Каква развојна банка и треба на Македонија?
Објавено на од во КАПИТАЛ АНАЛИЗА

denari-zname-vladaБизнисот бара силна развојна банка

И Македонија има своја државна развојна банка. Но, Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР), барем според искуствата на домашните компании,но и во споредба со работењето на другите такви банки, е развојна само на хартија. Во пракса, таа со својот основачки капитал од околу 38 милиони евра нема речиси никаков капацитет за да ги следи компаниите. 
Бизнисмените очекуваат реформата и зајакнувањето на државната МБПР да биде една од приоритетните потези на новата власт предводена од СДСМ.
Македонија не треба да измислува топла вода, туку само да ги следи примерите на работење на развојните банки од светот и регионот. Капитал анализира како државните развојни банки ги поддржуваат инвестициите и извозот?

 

Многу развиени економски земји успешно го применуваат концептот на државни развојни банки преку кои државите ги поддржуваат економскиот развој, извозот и инвестициите согласно своите економски стратегии.

Германија, која е една од најголемите извозни економии, е само еден од таквите успешни примери. Преку германската развојна банка KfW се пласираат огромни пари преку поволни кредити и разни други финансиски производи и услуги за поддршка на извозот и инвестициите, кои се главните носители на економскиот раст и развој на Германија.
И многу земји во регионот, како Хрватска, Бугарија и Словенија со години наназад имаат државни развојни банки, преку кои пласираат стотици милиони евра во своите економии главно за да им овозможат на своите домашни компании поповлни кредити за инвестирање и зголемување на извозот, за да ја зголемат конкурентноста и технолошката опременост на своите индустрии.
И Македонија има своја државна развојна банка. Но, Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР), барем според искуствата на домашните компании, е развојна само на хартија. Во пракса, таа со својот основачки капитал од околу 38 милиони евра нема речиси никаков капацитет за да ги следи компаниите.

“За жал државната Македонска банка за поддршка на развојот (МБПР) не успеа да се трансформира на начин на кој ќе може да биде сериозна поддршка на домашните компании, преку поевтино кредитирање на компаниите, преку осигурување на извозот и другите инструменти кои се на располагање. Ќе ви кажам само еден пример. Една голема македонска извозна компанија извозот наместо во Македонија го осигурува преку словенечката развојна банка”, вели Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.
Според него, државната развојна банка треба да расчисти каква ќе биде нејзината позиција, дали ќе биде сервис на државата или ќе биде комерцијална банка која што ќе конкурира на другите банки.
“Уште во 2008 година банка ние како Стопанска комора на Македонија баравме бизнисот да се вклучи во управувањето со оваа банка за да може да ги испорачани и застапување интересите на бизнисот и таа да стане еден вид јавно-приватна институција, која државата ќе ја користи за остварување на политиките за економски развој. МБПР никогаш не стана вистинска развојна банкаи затоа сите напори во следниот период мора да бидат насочени кон тоа да се изгради една силна развојна банка која ќе биде вистинска поддршка на развојните политики”, вели Азески.

Бизнисмените очекуваат реформата и зајакнувањето на државната МБПР да биде една од приоритетните потези на новата власт предводена од СДСМ.

16-brojkiОд бизнис секторот оценуваат дека она што е најважно сега е државната развојна банка да се докапитализира со пари од буџетот за да има силно влијание во олеснување на пристапот на фирмите до свеж капитал и со тоа поттикнување на развојот и отворање на нови работни места.

Претходната власт на чело со ВМРО ДПМНЕ само декларативно најавуваше дека ќе направи декапитализација на МБПР, но тоа никогаш не се реализира.

„Ако секоја година во последните 20 години одвојувавме барем по 10 милиони евра од буџетот за МБПР, сега таа ќе имаше капитал над 2 милијарди евра“, велат домашните бизнисмени жедни за поволни кредити.

Како тоа го прават другите?

Македонија не треба да измислува топла вода кога станува збор за тоа како и што треба да работи една државна банка. Словенија и Хрватска се две земји кои имаат прилично ефикасни државни развојни банки. Новата влада ако сака навистина да ги раздвижи работите, треба да ги следи законските измени и конкретните решенија кои ги спроведуваат овие две земји.
Она што е клучно е дека развојната банка мора да обезбедува полесен пристап до финансии, евтини кредити кои ќе бидат со долг рок на отплата, како и да нуди силна поддршка на извозните  компании, преку поволни кредити, но и преку осигурување на извозот, поволни кредити за подготовка на извозот и разни други финансиски производ и услуги кои ќе го олеснат тргувањето со странство.
Иако веќе неколку години наназад се зборува за реформи во МБПР, тие се оддолжуваат предолго. Со оглед на тоа што МБПР е акционерско друштво во целосна сопственост на државата, таа треба своите средства да ги стави во функција на остварување на стратегијата за развој, а главно како непрофитна банка, што значи да обезбеди поповолни услови на кредитирање во однос на комерцијалните банки и да ги поддржува стопанските активности за кои комерцијалните банки не се заинтересирани, велат бизнисмените.
Тоа е главниот акцент и на развојните банки и во Словенија и Хрватска, каде преку нив се покриваат главно оние празнини каде банките немаат интерес да финансираат.
Освен тоа, бизнисмените сугерираат дека на МБПР треба со закон да и се дозволи да издава банкарски гаранции, посебно за компании кои учествуваат на странски тендери, што посебно ќе им помогне на домашните градежни фирми, кои поради преголемата изложеност кон “малите” домашни банки понекогаш не можат да обезбедат банкарска гаранција за да конкурираат за некој поголем тендер.
Бизнисмените велат дека капитал има и тоа не е проблем, само проблем е перцепцијата на ризикот и трошокот за тој капитал. Освен прашањето на пониски камати, треба да се разработи и прашањето за гаранции за извозни зделки, посебно за фирмите со добар бонитет, за кои трошоците за гаранции би требало да бидат најниски.
Во изминативе години имаме ситуација во која МБПР како да се плаши да им биде конкуренција на домашните банки. Тоа не е случај на пример во Словенија, каде државната развојна банка СИД е втора најголема банка во поглед на корпоративно кредитирање, а трета најголема банка во поглед на активата и капиталот.
Развојната банка мора да биде корективен фактор за намалување на каматите и за олеснување на условите кои ги нудат банките. Суштината на постоењето на државните развојни банки е да обезбедат полесен пристап до пари и со поповолни услови отколку условите што ги нудат деловните банки. Смислата на развојната банка е да понуди подолгорочно кредитирање на развојните проекти, за кои деловните банки не се доволно заинтересирани, а имаат поволни ефекти врз економскиот развој. Покрај тоа, развојните банки би требало да поддржуваат и други економски активности, како извозот, изградба на локална инфраструктура, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, кои можат да ја зголемат конкурентноста на домашната економија. Ако развојната банка не ги исполнува овие функции, тогаш се доведува во прашање и самото нејзино постоење.
Кога станува збор за работењето на МБПР во споредба со ваквите развојни банки во регионот, можеби најсликовито зборува следново. Кога ќе ја отворите интернет страницата на ХБОР ударно на првата страна е повикот до претприемачите да ја финансираат модернизацијата на производството, воведувањето на нови технологии и производи и истражување и развој со камати од 2% до 3% и рок на враќање од 12 до 14 години. Дополнително за фирмите кои вработуваат млади луѓе, каматата се намалува за дополнителни 0,5%, додека за иновативните претприемачи каматата се намалува за 0,572%. Понатаму, сајтот изобилува со живи приказни од хрватски претприемачи кои раскажуваат како поволните кредити или услуги кои ги користеле од  ХБОР им помогнале да го унапредат работењето во нивниот бизнис.
Ако ја отворите интернет страницата на МБПР, на насловната страна стои фотографија од зграда без никакво лого, а долу под сликата одат вести кои се однесуваат на некои настани кои се случиле од 2015 година.
На интернет страницата на ХБОР ги има објавено сите годишни извештаи за работењето на Банката, заклучно со 2016 година, но и кварталните за 2017 година. На веб страницата на МБПР последниот објавен годишен извештај е за 2015 година.

Ова е само на прв впечаток, но споредбата на бројките е уште посурова. На пример,  ХБОР само минатата 2016  година преку кредитирање, осигурување на извозни побарувања  и издавање на гаранции подржала вкупно 2.600 проекти во вкупен износ од 11,4 милијарди куни или околу 1,6 милијарди евра. Тоа е најголем досега број на поддржани проекти во досегашното работење на ХБОР. Што се однесува до кредитирањето, ХБОР лани одобрила 2.328 кредити во вкупен износ од околу 1,1 милијарди евра.

Според последните достапни информации, за поддршка на извозните компании, но и малите и средни фирми во земјава од градежништвото, производството, транспортот, МБПР во 2015 година преку неколку кредитни линии финансирани од сопствени извори одобрила вкупно 4,9 милиони евра. Во истата година, МБПР преку деловните банки во земјава продолжи да ја пласира кредитната линија од Европската инвестициска банка (ЕИБ), од која лани се искористени 83,5 милиони евра за финансирање на вкупно 481 проект. Овие кредити од ЕИБ се наменети за финансирање на основни средства, трајни обртни средства, приоритетни проекти и mid cap компании. Најголем дел од парите во 2015 година биле искористени за нови инвестиции, и тоа дури 57,8 милиони евра, додека пак за обртен капитал, МБПР преку деловните банки пласирала околу 20 милиони евра.
Работењето на ХБОР главно е насочено кон поттикнување на развојот на малите и средни претпријатија, поддршка на извозот, развој на туризмот, финансирање на иновации и развој на нови технологии, финансирање на развојот на земјоделието, поттикнување на користење на ЕУ фондовите, финансирање на проекти за заштита на животната средина, енергетска ефикасност и обновливи избори на енергија.

За оние области кои се назначени како стратешки важни за развојот на хрватската економија, ХБОР нуди многу поволни услови за инвестирање. На пример, бидејќи туризмот е една од значајните економски гранки, државната развојна банка има програми за поволно кредитирање на вложувања во оваа област. На пример, роковите за отплата на кредитите за инвестиции во туризмот се прилагодени на туристичкиот сектор и се движат до 17 години, а каматните стапки се движат од 2% до 4%. Исто така се овозможува дури 75% од вредноста на инвестицијата да се кредитира без за тоа да се плаќа ДДВ на државата. Малите хотелиери, кои не им требаат кредити поголеми од 700 илјади куни, често користат кредитите за посебни целни групи, како почетници, млади и жени може да се кредитира и до 100% од вредноста на инвестицијата без ДДВ. ХБОР дури нуди и кредити на туристичкиот сектор за подготовка на туристичка сезона, односно набавка на храна, пијалаци, ситен инвентар, тековни трошоци за одржување, режија и слично , во периодот од декември до јуни, со камата од 3,4%, на две рати, кои доспеваат за отплата во октомври и ноември.

Од вкупно одобрените кредити на ХБОР околу 20% или околу 240 милиони евра биле на фирми од туристичкиот сектор. Кредитна поддршка добиле големи проекти, семејни хотелски проекти, како и земјоделски стопанства кои вложуваат во туризмот. Податоците покажуваат дека за периодот од 5 години ХБОР одобрила кредитна поддршка на 1.000 туристички проекти во вкупна вредност од околу една милијарда евра, од кои 96% биле за финансирање на нови инвестиции. Просечната каматна стапка за финансирање на проектите во туризмот во последните две години се движела нешто под 3%.
Хрватските хотелиери во последните години се повеќе ги препознаваат предностите од користењето на неповратните средства од ЕУ фондовите за ко-финансирање на проекти, а чија финансиска конструкција исто така можат да ја затворат со поволни кредитни програми од ХБОР.

Како работи државната развојна банка на Словенија?

Словенечката извозна и развојна банка (СИД), е основана во 1992 година, е извозна кредитна агенција која нуди осигурување, осигурување на извозот, издава гаранции, изработува кредитен и ризичен рејтинг, дава законски и деловни совети, помага при наплата на долгови и факторинг. Словенечката извозна кредитна корпорација функционира како приватна финансиска институција, во која најголем акционер е државата, со околу 90% од капиталот. Освен државата, акционери се повеќе банки, осигурителни компании, Стопанската комора на Словенија и поголем број словенечки компании. Покрај основачкиот капитал, СИД има огромна поддршка од државата преку пари обезбедени директно од буџетот.
СИД обезбедува разни пред се долгорочни финансиски производи за зголемување на конкурентноста на компаниите, креирање на нови работни места и поддршка на економскиот развој на Словенија. СИД ги следи компаниите во нивните развојни фази и нуди посебни производи за секоја фирма, обезбедувајќи финансирање на оние области кои не се доволно покриени од деловните комерцијални банки. Таа обезбедува и поволно осигурување и финансирање на извозот на словенечките компании и обезбедува значајна поддршка за развојот на секторите кои се идентификувани како значајни во Стратегијата за развој на Словенија. Единствен сопственик на СИДе државата Словенија, а капиталот изнесува 394 милиони евра.
Најзначајни активности на СИД се кредитирање и осигурување на извозот на словенечките компании, но се обезбедуваат и други услуги како гаранции, факторинг, финансиски лизинг и инженеринг, капитални инвестиции и разни други финансиски инструменти..  Парите ги обезбедува главно преку задолжување на меѓународниот пазар во свое име, за што гарантира и државата, заради што може да обезбеди многу поповолни услови.
SID обезбедува кредитни линии за фирми и преку други деловни банки, но може и директно да одобрува кредити.
Само во текот на 2016 година преку словенечката СИДбиле директно или индиректно кредитирани околу 2.000 деловни субјекти, од кои 550 биле нови фирми. Вкупните кредити на СИД во 2016 изнесуваат 1,4 милијарди евра.
Според  податоците од годишниот извештај на словенечката СИД , придонесот на СИД лани бил 3 милијарди евра кон словенечкиот БДП и 3,5 милијарди кон словенечкиот извоз, а нивните кредити придонеле да се отворат нови 18.000 работни места во словенечката економија.
И покрај својата развојна улога, СИД успеала да оствари и нето профит од 21 милион евра.
Учеството на ненаплативите кредити во СИД изнесува 11%, што е на ниво на другите банки во Словенија.
На крајот на 2016 година СИД располагала со вкупни средства од 2,6 милијарди евра. Кредитите кон банки кои СИД ги одобрила лани изнесуваат 996 милиони евра, а кредитите одобрени кон небанкарски клиенти изнесуваат 610 милиони евра. Најголем дел од кредитите или 36% биле одобрени на компании од преработувачката индустрија, 23,6% на фирми од транспорт и складирање, 13,5% во трговијата и 27% во останатите сектори.
Профитната маргина со која работела СИД лани изнесува 0,85% и е помала во споредба со 2014 година кога таа изнесувала 1,17%.
Во словенечката СИД најголемиот дел од кредитните линии се долгорочни со долги рокови на отплата над 10 години и со варијабилни каматни стапки. Учеството на краткорочните кредити и кредитите со фиксна камата е речиси незначително.
Само осигурувањето од непазарни ризици кое го понудила СИД во 2016 година изнесува 538 милиони евра, а најголем дел од осигурувањата се однесуваат на Русија, Хрватска и Босна и Херцеговина, односно пазарите каде што словенечките компании најмногу извезуваат. Од извозот во Русија најголем дел од осигурувањата се однесуваат на извозот на извозот на фармацевтски производи.


Programa SDSM-1СДСМ планира да ја заживее развојната банка

СДСМ во својата предизборна програма предвидува многу мерки за поддршка на домашните компании кои ќе се реализираат преку МБПР

На пример, СДСМ да се основа гарантна шема преку МБПР за два поединечни производа, за инвестициски кредит и кредит за обртни средства. За овој тип на кредити би се давала државна гаранција од посебен фонд за таа намена во МБПР, со што каматите на кредитите би биле пониски од постојните кои ги нудат банките.

Бидејќи за двете кредитни линии постои државна гаранција (што подразбира првокласен инструмент за деловните банки), каматите, по автоматизам, би биле релативно ниски и нема да има потреба за дополнителни субвенции во делот на каматната стапка.

На пример, кај инвестициските кредити, за секоја мала и средна фирма која може да обезбеди 15% сопствено учество за инвестициски проект, државата преку МБПР ќе обезбеди гаранција во висина од 75% од инвестицијата, а 10% да останат ризик на банката. “Со оваа шема се избегнува „моралниот хазард“, односно сите имаат интерес проектот да успее, и ќе се минимизираат ризиците од загуби за гарантниот фонд. Максимален износ на гаранција за поединечен проект би била до 750.000 евра, што значи дека таквата инвестиција во вкупна вредност би изнесувала 1 милион евра, a рокот на отплата на ваквите кредити би бил до 10 години”, се вели во програмата на СДСМ.

Кај кредитите за обртни средства, е предвидена државна гаранција за секое мали и средно претпријатие кое има потреба од краткорочен кредит за обртни средства до износ од 30.000 евра, со рок на отплата до 1 година.
Понатаму, се планира воведување на микро кредитна линија за поддршка на старт-ап и микро компании (до 10 вработени) и кредитна линија „Заем за франшиза и мешовити инвестиции”, кои ќе се реализираат преку МБПР, заради помалиот интерес на деловните банки да кредитираат мали и микро фирми.

 

 

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×