Како работеа македонските компании во првиот квартал годинава?
Објавено на од во Компании

btyКапитал анализа

Секоја втора компанија во првите три месеци од 2019 година работела со помалку приходи од истиот период лани, покажува анализата на неревидираните финансиски извештаи на фирмите доставени до Македонската берза. Од 50 анализирани компании котирани на Берзата 23 имале пад на приходите, додека 27 работеле со поголеми приходи од истиот период лани. Големите компании работеле подобро од првиот квартал и најголемиот дел од нив имаат зголемени приходи.

Секоја втора компанија во првите три месеци од 2019 година работела со помалку приходи од истиот период лани, покажува анализата на неревидираните финансиски извештаи на фирмите доставени до Македонската берза. Од 50 анализирани компании котирани на Берзата 23 имале пад на приходите, додека 27 работеле со поголеми приходи од истиот период лани.
Големите компании работеле подобро од првиот квартал и најголемиот дел од нив имаат зголемени приходи. Така меѓу најголемите десет котирани компании, седум имале поголеми приходи од лани, додека три компании работеле со помали приходи од првиот квартал минатата година.
Компанијата со најголеми приходи меѓу котираните на Берзата е ОКТА, со инкасирани 91,3 милиони евра во првите три месеци годинава. Споредено со истиот период лани, ОКТА годинава продала 8% повеќе нафтени деривати. Продажбата на домашниот пазар е зголемена за 1%, додека пак извозот на странските пазари бележи зголемување од дури 52%. Зголемувањето на извозот се должи на зголемените продажби на косовскиот пазар, посебно откако Косово воведе царини од 100% за увозот на српски и босански производи, што одеше во полза на Окта.
Макпетрол исто така остварил повеќе приходи на нафтени деривати во првите три месеци годинава. Компанијата во првиот квартал остварила приходи од 76,5 милиони евра, што е зголемување од 8% во споредба со истиот период лани. Најголем дел од приходите на Макпетрол се од продажба на домашен пазар, каде компанијата има раст на приходите од 8%, додека пак извозот во овој период се зголемил за 2%.
t-1Првиот квартал годинава беше одличен за фармацевтската компанија Алкалоид. Во првите три месеци Алкалоид имаше вкупни консолидирани продажби од 46 милиони евра, што е за 15% повеќе во споредба со истиот период минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 2%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 23%. Од вкупните консолидирани продажби, 32% се остварени на домашен пазар, додека 68% се остварени на странски пазари.
Компаниите во металската индустрија се уште ја чувствуваат кризата и се соочуваат со намалени продажби, барем според резултатите на котираните компании во првиот квартал.
Производителот на челични производи Арцелор Миттал ЦРМ има намалени приходи од продажба за 8% на речиси 25,5 милиони евра. Извозот кој што зафаќа најголем дел од продажбата, е намален за 15% од што се инкасирани околу 20 милиони евра, додека пак приходите од домашниот пазар изнесуваат 5,2 милиони евра, и се зголемени за 28% во споредба со лани.
Челичарницата Макстил исто така прикажа намалување на приходите од продажба за 6%, на 20,7 милиони евра. Извозот на Макстил, кој учествува со 85% во вкупните приходи на компанијата, во првиот квартал од годината е зголемен за 15%, но во исто време компанијата бележи намалување на приходите од домашниот пазар за 52%.
ФЗЦ 11 Октомври првите три месеци има намалување на приходите од 40%, на 4 милиони евра. Приходите од продажба на домашниот пазар, кои учествуваат со 57% во вкупните приходи од продажба, се зголемени за 77% и изнесуваат 2,35 милиони евра. Приходите од извоз на странски пазари пак се намалени за 61% и изнесуваат 1,7 милиони евра.
Факом, како компанија во дејноста на повисока додадена вредност во металургијата, односно проектирање, производство и монтажа на челични конструкции и производи, прикажа за 59% помали приходи во првите три месеци споредено со лани. Билансот на успех на Факом покажува дека вкупните приходи од продажба од јануари до март годинава изнесуваат 3,6 милиони евра. На странските пазари се забележува намален обем на работа за 64% во споредба со истиот период лани, но на домашен терен, продажбата е намалена за 34%.
Компаниите од градежниот сектор прикажаа променливи резултати од работењето во првиот квартал година. Најголемата компанија меѓу нив, Гранит, имаше одличен квартал и инкасираше 14, 6 милиони евра од градежни работи во првите три месеци од годината што е за дури 62% повеќе од лани. На домашниот пазар извршени се градежни работи во вредност од 13,8 милиони евра што е зголемување од 193% на годишно ниво, но резултатите покажуваат дека Гранит ги губи странските пазари со намалување на приходите од продажби на странски пазари за 79% во првите три месеци.
Скопски Бетон забележа 4% помали приходи од лани, односно инкасира 4 милиони евра, сите остварени на домашниот пазар.
Бетон Штип има огромен пад на приходите во првиот квартал од цели 87% и остварил приходи од само околу 90 илјади евра и работел со загуба од 235 илјади евра, а изминатава недела компанијата објави на Македонската берза дека има отворенопретходна постапка за отворање на стечај.
Од компаниите производители на градежни материјали, Цементарница Усје оствари приходи од 13,8 милиони евра и споредено со лани тие се зголемени за 32%.
Мермерен Комбинат Прилеп инкасираше 4,3 милиони евра приходи што е за 51% помалку отколку лани и речиси сите приходи на компанијата доаѓаат од извоз.
Уште една компанија од овој сектор, која што произведува градежни материјали, Адинг, ги зголеми приходите од работењето за 22%. Од извештајот на компанијата може да се види дека приходите во првото полугодие изнесуваат речиси 974 илјади евра.
Градежната компанија Карпош првите три месеци годинава работела со приходи од 1,6 милиони евра, кои бележат пад од 9% во споредба со истиот период лани.
Компанијата БИМ Свети Николе бележи огромен раст на приходите во првиот квартал од дури 136%, на 971 илјада евра. Компанијата има раст на продажбите и на странскиот пазар од 174%, при што се остварени приходи од 672 илјади евра. На домашниот пазар се остварени приходи од продажба од околу 300 илјади евра и тие се поголеми за 100% во споредба со истиот период лани.
Поголем дел од котираните компании од прехранбената индустрија имаат поголеми приходи од продажби од лани. Меѓу нив, највисоки приходи оствари компанијата од месната индустрија Пекабеско, со 17 милиони евра, што е 8% повеќе од лани. Од нив, дури 14,7 милиони евра доаѓаат од продажбите на домашниот пазар, кои бележат зголемување од 7%. Од продажба на странски пазари Пекабеско во првите три месеци остварил приходи од 1,9 милиони евра, што е зголемување од 25% во споредба со истиот период лани.
Витаминка од Прилеп забележа пораст на приходите од дури 40% и во после првите три месеци оствари приходи од 9,3 милиони евра. Околу 58% од приходите од продажба на Витаминка се остваруваат на домашниот пазар, кои во првите три месеци бележат раст од 46%. Извозот на производите на Витаминка е зголемен за 31%, од што се остварени приходи од продажба од 5,3 милиони евра.
Компанијата која што исто така произведува кондиторски производи, Европа, има намалување на приходите од 7% во споредба со лани и оствари приходи од 2,4 милиони евра. Извозот на компанијата е намален за 10% со што се остварени вкупно 1,3 милиони евра. Од продажба на домашниот пазар се остварени приходи од 1,1 милион евра и тие се за 5% помали во споредба со истиот период лани.
Жито Лукс од продажба на леб и бели печива оствари приходи од 4,1 милиони евра кои што се намалени за 4% во однос на лани.
Од земјоделските комбинати, ЗК Пелагонија во првите три месеци оствари приходи од 3 милиони кои што се зголемени за 51% на годишно ниво.
t-2Жито Полог има намалување на приходите од 1% и во првите три месеци прикажала приходи од 1,6 милиони евра.
Од компаниите за производство на пијалаци котирани на Берзата најмногу приходи во првиот квартал годинава има винарницата Тиквеш. Најголемата винарница Тиквеш првите три месеци остварил вкупни приходи од 5,7 милиони евра, што е раст од 12%. Околу 60% од приходите од продажба на Тиквеш доаѓаат од домашен пазар, кои се зголемени за 10%, при што се остварени приходи 3,4 милиони евра. Приходите од извоз на Тиквеш во првиот квартал се зголемени за 16%, при што се остварени приходи од 2,3 милиони евра.
Прилепска пиварница има намалени приходите од продажба за 5% во првиот квартал од годината, кои изнесуваат 4,9 милиони евра. Продажбата на домашниот пазар која што обезбедува најголем дел од приходите на компанијата, се намалени за 3%, додека пак извозот во истиот период е зголемен за 44%.
Производителот на сокови Фруктал Мак во првите три месеци годинава работел со вкупни приходи од 1,34 милиони евра, што е зголемување за 21%.
Пелистерка, пак, инкасираше 28% помалку приходи од продажба во првиот квартал, односно 1,1 милиони евра. На домашниот пазар каде што доминираат производите на Пелистерка, продажбата се намалила за 34%, додека пак извозот е зголемен за 84%.
Голем раст на приходите од дури 116% во првиот квартал има Силекс од Кратово кои достигнаа 3,6 милиони евра.
Командитното друштво Оилко, во кое нафтениот дистрибутер Макпетрол поседува 35,16% од капиталот, во првите три месеци работело со приходи од 1,3 милиони евра и се зголемени за 8% во споредба со лани.
Профитите паѓаат
Ако се анализираат профитите за првиот квартал годинава, тогаш поголемиот дел од компаниите имаат намалување на профитот или работат со загуба. Четиринаесет компании од анализираните 50 компании бележат пад на профитот, додека 16 работеле со загуба. Само 20 компании имаат раст на приходите, меѓу кои најголем раст на профитите имаат Жито Полог (731%), Карпош (240%), ГТЦ (198%), Цементарница Усје (47%). Најголем пад на профитот има Факом со пад на профитот од 99%, Скопски пазар од дури 91%, Македонија Турист со пад од 82%, Прилепска Пиварница (пад од 68%), Европа (пад од 59%, Мермерен комбинат (пад од 52%), Витаминка (пад од 46%).
Меѓу компаниите со најголема загуба се Арчелор Митал со загуба во првиот квартал од 2 милиони евра, ЗК Пелагонија со загуба од 886 илјади евра, Тутунски комбинат со загуба од 789 илајди евра..
Индустријата се опоравува
Ако се анализираат официјалните статистички податоци за македонската економија во првиот квартал годинава тие покажуваат дека економијата заживува.
Индустриското производство во првиот квартал годинава бележи пораст од 8,8%. Преработувачката индустрија бележи раст од 6,9%, но во некои индустрии растот е многу поголем. На пример, индустриското производство во индустријата за производство на пијалаци бележи раст од 26%, во производството на машини и уреди има раст од 23,8%, во фармацевтската индустрија има раст од 23%, производството на метали има раст од 20,9%, производството на текстил има раст од 13%…
Бројот на работниците во индустријата во периодот јануари – март 2019 година во однос на периодот јануари – март 2018 година е зголемен за 0,4%.
Податоците за извозот , пак, покажуваат дека во првиот квартал тој е зголемен за 16,8%, додека увозот е зголемен за 11,5%.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×