Како да се произведува и извезува повеќе храна во Македонија?
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Реформите мора да ги започниме од темелите или во конкретниот случај од примарното производство. без окрупнување на земјоделските парцели, а со тоа и зголемување на просечните приноси не можеме да постигнеме апсолутно ништо. Брендирањето е дури втора фаза која само треба да ги валоризира сите погоре споменати придобивки.

proizvodstvo na hrana

Едвај 1% од македонскиот бруто домашен производ го прави прехранбената индустрија, а во индустриското производство учествува со 13%. Само тоа е македонската храна со додадена вредност, а се друго што консумираме доаѓа од увоз. Близу 550 милиони евра потрошила Македонија за увоз на храна во 2014 година. Тоа е раст од 10% во однос на увозот од 490 милиони евра во 2013 година или дуплирање на сумата од 260 милиони евра потрошени за оваа намена во 2006 година. Ваквите статистики природно и логично одат рака под рака со континуирано намалување на домашното производство на храна. Бидејќи не постои заедничка бројка за вкупното производство на храна во Македонија како репер ги зедовме неколкуте клучни прехранбени артикли за кои постојат статистики и кои покажуваат навистина надолен тренд.

Имено кај домашното производство на месо може да се констатира дека во 2013 година споредено со претходната 2012 вкупното производство на месо е намалено за 9.8% при што производството на говедско месо е во пораст, а производството на овчо, свинско и живинско месо бележи пад. Најголем е падот на производството на свинско месо од цели 16,5% по што следува овчото со 15,6% и живинското со 7,4%. Ова не би било страшно ако не континуитет на претходната 2012 година кога производството на месо опадна за 7% во однос на календарската 2011 година во која исто така имаше пад од 7% во однос на 2010 година. Бројките не се ништо повесели ниту кај производството на млеко во земјава. Во 2008 година во Македонија се произвеле 439 милиони литри млеко. Ова бројка во наредните две години 2009, 2010, паѓа етапно на 395 и 394 милиони литри. Годината 2011 со произведени 417 милиони литри може да се смета повторно за добра година но според експертите ова најмногу се должи на подемот на малите млекари кои не беа толку моќни во 2008 и 2009. За изминатата 429 милиони литри млеко. Слична е состојбата и кај домашното производство на јајца кое за само една година 2013/2012 според последните податоци е намалено за цели 10% или 30% во однос на 2011 година. Истата или слична состојба се пресликува и кај производството на пченица, пченка, компир, јаболка…

Kуќа се гради од темели- мора прво да го подобриме примарното производство

Структурата на македонското земјоделство во најголем дел денес ја сочинуваат семејните земјоделски стопанства со мал земјишен посед, дополнително расцепкан на по неколку парцели. Дополнително просечниот македонски земјоделец земјата ја работи со застарена техника и технологија и со многу мали приноси.

Во оваа насока мора да се земе предвид предупредувањето на експертите дека политиката на субвенционирање на мали земјоделски стопанства е обратно пропорционална и погубна за заложбите за окрупнување на земјоделските парцели кои ги форсира истото Министерство за земјоделство или истата Влада на Република Македонија.

Ваквите состојби попрактично ги објаснува и Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија.
„Проблем е и тоа што субвенционирање е скалесто, т,е, најголемите фирми добиваат најмалку. Тие се движечка машина,. локомотива и треба исто да добиваат како и малите. Впрочем тие секогаш се и поврзани со малите компании/производители(им откупуваат производство, преработуваат, преку нив се извезува и сл)“ вели Ристовски.

Останатите експерти кои ги консултиравме предупредуваат дека Македонија со ваква раситнета структура на земјоделски с топанства и со ваков модел на субвенционирање кој наместо да одвраќа поттикнува на дополнителни раситнувања, ќе доживее вистинска катастрофа на самиот старт на преговорите со Европската Унија.

„Брисел нема никакво разбирање за раситнети парцели и ситни земјоделци. Сите политики и напори на Европската унија во земјоделието се насочени кон окрупнување на земјоделството. Тоа значи дека неминовно ќе ни биде наложено да субвенционираме само парцели и земјоделци кои произведуваат на површини над пет или повеќе хектари. Тоа значи дека автоматски 80% од нашите земјоделци ќе останат без субвенции. Затоа Македонија во моментов наместо само декларативно треба и практично да се залага за окрупнување, а тоа да го стимулира преку поинаков модел на субвенции“ велат тие.

Дополнителен проблем е што македонското полјоделство и општо земјоделство има најниски просечни приноси во регионот.
Иако тоа многумина го поврзуваат со претежно ридскиот и планински релјеф на земјава, експертите и познавачите на состојбите коментираат дека со адекватен пристап кон земјоделството Македонија може сериозно да ги подобри перформансите во ова подрачје.

Синиша Петровиќ од Битолската компанија за продажба на земјоделска механизација Синпекс вели дека не држат теориите дека македонската земја не може да раѓа повеќе туку дека во нејзе не се инвестира соодветно.

„Македонското земјоделство дефинитивно креира одредена додадена вредност. Без разлика дали се тоа 500 милиони евра годишно, малку повеќе или многу помалку такви пари постојат. Проблемот е што тие пари не се ре инвестираат во земјоделството туку се трошат за сосема други работи како купување, недвижности, годишни одмори, нови автомобили и слично. Е тука е улогата на државата која мора да најде начин да стимулира инвестиции во овој сектор, а не да чека на совеста на земјоделците“
Деканот на земјоделски факултет во Скопје Драги Димитриевски сето ова сублимирано ни го објасни и ни посочи како да се продолжи понатаму.

„Да продолжат со посилен интензитет активностите за окрупнување на земјишните парцели. Да се зајакнат мерките кои ќе поттикнуваат договорно производство. Мерките на финансиската поддршка на доходот на производителите потребно е и натаму да се одржува најмалку на сегашното ниво, да се зајакнува програмата за рурален развој да се зајакнува со што ќе се модернизира земјоделството но и прехранбената индустрија која дополнително треба го повлече развојот на примарното производство. Значајно во оваа насока ќе биде и користењето на средствата од пред пристапната помош на ЕУ, односно средствата од ИПАРД програмата, кој значително може да го модернизираат секторот“

Димитровски на сето ова додава дека значајно за целиот земјоделско- прехранбен систем е да се воспостават цврсти врски во вертикалната интеграција што значи дека примарните земјоделски производители, трговците со земјоделско- прехранбени производи и преработувачите мора да изградат систем на доверба и соработка во кој сите ќе го најдат својот економски интерес.
„Она што е исто така значајно за македонската прехранбена индустрија е нејзино натамошно модернизирање се со цел за остварување на строгите стандарди за безбедност на храна кој постојано се зајакнуваат и бараат на странските пазари, а оваа индустрија во најголем дел е насочена кон овие пазари. Затоа добро би било да се искористат средствата од ИПАРД за кои сметам дека оваа индустрија поседува капацитет за нивно користење“ вели Димитровски.

Како до подобар имиџ и бренд на македонските прехранбени производи

Главни дестинации на македонските земјоделско- прехранбени производи се пазарот на ЕУ и пазарот на земјите од поранешна Југославија. Ова се пазари каде македонските земјоделско-прехранбени производи имаат своја традиција и препознатливост со квалитет и се познати по специфичниот вкус. За жал нема многу (на број) македонски брендови кои се препознатливи подалеку од нашите граници, а се со повисок имиџ и вредност.

Петар Лазаров член на тимот на Македонија Експорт Консaлтинг вели дека со 40% обработливо земјиште во Македонија нелогично е извозот на земјоделски производи да е на вака ниско ниво. „Иако имаме ваков потенцијал, ние не го искористуваме воопшто. Зошто е тоа така?! Одговорот е едноставен, ЗНАЕЊЕ, ЗНАЕЊЕ, ЗНАЕЊЕ. Во Македонија многу малку некои се занимаваат со едукација и развој во делот за „брендинг“. Ние честопати го споредуваме развојот и стратешкиот маркетинг за некој бренд, со рекламирање. Ако се рекламираме значи дека работиме на нашиот бренд. Или, најлошо е ако мислиме дека само со развој на пакување на нашиот производ, завршивме со делот што го викаат „брендинг“. Значи најважно е да имаме БРЕНД стратегија. Од таму почнува се“, вели Лазаров.

Сепак тој е искрен и признава дека без соодветен квалитетен производ не може да се прави никаква бренд стратегија, но како поголем проблем од овој домен го наведува фактот што менаџерите се спремни повеќе да дадат за непотребни машини и погрешни одлуки, отколку да му дадат соодветен идентитет на својот производ.

„Кога ќе дојде до развој на пакување, тогаш немаме пари. А да не зборуваме за инвестирање во маркетинг активности за промоција на производот и пронаоѓање на клиенти. Тоа е една од поголемите причини зошто голем број на компании не развиваат ексклузивни производи, со најголема додадена вредност. Ја гледаат инвестицијата во производот како трошок, а не како неминовна алатка за развој и јакнење на својот бренд“, констатира
Лазаров.

Кои се најголемите играчи во прехранбената индустрија?

На листата 200 најголеми компании во Македонија се најдоа 15 компании од прехранбената индустрија. Тие заедно минатата година оствариле вкупни приходи од 338 милиони евра, што е зголемување од 6,73 % во споредба со годината пред тоа. Вкупниот профит на овие фирми лани изнесувал 8,3 милиони евра, што е намалување од речиси 17% во споредба со 2013 година.

Дури 11 од вкупно 15 компании од прехранбената индустрија кои се најдоа меѓу 200-те најголеми лани имале раст на приходите, додека четири компании работеле со помали приходи. Најголем раст на приходите од дури 229% има фирмата Лакталис, која во најголем дел се занимава со трговија и продажба на млечните производи на Дукат и другите производи на фирмите од Балканот кои се во сопственост на Лакталис. Втор најголем раст на приходите од 33% има фармата за одгледување на свињи Агриа. Прехранбената компанија Пекабеско е фирма со трет најголем раст на приходите од 20,4% меѓу прехранбените компании. Најголем пад на приходите од 19,35% лани бележи штипскиот производител на масло Брилијант и Жито Лукс кој лани работел со околу 8% помали приходи.

Рангирањето на компаниите од македонската прехранбената индустрија покажува дека Пекабеско е убедливо закотвен на првото место со 49 милиони евра приходи, додека на второто место е Млекара Битола со приходи од близу 39 милиони евра обрт. Трета најголема компанија во бизнисот со храна е Свислион со 32,8 милиони евра. Следи Витаминка со 26 милиони евра приходи и Млекарата Здравје Радово со приходи 24,5 милиони евра.

Ако се анализира прехранбената индустрија според профитот тогаш Макпрогрес е на врвот со профит од 2,7 милиони евра. И покрај големите инвестиции кои ги прави, профитот на Макпрогрес лани е зголемен за 83%. Втора најпрофитабилна компанија е Млекара Битола со профит од 2,6 милиони евра (раст од 23,5%), а трета е Свислион со профит од 1,7 милиони евра (раст од 33%).
Пекабеско која е четврта најпрофита-билна во прехранбениот сектор со профит од 1,1 милион евра, лани имала раст на профитот од дури 302%.

Голем раст на профитот има и ЗК ЗК Пелагонија компанија која според приходите во 2014 година (22 милиони евра) е рангирана на 87 место. Имено оваа компанија остварила раст на профитот од 1076% и тој сега изнесува чисти 5,8 милиони евра.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×