Како да ги менаџирате паричните текови?
Објавено на од во Компании

Домашните компании често паѓаат во стапицата  да го имаат профитот во билансите, а да ги немаат парите на сметка. Со анализа на паричните текови точно знаеме колку пари имаме во секој момент, и затоа оваа алатка ја препорачуваат консултантите за финансии.

Finansiski menagment

Приближно 85% од сите новоосновани компании пропаѓаат во првите пет години од работењето, а најмногу од нив заради недостаток на готовина, велат светските статистики. Според истражувањата на Ернст и Јанг (Ernst & Young), во услови на криза фирмите се однесуваат на следниов начин: отпуштаат вработени и очајно бараат кредити со ниски каматни стапки. И кога кризата ќе помине, се разбира, очекуваат да го продолжат сопствениот раст и развој. Најчесто не се свесни колку е нешто вредно и колку им е важно сe’ до оној момент кога ќе го загубат. Истата работи важи и за готовината.

Големата неликвидност или недостатокот на готовина  со која што се соочуваат многу македонски компании во моментов, може да е последица и на недоброто планирање на бизнис процесите, велат домашните стручњаци. Особено малите и средни компании, заради ограничените капацитети често го прескокнуваат правењето на краткорочни и долгорочни планови. Проблем со ликвидноста имаат токму затоа што не испланирале од кои извори ќе го финансираат развојот на производството и продажбата на нов производ, или пак дури и обезбедувањето пари за плати на вработените и намирување на снабдувачите.

“Финансиското планирање  значи детална анализа на приходите и трошоците, согледување на нужните трошоци без кои фирмата не може да функционира, па анализа на трошоци што може да се намалат без сериозни последици по работењето, и  на крајот, да се види дали има трошоци што може целосно да се отстранат“, вели Катерина Бошевска, директор на ЕОС Матрикс и експерт за финансиски менаџмент.

Katerina Bosevska

Катерина Бошевска, директор на ЕОС Матрикс

“Во компанијата некој мора секојдневно да ги обработува паричните текови и тие долгорочно да се следат. Конкретно, во услови на влошена ликвидност треба да се  практикува следење на  паричните текови на секои 15 дена, а во период на стабилизирање на ликвидноста, доволно е и еднаш во месец дена“

 

Финансиското планирање е особено важно во време на криза, вели таа, кога е загрозена ликвидноста,  па тоа мора да подразбира ревидирање на договорите со снабдувачите и клиентите, во смисла на подобро позиционирање.

“Во време на неликвидност сите преговараат  за роковите на испорака и плаќање, сe’ со цел да ги задржат клиентите. Најлошо во услови на криза е да се губат клиенти. Но, мора внимателно да одредите до која мера ќе бидете флексибилни. Клиентите што подолго време се лоши плаќачи носат повеќе штета одошто корист на вашата компанија“, истакнува Бошевска.

Профитот е тука, но реално ги немате парите

Во рамки на финансиското планирање во компанијата, е планирањето на паричните текови и оваа алатка е многу корисна за подобрување на ликвидноста велат стручњаците за финансии. За жал, таа се користи претежно во поголемите компании, но следењето на паричните текови треба да е секојдневен процес во сите фирми.  Подготовка  и објавување на извештајот за паричните текови кај македонските компании,  е неопходен за целосно согледување на работењето на фирмата за периодот на известувањето, и особено за планирањето на идното работење, сметаат стручњаците.

“Во компанијата некој мора секојдневно да ги обработува паричните текови и тие долгорочно да се следат. Конкретно,  во услови на влошена ликвидност треба да се  практикува следење на  паричните текови на секои 15 дена, а во период на стабилизирање на ликвидноста, доволно е и еднаш во месец дена“, вели Бошевска, од ЕОС Матрикс.

Една работа е колкава е добивката, а друго е колку е компанијата ликвидна. Компаниите водени од мислата да бидат профитабилни, не водат сметка колку од тој профит имаат на својата сметка. Профитот е суштината на бизнисот, точно, но тој треба да е расположив откако ќе ги намириме сите трошоци. Фирмите многу често несвесно влегуваат во проблеми заради неправилното дефинирање на роковите на наплата и рокови на исплаќање обврски. Ако се наруши тој баланс, тогаш се јавуваат проблемите на ликвидноста. Профитот е тука, но вие реално ги немате парите.

 

Сопственикот не ја гледа фирмата исто како професионалниот менаџер

 

Една од причините што отсуствува квалитетно бизнис планирање кај македонските мали и средни компании, а со тоа и планирање на финансиите, според стручњаците, е и концентрацијата на сопственоста и менаџирањето во една иста личност. Кај домашните бизниси многу често не се прави разграничување на тоа што е сопственик, а што менаџер. Основачот – сопственикот на компанијата, обично се грижи за сe’, и често не сака да признае дека му фали знаење и искуство за одредени процеси, како што е планирањето на паричните текови.

Finansiski menagment2

Рецепт за намалување на болката од неликвидноста

 Научете го обртот на своите побарувања

Фирмите мора да научат да пресметаат во кој момент е точката каде што треба  да престанат со кредитирање на своите клиенти, односно продавање стока или услуга што ја наплаќаат по извесен временски период. Треба да знаат кој е обртот на нивните побарувања и како со него да управуваат. Зголемената продажба може да има негативни капитални последици по компанијата. Таа може да рече, имам побарувања, па ќе земам кредит за во меѓувреме да се исфинансирам, на крај ќе ми платат и ќе биде сe’ во ред. Но, што ако земете кредит, а побарувањата не ги наплатите. Фирмите одат пребргу со продажбата, мислат дека ако продадат, го решиле проблемот. А, доколку немате наплата, тогаш немате пари да ги платите своите вработени, за маркетинг, за истражување и развој, значи станувате неконкурентни и едноставно пропаѓате, советуваат консултантите.

Прашања што треба да си ги поставите ако сте неликвидни

-Каде се нашите пари?
-Каде се изворите на (не)ликвидноста?
-Дали е проблемот само во недоволната продажба или има и други причини?
-Дали недостатокот на готовина се решава само со намалување на трошоците на работењето?
-Дали неликвидноста се лекува со земање на краткорочни кредити (макар и со ниски каматни стапки) или кредити за рефинансирање или тоа претставува лекување на срцеви проблеми  и висок крвен притисок со помош на шумливи таблети?
-Кои се последиците од неликвиднoста?

 

 

 

 

One thought on “Како да ги менаџирате паричните текови?

  1. Pocituvan gosp.Petrovski! Sekoja ces za toa sto vie pisuvate no ima kompanii sto ne im odgovara da imaat pozitivna smetka. AD konpanija so dominanten stranski sopstvenik raboti neprofitabilno 15 god. Zagubata sega e26.000.000 evra.se prodava sistematski imotot i postojano se zemaat krediti za razvoj .Nas akcionerite na osnivackiot kapital osteteni ni instituciite vo drzavata ne ne stitat nas ,stranski investitor i moze da pravat sto sakaat .Zarem instituciite ne bi trebale da proverat koga se ukazuva? Site ni vikaat toa e javna tajna i nisto .Ubavo da se raboti kako sto Vie pisuvate. Vi blagodaram ako barem go procitate kom.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×