Како до повеќе пазарно финансирање на компаниите?
Објавено на од во СПЕЦИЈАЛЕН ПРИЛОГ

Panel 1 za glavnaФинансирање на корпоративниот развој

Македонските компании кои имаат солидни бизниси и стабилен развој главно се насочени кон финансирање на своите развојни проекти преку банките. Примарниот пазар на хартии од вредност кај нас никогаш не доживеа посебна експанзија. Вистински иницијални јавни понуди, проследени со трансформација на приватните во јавни акционерски друштва сѐ уште не се регистрирани. Зошто е ситуацијата ваква и што допрва ќе се случува на македонскиот пазар на капитал за да се помрднат работите од мртва точка беше повторно во фокусот на дискусиите на првиот панел на годинешнава Берзанска конференција.
Зошто македонските компании својот развој главно го финансираат преку банкарски кредити и сопствена акумулација, а не се обидуваат да приберат свеж капитал преку Берзата, на пример и кога државава ќе го добие своето прво вистинско IPO (Initial Public Offering: Иницијална јавна понуда на акции, н.з.) беше една од фокус темите на јубилејната 20. Годишна конференција на Македонска берза што се одржа во Охрид на 29 март.
Менаџери на инвестициски фондови, пазари на капитал, како и бизниси дискутираа околу оваа проблематика и тоа што се случува на глобално и регионално ниво на полето на финансирање на корпоративниот развој со алтернативни начини, освен вообичаено користените кредити.
Ивана Гажиќ, шеф на Управата на Загрепска берза, на почетокот од своето излагање кажа дека хрватскиот пазар е многу сличен на македонскиот, односно, транзициска економија во којашто голем број државни компании приватизирани на различен начин со тек на годините.
08b„Приватните компании што се создадоа во меѓувреме го финансираа својот развој со сопствени средства или банкарски кредити, додека свртувањето кон пазарот на капитал не се случи, за жал. Освен големиот број на физички лица коишто се јавуваат како инвеститори во котираните компании, во Хрватска имаме и прилично силна индустрија на пензиски фондови коишто главно инвестираат во обврзници или странски акции, затоа што на домашната берза едноставно немаше повеќе прилики за нив. Во 20-тина најголеми хрватски компании пензиските фондови држат значајни позиции, седат во надзорни одбори и сл., и во принцип нема некои нови инвестициски прилики за нив. Во меѓувреме светот се менува, живееме во време кога ќе се јавуваат сè помалку компании што ќе произведуваат храна, електроника или ќе градат згради, а сè повеќе ќе се создаваат бизниси каде што клучна е идејата, иновацијата и интелектуалната сопственост и коишто генерално не се интересни за банките како нивни финансиери. Се поставува прашањето како ќе се финансираат овие компании“, рече Гажиќ.
Таа додаде дека на една конференција од претставник на ЕБРД ја слушнала изјавата дека берзите мора да пружат поддршка на компаниите во сите фази на растот, односно да овозможат прибирање свеж капитал на компаниите без оглед на големината и структурата, за што помислила дека е одлична идеја, но како берзанска институција не можеле да го имплементираат сами.
„Од истите причини како и во Македонија и другите земји од регионов, затоа што многу тешко е ДОО-а или ДООЕЛ-и да имаат повеќе од еден сопственик, а уште потешко е со таа сопственост подоцна да се тргува. И подоцна се сретнавме со Funderbeam, естонската компанија основана од поранешната директорка на берзата во Талин, што е всушност платформата за финансирање на стартапи преку системот на crowdfunding. Преку овој иновативен систем на прибирање свеж капитал, од 2016 досега седум хрватски стартапи успеаја да соберат нешто над три милиони евра коишто ги употребија за сопствениот развој. Преку 1500 хрватски граѓани се вклучија на овој пазар, а освен нив во хрватските стартапи имаат вложено и луѓе од уште 70-тина земји, додека самата платформа Funderbeam во моментов има можност за инвестиции од 113 земји.“, објасни Гажиќ.
Таа објасни дека минималното вложување за поединечен мал инвеститор во еден стартап преку платформата изнесува 100 евра.
„Платформата користи blockchain технологија, а вложувањата на инвеститорите претставуваат дигитални записи, односно токени. На пример, за 100 евра вложени се добиваат 100 токени, со коишто потоа може и да се тргува преку Funderbeam, односно иницијалните вложувачи може слободно да ги продаваат своите инвестиции (токени), доколку сакаат и доколку има заинтересирани купувачи. Инвеститорите може да добијат и дивиденда од компаниите во коишто вложиле, но и ако се продаде стартапот подоцна, како инвеститор добивате дел од парите.“, додаде Гажиќ.
Презентацијата на стартапите што бараат финансиери преку Funderberam, како што објасни Гажиќ, односно нивните кампањи, изгледаат како мали IPO-a, односно доколку компанијата смета дека има добра идеја, бизнис модел, продукт или услуга наоѓа т.н. водечки инвеститор, обично искусен претприемач којшто и самиот верува во проектот и веќе инвестирал во него, којшто им помага на претприемачите да се презентираат преку онлајн платформата.
Првата кампања во Хрватска била на стартапот Include, којшто се прочу во регионот и пошироко со своите паметни клупи, а преку Funderbream успеа да собере над 400 илјади евра.
“Иван е 22 годишен претприемач од едно мало место крај Сплит којшто на првиот состанок со нас дојде со автобус во Загреб, кога имаше едвај 19 години. Сега неговата компанија извезува во преку 40 земји во светот, и тоа чувство дека можете некому истовремено да му пружите финансирање алтернативно од банкарското и да го образувате како да разговара со инвеститори е навистина уникатно. Include за околу еден месец ќе ја прибира својата втора рунда инвестиции, сега целта се три милиони евра. Овој стартап за отприлика две години од сега би можел да излезе и на берза. Ако од сите овие стартапи за некоја година успееме да направиме 2-3 да излезат на берза, мислам дека сме ја оствариле нашата цел“, рече директорката на Загрепска берза, Гажиќ.
Алтернативно финансирање на домашните компании: чекор напред, два назад
Питер Риги, директор на CEED Global, компанија за поддршка и развој на менаџмент и компании што има свои операции и во земјава, ги истакна предизвиците со коишто се соочуваат сопствениците и менаџерите на приватните компании што не се акционерски друштва, кога треба да одлучат како понатаму да се финансира развојот.
„Постојат повеќе причини зошто бизнисите во земјава и регионот што не котираат на берза, па и оние што веќе котираат како акционерски друштва, многу ретко, речиси никогаш, за овие триесетина години пазарна економија не одлучија да приберат пари за својот развој на друг начин освен банкарски кредит. Една причина е скепсата од отвореноста на компанијата што се случува кога емитувате акции, едноставно, непријатното чувство од тоа инвеститорската и останата јавност да има увид во вашето работење и резултати. Второ, е стравот од неизвесност за идниот развој. Потоа, банкарските кредити се многу поедноставен начин на обезбедување свеж капитал, договорот е помеѓу бизнисменот и банката, секако, има камата, но ги нема сите останати процедури и трошоци што ги бара една иницијална јавна понуда на акции. Веројатно и затоа толку долго го чекаме првото вистинско IPO во Македонија, на пример“, рече Риги на панелот.
Како што додаде Риги, во Македонија и земјите од регионов сè уште не е постигнато нивото на претприемачки мајндсет што подразбира како претприемач што силно верува во својот продукт/услуга да отидете во некој венчр фонд, на пример, и да се откажете од 90% од сопственоста со цел фирмата да расте.
„Исто така, и самиот излез на берза не значи само прибирање пари, туку и друг тип на одговорност, кон акционерите пред сè, и тука треба да се направи јасна граница помеѓу тоа што е бизнис сопственост, а што е приватен интерес. Таа дуалност што постои во голем број компании, дека личниот имот и интереси се ставаат во ист кош со интересите и средствата на фирмата, тоа треба да се надмине“, смета Риги.
Дејан Калиников, директор на инвестицискиот фонд СЕАФ Македонија прво ја потсети публиката на Берзанската конференција за еквити вложувањата што фондот ги имаше во неколку македонски компании (Тинекс, Дневник, Оннет, н.з.) уште пред речиси 20-тина години. „Дел од овие инвестиции завршија со излези на СЕАФ, односно со продажба на тие компании на странски инвеститори. Таа приказна беше убава, како за инвеститорите и сопствениците, коишто одлично заработија, а самиот фонд покрај комерцијалната улога имаше и една развојна улога за македонскиот финансиски пазар, односно во алтернативното финансирање коешто не беше познато дотогаш. Но, она што не е баш убаво, е што јас и после 20 години за жал се чувствувам како пионер на овој пазар, објаснувајќи што значи private equity финансирање, зошто е добро една компанија да има алтернативно финансирање, итн.“, рече Калиников.
09bСпоред него постојат повеќе фактори за оваа состојба. Инвеститорите се една причина.
„Тие сакаат извесност, во кој правец се движи националната економија“,вели Калиников.
„Иако инвестициите сами по себе значат извесна доза на ризик, но инвеститорите сакаат кога ризиците може да бидат предвидливи и кога се знае кои надворешни фактори може да влијаат повеќе или помалку на тие ризици. Македонија за жал предолго е во транзиција, и таа вечна транзиција, честите промени во регулативата и сл., сето тоа креира неизвесност што инвеститорите не ја сакаат. Затоа и најголем дел од еквити фондовите што вложуваат низ регионов ја заобиколуваат Македонија. Вториот момент е предизвикот што се вика мал пазар. Мал е бројот на добри кандидати за еквити инвестиции, особено за поголеми проекти за коишто се заинтересирани регионалните фондови. Третиот момент е т.н. егзит, односно излегување на инвеститорот од инвестицијата, затоа што сите овие алтернативни начини на финансирање не подразбираат доживотно останување во една фирма, туку вложувањето се прави со цел фирмата да порасне и потоа да се профитира при излегувањето. За жал, излезите во Македонија се доста ограничени, односно спојувања и аквизиции се многу ретки. Најголемиот број аквизиции се од странски компании во претежно два сектори – телеком и банкарство. А, зошто токму овие сектори? Затоа што се најпрофитабилни, но и регулирани, што значи дека извесноста е нешто поголема, правилата на игра се малку појасни и на инвеститорите им пружа дополнителна сигурност.“, објасни Калиников.
Зборувајќи за излезни стратегии, тој ја спомна секако и берзата, како природен начин на излез на инвеститорите од своите инвестиции. Тоа е моделот којшто функционира во високо развиените пазари како САД, В. Британија, Израел, итн.
„Таму е природно некоја фирма штом ќе достигне одредено ниво на развој, следниот чекор да е IPO. Така и еквити или венчр фондот своите удели си ги продава преку берза. За жал ова во земјава не функционира, иако имаше некои обиди изминатава деценија, имаше и разговори со некои банки, за жал не дојде до реализација. Во периодот кога Берзата цутеше СЕАФ имаше 2-3 компании во портфолиото што беа спремни за емитување акции, компании што имаа одличен историски раст, имаа добри ревизорски извештаи од ‘големата четворка’ ревизорски куќи, имаа педигре, што се вели. Проспектите беа речиси спремни, единствено што фалеше беше покровител за иницијалната јавна понуда, односно IPO, т.н. underwriter. Тоа е обично банка, брокерска куќа и сл., којашто презема дел од ризикот за успешноста на IPO и практично го организира. Кај нас мислам дека постои некој ограничувачки фактор што ги спречува банките да се занимаваат со тоа, веројатно не е проблемот само во нив, во смисла дека не сакаат да се занимаваат со овој тип на финансиски инструменти, туку постои и друга бариера што легислативно треба да се надмине. Би требало во оваа прилика да споменам дека имаше и квази обиди за IPO, коишто не завршија славно и направија повеќе штета одошто корист, и можеби и заради тоа создадоа некаква скептичност во бизнис заедницата околу целисходноста на овој начин на прибирање капитал. Сепак, иднината е таму, и комбинација од различни видови на финансирање во зависност од степенот на развој на компанијата мора да заживее во Македонија“, смета Калиников.
Шведско стартап искуство во Македонија
Гостинот од Шведска, основачот и директор на инвестициската компанија Prio Startup Ltd, Ларс Олофсон, зборуваше за тоа како тој и неговите соработници се во потрага по иновативни проекти во Европа, при што патот ги донел и во Македонија. Олофсон преку своите соработници што ги ангажирал за скенирање на македонскиот пазар сфатил дека овде има претприемачки потенцијал и интересни стартапи, па пред неколку месеци регистрирал своја компанија и во земјава и почнал да вложува во поддршка на стартапи.
„Досега имаме вложено во 5-6 компании, некои се многу иновативни и работат на развојот на најнови технологии, како нанотехнологија или вештачка интелигенција, а планот ми е мошне амбициозен и до крајот на годинава сакам да вложиме во 20-25 македонски стартапи“, истакна Олофсон.
Интересна е неговата лична приказна поврзана со нанотехнологијата. Тој раскажа дека пред две години му бил дијагностициран канцер, а пред една година бил третиран со нов третман, за кого што лани била доделена и Нобелова награда по медицина, којшто се потпира на користење нанотехнологија.
„Сега сум исчистен од канцер клетките, а нанотехнологијата ќе има примена во многу области и ќе биде огромно нешто допрва, како што стана ДНК технологијата. Значи, инвестиравме во една фирма што се занимава со нанотехнологија во Македонија, а во портфолиото имаме и проект за нов дизајн на ветерни турбини, што се 25-30% поефикасен од традиционалниот. Имаме вложено и во компанија што се занимава со вештачка интелигенција, како и други иновативни проекти. Ќе останеме тука долго време, а имаме три начини за егзит: прво, да се продаде компанијата на некој голем венчр или еквити капитал фонд; втората стратегија за излез е основачот да го купи својот дел назад, а третата опција е да се продаде технологијата на некои големи играчи. Сега најдовме и четврта опција, а тоа е компанијата да излезе на берза. Ние имаме амбиција да ја ‘снабдувамè Берзата со 20-тина компании годишно што ќе бидат спремни за IPO.“, рече Олофсон.
Тој истакна и дека со нетрпение ја очекуваат соработката со Funderbeam платформата, којашто во Македонија треба да профункционира на есен. Вели дека би биле водечки инвеститор во многу случаи, ќе одберат компании во коишто гледаат потенцијал, а доколку некои од стартапите што ќе дојдат во Prio и можеби нема перфектно да се вклопат во нивната стратегија, Олофсон вели дека може да ги пренасочат кон Funderbeam.

 

 

 

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×