Како “се пушта на најјако“ мотивацијата на вработените
Објавено на од во Економија
Работодавци на новото време
Редовна плата и осигурување веќе одамна не е „повластица“ за работниците во голем број компании низ светот. Google, Facebook и останатите технолошки гиганти ја поставија летвичката високо за она што значи екстра бенефиција за вработените со цел нивно мотивирање и задржување, а компании од регионот, па и во Македонија, се обидуваат да ги следат нивните чекори, секој во граници на своите можности. Едно е сигурно, работодавците на новото време, или работодавците од соништата, како сакате, сфатија дека среќниот работник е најдобриот работник.
crazy hero funny expression
Компанијата Канаан, водечки производител на чипс во Хрватска, чијашто фабрика се наоѓа во Доњи Михољац, веднаш до границата со Унгарија, на почетокот од февруари годинава купи 32 лаптопи. И не би било тоа, секако, никаква вест доколку лаптопите не се наменети за децата на вработените, ученици во основни и средни училишта. Ги добиле како подарок од компанијата во којашто работат нивните родители, бесплатно. Ова е меѓутоа, само почетокот на приказната, како што пишува хрватскиот портал Telegram.hr.
Сите вработени на Канаан, чиишто деца студираат на факултетите во Хрватска, имаат право на стипендија во месечен износ од 200 eвра, без оглед што студираат. Доколку успешно ги завршат студиите, стипендијата не мора да ја враќаат. Оние, пак, што запишале машински или електротехнички факултет, со намера после дипломирањето да се вработат во Канаан, ќе примаат бесповратна стипендија од околу 470 евра месечно. Но, тоа не е сe’, како што велат во популарните ТВ реклами. Компанијата на сите свои вработени им нуди можност за продолжување на школувањето или стручно усовршување. Во износ од 2.700 евра годишно компанијата ќе им ги плати трошоците за аплицирање, школарина и други издатоци поврзани со продолжување на образованието.
„Селско дете сум, татко ми беше земјоделец, мајка ми домаќинка, и знам колку беше тешко кога стариот мој требаше да издвои пари за да ме школува мене и брат ми. Чувството на родителот дека не може да го школува своето дете е една од најлошите карми. Секој човек што оставил дел од своето време во Канаан, дел од својот живот, за мене како сопственик е исклучително важен, но важен е и за целиот колектив. И затоа настојувам да ги ослободам од грижите околу школувањето, како на нивните деца, така и нивното сопствено, доколку сакаат да се дошколуваат или да го продолжат учењето кое што од некои причини морале да го прекинат, или пак воопшто не можеле да се запишат на училиште или факултет“, вели Звонко Поповиќ, сопственик на Канаам во којашто работат 130 луѓе со просечна плата од околу 800 евра месечно.
Za vnatre1
Звонко Поповиќ, сопственик на хрватската фабрика за чипс „Канаан“ стана славен во целиот регион поради својот великодушен однос кон вработените: стипендии за школување, позајмици со ниска камата, лаптопи за децата на вработените… се само дел од повластиците што ги нуди овој бизнисмен.
Хрватскиот “Гугл“
Има уште: сите вработени што годинава подигнале станбен кредит во некоја од комерцијалните банки ќе добијат од фирмата бесповратна субвенција од 5% од износот на подигнатиот кредит, за полесно да го решат станбеното прашање. И уште еднаш, тоа не е се’: ако му затреба на некој од вработените на Канаат итна позајмица, не мора да трча во банка со куп хартии за докажување на бонитетот. Може да смета на помош од својата фирма во износ до 2.000 евра, со камата од 4%, колку што е законската обврска кога се работи за позајмици. Во последниве две години таква можност искористиле триесетина работници на Канаан.
Поповиќ не бил баш расположен многу да разговара со репортерите на Телеграм околу повластиците за своите работници, коишто за многумина вработени во Хрватска, но и регионот и светот, изгледаат како утописка бајка за совршено општество и работодавец од соништата. Поповиќ вели дека сето она што им го овозможува на своите вработени не го прави за да се фали со тоа, туку затоа што смета дека и тие, со оглед на придонесот што го даваат во развојот и успешното работење на фирмата, заслужуваат таков третман.
Поповиќ, исто така, забележал дека некои од вработените ќе ги почестат своите колеги кога им е роденден, други не го прават тоа, па дури и кријат дека им е роденден и сл., затоа што имаат побитни трошоци и не можат да си дозволат прослава. Тој одлучил фирмата да ги покрива трошоците за кетеринг за секоја прослава на роденден.
Од неодамна, в одделот за човечки ресурси Поповиќ вработил и психолог, а нејзината задача ќе биде да води сметка за психофизичкото здравје на вработените, особено на оние од менаџментот, коишто се изложени на приличен стрес при работата. Како една од мерките, два пати неделно, по еден час, во состав на работното време, за сите заинтересирани ќе биде организиран курс по јога. Поповиќ вели дека и на тој начин сака да ги намали напнатоста и стресот на коишто се изложени вработените.
Повластиците што ги овозможува Поповиќ се многубројни. Тој влегува во групата работодавци коишто сметаат дека ваквиот третман на вработените само може да ги направи среќни, а само среќни работници може да бидат продуктивни и да придонесат за развој и раст на компанијата.
Од луксузни патувања, до автомобили и станови за вработените
За среќа, тој не е осамен во ваквите потези на Балканот. На пример, Црногорецот Радомир Новаковиќ – Цакан, последниве неколку години стана вистински хит во регионов, откако проструи веста дека своите вработени ги наградувал со патувања на Бахами, Сејшели, крстосувања по Медитеранот и сл., или пак им купувал нови автомобили. Сме прочитале и за други работодавци, можеби не толку од регионов, колку од светот пошироко, коишто ги наградуваат своите вработени со патувања, автомобили, па дури и станови, како што беше случајот со Савџибаи Долакија, којшто е сопственик на компанија за извоз на дијаманти од индискиот град Сурат, којшто во 2016 година ги запали социјалните мрежи и медиумите со веста дека ќе потроши шест милиони фунти за да им се заблагодари на своите лојални работници за вредната работа. Великодушниот бизнисмен реши да подели 1.260 автомобили и 400 станови, како и дијамантски накит во рамки на хиндуистичкиот фестивал Дивали, кога обично вработените од останатите компании добиваат ситници, како колачи и сл.
Нешто поблиску, во Италија, пред 5 години, основачот на компанијата Luxoticca во чија сопственост се голем број брендови на луксузни очила, Леонардо Дел Векио, за својот 80-ти роденден реши да ги израдува своите 8.000 вработени и им подели акции во вредност од 9 милиони евра.
„Со овој мал гест“, рече тој, “сакам да покажам колку ми се важни вработените. Искрено верувам дека сме едно семејство.“
Ако овие последниве неколку се пример за инцидентен изблик на великодушност на сопствениците на компании во светот, вработените сепак ги ценат најмногу привилегиите, односно повластиците што им следуваат како своевиден дел од пакетот што го добиваат како плата, осигурување, итн. Ова особено важи за вработените што сакаат да бидат привлечени од секторите што имаат најбрз развој и најтешко можат во моментов да најдат работници, како ИТ секторот, високите технологии за вештачка интелигенција, роботика, машинско учење, работа со големи бази на податоци, итн. Затоа и не случајно, секојдневно читаме за неверојатните погодности што ги добиваат вработените во технолошките гиганти како Facebook, Google, Microsoft, но и голем број помали компании од технолошкиот сектор, распространети како во развиените пазари, така и во голем број од земјите во развој. Капитал пишуваше за примери и во Македонија, каде што компании од ИТ секторот им нудат удели на најдобрите вработени со цел да ги задржат, а бесплатната храна, пијалаци, билети за кино, театар и сл., платени екскурзии, тим билдинг активности, итн., се веќе дел од стандардниот пакет на повластици што ги добиваат врботените.
Минатата година беше актуелна и иницијативата за дополнителни три месеци скратено работно време за родителите што се враќаат од породилно отсуство, што ја прифатија неколку домашни компании, што е уште еден исчекор кон мотивирање на вработените, и зголемување на општествената одговорност на компаниите.
Za vnatre3
Савџибаи Долакија, сопственик на компанија за извоз на дијаманти од индискиот град Сурат, во 2016 година за да им се заблагодари на своите лојални работници за вредната работа, реши да подели 1.260 автомобили и 400 станови.
Подобро помала плата со повеќе екстра бенефиции
Според истражувањето на Glassdoor (вебсајт каде што актуелни и поранешни вработени можат да ги оценуваат компаниите, но и да пребаруваат и аплицираат за работни места, н.з.)од 2015 година “Employment Confidence Survey“, околу 60% од испитаниците изјавиле дека бенефициите и повластиците се главен фактор за нив кога размислуваат дали да прифатат понуда за работа. Анкетата исто така открила дека 80% од вработените би избрале некакви дополнителни повластици наместо обично покачување на платата.
Google, на пример, стана славен по своите исклучително великодушни повластици, коишто вклучуваат оброци подготвени од врвни готвачи, фотелји за масажа, часови по јога, фризер, итн. Twitter им овозможува три готвени оброци на ден на вработените, акупунктура, курсеви за стручно усовршување и сл. И уште еден куп помали компании коишто го привлекуваат вниманието поради своите невообичаени повластици, како неограничени денови за одмор, бесплатни книги, електроника…
Но, што ако не сте бизнис што може да си дозволи вакви Googlе – овски привилегии за вработените? Не мора да ограбите банка за да понудите атрактивни екстра бенефиции, вели Harvard Business Review. Според нивното истражување (се однесува на американскиот пазар, н.з.), после здравственото осигурување, вработените најголема вредност им даваат на бенефициите што се релативно мал трошок за работодавците, како што е флексибилно работно време, повеќе денови платен одмор или пак, опции за работа од дома. Исто така, анкетата покажала дека работни позиции со одредени бенефиции може да бидат претпочитани од страна на кандидатите за работа во однос на позиции што се со поголема плата, но со малку или воопшто додатни привилегии.
Во рамки на ова истражување на HBR, на 2000 американски работници им била дадена листа од 17 бенефиции со прашање колку силно секоја од нив би влијаела во случај на дилема помеѓу повисоко платена работа и пониско платена работа со повеќе додатни бенефиции.
Подобро здравствено осигурување, дентално осигурување и осигурување за офталмолошки зафати биле на врвот на листата, со тоа што 34% од испитаните одговориле дека би го имале до некаде предвид, а 54% дека многу би го имале предвид кога би избирале работно место. Во САД, инаку, здравственото осигурување е најскапата бенефиција за еден вработен, со просечен трошок од 6.435 долари месечно за индивидуално осигурување, или 18.142 долари за целото семејство.
Следни по важност од бенефициите за американските работници се опциите за флексибилно работно време и подобрување на балансот помеѓу работата и приватниот живот. Мнозинство од испитаниците одговориле дека флексибилни работни часови, повеќе платен одмор, повеќе опции за работа од дома и сл., би придонеле до тоа тие да изберат и помалку платена работа, но со сите овие бенефиции. Исто така, флексибилноста и балансот работа – приватен живот се од најголемо значење за еден голем сегмент од работната сила: а тоа се родителите. Тие повеќе го ценат балансот работа – дома и флексибилното работно време одошто повисоката плата или подоброто здравствено осигурување, според истражувањето на FlexJobs.
Битно е да се истакне дека флексибилните работни часови и опциите за работа од дома се привилегии што можат многу компании да си ги дозволат, се разбира во зависност од природата на бизнисот, доколку не можат да си дозволат поскапи пакети на бенефиции.

Ramka 1 fotoПримери во пракса за подобрување на балансот работа – семејство
Наведуваме некои примери со коишто компаниите во пракса можат да обезбедат родова еднаквост и да им помогнат на своите вработени да го подобрат балансот работа – семејство:
  1. Флексибилни работни ангажмани– флексибилно работно време, скратено работно време, работа во смени, работа од дома или повремена работа од дома, можност за постепено враќање на работа преку некои форми од флексибилно работно време во различни фази на развојот на детето или за грижа за лицата од трето доба во семејството итн.
  2.  Специјализирани услуги кои ќе го олеснат товарот на вработените за грижа за семејството – основање на градинки во дел од просториите во компаниите за децата на вработените, грижа за психофизичкото здравје на вработените, финансиска помош за едукација  на децата.
  3. Програми за менторирање што ќе овозможат балансирана родова застапеност. Ќе бидат насочени кон помалку застапените жени или мажи во организацијата и ќе им помогнат да напредуваат во кариерата.

FOto ramka2Бизнисот и човековите права
Чувствителна тема што допрва се сензибилизира
Уште една тема којашто е актуелна на глобално ниво, и доста чувствителна, е бизнисот и човековите права. Во годините по усвојувањето на Водечките принципи за бизнисот и човековите права од страна на Обединетите нации (ВПОН), голем број на држави и бизниси посветија значително внимание на почитувањето на човековите права во бизнис секторот преку прифаќање и примена на насоките на ВПОН. Во насока на поефективна имплементација на рамката, голем број држави донесоа национални акциски планови за заштита на човековите права во бизнисот. Дополнително, расте и бројот на компании што ги прифаќаат 10-те принципи на Глобалниот договор на ОН. Исто така, се повеќе компании ги усогласуваат своите интерни политики и акции со ВПОН.
“Во земјава допрва почнуваме со сензибилизација на бизнисите околу оваа тема, затоа што за голем број компании човековите права се неспоиви со темата бизнис, мислејќи дека за тоа се грижи државата и сл. А, реално, бизнисот е едно ‘минско поле’ на ризици од прекршување на човековите права, почнувајќи од дискриминација на вработените, па до узурпирање на земјиште, нарушување на природната средина што доведува до загадена почва и вода“, објаснува Никица Кусиникова, директорка на здружението „Конект“, коешто веќе 12 години работи на промовирање на општествената одговорност како услов за долгорочен развој.
“Конект“ направиле и истражување врз стотина компании од редот на најголемите во земјава, реализирано за потребите на проектот Поттикнување на принципите за бизнис и човекови права при што дошле до заклучокот дека генерално, постои ограничена свест за рамката и принципите за човекови права во бизнис содржани во ВПОН. Компаниите, барем декларативно, се грижат за човековите права во обем во кој тоа го налагаат правните прописи, додека сѐ уште е мал бројот на компании кои имаат направено обид за интегрирање на ВПОН принципите во своите интерни политики и спроведуваат Длабинска анализа на човековите права.
Повеќе од една третина од компаниите немаат објавено никакви информации врзани за почитувањето на човековите права на нивните веб страници. Кај дополнителни 40% презентираните информации се минимални, пред сѐ изразени во форма на декларативни заложби за етичко работење, генерално во насока на обезбедување на квалитет и задоволство на потрошувачите, без презентација на дополнителни содржини (политики, мерки, активности, проекти, анализи на ризици) кои ја потврдуваат посветеноста на овие заложби. Во овој контекст се наметна заклучокот дека речиси половина од компаниите не демонстрираат слика за интерес за човековите права. Имено, само околу 28.8% од компаниите информирале дека вршат проценка на ризици врзани за човековите права, а во само 13,6% од компаниите вклучени во мониторингот имаат утврдено пристап кон клучни ризици по човекови права.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×