КАКО ЌЕ ТРОШИ ВЛАДАТА ВО 2015? КОИ СЕ КЛУЧНИТЕ РЕФОРМИ ЗА ФИРМИТЕ ДА ОСТАНАТ ВО КОНДИЦИЈА?
Објавено на од во Економија

5 клучни реформи за заживување на економијата

reformi-grafici-3Државата им сврте грб на економските реформи и тоа јасно го констатираше Европската комисија во последниот извештај за напредокот на земјата, а се гледа и во секоја од ставките во буџетот за следната година. Никој не верува дека Македонија не може да ги сервисира долговите или, пак, дека е пред банкрот, дотолку повеќе што макроекономските параметри покажуваат дека сме далеку од грчкото сценарио што стана синоним за финансиска криза. Меѓутоа, економистите коментираат дека одложувањето на реформите во економијата предолго го држат во заложништво развојот на земјата.

Според нив, државата мора итно да направи ремонт на економската политика што ја води и да ги спроведе некои клучни реформи како намалување на бројот на јавните службеници за да се растовари државната каса од трошоците за плати, а за сметка на тоа да ги поттикне инвестициите и вработувањата во приватниот сектор, кој сега е на колена. Капитал анализира кои се петте клучни реформи кои мора да се направат за заживување на економијата.

r-1“Рачна” за непотребните трошења

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) при последната посета во Македонија и сугерираше на Владата да крене рачна кога ги троши народните пари. Во 2015 година се планира да се потрошат вкупно 3 милијарди евра, но само 345 милиони евра од нив за инвестиции во капитални објекти што поттикнуваат развој. Тоа е само 0,6% повеќе од предвидените пари за капитални инвестиции годинава, или се на се, само 11% од сите пари што ќе ги собере државата од даноци или ќе ги позајми, ќе ги потроши продуктивно за изградба на патишта, железнички пруги, училишта. Најголем раст во буџетот за следната година има кај социјалните трансфери, за над 63 милиони евра, со што тие достигнуваат 1,34 милијарди евра. Најголем дел од овие пари ќе завршат за пензии и здравствена заштита на граѓаните, но и за зголемување на социјалната помош.
Европската комисија во последниот извештај напиша дека „економската политика и управувањето со јавните расходи и понатаму се водени од ад хок проблеми, а не од долгорочните потреби на економијата“, и тоа според проценките на меѓународните финансиски институции може да обезбеди економски раст најмногу до 4%, што значи дека очекувањата за забрзување на растот со стапки од 7% остануваат само желби испишани во предизборните програми.
r-3r-2Со ова темпо на развој, Светската банка процени дека ќе ни требаат над 80 години да го стигнеме европскиот просек на животен стандард.
Но, наместо кратење на непродуктивните трошења, власта неодамна ги зголеми платите на администрацијата за 4% и пензиите за 5%. За исплата на платите во јавниот сектор следната година ќе завршат вкупно 397,5 милиони евра од народните пари, додека пак за пензии речиси двојно повеќе, односно 740,9 милиони евра.
Во исто време,бројот на вработени во јавниот сектор е најстрого чувана тајна во земјава. Според проценките на Европската комисија, 20% од вкупниот број на вработени работат за државата. Тоа значи дека нивниот број достигнува речиси 140.000 луѓе. Во годинашниот Извештај за напредокот на земјава може да се најде и фрапантен податок дека 1.700 административци земаат плата од државниот буџет, но седат дома.
Но, вработувањето во администрацијата и создавањето на работни места без вистинска потреба, Комисијата го детектираше не само кај рамковните вработувања, туку низ целата администрација и на државно и на локално ниво.
„Вработувањето во јавниот сектор продолжува да се зголемува, особено во јавните претпријатија. Секојдневната пракса на креирање на нови работни места на социјална или политичка основа вештачки го дуе јавниот сервис и го поткопува принципот на заслуги и ефикасноста на јавна администрација“, пишува во Извештајот.

Абдулменаф Беџети академик

Абдулменаф Беџети
академик

„Потребни се длабоки економски реформи во јавниот сектор какви што во моментов на пример спроведува Србија. Нашата јавна администрација е предимензионирана, постојат многу државни агенции, регулаторни тела кои што на работниците им исплатуваат превисоки плати и тоа е голем товар за буџетот. Згора на се, за истата работа се задолжени и други административци во слични сектори во министерствата или други институции. Крајно време е да се ревидира оваа политика да се даваат плати од државната каса на луѓе што седат дома и ништо не работат. Мора веднаш да се направи анализа како да се реформира јавниот сектор во ефикасен апарат што ќе ги услужува граѓаните, а за сметка на заштедите да се поттикне поголем развој преку повеќе јавни инвестиции“, смета академикот Абдулменаф Беџети.

Светска банка, пак, сугерира да се инвестираат повеќе пари за изградба на инфраструктурни објекти како што се автопатиштата, железницата, гасоводот. Според некои нивни проценки, за да се забрза економската активност земјите во развој треба да инвестираат околу една четвртина од бруто домашниот производ БДП (што во нашиот случај би било околу 2 милијарди евра) во капитални проекти. Кај нас, ниту една влада досега, не одвоила повеќе од 5% од БДП за јавни инвестиции.
Друг проблем е што државата не успева да ги реализира предвидените капитални проекти целосно.
Професорот Марјан Петрески, вели дека фискалниот дефицит значајно се прошири минатата и оваа година поради редица предизборни ветувања, и тоа врши дополнителен притисок врз јавните финансии и јавниот долг, односно ја загрозува нивната одржливост.

Марјан Петрески универзитетски професор

Марјан Петрески
универзитетски професор

„Она што сметам дека треба да се направи сега, за да не се прават подлабоки резови подоцна, е да не се зголемува трошокот за јавната администрација, барем не повеќе од растот на трошоците на живот, а секако ниту во смисла на зголемување на бројот на вработените. Ова ќе биде особено важно ако економијата продолжи по патеката на заздравувањето, со што државата ќе остави носител на растот да биде приватниот сектор. Во спротивно сметам дека враќањето на дефицит од 2,5% од БДП за следната година или таа по неа ќе стане се понеостварлива цел“, коментира Петрески.

r-4Поголеми пензии, поголем товар врз буџетот

Ако се споредат податоците за исплатените плати во јавниот сектор, произлегува дека државата е подарежлива кон своите работници отколку другите работодавачи бидејќи просечна исплатена плата во јавната управа во првите осум месеци годинава изнесува над 25.000 денари, додека просекот во земјата е 21.200 денари. Просечната пензија, пак, во земјава изнесува 12.500 денари и во последните осум години е зголемена за дури 68%. Тоа значи дека еден пензионер добива пензија од 58% од просечната нето плата.
Додека пензиите растат, право пропорционално расте и дупката во државниот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување. Последните податоци од Министерството за финансии покажуваат дека лани Владата морала да му префрли на Фондот 343 милиони евра од државната каса, бидејќи приходите од придонеси биле доволни само за 56% од вкупните трошоци на пензискиот фонд. Со тоа, Владата со пари што ги собира од другите давачки, финансирала дури 41,4% од расходите на Фондот за пензиско осигурување. Според експертите оваа зависност на исплатата на пензиите од државниот буџет е доведена до загрижувачко ниво, особено ако се спореди состојбата во последните пет години. Во 2009 година, на пример, Владата со пари од државниот буџет покривала 33,9% од вкупните трошоци на пензискиот фонд.
„Загрижувачки е што исплатата на пензиите станува толку зависна од трансферите од државниот буџет, а до тоа доведоа неколку популистички мерки на Владата како на пример постојаното вонредно зголемување на пензиите, особено пред изборните циклуси и намалувањето на стапката на придонеси. Потоа се увиде дека е тоа погубно за државниот пензиски фонд, па затоа и Владата ја стопираше таа мерка секоја година во континуитет да го намалува придонесот за пензиско осигурување. Бидејќи растот на вработеноста, а со тоа и на бројот на осигуреници е проблематично во вакви економски услови, решението мора да се бара во тие неколку алтернативи што и стојат на располагање, а тоа би било или подигнување на старосната граница за пензионирање или зголемување на стапката на придонес“, смета поранешната директорка на Агенцијата за супервизија на капиталното пензиско осигурување (МАПАС), Зорица Апостолска.

Загрижувачки е што бројот на пензионери во земјава во 2050 година ќе се искачи од сегашните 287.000 на половина милион луѓе, а трошоците за пензии ќе се удвојат на 1,5 милијарда евра во 2050 година за во 2075 година да достигнат 2,2 милијарди евра. Просечните пензии ќе паднат на 48,9% од просечната нето-плата во 2050 година. Ова го покажува актуарскиот извештај на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за долгорочните проекции за иднината на пензискиот систем во земјава, кој е правен врз претпоставки за идните демографски и економски движења, подготвени од релевантните институции.

Задолжувањата ќе растат, но како ќе се трошат кредитите?

Според проценките на Владата во Буџетот за следната година, државата треба да обезбеди вкупно 726,3 милиони евра, од кои 300,8 милиони евра за финансирање на буџетскиот дефицит и 425,5 милиони евра за отплата на долговите што доспеваат догодина. Меѓутоа, уште годинава Владата се задолжи со 500 милиони евра преку еврообврзница со камата од 3,97%, така што дел од парите ќе се искористат за раздолжување следната година. Пресметките покажуваат дека ќе биде потребно уште едно задолжување за 346 милиони евра и според најавите, поголем дел од парите ќе се бараат од странски кредитори.
За камати, пак, државата следната година треба да плати 97 милиони евра. Економистите предупредуваат дека иако сега државата може евтино да се задолжува, во моментот кога тоа ќе заврши државата како Македонија со слаба еконономија и задолженост од над 4 милијарди евра или над 50% од БДП, може да биде во голема опасност заради неможноста редовно и навремено да ги сервисира земените кредити.
„Каматните трошоците за сервисирање по основ на надворешниот државен долг се сензитивни на движењето на каматните стапки. Доколку каматните стапки во 2015 година пораснат за 1 процентен поен тоа би предизвикало пораст на каматните трошоци за 8,1%. Оваа сензитивност може да се објасни како резултат на изложеноста на должничкото портфолиото на ризикот од промена на каматни стапки, што е последица на релативно високото учество на долгот со променливи каматни стапки“, пишува во најновата Фискална стратегија што ја објави Министерството за финансии.
Сосе сите задолжувања, Владата проценува дека јавниот долг на земјата до крајот на 2015 година ќе достигне до 45,6% од БДП. Во Фискалната стратегија, власта се обврзува дека на среден и долг рок, јавниот долг нема да надмине 60% од БДП, лимит што од 2017 година ќе биде и уставно правило.
Економистите коментираат дека нивото на јавниот долг од 46,6% заклучно до септември годинава, не дозволува комоција за нерационални задолжувања, но и ја ограничува позицијата на земјата за понатамошни развојни задолжувања.Тие дискусијата околу долгот на Македонија како земја во развој ја сведуваат на начинот на трошење на позајмените пари, дали парите од кредитите, државните записи и еврообврзницата државата планира да ги вложи во изградба на патишта и железници или пак за плати, пензии и социјална помош?!
Политиката на задолжувања на државата од 2017 година ќе биде дел и од Уставот откако Владата одлучи да ги ограничи јавниот долг до максимално ниво од 60% од БДП и буџетскиот дефицит до 3% од БДП за да може, како што објасни премиерот, која било идна власт „домаќински да се однесува со народните пари“. Меѓутоа, економистите коментираат дека овој таргет е престрого и непотребно ограничување за фискалната политика на мала држава во развој каква што е Македонија.
Професорот Марјан Петрески исто така коментира дека во однос на таргетот за долгот, поважно е за која намена би се потрошиле позајмените пари, а не до колку може да се зајмува. „Буџетски дефицит од 3% од БДП е премал за финансирање капитални инвестиции, што е многу важно за земја во развој: може да се генерираат повисоки дефицити денес ако нивната корисност е јасна, но тоа на среден рок ќе донесе посилна економија која ќе генерира суфицити. Развиените земји имаат помал проблем на ваков морален хазард, па затоа ќе биде добро ако имаме некаков консензус и во тој поглед, без оглед дали е тоа уставно регулирано или не“, објаснува професорот Петрески.

Од годинава на владината агенда се најдоа неколку инфраструктурни проекти што според економистите може да го забрзаат економскиот развој. Само пред две недели, Владата објави дека доби кредит од 300 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за изградба на експресни патишта и за дел од железничката пруга од Коридорот 8 кон Бугарија. Претходно годинава стартуваше и изградбата на два автопати, од Скопје до Штип, и од Кичево до Охрид кои што се финансираат со заем од 580 милиони евра од кинеската Ексим банка.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×