Како реагираше Балканот на пресудата за Караџиќ
Објавено на од во БАЛКАН-БИЗНИС И ПОЛИТИКА
Хашкиот трибунал ја отфрли жалбата на поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ и ја зголеми неговата казна на доживотен затвор. Во 2016-та година, 73-годишниот Караџиќ, беше прогласен за виновен за геноцид и воени злосторства од страна на трибуналот на ОН во Хаг и беше осуден на 40 години затвор.
karadzikРеакции на босански политичари на пресудата за Караџиќ
Босанскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ оцени дека казната доживотен затвор за Радован Караџиќ е заслужена и оти „жртвите на неговите злосторства како и целиот цивилизиран свет можат да бидат задоволни“.
Според него, правдата е делумна затоа што со пресудата не е осуден и за „геноцидот извршен во другите општини“.
„Денеска на комплетното воено раководство на РС ми е пресудено за здружен злосторнички потфат, геноцид и злосторство против човештвото, изјави тој и додаде дека „пресудите не ги доживува како пресуди за српскиот народ туку за проектот на Милошевиќ“.
За претседавачот со Советот на министри на БиХ Денис Звиздиќ денешната доживотна казна затвор за воениот злосторник Радован Караџиќ е од исклучителна важност за разбирање на минатото, за безусловно прифаќање на вистината и правдата, за делумна сатисфакција за семејствата на невините жртви, но и за очекуваниот процес кој треба да следи поради соживотот и идните генерации во БиХ, а тоа е општо прифаќање на пресудата и откажување од геноцидното и злосторничко наследство кое зад себе го остави Караџиќ.
„Без соочување со вистината за извршените злосторства и задоволување на правдата, невозможно е да се излечат раните од минатото и да има надеж за изградба на доверба и стабилност. Сочувствувајќи, пред се, со семејствата на жртвите, се надевам дека денешната пресуда ќе им помогне да најдат мир и внатрешна сила за простување и помирување“, рече тој.
Звиздиќ очекува и ги повика претставниците на „оние политики кои го величаа воениот злосторник Радован Караџиќ, да ја прифатат пресудата, да преминат на страната на вистината и трајно да ги осудат и да се оградат од оние кои планирале, организирале и извршиле масовни злосторства, и да престанат со антицивилизациски величања на осудени воени злосторници и срамна ревизија на историски факти“.
Реакции во Република Српска на пресудата за Караџиќ
Претседателот на Владата на Република Српска Радован Вишковиќ изјави дека пресудата за Радован Караџиќ е очекувана и оти со неа е потврдена досегашната пракса на Хашкиот суд во процесите кои биле водени против Срби.
Според Вишковиќ, тоа е политички суд, а не оној кој суди според правда.
„Србите кои беа процесирани за злосторства во овој суд добија илјада години, а за злосторствата врз Србите никој не одговараше“, рече Вишковиќ.
Претседателот на Народното собрание на Република Српска Недељко Чубриловиќ изјави дека со пресудата е потврдено уверувањето на народот на РС дека Хашкиот трибунал е пристрасен, селективен и оти е основан со цел исклучиво Србите и нивните лидери да се прогласат за виновници за војната во Босна и Херцеговина.
Од боречките здруженија рекоа дека станува збор за срамна одлука на Хашкиот трибунал и оти со неа уште еднаш е потврдена апсолутната пристрасност и нетрпеливост кон српскиот народ.
Српската демократска партија соопшти дека се работи за невтемелена и скандалозно неправедна пресуда.
Претседателот на Обединета Српска Ненад Стевандиќ, рече дека пресудите на Хашкиот трибунал во историјата ќе влезат како инструмент на сила, а не правда.
Претседателот на Републичката организација на семејства на заробени, загинати борци и исчезнати цивили Недељко Митровиќ оцени дека, по ваквата пресуда, српскиот народ ќе се соочи со големи притисоци, поради што мора да биде пообединет во РС од кога било досега.
Пресудата ја отфрли и Организацијата на старешини на Армијата на РС и соопшти дека Радован Караџиќ „ќе остане личност која за време на Одбранбено – татковинската војна искажал висок степен на одговорност, патриотизам, чесност и хуманизам кон противникот, давајќи несебичен придонес за одбраната на српскиот народ и создавањето на Република Српска“.
Загреб: Пресудата за Караџиќ причина за соочување со минатото
Хрватската Влада денеска ја поздрави пресудата за првиот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ и оцени дека врз основа на доказниот материјал и другите пресуди би требало да се поврзи и со политичкиот и воен врв на тогашна Сојузна Република Југославија, под водство на Слободан Милошевиќ.
Во соопштението од кабинетот на премиерот Андреј Пленковиќ се наведува пресудата за Караџиќ „е уште една причина за соочување со минатото и отфрлање на големосрпската политика и идеологија, чии основни цели како и методи во оваа пресуда се означени како злосторство против човештвото“.
Хрватската Влада изрази жалење што Караџиќ, освен за Сребреница не е осуден и за геноцид во другите општини во Босна и Херцеговина.
„Владата на Република Хрватска ја поддржува пресудата на Жалбениот совет на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови кој на Радован Караџиќ му изрече доживотна казна затвор… Со оваа пресуда Караџиќ сега е и правосилно осуден за геноцид, злосторства против човештвото и за кршење на законите и обичаите на војување“, се посочува во соопштението на хрватската Влада.
Во соопштението се наведува дека Жалбениот совет „ја потврди личната одговорност на Радован Караџиќ за некои од најстрашните злосторства по Втората светска војна, како геноцидот во Сребреница, кога се убиени над 7.000 мажи и момчиња Бошњаци или опсадата на Сараево, ќе пружи барем минимална сатисфакција на жртвите и нивните семејства“.
Жалбениот совет на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови, наследник на Хашкиот трибунал, денеска, по три години жалбена постапка, ја изрече второстепената пресуда на поранешниот лидер на босанските Срби, Караџиќ, со која тој е осуден на казна доживотен затвор.
Судскиот совет на Хашкиот трибунал во март 2016 година го осуди Караџиќ на 40 години затвор за геноцид во Сребреница и злосторства извршени против човештвото во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година.
Додик: Цинична пресуда за Радован Караџиќ
Претседавачот со Претседателството на БиХ Милорад Додик денеска изјави дека пресудата за првиот претседател на Република Српска Радован Караџиќ е прилично арогантна и цинична и е дел од порамнување на сметките меѓу претходните пресуди на Хашкиот трибунал.
Додик истакна дека мисијата на Хашкиот трибунал била да обезбеди помирување, но оти сега тоа е уште понеизвесно и речиси невозможно.
Тој повтори дека Република Српска веќе долго време нема доверба во Хашкиот трибунал, а потврда за тоа е и казната доживотен затвор за првиот претседател на Република Српска.
„Многумина на овие простори мислеа, кога беше формиран Хашкиот трибунал, дека ќе се обезбеди некаква доверба со авторитетот на оние кои го формираа. Со време тоа беше загубено затоа што овој трибунал во голем обем се занимаваше со селективен пристап“, ја пренесуваат локалните медиуми изјавата на Додик.
Цвијановиќ: Пресудата за Караџиќ нема политички последици за РС
Претседателката на Република Српска (РС), Жељка Цвијановиќ изјави дека пресудата за првиот претседател на РС Радован Караџиќ, нема, ниту може да има политички последици за РС.
Таа истакна дека се утврдува само индивидуална вина и оти во никој случај не се однесува на цела РС, ниту за нејзината иднина.
„Но, постои тој горчлив вкус и оправдана недоверба која постоеше и претходно кон судењата на Хашкиот трибунал“, рече Цвијановиќ и додаде дека тоа не придонело за подобри односи во БиХ.
„Селективниот пристап нѐ оддалечи едни од други“, рече таа.
Таквите пресуди, рече Цвијановиќ, служат како изговор за некои други акции што се случувале на овие простори.
„За време на војната имаше многу случувања, а и политички притисоци по војната, па се чини дека се ова треба да служи како оправдување за сето она што подразбираше однос кон еден експеримент, бидејќи очигледно БиХ е поставена како еден експеримент“, рече претседателката на РС.
Таа додаде дека „имајќи ги предвид претходните пресуди на Хашкиот трибунал, можела да се очекува и денешната за Караџиќ“.
„Поучени од она што се случуваше во претходниот период и следејќи ја целата низа настани кога станува збор за судските процеси во Хашкиот трибунал, можевме да заклучиме дека ќе се случи нешто како денешната пресуда. Следејќи го сето она што се случуваше можевме да видиме дека има селективен пристап кон правдата и оти постоел политички концепт многу пред почетокот на судењето и пред луѓето да бидат повикани да одговараат за одредени дела врз основа на сомнежите што постоеле“, рече Цвијановиќ.
Според неа, „изречени се тешки, типични пресуди кога станува збор за српскиот народ, а за другите народи ослободителни“.
„Јасно е дека постоела една политичка матрица и оти има обиди со правосилните пресуди да се пополни политичкиот простор, односно да се спакува во една политичка приказна во црно-бел контекст, во која едните се виновни, а другите жртви“, рече Цвијановиќ за РТРС.
Таа додаде дека нема правда и праведност, бидејќи во тој случај сите што извршиле злосторства, без оглед од кој народ доаѓаат, би имале ист третман.
„Никогаш не би оправдала никакво злосторство. Само кажувам дека злосторството има свое име и презиме и оти треба да се санкционираат сите, без оглед на тоа од кој народ доаѓаат. Овде тоа не беше случај. Се одеше на типични пресуди за оние кои припаѓаат на политиката или воената структура на Србите, а другите беа ослободени“, рече Цвијановиќ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×