Како да порасне економијата?!
Објавено на од во АНАЛИЗА

denari-zname-vladaНовата Влада почнува од 0% економски раст, ветува да достигне до 5%

Новата Влада почнува од нула. Освен што фигуративно, после десетина години владеење на партијата ВМРО – ДПМНЕ, новите власти предводени од СДСМ велат дека ова е нов почеток на градење на државата, од нула почнува да се мери и ефектот од сите економски политики предвидени во новата владина програма. Статистиката измери дека економскиот раст во првиот квартал од годината изнесува 0%, а новиот премиер Зоран Заев вети дека растот во неговиот мандат ќе достигне до 5% просечно. Економистите, оценуваат дека прв услов што мора да се исполни е враќање на политичката стабилност за да може економијата да испорачува резултати. Според нив, властите навистина ќе мора да направат длабоки реформи во економијата за да создадат услови бруто домашниот производ (БДП) да се зголемува со посакуваните стапки.

 

Новата Влада почнува од нула. Освен што фигуративно, после десетина години владеење на партијата ВМРО – ДПМНЕ, новите власти предводени од СДСМ велат дека ова е нов почеток на градење на државата, од нула почнува да се мери и ефектот од сите економски политики предвидени во новата владина програма.

Статистиката измери дека економскиот раст во првиот квартал од годината изнесува 0%, а новиот премиер Зоран Заев вети дека растот во неговиот мандат ќе достигне до 5% просечно.

„Приоритет на Владата во економијата ќе биде развојот на домашните претпријатија, пред се на малите и средните претпријатија. Ќе се создаде здрава и предвидлива деловна клима, без политички притисоци и репресии. Посебно внимание ќе се посвети на поврзување на домашните претпријатија со странските во технолошко – индустриските зони. Нашата цел е остварување на просечна стапка на раст на економијата повисока од 5% во периодот на мандатот“, пишува во новата владина програма.

Но, колку е реално македонската економија, која во последните десет години оствари просечен економски раст од 3%, да порасне повеќе?!

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, вели дека првите сигнали во јуни упатуваат на зголемена економска активност.

„Јас сум голем оптимист,  дека од јуни работите се движат во позитивна насока. Веќе од сите разговори со менаџерите на фирмите, се гледа дека инвестиционата активност се придвижува. Ги гледаме првите показатели околу приходите во буџетот, тие се зголемуваат и мислам дека и ако започнеме да ги правиме вистинските реформи, земјава ќе оди во вистинска насока и економскиот раст ќе се интензивира“, изјави Тевдовски.

Економистите, оценуваат дека прв услов што мора да се исполни е враќање на политичката стабилност за да може економијата да испорачува резултати. Според нив, властите навистина ќе мора да направат длабоки реформи во економијата за да создадат услови бруто домашниот производ (БДП) да се зголемува со посакуваните стапки.

Тие велат дека нема магично стапче, надвор од контекстот на економската наука, кое што би можело веднаш да ја мрдне економијата од точката на стагнација.

analiza-1„Основно е да се работи на подобрување на клучните сегменти на инвестиционата клима. Тука е особено значајно натамошно зацврстување на сопственичките права и ефикасноста на договорите, особено реформите во судскиот систем, вложување во крупната инфраструктура како што се патишта, железници, енергетски капацитети и во научно – истражувачка работа, добра и фер регулација  што значи дека регулативните тела и агенции треба да ги водат компетентни луѓе, а не партиски кадри, подобрување на пристапот на бизнисите до пари за финансирање на развојот преку натамошно намалување на каматните стапки, длабоки реформи во јавната администрација. Тоа ќе овозможи растот да го креира бизнис секторот, а не државата којашто се претвори во најголем инвеститор и работодавач и која по дефиниција е неефикасна и нерационално ги користи ресурсите“, оценуваат економистите.

Овие реформи се очекува да се интензивираат со напредокот на земјата кон евро – атлантските интеграции.

Ремонт на државниот буџет

Една од клучните препораки на меѓународните финансиски институции до Владата е да инвестира повеќе пари за капитални објекти, меѓутоа за изградба на автопати и железнички пруги кои на долг рок ќе генерираат профит за инвестициите да бидат исплатливи.

Властите ќе мора да направат ремонт на целиот државен буџет, така што ќе се скратат непродуктивните трошоци, а тие пари ќе се наменат за инвестиции во крупната инфраструктура, сугерираат економистите.

Анализата на завршните сметки на буџетите од 2007 до 2015 година и податоците за извршување на буџетот за 2016 година, покажаа дека претходните власти вложиле помалку од 5% од народните пари во градежни и други градежни објекти.  Односно, вкупно 25 милијарди евра потрошени народни пари за десет години, за изградба на патишта, железнички пруги, училишта, но и објектите од проектот Скопје 2014, претходните власти инвестирале само 1,2 милијарди евра.

За споредба, во истиот период, за плати на јавната администрација се потрошиле речиси 3,8 милијарди евра, а за пензии, над 5,8 милијарди евра.

Поразително е што дури ниту овие 1,2 милијарди евра не се потрошиле целосно за развојни проекти. Се проценува дека половина од парите завршиле за изградба на зградите, фасадите, спомениците, плоштадите и сите други објекти од проектот Скопје 2014 кој што според последните пресметки од базата на податоци на БИРН, чини над 680 милиони евра.

Универзитетски професор чија специјалност е токму инвестиционата политика, Методија Несторовски, објасни дека постои заблуда дека сите пари наменети за капитални инвестиции во буџетот имаат развоен ефект.

„Под капитални инвестиции во буџетот се книжат и купувањето на возила или мебел, коишто се всушност само еднократен трошок без никаков економски ефект. Единствено вложувањето во градежни објекти може да обезбеди развој на долг рок, но важно е и какви објекти се градат, дали патишта или железници или пак објекти како што беа од проектот Скопје 2014“, изјави неодамна професорот Несторовски.

Сепак, статистиката покажа дека во изминатите неколку години, главен носител на економскиот раст во земјава беше токму градежништвото. Пресметките покажаа дека доколку се исклучи ефектот на овој сектор од податоците, економскиот раст би бил преполовен.

„Овие инвестиции имаат ефект врз порастот на економијата само во моментот додека се реализираат преку интензивирање на градежните активности. Градежните компании ги собрале парите, прикажале профити и тоа се квантифицирало во зголемување на бруто домашниот производ (БДП). Тоа е единствениот ефект за економијата“, објасни професорот Несторовски.

Економистите велат дека кога се вложува во автопати, железница или други инфраструктурни проекти  „се создаваат услови на долг рок бизнисите да ги намалуваат трошоците на работење, на пример преку заштеда на гориво, време за транспорт, и за сметка на тоа тие ќе работат со поголеми добивки, ќе отвораат нови работни места па дури и ќе го шират бизнисот“.

analiza-2Затоа, главна препорака од бизнис заедницата до новата влада, е да се изгради модерна патна, железничка инфраструктура, хидроцентрали за производство на струја, нови училишта, болници, како основа за подобрување на условите за водење бизнис и зголемување на животниот стандард на граѓаните.

Светска банка во една своја студија, сугерираше земјите во развој да инвестираат околу една четвртина од БДП (што во нашиот случај би било над 2 милијарди евра) во капитални проекти за да се забрза економската активност. Кај нас, ниту една Влада досега, не одвоила повеќе од 3%-4% од БДП за јавни инвестиции.

Шефицата на Мисијата на ММФ за Македонија, Џесмин Рахман, во неодамнешно интервју, исто така потенцираше дека „властите треба да направат фискален простор преку ефикасност во трошењето за вложувања во инфраструктура со цел спротивставување на економските кризи“.

Европската комисија во последниот Извештај за напредокот на земјата исто така во неколку наврати ја истакна потребата властите повеќе пари од буџетот да вложуваат во изградба на транспортната инфраструктура за сметка на тековните трошоци.

„Економијата има значителни потреби од инвестиции, меѓу другото и во јавната инфраструктура, што ја прави помалку конкурентна во споредба со другите“, пишува во Извештајот.

Мерки за раст од 5%

Главното свртување на економските политики на новите власти е од доминантен фокус на странските инвестиции во претходните мандати на партијата ВМРО ДПМНЕ, кон поголема поддршка и поттикнување на домашните компании.

„Економијата не може да успее со сегашниот модел на развој кој се базира на странски инвестиции, ниски плати и државни инвестиции во фасади, споменици и административни згради. Нашиот модел на развој се базира врз поддршка на домашните претпријатија, раст на продуктивноста и долгорочни инвестиции. За нас странските инвестиции се дополнување на домашните, но не и нивна замена“, потенцираше владејачката партија во својата програма алудирајќи на нееднаквиот однос меѓу странските и домашните инвеститори на кој што досега се жалеа менаџерите на македонските компании.

„Развојот на домашните претпријатија, пред сè на малите и средните претпријатија, ќе биде наш приоритет. Годишната државна поддршка за поттикнување на домашните претпријатија ќе изнесува 20 милиони евра во првата година, а ќе достигне 50 милиони евра во последната година од мандатот. Овие средства ќе бидат дополнети со надворешни кредитни линии, како на пример од Европската инвестициона банка“, наведува СДСМ.

Меѓу другото, владејачката партија најави дека ќе се залага и за подобрување на условите на пристап до пари на пазарот.

Развојот на малите и средни фирми според СДСМ, неминовно е поврзан со пристапот до пари и за таа цел партијата меѓу своите проекти наведува докапитализација на Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) и зголемување на нејзината улога во економијата, а меѓу другото, државната банка да почне да финансира и start up и микро компании кои тешко мже да дојдат до кредит од комерцијалните банки.

Освен тоа, во програмата е најавено и основање на инвестициски фонд за вложување во start up бизниси и мали и средни фирми со малцинско учество на државата, а преку 51% да биде во приватна сопственост.

Во програмата, Владата се задржува на неколку болни точки што бизнисмените во последните неколку години ги посочуваа како најголеми проблеми.

На пример, ветува дека владата и јавните претпријатија нема да доцнат во плаќањето на своите обврски по основа на склучени договори, набавени стоки или услуги.

„Владата во првите 100 дена од мандатот ќе го објави вкупниот износ на сите акумулирани доспеани обврски на државата. Веднаш ќе се изработи план за нивно плаќање со јасни рокови, а Владата ќе води политика на навремено плаќање на доспеаните обврски. Не може да бараме фискална дисциплина од претпријатијата и граѓаните, а државата истата да не ја почитува“, пишува во владината програма.

Создавањето на поволна деловна клима Владата најави дека ќе го помага и со политики на соработка со бизнис – секторот, недискриминација, зголемена ефикасност и транспарентност на институциите и целосно почитување на правната држава. Притоа, се обврзува на промена на казнената политика.

„Инспекциските служби нема да бидат инструмент за репресија и политички притисоци. Изборот на правните субјекти кои ќе бидат контролирани ќе се спроведува по случаен избор или по пријава со цврсти докази. За елиминирање или намалување на степенот на субјективноста во вршењето на инспекциски контроли, ќе се воведе јавен регистер на инспекциски контроли кои ги вршат државните органи и инспекции. Ќе постои прво – опомена за сторен прекршок; само при негово повторување – казна. Казните ќе бидат пропорционални на приходите и на големината на деловните субјекти“, пишува во владината програма.

МН: Со стапки на раст над 5%, побрзо до европскиот стандард

Меѓународните финансиски институции потенцираа дека приближувањето на земјите од Западен Балкан до животниот стандард на Европската Унија е во застој, а ако Македонија сака побрзо да се доближи до европскиот просек, ќе треба да остварува натпросечни стапки на економски раст.

Проценките на Светската банка покажуваат дека доколку економскиот раст забрза на 6% годишно, Македонија ќе го стигне европското ниво на БДП по жител за 15 години. Со раст од 4,5%, ќе треба да поминат над 20 години за да се изедначи животниот стандард на Македонците со стандардот на Европејците, додека пак со раст од 2%, изедначувањето би се случило дури по 60 години.

Токму затоа аналитичарите на Светската банка сугерираат властите целосно да се фокусираат на забрзување на економската активност.

 

 

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×