции, неопходно е да им дадеме доволно одврзани раце и критична маса околу себе. Ниту еден „бунтувач“ не може да го измени системот „само со своите две раце“. Потребно е да привлече и задржи околу себе критична маса на луѓе коишто исто така се подготвени да внесуваат промени. Должност на оние коишто се на повлијателни позиции е да ги подржат овие луѓе во тие замисли, наместо да ги попречуваат. Секогаш кога ќе има нова идеја, да им речат „ајде!“, дури и да мислат дека е невозможно. За жал, ние се уште најмногу сакаме да кажеме „ма, нема шанси, откажи се од таа идеја“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×