Како работеа компаниите котирани на Берза во првите девет месеци
Објавено на од во Компании
Вкупниот приход на сите котирани друштва изнесува 1,84 милијарди евра, што е за 1,68% повеќе во однос на истиот период лани. Вкупниот нето биланс пак, на овие компании изнесува 173,8 милиони евра што е за 12,1% помалку во однос на лани. Од овие компании, 70 оствариле добивка, којашто во вкупен износ е 184 милиони евра, додека 28 оствариле загуба, којашто во вкупен износ е 10,2 милиони евра.
Reportaza Tetovo, Brvenica i Dzepciste -Popovski F41

 

Рафинеријата ОКТА од Скопје е компанијата со најголеми приходи, од 20,29 милијарди денари, во првите девет месеци, која што е котирано акционерско друштво на пазарот на капитал, додека Стопанска банка – Скопје е котирана компанија со најголема добивка во истиот период, од 1,73 милијарди денари, покажува извештајот на Македонска берза.
Анализирани се приходите и добивките на 98 компании што ги доставиле своите финансиски извештаи, со забелешка дека рокот за достава на консолидираните извештаи е до 02.12., па дел од резултатите во меѓувреме може да се променат.
Вкупниот приход на сите овие 98 друштва изнесува 113,4 милијарди денари (1, 84 милијарди евра), што е за 1,68% повеќе во однос на истиот период лани. Вкупниот нето биланс пак, на овие компании изнесува 10,7 милијарди денари (173,8 милиони евра) што е за 12,1% помалку во однос на лани. Од овие компании, 70 оствариле добивка, којашто во вкупен износ е 11,3 милијарди денари (183,8 милиони евра), додека 28 оствариле загуба, којашто во вкупен износ е 629,7 милиони денари (10,2 милиони евра).
 Ќе анализираме неколку сектори каде што работат компаниите котирани на Берза, да почнеме со фармацевтските компании. Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – септември 2019 година, продажбите на Алкалоид достигнуваат 6,3 милијарди денари, што е за 14% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби пак достигнуваат 8,26 милијарди денари што е за 15% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 7%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 19%. Од вкупните консолидирани продажби, 35% се остварени на домашен пазар, додека 65% се остварени на странски пазари.
Единечната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 1,3 милијарди денари, бележи зголемување од околу 22%, додека единечната нето добивка изнесува 764,8 милиони денари и е зголемена за 25%. Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), достигна 1, 34 милијарди денари и бележи раст од 22%, додека нето консолидираната добивка во износ од 738,6 милиони денари е зголемена за 26%. На ниво на групација нето профитната маржа за првите 9 месеци од 2019 година изнесува 8,9%, оперативната маржа е 10,4%, додека ЕБИТДА маржата изнесува 16,2%.
Во 2019 година Алкалоид ги почна инвестициите во новите производни одделенија што ќе се простираат на површина од 7.000 м² , што ќе овозможи зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50%, односно од сегашниот капацитет од речиси 2 милијарди таблети и капсули годишно, на повеќе од 3 милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми. Вкупниот износ на инвестицијата е проценет на 11 милиони евра. Комплетирањето на оваа инвестиција, планирано за првата половина од 2020 година, ќе создаде услови за реализирање на околу 200 нови вработувања во сегментот Фармација.
Реплек од Скопје, пак, има оперативните приходи 0д 761.,5 милиони денари во првите девет месеци и се зголемени за 5%, а оперативните расходи изнесуваат 672, 8 милиони денари и бележат зголемување за 7% во однос на истиот период претходната година. Приходите од продажба на странски пазар имаат учество од 57% во вкупните приходи од продажба (2018: 58%) и имаат зголемување од 2% во однос на истиот период минатата година. Приходите од продажба на домашен пазар имаат учество од 43% во вкупните приходи од продажба (2018: 42%) и имаат зголемување од 7% во однос на истиот период минатата година. Консолидираната добивка пред оданочување изнесува 93, 5 милиони денари, што е за 3% помалку во однос на минатата година.
19grПрехранбените фабрики со променлива динамика на приходите
Кај производните компании од прехранбената индустрија, прилепска Витаминка бележи раст на приходите од продажба од 10%, на 1,72 милијарди денари, и тоа 1,025 милијарди денари на домашен пазар, а 692,3 милиони денари извоз. Но, заради нивото на залихи во првите девет месеци годинава, оперативната добивка на компанијата е намалена за 56%, на 29,6 милиони денари, а дополнително пак, поголемите финансиски расходи од 21,9 милиони денари, во однос на финансиските приходи од само 3 милиони денари, ја “топат“ нето добивката на скромни 9,6 милиони денари за првите девет месеци, што е за 79% помала во однос на истиот период лани.
Кондиторската фабрика Европа од Скопје, во првите девет месеци има остварени вкупни бруто приходи од 530, 8 милиони денари, намалени за 6,8% во однос на бруто приходите од 2018 година за истиот период. Вкупните оперативни приходи се намалени за 6% во однос на истите во 2018 година.Останатите приходи се намалени за 51%, а финансиските приходи се намалени за 63 % во однос на 2018 година. Европа за првите девет месеци има добивка во износ од 35,2 милиони денари и е помала во однос на претходната година за 63,7%. Вкупните расходите се зголемени за 6,4% во односна минатата година. Оперативните расходи се зголемени за 6,5%, а финансиските расходи пак се намалени за 18,8% во однос на 2018 година.
Компанијата има помала продажба на домашниот пазар за 14%, или 220,2 милиони денари, додека на странските пазари продажбата е зголемена за 1%, на 302,9 милиони денари.
Пекабеско, производител на месни преработки, но и трговец со стоки за широка потрошувачка, во првите девет месеци има приходи од продажба од 3,68 милијарди денари, за 6% повеќе во однос на лани. Оперативната добивка на компанијата е 125,7 милиони денари, што е за 4% повеќе, и нето добивка од 107,4 милиони денари, исто така за 4% повеќе.
Жито Лукс, производителот на леб и пекарски производи од Скопје, во првите девет месеци има приходи од продажба од 804 милиони денари, што е на исто ниво како и лани, додека оперативната добивка на компанијата е намалена за 50% и изнесува 17,4 милиони денари. Финансиските расходи од 15,9 милиони денари, наспроти приходите од 1,4 милиони денари, прават добивката на крајот да изнесува 2,9 милиони денари пред оданочување. Во Жито Лукс објаснуваат дека новолансираните производи кои биле поддржани со интензивно рекламирање, покажале многу добри резултати, а значително зголемување (+25% во однос на минатата година) е забележано и во приходите од продажба на странски пазар.
„Трошоците на продадените производи се зголемени за 2%, како резултат на повисоки цени на пченицата како основна суровина (+15%) како и повисоки цени на енергенсите (+13%). Ова доведе до пониска бруто и нето добивка за периодот. Трошоците за продажба и маркетинг се намалени за 7%. И покрај зголелените административните трошоци за 12%, компанијата успеа да ги доведе оперативните трошоци на компанијата на пониско ниво од минатата година за 4%.“, се вели во образложението на финансискиот резултат.
Како работеше градежната индустрија
Силен раст од 47% на приходите во првите девет месеци бележи градежната компанија Гранит, од 3,9 милијарди денари, додека расходите на фирмата се зголемени за 46%, на 3,7 милијарди денари. Карактеристично е што компанијата којашто изминатите години беше позната по големите градежни проекти во странство, сега е фокусирана на домашниот пазар, каде што се остварени без малку сите приходи. Оперативната добивка на Гранит е зголемена за 16%, на 87,9 милиони денари, додека нето добивката изнесува 174,2 милиони денари, за 81% повисока од лани, пред с$ поради финансиските приходи од без малку 100 милиони денари.
Скопски Бетон бележи намалување на оперативните приходи за 30%, на 839 милиони денари, додека расходите се помали за 67%, на 787 милиони денари. Оперативната добивка во првите девет месеци е преполовена во однос на истиот период лани, и изнесува 1,46 милиони денари, додека нето добивката на крај е 11 милиони денари, за 33% повисока во однос на лани.
Во фабриката за градежни материјали Адинг, првите девет месеци остварен е вкупен приход од 303,5 милиони денари, што е поголема од ланскиот за 6,9%. Приходите од продажба се 294,4 милиони денари, од коишто 88,5% се на домашен пазар, а остаток на странски пазари. Во истиот период остварени се вкупни расходи од 290,24 милиони денари, што е зголемување за 13,5%. На 30.09 е забележана добивка пред оданочување од 14,5 милиони денари, помала за 50% од ланската.
„Во период на забавена градежна активност кога дел од капиталните инвестиции на државава, како и во земјите каде што работат нашите фирми ќерки (Србија и Бугарија) не се реализираа во оваа буџетска година, и кога постоеше константен недостиг на ликвидни средства кај компаниите, сите фирми во консолидираниот систем на АДИНГ ги заострија критериумите за испорака на производи, направија дополнителна селекција на своите купувачи и на сметка на намалена реализација ја задржаа ликвидноста. “, се вели во образложението на финансискиот извештај на Адинг.
Кај големите банки паѓаат приходите од камати, растат од провизии
Заедничко за работењето на трите најголеми банки на домашниот пазар според износот на актива – Комерцијална банка, Стопанска банка – Скопје и НЛБ Банка – во првите девет месеци годинава е продолжување на падот на нето приходите од камати и растот на заработката од провизии и надоместоци. Во услови на рекордно ниски каматни стапки, банките наоѓаат начини да ги компензираат помалите износи од нивниот основен извор на приходи, преку зголемување на обемот на кредитирање, картично работење, електронско банкарство, продажба на осигурителни полиси, и други услуги.
Стопанска банка – Скопје (во понатамошниот текст СБ, н.з.) има нето приходи од камати што изнесуваат 2,71 милијарди денари, односно се намалени за 4,0% во однос на истиот показател од 2018 година, при што приходите од камати забележаа намалување од 5,2%, додека расходите од камата забележаа намалување од 11,8%. Нето приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 846,7 милиони денари и се повисоки за 12,8% од истите во 2018 година како резултат на остварен пораст на нето провизиите и надоместоци од услугите.
Нето добивката пред оданочување на СБ во првите девет месеци изнесува 1,92 милијарди денари, што претставува намалување за 25,8% споредено со нето добивката остварена во анализираниот период минатата година. Лани во првите два квартали СБ ги продаде побарувањата што ги имаше од ФЕНИ, кој што доби нов сопственик, со што во нејзините биланси беше евидентирано ослободување на исправката на вредност и истото имаше соодветен ефект врз финансискиот резултат.
Комерцијална банка (во понатамошниот текст КБ, н.з.) во првите девет месеци исто така има помали нето приходи од камати – коишто се основната компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето – и тоа, за 5,3%, на 1,78 милијарди денари.
Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.09.2019 година изнесуваат 705,4 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 13,0%. Нето приходите од курсни разлики изнесуваат 82,7 милиони денари и бележат намалување од 22,7%. Останатите приходи од работењето на КБ за првите девет месеци изнесуваат 480,8 милиони денари и бележат намалување како резултат на повеќе реализирани приходи од капитални вложувања и капитална добивка од продажба на преземен имот во истиот период од минатата година.Нето добивката на КБ за првите девет месеци изнесува 1,3 милијарди денари и е за 24,7% помала во однос на истиот период лани, речиси идентичен процент на намалување како и кај Стопанска банка – Скопје. Причината за тоа е исто така идентична, а тоа е ослободувањето на исправката на вредност во билансите на КБ поради продажбата на побарувањата од Фени, што се случи лани во првиот квартал.
НЛБ Банка во првите девет месеци има нето приходи од камати во износ од 2,22 милијарди денари, поголеми за само 0,7% споредено со истиот период лани, а нето приходите од провизии се повисоки за 3,9% споредено со истиот период претходната година како резултат на остварен пораст на приходите во доменот на картично работење, платен промет во земјата и странство, електронско банкарство, кеш центар, продажба на полиси и договори за пензиско осигурување.
Нето добивката на НБЛ заклучно со 30.09.2019 година изнесува 1, 45 милијарди денари и е пониска за 21,6% во однос на истиот период претходна година поради остварена добивка од продажбата на НЛБ Нов Пензиски фонд во март 2018.
Кај Охридска банка Сосиете Женерал (сега веќе Шпаркасе банка по преземањето од страна на австриската групација, н.з.) нето – приходите од камати на крајот од септември 2019 година изнесуваат 831,8 милиони денари и во однос на истиот период минатата година се намалени за 41 милиони денари, или за 4,7 %. Реализацијата на нето каматните приходи е под влијание на пазарниот притисок на каматните маргини, односно намалувањето на активните каматни стапки кое не е следено со исто темпо на страната на пасивните каматни стапки, објаснуваат во Охридска банка.
Нетоприходот од провизии и надоместоци, во износ од 255,7 милиони денари, е зголемен за 22,3 милиони денари, или за 9,5 %, во однос на истиот период минатата година.
Нето добивката на Охридска банка изнесува 385,6 милиони денари, што е за 27,5% помалку во однос на лани, а на остварениот резултат влијание имаат порастот на нето приходите од провизии и нето приходите од курсни разлики, но и повисокиот раст на исправката на вредноста на финансиските средства, намалувањето на нето приходите од камати и останатите приходи.
УниБанка остварила вкупни приходи од работење од 1,13 милијарди денари и во однос на истиот период минатата година бележат пораст од 17%.
Најголем придонес во остварувањето на добивката од 161,9 милиони денари имаат приходите од камати како најзначаен елемент на банкарските приходи.
Во структурата на вкупните приходи најголемо учество од 69.8% имаат приходи од камати, кои во споредба со 2018 година се зголемени за 12.7%, како резултат на порастот на кредитното портфолио кое во однос на 31.12.2018 се зголеми за 11% и достигна ниво од 15,6 милијарди денари. Анализата на секторската структура на приходите од камати покажува поголема ориентација на Банката кон кредитирање на секторот население и соодветно е остварен годишен пораст од 16 проценти на приходите од камати на население.
Стопанска банка – Битола во првите девет месеци има нето приходи од камати во износ од 222,3 милиони денари, што е за 13,5% помалку во однос на истиот период лани. „Општиот тренд на намалување на каматните стапки придонесе за намалување на каматните маргини што се одрази и на остварувањето на приходите од камати за пласманите реализирани во овој период.“, објаснуваат во банката.
Нето – приходите од провизии и надоместоци заклучно со третиот квартал од 2019 година изнесуваат 79,75 милиони денари, за 7,8% помалку од лани. Исправката на вредноста на финансиските средства, на нето-основа, е повисока во однос на третиот квартал од претходната година за 42,94 милиони денари, што се должи на процените за квалитетот на дел од кредитното портфолио како мерка на прудентно работење и претпазливост на банката.
Заради овие резервации добивката на Стопанска Битола во првите девет месеци е значително намалена во однос на лани, на 770 илјади денари.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×