Како работеше македонската индустрија во 2016 година?!
Објавено на од во COVER STORY

Risks and challenges of business lifeНамалени продажби и скромен раст

Половина од најголемите 20 компании што веќе ги доставија до Берзата годишните финансиски извештаи за работењето во 2016 година, прикажаа намалување на приходите од продажба. Билансот на успех на другата половина од фирмите, пак, покажа дека инкасирале по неколку проценти повеќе пари од продажба на домашниот и странскиот пазар во споредба со 2015 година.

 

Финансиските резултати на најголемите 20 компании што котираат на Македонската Берза покажуваат изедначен однос на оние што работеле полошо и оние што работеле подобро во 2016 година споредено со годината претходно.

Најмногу приходи од продажба лани оствари компанијата ОКТА, со инкасирани 309,5 милиони евра. Меѓутоа, овие приходи се за 4% помали во споредба со остварената продажба во 2015 година. На домашниот пазар, ОКТА продала нафта и нафтени деривати во вредност од 251,7 милиони евра, односно 5% помалку отколку во 2015 година, додека пак од извоз, инкасирани се 57,7 милиони евра. Во објаснувањето на резултатите, компанијата наведува дека „приходите од продажба се пониски споредено со 2015 година како резултат на пониските цени на нафтените деривати на светските пазари“.

Добивката на ОКТА за лани изнесува околу 5,6 милиони евра и е зголемена четири пати на годишна основа.

Втора на листата најголеми компании според приходите остварени лани е повторно од нафтената индустрија, Макпетрол. Оваа компанија инкасирала вкупно 265,3 милиони евра од продажба на нафта и нафтени деривати, но тоа е 11% помалку отколку во 2015 година. Најголем дел од приходите, односно 255,6 милиони евра се направени на домашниот пазар, додека од извоз, Макпетрол инкасира 9,7 милиони евра, или 17% помалку на годишно ниво.

Tabela Cover 907

Слично е образложението и на Макпетрол за намалувањето на приходите од продажба како и на ОКТА.

„Намалувањето на приходите исклучиво се должи на намалувањето на цените на дериватите во однос на истиот период од минатата година бидејќи, истовремено, физичкиот обем на продажба на стоки и на услуги на Макпетрол АД Скопје е зголемен“, пишува во образложението на компанијата.

Она што остава впечаток во финансискиот извештај на Макпетрол е зголемувањето на добивката за дури 28 пати, на 6,1 милиони евра.

Од компанијата објаснуваат дека ова зголемување на добивката се должи на зголемување на остварената продажба на енергенси, особено продажбата на деривати во малопродажбата, со што е зголемен и пазарниот удел на Друштвото, намалување на трошоци за камати и курсни разлики, зголемени приходи од вложувања, камати и од курсни, зголемени приходи од промет со останати стоки и тоа доминантно на бензинските станици и намалени трошоци на суровини и на други материјали.

Уште една компанија од оваа индустрија, командитното друштво Оилко во кое Макпетрол поседува 35,16% од капиталот, лани прикажа приходи од 6,4 милиони евра, или 3% помалку отколку во 2015 година. И оваа компанија ја заврши годината со добивка од 1,15 милиони евра, за 12% поголема отколку во 2015 година.

Трета на листата најголеми котирани компании на Берзата е Македонски Телеком која исто така бележи намалување на приходите од продажба за 1%. Со тоа првите три најголеми компании, лани инкасирале помалку приходи отколку во 2015 година.

Финансиските резултати на Македонски Телеком покажуваат дека приходите од продажба за 2016 година изнесуваат 170,5 милиони евра, а добивката на компанијата е 16,8 милиони евра, што е 17% помалку на годишно ниво.

Алкалоид е четврта на листата со приходи од продажба од 134,8 милиони евра и оваа компанија прикажа пораст на приходите од 6%. Растот на приходите главно се должи на зголемениот извоз за 8% од што компанијата наплатила 80,8 милиони евра, додека пак во земјава, приходите од продажба на Алкалоид се зголемени за 3% и со тоа се инкасирани 54 милиони евра. Добивката на најголемата фармацевтска компанија во земјава во овој период е зголемена за 10% и изнесува 11,9 милиони евра.

Во образложението на резултатите, компанијата објаснува дека по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 35%, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 6%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 17% и на останатите пазари се остварени 2% од вкупните консолидирани продажби. Најголем пораст кај извозните пазари е остварен во следните земји: во САД раст од 30%, Русија раст од 15%, Романија раст од 63%, Словенија раст од 13%, Полска раст од 141%, Велика Британија раст од 125%, Унгарија раст од 135%, Турција раст од 72%, Чешка раст од 122%, Албанија раст од 47%.

Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 83%.

Од останатите компании од оваа индустрија, Реплек оствари приходи од 13,5 милиони евра и се за 2% поголеми од 2015 година. Од продажбата во домашните аптеки, компанијата инкасирала 3% повеќе приходи, односно вкупно 6,9 милиони евра, додека пак извозот се зголемил за 1% на 6,6 милиони евра. Реплек има добивка од 1,8 милиони евра, односно 20% повеќе отколку во 2015 година.

Првите пет најголеми компании според приходите ги заокружува компанијата Пекабеско. Лани оваа компанија инкасирала 64,9 милиони евра од продажба, што е 18% повеќе отколку во 2015 година. Ова е всушност и најголем раст на приходите од продажба евидентиран меѓу најголемите 20 котирани компании на Берзата.

Меѓутоа, треба да се има предвид дека голем дел од приходите на оваа компанија доаѓаат од трговија на големо со тутунски производи, иако брендот доаѓа од месната индустрија. Пекабеско бележи пораст на приходите и на домашниот пазар, каде што се инкасирани 57,8 милиони евра, но и на извозот за 21% при што се инкасирани 7,05 милиони евра.

Добивката на компанијата за лани изнесува 1,8 милиони евра и е зголемена за 43% на годишно ниво.

Компанијата Макстил од металската индустрија минатата година оствари приходи од продажба од 59,6 милиони евра, или 1% повеќе од 2015 година. Поголем дел од приходите доаѓаат од извоз, односно 46,7 милиони евра и во споредба со годината претходно се зголемени за 3%. На домашниот пазар, Макстил лани бележи намалување на приходите за 7%, на 12,9 милиони евра. Добивката е скромна, изнесува околу 27 илјади евра.

Zelezara-MAKSTIL-PopovskiFilip WEBОд Макстил објаснуваат дека и во деловната 2016, иако производните показатели бележат нешто понагласена динамика,  работењето се одвивало во исклучително сложени услови кои во континуитет се одржуваат некаде од крајот на 2008. „Влијанието на глобалните  прилики на пазарот на челични производи и натаму има силни негативни рефлексии врз динамиката на производството, продажните цени и остварените резултати од работењето. Во почетокот тоа беа рефлексиите на глобалната светска криза, на која се надоврзаа проблемите со јавните финансии во Европа, па ембаргото кон Русија, падот на економската активност на Кинеската економија. Дополнителна неизвесност внесоа претседателските избори во САД, а и редицата безбедносни проблеми поврзани со бегалската криза, пореметените нормални транспортни текови на коридорот 10 заради одредени ремонти на пругата во Србија и честите штрајкови во Грција, па во извесна мерка и политичката криза во земјава. Ваквите драматични нарушувања на пазарните прилики, и останатите состојби во опкружувањето резултираа со и натаму дисконтинуирано производство, или производство далеку под инсталираните капацитетни можности, со сите последици врз трошоците на работењето (особено фиксните) заради намалената побарувачка и падот на продажните цени“, пишува во образложението на резултатите на Макстил.

Од оваа индустрија, Факом, компанија во дејноста на повисока додадена вредност во металургијата, односно проектирање, производство и монтажа на челични конструкции и производи, прикажа за 6% помали приходи споредено со 2015 година. Билансот на успех на Факом покажува дека вкупните приходи од продажба лани изнесуваат 19,6 милиони евра. Интересно е што падот на приходите целосно произлегува од намалувањето на продажбата на домашниот пазар и тоа за 48%, што значи дека Факом дома инкасирал 3,6 милиони евра евра. На странските пазари, инкасирани се 16 милиони евра и тоа е пораст од 15% на годишно ниво.

Добивката на компанијата изнесува нешто помалку од 300 илјади евра, и е зголемена за речиси 8 пати.

Поголем дел од компаниите од прехранбената индустрија прикажаа поголеми продажби од лани. Најголема меѓу нив, со приходи од продажба од 27,4 милиони евра е Витаминка од Прилеп. Тоа значи дека приходите од продажба на Витаминка се зголемени за 3% на годишно ниво. На домашниот пазар, продажбата изнесува 15,3 милини евра или 1% повеќе од 2015 година, додека пак извозот на Витаминка е зголемен за 7%, и изнесува 12,1 милиони евра. Компанијата прикажа профит од околу 350 илјади евра но во споредба со 2015 година е намален за 63%.

Компанијата која што исто така произведува кондиторски производи, Европа, продаде 7% помалку од 2015 година и со тоа оствари приходи од 11,5 милиони евра. Добивката на Европа изнесува околу 380 илјади евра што е за 17% помалку од лани.

Од производителите на пијалаци, Прилепска пиварница ги зголеми приходите од продажба за 3% и изнесуваат 26,6 милиони евра. Продажбата на домашниот пазар обезбедува најголем дел од приходите на компанијата, но расте и извозот. Билансот на успех на Прилепска Пиварница за 2016 година покажува профит од 2,5 милиони евра.

Пелистерка, пак, инкасираше 11% помалку приходи од продажба, односно 6,6 милиони евра. Пелистерка има добивка од околу 170 илјади евра што е за 17% помалку од 2015 година.

Винарницата ВВ Тиквеш оствари приходи од 21,3 милиони евра, што е за 9% повеќе  од 2015 година и бележи зголемување и на извозот и на продажбата на вино дома. Добивката на компанијата е околу 1,4 милиони евра евра што е 126% повеќе на годишна основа.

Од оваа индустрија, компанијата Благој Ѓорев прикажа намалување на приходите за 3%, на 9,9 милиони евра, а компанијата Фруктал Мак, пак, прикажа пораст на приходите од 4%, на 5,4 милиони евра.

Од градежната индустрија, од оние компании што засега доставија извештаи, Бетон Штип оствари приходи од 13,8 милиони евра што е 12 % повеќе отколку во 2015 година. Компанијата има добивка од околу 380 илјади евра, но е преполовена во однос на 2015 година.

Уште една компанија од овој сектор, која што произведува градежни материјали, Адинг, ги зголеми приходите од работењето за 7%. Од извештајот на компанијата може да се види дека приходите за лани изнесуваат речиси 6 милиони евра. Зголемен е и извозот и продажбата а домашниот пазар, а добивката на компанијата изнесува околу 270 илјади евра.

Tabela Cover 907 01 Сите банки со зголемени добивки

Ако се анализираат финансиските извештаи на банките што котираат на Берзата, најпрофитабилна банка лани е Стопанска банка со добивка од 36,4 милиони евра. Добивката на оваа банка е зголемена за 16,8% во споредба со 2015 година.

Нето приходите од камата изнесуваат 59,1 милиони евра и се зголемени за 7,9% , во однос на претходната година, а како штоп објаснуваат од Стопанска тоа е  резултат на зголемените салда на користени кредити.

Приходите од провизии и надомести, пак, изнесуваат 17,1 милиони евра и се поголеми за 1,83% во споредба со 2015 година, додека пак расходите по овој основ се зголемени за 2,41% и изнесуваат 1,6 милиони евра.

Стопанска банка бележи зголемување и на останатите приходи од банкарската дејност, од курсни разлики и од тргување.

Втора на листата најпрофитабилни банки за 2016 година е НЛБ Банка, со добивка од 25,7 милиони евра, што е дури 89,8% повеќе отколку во 2015 година.

Банката бележи зголемување на нето каматните приходи за 12,2% споредено со истиот период од претходната година, при што приходите од камати се повисоки за 5,3%, главно поради повисока состојба на кредити од население при пониски каматни стапки како и повисоки инвестиции во хартии од вредност. Расходите по камати се пониски за 12,7%.

Билансот на успех на НЛБ покажува раст и на приходите од провизии за 2,8 како резултат на остварен пораст во доменот на картичното работење, повисоки приходи од платен промет во земјата, како и поради повисоки приходи од зголемениот број на трансакциски сметки, електронско банкарство и лично банкарство и повисоки приходи од провизии од продажба на полиси.

Со добивка од 12,6 милиони евра меѓу најпрофитабилните банки е Комерцијална банка. Профитот на оваа банка е зголемен за 48,4% споредено со 2015 година.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 76,2 милиони евра и бележат зголемување од 2,7% во однос на минатата година. Нето приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и се намалени за 3,1% а планот е исполнет со 97,2%.

benziska-pumpa-makpetrol WEBНамалени се и нето приходите од провизии и надоместоци коишто изнесуваат околу 14 милиони евра и планот е остварен со 95,6%.

Кај Комерцијална банка, растат нето приходите од курсни разлики каде што планот е остварен со 122,3%, и останатите приходи од работењето на Банката кои бележат зголемување од 66,4% главно како резултат на повеќе наплатени претходно отпишани побарувања и остварена поголема капитална добивка од продажба на преземен имот по основ на ненаплатени побарувања споредено со минатата година.

Големата четворка во банкарскиот сектор ја заокружува Охридска банка која што во 2016 година направи профит од речиси 7,1 милиони евра, што е 8,9% повеќе отколку во 2015 година.

Нето приходите од камати на крајот од декември 2016 година изнесуваат 18,8 милиони евра и забележуваат пораст од 16,6% во споредба со 2015 година со реализација над планот од 11,5%.

Во анализираниот период, нето приходите од провизии и од надоместоци се зголемени за 3,1%, со реализација на планот од 87,3%.

Нето приходите од курсни разлики се зголемени за 2,8% во споредба со истиот 2015 година, со реализација над планот за соодветниот период од 19%.

УНИ Банка минатата година ја заврши со добивка од 2,3 милиони евра што споредено со 2015 година е зголемување за 74,9%.

ТТК Банка во 2016 година оствари добивка од речиси 1,4, и во споредба со 2015 година е зголемена за 119,5%.

Стопанска банка Битола во 2016 година има добивка од приближно половина милион евра.

Најмала добивка од банките кои што доставуваат финансиски извештаи до Берзата, лани оствари Централна Кооперативна банка, од само 20 илјади евра, меѓутоа значајно е тоа што оваа банка ги надмина загубите карактеристични од претходните години.

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×