Каква 2017 година очекуваат банкарите?!
Објавено на од во Банки и бизнис

Empty road to upcoming 2017 against the big cloudБанкарските планови во сенка на политичката неизвесност

Оптимистите меѓу банкарите велат дека најреално е да се очекува да се повтори слична година како и оваа и економски раст од околу 3%.  Песимистите пак, очекуваат сериозни политички и економски предизвици и превирања, дел од нив и до драматични размери кои што би можеле да ги нарушат условите за водење бизнис, па така проценуваат забавување на економскиот раст, извозот и инвестициската активност. Ако за нешто се истомисленици банкарите, тогаш тоа е дека банкарскиот сектор ќе остане стабилен. Велат, не постои опасност од загрозување на стабилноста и ликвидноста на банките. Но и покрај тоа што имаат голема ликвидност, се проценува дека кредитирањето догодина ќе се зголеми околу 6% – 7% и тоа повеќе за граѓаните, отколку за фирмите, бидејќи банкарите се уште перцепираат значителен ризик во бизнис секторот.

 

Оптимистите меѓу банкарите велат дека најреално е да се очекува да се повтори уште една година како оваа што завршува, со проценка дека политичката неизвесност ќе продолжи но економијата која веќе навикна да функционира во услови на постојани шокови, ќе оствари раст од околу 3%. Песимистите пак, очекуваат сериозни политички и економски предизвици и превирања, дел од нив и до драматични размери кои што би можеле да ги нарушат условите за водење бизнис, па така проценуваат забавување на економскиот раст, извозот и инвестициската активност.

Тони Стојановски, генерален директор за управување со ризици во Стопанска банка, вели дека во 2017 година влегуваме со перцепција на високо ниво на неизвесност која произлегува како од домашните политички случувања, така и од глобалните движења и геополитичките тензии, а пред се состојбите во ЕУ, како најголем трговски партнер на Македонија. Тој смета дека ефектите од Брегзит, слабите остварувања на европската економија, бегалската криза и заканите од тероризмот исто така ќе бидат клучни одредници од кои ќе зависи економскиот раст.

„Иако во претходните години, македонската економија покажа способност за апсорбција на неизвесностите и ризиците кои доаѓаат од вкупното окружување и регистрираше стапки на раст од околу 3% , сепак таа останува под потребниот капацитет за генерирање на раст од над 5%-6%, кој на среден рок може да направи разлика во однос на вкупното економско живеење и стандардот на граѓаните. Проценките се дека и во 2017 година можеме да очекуваме раст на економијата од околу 3% – 3,5%“, оценува Стојановски.

Главниот финансиски директор на Комерцијална банка, Маја Стевкова Штериева, вели дека имајќи ги предвид клучните економски параметри, 2017 година ќе биде слична на 2016 година.

„Без оглед на тоа кој ќе ја формира идната влада на Република Македонија, исходот од предвремените парламентарни избори не се очекува да придонесе за значителна стабилизација на политичката ситуација во земјата. Надополнето со претстојните локални избори во првата половина од 2017 година, тоа значи дека македонската економија ќе продолжи да функционира во амбиент на неизвесност, што неповолно ќе влијае врз оптимизмот на бизнис секторот. Во такви околности, може да се очекува дека домашниот приватен  сектор ќе продолжи да биде внимателен во однос на позначајни нови инвестиции. Понатаму, важно е во 2017 година да биде сочувана макроекономската стабилност за што би помогнало започнувањето на процесот на фискална консолидација и постепено сведување на буџетскиот дефицит во зона на долгорочна одржливост“, оценува Штериева.

Генералниот директор на Стопанска банка Битола, Владимир Ефтимоски, исто така е песимист кога е во прашање глобалната слика на 2017 година.

21„Сериозни политички и економски предизвици и превирања, од кои дел од нив можат да имаат и драматични размери, очекувам во 2017 година. Тука мислам не само на нашето опкружување, туку и генерално на глобално ниво. Несомнено сето тоа ќе се рефлектира врз економските остварувања во земјата и врз бизнисот. Неизвесноста за некои ќе претставува хендикеп, но за некои и голема можност“, истакна Ефтимоски.

Јованка Јолеска Поповска, претседател на Управниот одбор на ПроКредит банка, вели дека случувањата во економијата, влијаат и на работењето на банката која е специјализирана за приватниот бизнис сектор и население.

„Македонските бизниси веќе подолг временски период работат во динамично политичко окружување и за сега, доста успешно се носат со предизвиците. Претприемачите, со јасна визија за својот бизнис, умеат да ги исцрпат сите бизнис можности како на домашниот, така и на регионалниот пазар се со цел самите да си обезбедат стабилност и позитивно опкружување за развој на бизнисот. Со оглед на тоа дека политичката неизвесност во Македонија прерасна во секојдневие за бизнисите, веруваме дека бизнисот ќе продолжи да работи а бизнисмените ќе ги реализираат инвестициите во развој на своите компании“, коментира Јолеска Поповска.

Повеќе кредити за граѓани, помалку за фирми

Ако по нешто се истомисленици банкарите, тогаш тоа е дека банкарскиот сектор ќе остане стабилен. Велат, не постои опасност од загрозување на стабилноста и ликвидноста на банките.

Но и покрај тоа што имаат голема ликвидност, се проценува дека кредитирањето догодина ќе се зголеми околу 6% – 7% и тоа повеќе за граѓаните, отколку за фирмите, бидејќи банкарите се уште перцепираат значителен ризик во бизнис секторот. Од друга страна, дел од вишокот пари традиционално ќе ги пренасочуваат во државните записи и обврзници со кои што се финансира буџетскиот дефицит. Според проценките на Министерството за финансии државата од домашните банки во 2017 година планира да позајми вкупно 290 милиони евра, што е повеќе од двојно отколку годинава.

Јолеска Поповска од ПроКредит банка, вели дека финансиските институции како банките се сензитивни на голем дел од промените на политичко и општествено поле, но турбуленциите на политичко поле во 2016 ја потврдија стабилноста и издржливоста на банкарскиот сектор.

„Еден од поважните ризици на кои се обрнува внимание е кредитирање на долгорочни одржливи инвестиции и анализа на секоја кредитна изложеност засебно со цел помал пласман во нефункционални кредити. Оваа година се почувствува воздржаност од страна на малите и средни бизниси за планираните долгорочни инвестиции, пред сè поради неизвесноста на политичко поле. Доколку се стабилизира политичката ситуација, очекуваме дека следнава година претприемачите ќе реализираат дел од своите планови за раст и развој на бизнисите како за нови производни линии и процеси, така и за унапредување на постојаното производство и оптимизација на трошоците“, коментира Јолеска Поповска.

22Штериева од Комерцијална банка објаснува дека кредитната експанзија на банките ќе продолжи во 2017 година, при што таа ќе биде во линија со перцепцијата за ризик.

„Во услови на отсуство на позначително забрзување на растот на економијата, а присутна политичка неизвесност, за банките останува доминантен кредитниот ризик.  Растот на кредитите доминантно ќе се финансира од депозитната база, којашто остана стабилна, и покрај непотребните турбуленции во 2016 година, што се должи на високата доверба што економските субјекти ја имаат во банкарскиот систем на земјава. Дополнително, за банките останува ризикот од пролонгирање на меѓународните околности што продуцираат негативни каматни стапки на депозитите што банките од земјава ги депонираат кај странски банки“, оценува Штериева.

Во однос на кредитната поддршка за граѓаните и фирмите, таа вели дека во делот на правни лица во наредната година Комерцијална банка ќе продолжи со внимателна кредитна политика бидејќи ризиците се уште постојат, а  во сегментот домаќинства, се очекува умерен раст на кредитите.

„Банката ќе настојува да ја зајакне конекцијата со постојните клиенти но паралелно ќе биде отворена и за нови проекти за кои ќе процени дека се профитабилни со прифатливо ниво на ризик. Општиот економски амбиент е детерминиран од општите економски индикатори кои се познати и на кои Банката се прилагодува. Треба да се има предвид дека растот на кредитирањето треба да е паралелен со пораст на вкупната економска активност. Очекуваме и подобар општествено – политички амбиент кој несомнено ќе има позитивно влијание на економските трендови. Првиот клучен сигнал за позитивни промени ќе биде зголемувањето на кредитите за нови инвестиции кои беа под посакуваното ниво во претходните години“, истакна Штериева.

Стојановски од Стопанска банка вели дека растот на кредитната активност на банките догодина се проценува дека ќе биде околу 6%.

„Сепак, со оглед на ограничениот раст на економијата кој во еден значаен дел произлегува од активноста во слободните зони, не може да се очекува позначителна промена во структурата на кредитниот раст, односно и понатаму главниот предизвик и за банките и за компаниите е да се зголеми корпоративното кредитирање и тоа не само за одржување на постојното ниво на обртен капитал на компаниите туку и за нови инвестиции кои единствено можат да ја кренат стапката на раст на економијата до ниво од над 5% – 6%“, потенцира Стојановски и додава дека банките во текот на 2017 година ќе треба да се соочат и со предизвиците за усогласување со новите капитални барања кои произлегуваат од Базел 3, а неодамна беа вградени и во Законот за банките, како и барањата за усогласување со новиот Меѓународен Сметководствен Стандард 9, кој на ниво на ЕУ започнува со примена од јануари 2018 година.

24Ефтимоски од Стопанска банка Битола исто така вели дека банките ќе делуваат во функција на економскиот раст, финансирајќи ги и граѓаните но и приватните фирми.

„Конкретно очекувам банкарскиот сектор да биде стабилен и во функција на економски раст, особено се надевам преку зголеменото ниво на кредитирање на население и многу повеќе на малите и средни македонски компании. Не постои опасност од загрозување на стабилноста и ликвидноста на банкарскиот систем. Посакувам и се надевам македонските компании да ја напуштат летаргијата со која се зафатени веќе подолг период, и тоа не по своја вина, туку поради политичките и економски состојби во земјата. Не очекувам да се случи драстично подобрување на работењето на бизнисот во земјата, но сепак се надевам на поголема раздвиженост, која ќе вроди со зголемено ниво на кредитирање и зголемен економски раст“, истакна Ефтимоски.

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×