Како се поддржува бизнисот во Хрватска, а како во Македонија? ХБОР одобрила кредити од 360 милиони евра, МБПР од 36 милиони евра!
Објавено на од во Финансии

За шест месеци годинава Хрватската банка за обнова и развој одобрила кредити за поддршка на бизнисот во износ од 360 милиони евра. А Македонската банка за поддршка на развојот вкупно досега има пласирано 238,5 милиони евра за поддршка на македонскиот бизнис. Во првата половина од годинава, МБПР одобрила кредити во износ од само 36 милиони евра. Ова не е доволно за македонските компании и за извозниците.

***

за ХБОР

-360 милиони евра за кредити за 6 месеци
-42% од кредитите се за инвестиции
-266 милиони евра за извозниците за шест месеци
-61 милион евра осигуран извоз за шест месеци
-2% камата за кредити за млади претприемачи

***

за МБПР
-36 милиони евра за кредити за шест месеци
-55,3 милиони евра од ЕИБ за инвестициски кредити во 2013
-28,5 милиони евра осигуран извоз во 2013
-1% камата за кредит за самовработување

***

За шест месеци годинава Хрватската банка за обнова и развој одобрила кредити за поддршка на бизнисот во износ од 360 милиони евра. А Македонската банка за поддршка на развојот вкупно досега има пласирано 238,5 милиони евра за поддршка на македонскиот бизнис. Во првата половина од годинава, МБПР одобрила кредити во износ од само 36 милиони евра. ХБОР досега на фирмите им има одбрено вкупно 3,2 милијарди евра.

Уште пофрапантно е што ХБОР одобрила 360 милиони евра во услови на значително намалена кредитна активност, дури за 30% годинава, поради што сега презема низа активности за поттикнување на кредитирањето. Оваа банка има вистинска улога на поддржувач на бизнисот и на извозот во Хрватска, не само со обемот на финансиска поддршка, туку и со условите што им ги нуди на компаниите. Младите претприемачи ги финансира со каматна стапка од 2%, а младите бизнисмени што се занимаваат со земјоделство и рибарство со 3%. Во првите шест месеци до ХБОР пристигнале барања за кредит од 125 млади бизнисмени, а одобрени се 50. Вкупно се одобрени 479 кредити во вкупна вредност од 360 милиони евра, од кои 42% се за финансирање на инвестиции. Дури 266 милиони евра се одобрени за извозниците. Во согласност со зголемениот интерес кај хрватските извозници за издавање гаранции, ХБОР за шест месеци издала гаранции во износ од 13,1 милион евра. Осигуран е извоз во вредност од 61 милион евра и е исплатена отштета во износ од 266.000 евра.

Како е во Македонија? Заклучно со 31 јуни годинава, МБПР има кредитно портфолио од 238,5 милиони евра. На крајот од минатата година МБПР имаше пласирано (сама и преку другите банки) кредити во износ од 202,6 милиони евра. Во цела 2013 година има одобрено кредити во вкупен износ од само 24,4 милиони евра. Ова кажува дека МБПР нема речиси никаква позначајна улога во поддршка на бизнисот во земјава, ниту на извозниците. Иако зголемувањето на кредитната поддршка на годишно ниво е 14,25%, апсолутните износи се премногу мали за да дадат некаков ефект во стимулирање на инвестициите или на извозот. Па, на една поголема компанија во земјава вообичаено за инвестициски циклус и се потребни минимум пет до 10 милиони евра. Тоа го покажува досегашната пракса. Вкупниот кредитен фонд на МБПР ни од далеку не ги задоволува овие потреби на компаниите.

А, целиот проблем е што Владата се уште не го зголемува капиталот на МБПР, иако тоа беше ветено во неколку наврати, за таа да може навистина да биде партнер на бизнисот и да ги промени условите за кредитирање на компаниите кои сега ги диктираат комерцијалните банки. Од сопствените средства на МБПР лани се поддржани 25 проекти на мали и средни фирми (производство, градежништво, транспорт, извозни компании) во вкупен износ од само 1,9 милиони евра.

Директорот на МБПР, Драган Мартиновски, на почетокот од годинава за „Капитал“ изјави дека досега неколку пати било дискутирано со Владата за зголемување на капиталот на банката.
„Повеќе капитал секако дека е подобро од помалку капитал. Тоа би било подобро и за нас како менаџмент. Но, ова прашање треба да биде наменето за акционерот на државната банка, а тоа е Владата. Проценка на Владата е дали ќе ја докапитализира државната банка и колкави се всушност можностите за зголемување на потенцијалот на МБПР“, изјави тогаш Мартиновски.

Зачудувачи е и зошто МБПР не сака да се наметне како конкуренција на деловните банки? Раководството на банката тоа дури го посочува и како добра политика и стратегија.

Ништо ново од МБПР

За оваа година од МБПР не најавуваат никакви новитети во работењето и во понудата до компаниите, единствено што обезбеди уште 100 милиони евра од Европската инвестициска банка. Тоа што првите три аранжмани од ЕИБ беа потрошени за час само покажува колку бизнисот е гладен за пари. Кредитната линија од ЕИБ започна со реализација во 2009 година, како дел од од пакетот мерки на Владата за ублажување на последиците од глобалната финансиска криза. Кредитите се наменети за финансирање на основни средства, трајни обртни средства и приоритетни проекти. Износите на кредитите се движат од 5.000 до 6 милиони евра, со каматна стапка од 5,5%. Во 2013 година од оваа кредитна линија се одобрени 378 барања во вкупен износ од 83.262.065 евра. Од нив, 226 барања во износ од 55.385.367 евра се за инвестициски кредити, 145 во износ од 23.258.841 евра се за трајни обртни средства, а седум во износ од 6.617.857 евра се за приоритетни проекти. Дури 50% од овие кредити завршиле во Скопје. Во јули годинава МБПР објави дека е во тек реализација на уште 66 проекти во вкупен износ од 15 милиони евра.

За разлика од Македонската банка за поддршка на развојот, Хрватска промени неколку кредитни програми за уште повеќе да им помогне на инвеститорите и на извозниците. Ја продолжи до крајот на годинава привремената мерка за намалување на каматната стапка за инвестиции во земјоделство и рибарство, индустрија, туризам, заштита на околината и енергетската ефикасност. Банката продолжи и со спроведување на Моделот за поделба на ризикот со цел поттикнување на деловните банки на посилно финансирање на стопанството, а донесе и мерка за привремено продолжување на рокот за отплата на кредитите одобрени од програмите за ликвидност, подготовка на извозот и кредитирање на производството и тоа за две години. Од ХБОР информираат дека имаат значајна улога и во спроведувањето на Акцискиот план за поддршка на извозот 2014-2015, кој владата го усвоила во април оваа година. Дел од кредитните програми се изменети, па така за кредитирање на подготовката и наплатата на извозот е воведена поповолна каматна стапка за извозниците почетници (бизнисмени кои првпат извезуваат, првпат извезуваат на одреден пазар или првпат извезуваат нов производ или услуга. Во програмите стопанство, мало и средно претприемништво и ново производство е овозможено кредитирање на рок до 17 години, вклучувајќи 4 години грејс период. Од ХБОР се бара уште поголема кредитна поддршка за новите бизниси затоа што од 15.000 новоотворени бизниси и претпријатија во Хрватска во првите шест месеци оваа година само 125 бизнисмени побарале кредит од оваа банка.

Ако не беа кредитите од ЕИБ ќе немаше кредити

Од МБПР признаваат дека ако не беше кредитната линија од ЕИБ ќе немаше ни раст на кредитните пласмани. „Порастот на вкупните кредитни пласмани се должи главно на зголемувањето на пласманите од кредитната линија за финансирање на мали и средни трговски друштва и кредитните линии обезбедени преку Европската инвестициона банка“, пишува во годишниот извештај на банката за 2013 година.

Освен од ЕИБ, МБПР дели кредити и од стоковата кредитна линија од Италија, која беше обезбедена во 1999 година во износ од 12,7 милиони евра за набавка на машини, опрема и технологија од италијанско производство. Средствата се во целост искористени, а сега се вршат пласмани од револвинг средствата. Кредитната линија за финансирање на микро, мали и средни претпријатија од КФВ обезбедува 8,2 милиони евра. Кредитна линија од Посебениот кредитен фонд за мали и средни фирми досега обезбеди 3,3 милиони евра. Фондот за Проектот за одржлива енергија е во износ од 1,5 милиони долари и е целосно искористен. МБПР обезбедува и кредити за владиниот проект „Самовработување со кредитирање” со камата од 1%. Со 31.12.2013 година од оваа кредитна линија се пласирани 6,8 милиони евра. Нема податок колку од овие бизниси успеале.

И кредитната линија од Земјоделскиот кредитен дисконтен фонд се реализира преку МБПР, а до крајот на 2013 одобрени се 5.725 кредити во вкупен износ од 72,1 милиони евра. Просечниот износ на кредитот изнесувал 12.600 евра. Од вкупно одобрените кредити, 83% (2,9 милиони евра) се за примарно земјоделско производство, 13% (1,7 милиони евра) за мали и средни трговски друштва кои вршат преработка на земјоделски производи, а 4% (0,5 милиони евра) се за извоз на земјоделски производи. Од кредитна линија за производство, преработка и извоз на земјоделски производи, која започна со имплементација во 2012 година, одобрени се 27 барања во износ од 7,5 милиони евра. Една третина од овие кредити завршија во винската индустрија, 22% во конзервната, 21% во мелничко-пекарската, 9% во сточарството, а 7% во млечната и месната индустрија. Дури 77% од средствата се наменети за обртни средства. Каматите на кредитите на МБПР се движат од 1% за самовработување до 6,5% за финансирање на мали и средни фирми од средствата на МБПР.

МБПР е единствената финансиска институција во земјава која врши осигурување на извозни и домашни побарувања од комерцијални и политички ризици на краток рок. Во 2013 година, потпишала полиси за осигурување на извозни побарувања од комерцијални ризици со 35 осигуреници, а со 10 за осигурување на домашни побарувања од комерцијални ризици. Вкупно е осигуран извоз во износ од 28,5 милиони евра, што е годишен раст од 38%. Најголем дел од осигурениот извоз е пласиран во Хрватска, БиХ, Бугарија, Грција, Србија и Русија. Во минатата година, МБПР осигура домашни побарувања од комерцијални ризици во износ од 5,1 милион евра (29% помалку од 2012).

Токму поради зголемените комерцијални ризици во земјава и во странство МБПР, односно државата, треба да ја зголеми својата поддршка за бизнисот. Таа треба да покрие дел од ризиците на компаниите затоа што комерцијалните банки нема да го направат тоа. Интересот на државата е поттикнување на инвестициите и зголемување на извозот.

Бизнисмените бараат државната развојна банка постојано да се докапитализира со пари од буџетот за да има силно влијание во поттикнување на развојот на фирмите и отворање нови работни места. Според нив, ако годишно се одвојуваа од буџетот барем по 10 милиони евра за МБПР, сега таа ќе имаше капитал од минимум две милијарди евра.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×