Како да се анимираат богатите поединци во Македонија да станат бизнис ангели
Објавено на од во Start-up

 

984 - Biznis angeli1Уште еден обид за поддршка на претприемништвото

Државата најавува дека конечно ќе го стави во институционални рамки овој алтернативен начин на финансирање на бизнис идеи којшто не заживеа досега во земјава и по неколку обиди

 

Афирмација и законска поддршка на моделот на финансирање преку т.н. бизнис ангели беше најавено на форумот организиран од Владата и Стопанската комора на Македонија минатата недела во Скопје.

“Постои еден јаз во финансиската поддршка на компаниите, а тоа е поддршката на стартапите во нивната почетна фаза од развојот.  Банките не можат да ја пополнат оваа празнина, затоа што имаат одговорност пред своите штедачите и мораат многу внимателно да ги пласираат нивните пари, односно избегнуваат ризични инвестиции. Токму затоа постојат опции како бизнис ангелите, коишто можат да им помогнат на многу претприемачи во тоа нивните идеи да не згаснат уште на самиот почеток.“, истакна вицепремиерот во Владата за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Министерот Зоран Шапуриќ, задолжен за подобрување на бизнис климата за компаниите, рече дека изминативе два месеци е интензивирана работата на владините тела, научната заедница и другите засегнати страни, околу донесувањето на регулатива што институционално ќе го регулира моделот на финансирање преку бизнис ангели.

“Бизнис ангели во светот обично се побогати поединци, односно актуелни претприемачи и сопственици на компании, но може да бидат и успешни менаџери, или пак било кој што по некаква основа располага со вишок на пари,  и сака да ги искористи за поддршка на бизнис идеја во којашто верува. Токму начинот на инвестирање од страна на бизнис ангелите, односно нивното влегување во стартапите преку удел и сл., нивните права и обврски, начинот на нивно излегување од сопственоста,  сето тоа мора да се стави во законска рамка, за да може да очекуваме развој на оваа форма на поддршка  на претприемништвото. Ние како Влада тоа го правиме во моментов, подготвуваме регулатива, користејќи ги искуствата на земјите што се најнапредни во оваа област, како САД, Израел и др.“, истакна Шапуриќ, којшто всушност е и одговорен во Владата за туркање на оваа иницијатива.


08Колку кандидати има во Македонија за бизнис ангели

Идејата за бизнис ангели не е нова работа во Македонија, изминативе години во неколку наврати имаше обиди да се формираат и мрежи на ангели инвеститори – (МБАН) која што е формирана во рамки на Европско – македонскиот центар за знаење и иновации – ЕМКИЦЕ уште во 2007 година; Мрежата на бизнис ангели при Центарот за иновации во рамки на Проектот на УСАИД за конкурентност, формирана во 2011 година, а две години подоцна беше формиран и CEED Business Angels Club (CEED BA Club) како подклуб на членовите на CEED Business and Learning Club – Gold. Досега, CEED клубот има објавено четири инвестиции од бизнис ангели, додека за првите два споменати не успеав да најдам податок.

Очигледно е дека досега тешко одела афирмацијата на овој концепт на финансирање стартапи во нивната најрана фаза, за што според претприемачите со коишто разговаравме постојат и системски, но и друг вид на пречки.

Митко Цабевски е претприемач, на домашната јавност, но и пошироко познат како човекот што стои зад проектот uPlug, “паметниот“ штекер којшто го развиваше во партнерство со хрватскиот бизнис партнер Иван Јелушиќ. Штекерот што преку USB портови може да полни мобилни телефони, таблети и други уреди од идеја до финален производ овие двајцата го развија со помош на парите од бугарскиот инвестициски фонд Eleven, којшто вложи 200 илјади евра во неколку транши. Штекерот се произведува во Хрватска, во погон крај Осијек, така што е производ made in EU. И самата компанија беше регистрирана во Хрватска, од практични причини, како што вели Цабевски, затоа што земјата е дел од обединетиот европски пазар, па да ги искористат сите поволности.

Цабевски вели инвестиција од бизнис ангели не користеле во uPlug, ниту во Хрватска, а уште помалку во Македонија, којашто има и послабо развиен стартап екосистем. Иако, вели дека имале средби со потенцијални вложувачи од овој тип, но на крајот сe’ останувало само на разговор.

“Бизнис ангели во Македонија во вистинската смисла на зборот практично и нема. Истото е и со нашата дијаспора која што има пари, но не инвестира во стартапи во земјава. Проблемот е што оние што имаат пари да бидат бизнис ангели кај нас се делат на две групи – транзициски тајкуни коишто немаат никаков сенс и интерес за стартапи и нови технологии. Втората група се мал број на успешни сопственици на ИКТ компании, во најголем дел што се занимаваат со аутсорсинг услуги, коишто секој заработен денар го реинвестираат во својата компанија“, вели Цабевски.


Бизнис ангелот вложува “паметни пари“ во стартапот

Неговото мислење е дека поединците кај нас се главно заинтересирани за т.н. “brick and mortar” бизниси, односно традиционалниот тип на бизнис што подразбира физички објект, погон, машини, продавница и сл.

“Можеби е до генерацискиот јаз, но мислам дека генерацијата бизнисмени што го држат најголемиот капитал во Македонија не го перцепираат воопшто концептот на идеја/стартап/технологија/продукт/услуга… Не можете нив да ги убедите да вложат во нешто што за нив е неопипливо, некаква софтверска платформа, сервис, апликација и сл. А, најголемиот дел од компаниите што всушност влегуваат во дефиницијата за стартап, се токму од ИКТ сферата и развиваат продукти, односно услуги, коишто во принцип се виртуелни, не може да ги видите како нешто излезено од фабрика. Затоа мислам дека се’ додека не се појави некоја успешна приказна за бизнис ангел којшто направил 5 или 10 – кратен поврат на инвестицијата во стартап ќе биде тешко сите други да се решат на ваков чекор. Ангел инвеститор е клучната категорија за успех на идеи коишто во суштина се она што во англискиот се нарекува disruptive, односно прават некаква иновативна промена, ‘вознемирување’ што би се рекло, на пазарот и во коишто ретко кој од самиот почеток верува дека ќе успеат“, вели Цабевски.

Глигор Дачевски, сопственик на ИТ стартапот DoxTeam, сериски претприемач и еден од најискусните “стартапџии“ во државава досега имал искуство со инвестиција од бизнис ангели, за кое што вели дека не завршило баш онака како што се надевал и очекувал на почетокот.

“Во еден од моите стартапи, SportyPal, апликацијата за фитнес што ја развивавме со мојот тим пред некои 7-8 години, влегоа неколку инвеститори – бизнис ангели. Нивниот финансиски удел се претвори во соодветен сопственички удел, но само еден од нив делумно го испочитува тоа што еден бизнис ангел всушност треба да го прави во еден стартап, а се нарекува во глобални рамки со едно име – smart money, или паметни пари. Тоа значи дека не се битни само парите што бизнис ангелот ќе ги вложи, туку со своето знаење, експертиза, искуство, познанства и сл., да му помогне на стартапот побрзо да се развие. Во светот постојат договорни форми каде што вие ако сте ангел инвеститор во некој стартап, а во текот на одреден период не испорачате т.н. паметни пари, туку само пари, вашиот удел може да загуби од вредноста и сл. Јас на времето не знаев за можноста од таков договор, а не сум сигурен ни дали во нашата домашна пракса е можно такво нешто.“, вели Дачевски.


10Даночни стимулирања за бизнис ангелите

Тој додава дека според светската пракса бизнис ангелот му помага на стартапот да дојдете до фазата на прва институционална инвестиција, односно влегување на некој фонд, затоа што т.н. venture funds, односно фондови што менаџираат ризичен капитал речиси никогаш не влегуваат во некој стартап на самиот почеток, во т.н. seed фаза, кога претприемачите се на ниво практично на само идеја.

“Во таа почетна фаза стартапот се финансира со пари од самите основачи, нивните блиски и сл., знаете она за трите F – friends, family and fools. Тогаш финансиска помош од бизнис ангел е спас, пресудна за тоа дали проектот ќе остане само на ниво на идеја или ќе стигне до фаза каде што може да се види некаков опиплив продукт. Неговата помош покрај парите, треба да биде и насочување на младите дечки од стартапот во која насока да се движат, укажување на слабости, поврзување со потенцијален клиент, затоа што тој има широка мрежа на деловни контакти, итн.“

Дачевски смета дека токму овие моменти од инвестирањето на бизнис ангелите треба подготвувачите на регулативата да ги имаат предвид, како и можностите за стимулација на некој со екстра пари на располагање да ги вложи во некој стартап.

“На пример, државата троши буџетски пари собрани од даноците што ги плаќа секој бизнисмен и компанија за да поддржи стартапи преку државен инвестициски фонд и сл. Но, реално, освен процесот на контрола и надзор за тоа како се потрошени парите, државата не може баш многу да испорача smart money во целава приказна. Доколку бизнисмените добијат даночни ослободувања како стимулација за инвестирање во стартапи преку концептот на бизнис ангели, претприемачите повторно ќе добијат поддршка, но овој пат во вид на smart money“, вели Дачевски.

 


10нКако Турција ги стимулираше бизнис ангелите да инвестираат во стартапи

На форумот во Скопје учествуваше и Бејбарс Алтунташ, турски претприемач и бизнис ангел, којшто е актуелен претседател на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели (World Business Angels Investment Forum – WBAF) и којшто со своето големо искуство во донесување и имплементирање на законски рамки за ваков тип на финансирање во Турција и други земји, ќе ѝ помогне и на Македонија во таа насока. Алтунташ беше во Скопје и пред две години во една друга прилика, кога Капитал направи интервју со него. Од него ви ги пренесуваме поентите за тоа како Турција развила голема сцена на бизнис ангели.

 Бизнис ангелите во Турција добиваат 75% даночно ослободување на парите што ги инвестираат во стартапи. Тие се многу битна алка во стартап екосистемот на земјата.

Во Турција ја здруживме берзата и бизнис ангелите, што значи стартапите може да прибираат пари од овие инвеститори преку пазарот на капитал. Потоа бизнис ангелите може да излезат од овие стартапи исто така преку берза. Владата издава акредитации на квалификувани бизнис ангели, со што им овозможува да имаат бенефит од регулативата за ко – инвестирање во Турција, што значи дека претприемачите добиваат повеќе извори на финансии и посигурни стратегии на учество и излез на бизнис ангелите од нивните стартапи. Така, додека од една страна владата креираше регулатива за бизнис ангелите, од друга страна Берзата во Истанбул создаде посебен пазар за бизнис ангелите и претприемачите.

Турската асоцијација на бизнис ангели ТБААе всушност пазар од 400 милиони евра – пари на нејзините членови бизнис ангели, односно, 75% од мрежите на бизнис ангели се нејзини членки. Ова е највисокиот пазарен удел во Европа

 


Заблуди и вистини за бизнис ангелите

Бизнис ангел,ангел инвеститор, неформален инвеститор, приватен инвеститор или т.н. seed инвеститор, обично успешен бизнисмен, богат поединец и сл., којшто обезбедува капитал за некој стартап, најчесто во замена за сопственички удел. Покрај парите, бизнис ангелот во принцип обезбедува и советодавни услуги, односно го користи своето знаење, искуство, контакти, итн., за да му помогне на стартапот да стигне до фазата кога интерес ќе пројават и институционални инвеститори, како венчр фондови.

 

Заблуда: Бизнис ангелите инвестираат само во рамки на регионите од каде што доаѓаат.
Вистина: Тие се во потрага по добри идеи и проекти насекаде во светот.

 

Заблуда: Има само неколку бизнис ангели во Европа
Вистина: Во моментов има околу 380.000 бизнис ангели во Европа и нивниот број постојано расте.

 

Заблуда: Бизнис ангелите се стари бизнисмени исклучени од актуелните трендови
Вистина: Новата генерација на млади бизнис ангели забрзано го освојува просторот.

 

Заблуда: Бизнис ангелите се успешни само во САД, каде што им помогнале на Гугл, Фејсбук, Скајп и другите стартапи од Силициумската долина да станат она што се денес.
Вистина: Овие компании всушност биле помогнати од европски бизнис ангели на почетокот.

 

Заблуда: Инвестициите од бизнис ангели во почетна фаза на бизнисите се ограничени во споредба со инвестициите од венчр капитал фондовите.
Вистина: Во 2015 година во Европа венчр капитал фондовите инвестирале 2,1 милијарди евра во млади компании, додека бизнис ангелите вложиле 6,1 милијарди евра свои пари во исти вакви компании.

 

Заблуда: Бизнис ангелите се “осамени волци“ кои што сакаат да преземат целосна контрола врз стартап бизнисите.
Вистина: Точно е дека бизнис ангелите имаат обичај да инвестираат “во глутница“, тоа е како да имате пријател што знае луѓе, а тие знаат луѓе, а тие знаат луѓе…

 

Заблуда: Бизнис ангелите значат само едно: пари!
Вистина: Парите на бизнис ангелите доаѓаат заедно со квалитетно менторство и мрежа на контакти. Знаете како велат, дај му на човекот риба и ќе го нахраниш само тој ден, но научи го да лови, и ќе го нахраниш за цел живот!

Извор: Европска мрежа на бизнис ангели - EBAN

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×