Какви лекции може да научи секој бизнис од фијаското на “Sears“: Легендарниот американски трговски синџир е пред банкрот
Објавено на од во Компании

Лош финансиски менаџмент; затворање продавници и продавање недвижности наместо инвестирање во дигитализација; неспособност да се согледа потенцијалот на онлајн трговијата и новите потрошувачки навики; настојување да се исцеди долар повеќе наместо да се иновира… сето ова му пресуди на “Sears”, некогаш иконата на американската шопинг култура, а сега само бледа сенка на она што беше трговски гигант со преку 50 милијарди долари приходи годишно.

 

Sears1Легендарниот американски трговски синџир е пред банкрот

Една од главните бизнис вести во светот деновиве беше барање за банкрот на американскиот синџир на стоковни куќи “Sears“според фамозниот Chapter 11 во понеделникот наутро, после повеќегодишна битка да се одржи во живот соочувајќи се до голем пад во продажбите.

Компанијата која е стара повеќе од 130 години, некогаш беше икона на трговијата во САД, а последнава година забележа двојно помали приходи од продажба во споредба од пред пет години. Губеше многу пари, затвораше стотици продавници, и кратеше илјадници работни места за да го сопре “крвавењето“ како што вели Business Insider.

Главниот извршен директор на компанијата, Едвард Ламперт, вината за фијаското на компанијата го лоцира кај медиумите, промените во потрошувачките навики, како и во растот на е – трговијата, меѓу другите причини.

Во изјава дадена во понеделникот, Ламперт рече: “Изминативе неколку години, напорно работевме со цел да го трансформираме нашиот бизнис и да ја ослободиме вредноста на нашиот имот. Иако направивме извесен напредок, планот допрва треба да ги даде очекуваните резултати, и воочувањето на компаниските итни потреби за ликвидни средства влијаеше врз нашите напори да станеме профитабилен и поконкурентен трговец.“

Ламперт додаде дека Sears, како и Kmart, вториот трговски синџир во рамки на сопственичкиот холдинг, ќе продолжат со бизнисот во пресрет на шопинг треската што допрва следи во САД за Денот на благодарноста и Божиќ, и дека процесот на стечај ќе му овозможи на трговскиот синџир да го зајакне сопствениот биланс на состојба, да ја забрза својата стратешка трансформација, и конечно, да се врати кон профитабилноста.

Edvard Lampert

Едвард Ламперт, мнозинскиот акционер и (сега веќе поранешен) извршен директор на Sears вината за пропаста на компанијата ја бара, меѓу другото, и кај медиумите.


Шефот доаѓа еднаш годишно во седиштето на компанијата

Години наназад, Ламперт го држеше затетеравениот трговски гигант над површината на водата преку милијарди долари вредните заеми од неговиот инвестициски фонд ESL Investments, продавањето на вреден компаниски недвижен имот, како и преку бавното раскинување на ексклузивноста на Sears врз неколку големи американски брендови. Тој смета дека овие мерки ќе му купат повеќе време на Sears за да ја спроведе трансформацијата што ќе ја доведе компанијата повторно до профитабилност.

Но, аналитичарите се скептични дека компанијата може да направи камбек после толку години на неинвестирање во самите продавници.

“Проблемот во случајот на Sears е што се претвори во слаб трговец. Грубо кажано, падна на секој испит во малопродажбата, од асортиманот, преку мерчндајзингот, па с$ до основните стандарди за привлекување купувачи,“, вели Нил Сандерс, директор на аналитичката куќа GlobalData Retail. “Тој неуспех се манифестираше преку губење на потрошувачи, на пазарен удел, и губење на вредноста на брендот, којшто стануваше сè помалку релевантен.“

Критичарите на Ламперт – вклучувајќи и некои поранешни директори во Sears – го обвинуваат за менаџирање на компанијата од далеку, затоа што наводно доаѓал во нејзиното седиште само еднаш годишно, кога се одржувало собранието на акционери.

Ламперт пак, претпочита да работи од својата канцеларија во Беј Харбор, остров близу Мајами, и да комуницира со своите соработници претежно преку телеконференциски состаноци.

Но, како што продажбите стрмоглаво паднаа од 53 милијарди долари во 2006 година на помалку од 17 милијарди долари во 2017, Sears затвори стотици стоковни куќи, намалувајќи го вкупниот број на продавници на 866 заклучно со септември годинава, од 1.980 колку што имаше во 2013 година.

Некои од продавниците биле тотално запуштени, со ѕидови што се лупат, испукани подови, паднати тавани, тоалети што не работат со недели, сето ова забележано во поплаките од потрошувачите и вработените, од последниве две години.


38S “Не можеме да инвестираме во сè

Освен проблемите со одржувањето, повеќе продавници имаа и ситуации на празни полици, што веројатно е резултат на потезите на добавувачите коишто се имаа заканувано дека ќе откажат нарачки или бараа нови услови за плаќање, откако на виделина излегоа проблемите на компанијата.

Некои од продавниците почнаа да обесуваат креветски чаршави и завеси за тушеви на таваните, за да ги покријат празните простори. Дури се појавија и рачно испишани цени на некои производи, с$ со цел да се намалат трошоците.

Шефот Ламперт на сето тоа одговараше со обвинување до медиумите во некое од ретките интервјуа, а вината ја префрлаше и на добавувачите, заканувајќи се дури и со тужби на двата најголеми снабдувачи со алати. Исто така, ја бранеше својата стратегија за (не)инвестирање во продавниците.

“Ме критикуваат дека не инвестирам доволно во продавниците“, рече Ламберт во 2013 година. “Јас сметам дека не може да инвестираме во сè“.

Некои од лојалните потрошувачи тажно коментираат за компанијата што некогаш беше најголемата икона на малопродажбата во Америка.

“Никогаш нема да сфатам како тоа Sears си дозволи да пропадне толку низ годиниве“, изјави купувачот Роберт Мун за Business Insider.

“Sears беше трговец број еден во светот, и пионер во каталошките продажби. Можеа да бидат пионери и во онлајн продажбата. Sears можеше да биде тоа што е сега Amazon.com“, вели Мун.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×