Каматите паѓаат, но побрзо расте штедењето на фирмите одошто задолжувањето
Објавено на од во Економија
Намалувањето на каматните стапки, меѓу другите фактори, предизвикало зголемување на кредитирањето, но тоа е поизразено кај секторот домаќинства. Кај депозитите пак, и покрај неатрактивните каматни стапки, граѓаните и компаниите ги зголемуваат своите депозити кај банките и штедилниците. Само во последните две години порастот на депозитите на граѓаните изнесува околу 550 милиони евра, а кај компаниите за 200 милиони евра.
ZinsenTalfahrt__Monster_Ztudio_shuНародната банка ја намали основната каматна стапка на историски најниско ниво од 2%
Народната банка ја олабави уште еднаш монетарната политика минатата недела, ја спушти основната каматна стапка на историски најниските 2%. Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска – Бежоска, на форумот на “Еуромани“ во Виена пред неколку денови истакна дека има простор и за понатамошно намалување на каматната стапка, но останува на деловните банки да се одлучат во колкав обем тие ќе ја следат оваа динамика.
„Со оглед на силните трговски и финансиски врски со еврозоната, понатамошното олабавување од страна на Европската централна банка е еден од факторите којшто може да придонесе за понатамошно олабавување на монетарната политика и на централните банки во регионот. Монетарната политика на нашата централна банка изминатите неколку години постојано се олабавува, што придонесува за намалување на цената на финансирањето на корпоративниот сектор и домаќинствата, како и за раст на кредитната активност.“, истакна гувернерката Бежоска – Ангеловска.
 Таа додаде и дека за разлика од дел од развиените економии каде што каматните стапки се околу нулата, во нашиот регион, каматните стапки на централните банки и понатаму се позитивни, што во зависност од специфичните околности во секоја економија покажува дека просторот за олабавување на монетарната политика во овие земји веројатно е поголем.
28 bezИ покрај неатрактивните камати, депозитите на граѓаните и фирмите растат
Како ќе реагираат домашните банки на ова најново намалување на основната каматна стапка? Неколку банки што излегоа со изјави деновиве велат дека ќе ги следат сигналите на централната банка, и дека ќе има некаква корекција надолу на каматните стапки на кредитите, но секако и на депозитите. Каматните стапки на кредитите, иако видно со намален просек во последниве неколку години, сепак се с$ уште повисоки од оние во ЕУ, каде што, на пример, се нудат станбени кредити и со стапки од 0,5% до 1% камата годишно.
Во земјава пак, вкупната пондерираната каматна стапка на кредитите е намалена од 6,80% на годишно ниво во 2015 година, на 5,12% во третиот квартал во 2019, за кога се најновите податоци во статистиките на Народната банка. Кај депозитите пак, вкупната каматна стапка се движела од 2,15% во 2015 година до 1,37% заклучно со третиот квартал лани.
Намалувањето на каматните стапки, меѓу другите фактори, предизвикало зголемување на кредитирањето, но тоа е поизразено кај секторот домаќинства. Кај оваа категорија корисници, износот на одобрени кредити пораснал за речиси 10% во првите 11 месеци лани, на 2,78 милијарди евра, додека претходната, 2018 година, порастот бил 10,48%, на 2,53 милијарди евра.
Кај секторот компании пак, растот на кредитирањето во 2018 година бил негативен за првите 11 месеци, односно 0,75% пад на кредитирањето, додека во 2018 година имало раст од 4,33%.
Кај депозитите пак, и покрај неатрактивните каматни стапки, граѓаните и компаниите ги зголемуваат своите депозити кај банките и штедилниците, па ако на крајот на 2015 година вкупниот износ на депозити на домаќинствата – физички лица изнесувал 3,45 милијарди евра, заклучно со месец ноември минатата година оваа бројка е 4,3 милијарди евра, или раст од 850 милиони евра. Само во последните две години порастот на депозитите на граѓаните изнесува околу 550 милиони евра.
И компаниите, исто така, ги зголемуваат своите депозити во банките и покрај неатрактивните каматни стапки, па така, од 1,17 милијарди евра на крајот од 2015 година, состојбата е 1,53 милијарди евра на крајот од минатата година. Само во последните две години компаниите ги зголемиле своите депозити во банките за 200 милиони евра.
Кај граѓаните, вложувањето во банка пораснало за 4,88% во првите 11 месеци во 2019 година, и 9,33% на крајот од 2018 година. Кај фирмите, овие бројки се 7,75% и 6,77% респективно.
26 kamatnaСе намалува евроизацијата на македонската економија
Експертите потврдуваат дека во еден подолг период сега веќе и од неколку години забележуваме намалување на каматните стапки и на кредитите и на депозитите, значи и на страната и на активата и на пасивата што секако во одреден дел е водено и од овие сигнали кој ги дава Централната банка, меѓутоа генерално е рефлексија и на намалените ризици и перцепцијата за намалување на ризиците во економијата. Аналитичарите што ги контактиравме не очекуваат да се случува нешто драматично, туку дека трендот кој што го гледаме ќе продолжи веројатно со некоја слична динамика.
Инаку, гувернерката на Народната банка, Анита Бежоска – Ангеловска, покрај освртот на монетарната политика на Форумот во Виена, се осврна и на, евроизацијата и улогата на  процесот на пристапување кон Европската Унија (ЕУ) во градењето на институционалниот капацитет.
Според Ангеловска-Бежоска, во однос на прашањето за евроизацијата, гувернерката изјави дека таа е присутна во нашата земја, но е пониска во споредба со други земји од регионот. Во изминатиот период се забележува позитивен тренд на нејзино постепено намалување, особено во периоди кога нема позначајна економска или политичка нестабилност. Таа нагласи дека Народната банка и во иднина ќе презема мерки за понатамошно намалување на степенот на евроизација, со што би се зголемила ефективноста на монетарната политика. Притоа, укажа и на Стратегијата за денаризација во која се вградени повеќе мерки за нејзино зголемување, што е впрочем нагласено и во рамките на економскиот дијалог со ЕУ.
Понатаму, во дискусијата, Ангеловска-Бежоска се задржа на подготвителните активности во рамки на процесот на пристапување кон ЕУ. Овие активности, подолг временски период, претставуваат една од битните алатки за дефинирање и спроведување на дел од структурните и институционалните реформи во земјата. Гувернерката истакна дека Народната банка од самиот почеток е активно и директно вклучена во овој процес, особено во приближувањето кон легислативата и нормите на ЕУ преку повеќе платформи, а првенствено во деловите поврзани со економската и монетарната унија, статистиката, платежните услуги и слободното движење на капиталот.
Форумот на Централна и Источна Европа, што го организира „Еуромани“ во Виена, Австрија, е годишен настан на којшто редовно присуствуваат повеќе од илјада учесници – гувернери на централни банки, министри за финансии, раководители на финансиски институции и инвеститори.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×