Каде да најдете пари за стартап во Македонија
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА
startup
Без посериозен капитал кој што нема да го ‘јадете’ за тековни потреби, туку ќе можете целосно да го потрошите на развој, маркетинг, ПР и сл., невозможно е да постигнете успех од регионални или светски размери, велат “паталците“ – претприемачи што имаат осетено на своја кожа што значи да “се осмелиш“ во Македонија. Ви даваме преглед на местата  каде што може да најдете пари за финансирање својот стартап,  и од државни и од приватни извори.

Десетина македонски стартапи досега се поканети да ги презентираат своите проекти пред регионалниот инвестициски фонд South Central Ventures, кој што неодамна отвори канцеларија и во Скопје, покрај оние во Загреб и Белград,  а располага со 40 милиони евра – пари обезбедени од финансиски институции од Европската унија.

Фондот ќе финансира стартапи во седум држави од регионов и фонд менаџерите досега разгледале стотина апликации, од кои педесетина се поканети и лично да ги претстават своите идеи. Од нив околу една петтина доаѓаат од Македонија.

“Очекуваме на почетокот од 2016 да потпишеме еден или два договори  за инвестиции со стартапи од регионот, а сигурни сме дека првиот стартап од Македонија што ќе добие пари од SCV ќе биде познат во првата половина од следната година“, вели Татјана Забасу, директорка на канцеларијата на SCV во Скопје.

Овој фонд е прв од ваков вид што функционира во Македонија,  од редот на т.н. венчр (venture) фондови, кои што влегуваат со инвестиција во рана фаза на стартапите. Во земјава долго време не постоеше никаква алтернатива на банкарското финансирање на бизнисите. Стартапите, како компании што всушност немаат никаква кредитна историја и се најризична категорија бизниси,  не влегуваат во радарот на банкарите кога овие решаваат за пласмани на своите пари. На македонската стартап сцена очајно и требаа венчр фондови, бизнис ангели и останати извори на финансии за стартапите. SCV e на самиот почеток, останува допрва да видиме каков ќе биде ефектот од него.

Државниот  пак, Фонд за иновации и технолошки развој почна со работа минатата година, веќе додели по триесетина илјади евра на 16 стартапи што беа избрани на првиот повик за кофинансирање грантови, а во септември годинава беше објавен и вториот повик, кој што беше проширен и за позрели компании, односно за трансфер на технологии.

Македонски стартапи наоѓаат финансиери и во странство

startup-hiringПари за финансирање на добра идеја може да се добијат и од т.н. бизнис ангели, односно инвеститори кои што и самите обично се успешни бизнисмени и имаат пари, но и знаење и искуство што може да го пренесат на младите претприемачи.

Во рамки на CEED проектот во Македонија, пред две години е формиран и Business Angels Club (CEED BA Club), клубот на бизнис ангели, каде што членуваат 15-тина бизнисмени и веќе имаат одобрено средства за два стартапи. (повеќе за ова и останатите извори на финансирање во посебните рамки, н.з.)

Оние што подобро ја познаваат стартап сцената (која што обично по дифолт се врзува со ИТ компании, иако практично тука влегуваат сите нови компании од бил која дејност ) велат дека постојат поголем број македонски компании кои што прилично успешно развиваат мобилни апликации, видео игри, софтверски решенија за различни намени, или пак работат само аутсорсинг за странски софтверски куќи, остваруваат и одлични профити за македонски прилики. Нивниот успех е релативно непознат за пошироката јавност, нивните основачи не се “селебрити“ што се сликаат по телевизии и лајфстајл списанија, си функционираат прилично low profile, а некои од нив веќе се сериозни фирми што вработуваат и по 100-200 луѓе.

Дел од овие стартапи финансии имаат најдено и надвор од Македонија, во регионалните или европските т.н. акцелератори. На некои начин акцелераторите се продолжение на бизнис инкубаторите. Тие се деловни простори кои што ги примаат оние што веќе развиле свој бизнис модел, дошле до првиот производ (излегле од инкубаторот) и им помагаат да го забрзаат, “акцелерираат“ својот развој. Тоа забрзување главно се сведува на напреден “нетворкинг“ , односно создавање врски и контакти со поголеми фирми, компании и поединци што може да го доведат работењето на стартапите на повисоко ниво.

Проектот  Митко Цабевски и неговиот македонско – хрватски стартап u:Plug, пред неколку месеци доби 100.000  долари инвестиција од бугарскиот бизнис акцелератор Eleven. Овој стартап, кој што произведува “паметен“ штекер за струја, и претходно има добиено пари од уште еден бугарски акцелератор, Eleven, и тоа 30.000 долари.

“Постојат и многу други акцелератори и фондови во Европа и САД. Она што можам да го дадам како совет е да ги пратат сајтовите како http://www.f6s.com, http://accelerat.io, каде што можат да најдат поддршка соодветна за нивниот продукт. Секако и вклучување во домашната стартап заедница преку www.foundedin.mk, StartupWeekend Skopje, MKStartups и Silicon Drinkabout може да биде од огромно значење за непосредна размена на идеи, искуства и взаемна поддршка“, вели Цабевски.

Игор Христов, основач на македонскиот стартап 4Virtus, е уште еден пример како може да се добијат пари од странски извори. Оригинално компанијата се занимава со ИТ и услуги за дигитален маркетинг, но тој има формирано уште еден стартап, исто така во соработка со Хрвати, се вика Fueloyal, и се работи за интелигентно  капаче за бензински резервоари за камиони, кои што им помага на  превозниците да се справат со кражбата на гориво.

“За проектот не баравме домашни инвеститори. Добивме финансирање од Европски акцелератор од кој добивме грант, како и добивме приватен Бизнис ангел кој вложи во нашиот проект. Поради атрактивноста на проектот многу фондови и институции беа заинтересирани да вложат средства но изборот треба да биде мудар и да постои интерес и синергија од двете страни. Интересен податок е дека во еден момент на маса имавме четири различни понуди во 4 различни држави и одлуката со кој да влеземе во партнерство беше тешка но мислам дека на крај го направивме вистинскиот избор.“, вели Христов.

Еве каде може да најдете пари за  стартапи, а да не одите во банка

Entering Startup-Владини програми за самовработување

Стартувани во 2007 година, досега отворени преку 7.200 микро и мали компании преку грантот за самовработување, според Министерството за труд и социјална политика.
Грантовите за самовработување се со вредност од 3.000 евра. Една третина од нив се основани и управувани од жени, а исто толку од лица помлади од 29 години. Над 70% од нив с$ уште се активни и голем дел од нив се развиваат во бизниси со двајца, тројца и повеќе вработени, велат од Министерството.

-Државен Фонд за иновации и технолошки развој

Со првиот повик објавен од Фондот за иновации и технолошки развој без избрани 16 стартап и спин-оф претпријатија, кои веќе работат на развој на иновативни проекти. За нив беа обезбедени 460.000 евра од Фондот, односно најмногу до 30.000 евра по проект.

Со вториот повик за финансирање предлог проекти што Фондот го објави во септември, вкупниот буџет од 1,3 милиони евра е распределен на три инструменти. Аплицирањето траеше до 21 октомври. Кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва, старт- ап и спин – оф компании ќе се доделуваат до 30.000 евра по проект, а вкупниот буџет за тој инструмент изнесува 300.000 евра. До 100.000 евра по проект ќе се доделуваат кофинансирани грантови и условни заеми за комерцијализација на иновации, за кој инструмент на располагање се 600.000 евра. Кофинансирани грантови за трансфер на технологии Фондот за иновации ќе додели до 200.000 евра по проект. Вкупниот буџет по тој основ изнесува 400.000 евра.

-South Central Ventures инвестициски фонд

South Central Ventures, компанија што ќе менаџира со парите на ENIF фондот- 40 милиони евра обезбедени од ЕУ институциите за инвестирање на иновативни компании од регионот: Македонија, Косово, Албанија, Србија, Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина. Отворена канцеларија во Скопје пред околу два месеци.

SCV става фокус на технолошки стартапи, или конкретно мобилни и веб решенија, интернет на нештата (IoT) или слични инфраструктурни проекти.

1.5 милион евра се наменети за т.н.т ‘seed’ инвестиции кои ќе достигнат до 100 000 евра по стартап. Овие средства се наменети за проекти кои се на самиот почеток и работат на валидирање на бизнис моделот и пазарот. Остатокот е наменет за ‘early stage growth’ инвестиции кои се од 0.5 до 2 милиони евра по стартап. Овие инвестиции се за сериозни тимови кои веќе имаат ‘traction’, база на клиенти и остваруваат приходи, и се наменети за интернационален развој на бизнисот и освојување на нови пазари.

-CEED Macedonia- Клуб на бизнис ангели

CEED Business Angels Club (CEED BA Club) е формиран како подклуб на членовите на CEED Business and Learning Club – Gold, во ноември 2013 година и е меѓу првите клубови од ваков вид во Македонија. Во клубот моментално членуваат 16 претприемачи кои се подготвени да инвестираат во бизнис идеи или во постоечки бизниси, доколку идентификуваат потенцијал за раст, иновации и слично. Првите бизнис идеи пред членовите на клубот беа презентирани на 2 април 2014 година. По едногодишното постоење на CEED Business Angels Club, во месец декември 2014 година е направена првата инвестиција, а втората во мај 2015. Моментално се разгледуват уште четири потенцијални идеи.

Инкубатори и акцелератори – поддршка за стартапи што не значи директно финансирање

Estonia-ПСМ бизнис инкубатор

Претприемачки Сервис за Млади (ПСМ) со главна компонента бизнис инкубатор за поддршка на микро, мали и средни претпријатија од областа на информационо-комуникациските технологии преку процесот на бизнис инкубација овозможува пристап до услуги наменети за забрзување на нивниот раст и развој.

Членките на инкубаторот имаат корист од:бенефицирани цени за бизнис канцеларија; право на користење на сала за состаноци; компјутерска лабораториј; просторија за одржување презентации и обуки;  совети во секојдневните операции;  обуки и тренинзи за зајакнување на капацитетите за водење бизнис;  менторирање од страна на домашни и странски врвни експерти, претприемачи и консултанти;  промоција; посредување при финансирање;  поврзување со клиенти;  организирање настани за вмрежување и интернационализација. Досега од инкубаторот се “испилиле“ преку 80 компании и отворени се преку 250 работни места.

-New Man’s акцелератор

Тоа е македонско – американска компанија за професионална едукација, развој на кариера и деловно-техничка поддршка, со канцеларии во Скопје и Лос Анџелес.

Мисијата на акцелераторот е да понуди модел кој ќе ги поврзува студентите, универзитетите, компаниите, инвеститорите и државните институции. Досега во неколку наврати во акцелераторот присуствувале претставници на европски  фондови  за ризичен капитал, пред кои што дваесетина домашни стартапи ги претставиле своите проекти. После претставувањето на самите идеи, се одржале и неколку состаноци од кои можат да произлезат потенцијални инвестиции. Но,  она што е најголема вредност, според зборовите на самите претприемачи,  биле корисните совети кои може да ги подобрат нештата во нивните  стартапи.

-SuperFounders акцелератор

SuperFounders  -  мрежа за поддршка на стартапи во нивната најрана фаза, и се обидува на ефикасен начин да ги спои капиталот и ресурсите за поддршка на иновативни стартапи, како што велат основачите на акцелераторот. “Оваа платформа ја градиме регионално, а се базира на пет столба: меѓународна менторска мрежа, мрежа за бизнис развој, мрежа на инвеститори, регионален инвестициски фонд и локална програма со сите пропратни активности“, објаснува Александар Тасев, еден од основачите на SuperFounders.

Програма за стартапите, која  се состои од неколку работилници чија што цел е да им се помогне идејата која ја имаат, а која сама по себе не е доволна за да се излезе пред потенцијалните инвеститори, да се дотера до фаза на таканаречен mvp (minimum viable product) – стратегија која се користи за брзо и квантитавно тестирање на производ или негова карактериситка. Тоа подразбира дека замисленото треба да се провери дали е product fit и customer fit, односно дали одговара на потребите на пазарот, односно потрошувачите. Овој процес е дел од т.н. lean startup концепт, промовиран од Ерик Рајс, претприемач од Силиконската долина во САД.

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×