Канаби(зни)с со потенцијал од милијарди евра
Објавено на од во COVER STORY

 

medical-cannabis-cbd-oil-extract-in-labОгромен интерес за инвестиции во одгледување на медицински канабис во Македонија

Досега 13 компании имаат добиено одобренија за одгледување на канабис за медицински целиод Министерството за здравство, а уште неколку се во процедура, така што бројот на компании што имаат намера да инвестираат во оваа нова индустрија, допрва нагло ќе се зголемува. Според нашите информации, канабис индустријата во Македонија е послана на најмалку 30 хектари што е еквивалентно на површина колку 45 фудбалски игралишта. Засега нема прецизна проценка колку пари може да донесе оваа индустрија, но според некои од инволвираните во бизнисот, доколку се остварат планираните приноси, може да се очекува фирмите да свртат од неколку стотици па и милијарди евра. Од најмалку две берби на цвет од канабис годишно, на површината за која досега државата има издадено одобренија, се очекува принос на 300 тони цвет од којшто може да се произведе околу 30 тони масло. Грубите пресметки покажуваат дека извозот на оваа количина на произведено масло може да и донесе на земјата прилив од 1,5 милијарди евра. Сумата ќе се дуплира доколку во текот на годината има просечно четири берби на цвет што според познавачите, е прилично веројатно.

 

 

Ако продолжи досегашниот тренд на зголемување на бројот на фирми што влегуваат во бизнисот со одгледување на канабис за медицински цели, Македонија многу брзо може да се претвори во ветена земја за оваа билка што се уште има спорна репутација, особено кај нас. Според најновите информации на Капитал од Министерството за здравство, досега 13 компании имаат добиено одобренија за одгледување на канабис на медицински цели, а уште неколку се во процедура. Тоа значи дека само за половина година, бројот на компании што добиле одобренија да посадат канабис, се зголемил двојно.

Од Министерството за здравство не можат да дадат прецизен одговор на колкава површина се сади канабис според досегашните издадени одобренија, бидејќи поголем дел од нив планираат да ја одгледуваат билката на затворено, односно според таканаречената in door технологија, а дел од нив во стаклени хали.

Меѓутоа, според нашите информации, канабис се сади на површина од околу 30 хектари што е еквивалентно на околу 45 фудбалски игралишта. Засега нема прецизна проценка колку пари може да донесе оваа индустрија, но според некои од инволвираните во бизнисот, доколку се остварат планираните приноси, може да се очекува фирмите да свртат од неколку стотици па и до милијарда евра.

Од најмалку две берби на цвет од канабис годишно, на површината за која досега државата има издадено одобренија, се очекува принос на 300 тони цвет од којшто може да се произведе околу 30 тони масло. Грубите пресметки покажуваат дека извозот на оваа количина на произведено масло може да и донесе на земјата прилив од 1,5 милијарди евра. Сумата ќе се дуплира доколку во текот на годината има просечно четири берби на цвет што според познавачите, е прилично веројатно.

Продажбите нa медицински канабис во глобални рамки, пак, надминуваат седум милијарди евра, а се проценува дека пазарот во следните три години ќе се триплира, па оттука разбирлив е интересот на многу држави во светот да ги либерализираат законите и да овозможат производство на оваа билка. Така неодамна, на долгиот список на земји што дозволија одгледување за медицински цели се приклучи и Грција. Голем дел од европските земји овозможија употреба на канабис но прилично конзервативно, односно за медицински цели и јавната поддршка за тоа е релативно повисока отколку за рекреативна употреба којашто почна да се либерализира во неколку американски држави и последно во Канада.

Иако се чини дека Македонија навреме и добро се позиционираше во трката за овој силно перспективен пазар, сепак, две и пол години откако е легализирано производството на канабис за медицинска употреба, само една од компаниите коишто досега имаат добиено одобрение од Министерството за здравство, има почнато со производство на масло од оваа билка. Останатите се во фаза на садење и одгледување на растението.
Mikael RykesИграчи во бизнисот

Првото одобрение за одгледување на канабис за медицински цели во Македонија е издадено во декември 2016 година и потпишано од тогашниот министер, Никола Тодоров, на компанијата НЈСК Холдинг. Компанијата е основана четири месеци порано, а како прв сопственик во Централниот регистар е запишан Владимир Кесковски, син на поранешниот висок функционер во МВР, Златко Кесковски, којшто, пак, се јавува како управител во фирмата.

НЈСК Холдинг има посадено канабис на површина од илјада квадрати, но билката се одгледува во затворени простории или според таканаречената in door технологија. Оваа компанија е засега единствена што инвестира и во сопствен капацитет за екстракција на масло од канабис.

Кесковски вели дека според проценките, се очекува принос на 1,5 тони цвет од канабис, додека пак капацитетот за преработка на масло може да достигне и до 45 тони годишно. Целата инвестиција, тој ја проценува на околу 5,5 милиони долари, но најави дека до крајот на годината се планира нова инвестиција од уште шест милиони долари во капацитет за нови производи од канабис, меѓу кои и капсули, кремови и слично. Со тоа, се планира да се зголеми и површината на засаден канабис за уште две илјади квадрати.

„Има голем интерес за влез на компании во овој бизнис и очекувам дека набрзо бројот на фирми што ќе имаат одобренија ќе надмине 20. Но од друга страна, ако се имаат предвид и глобалните случувања, сметам дека оваа индустрија кај нас брзо ќе се презасити од премногу инволвирани компании и преголемо производство за кое пласманот е неизвесен, особено што законот засега не дозволува извоз на цвет од канабис туку само масло. А речиси и да нема компании што планираат инвестиции во погони за екстракција на масло од канабис“, објаснува Кесковски и додава дека државата би требало да го поттикне повеќе производството на индустриски коноп со законски измени коишто ќе дозволат поголема присуство на психотропната супстанца ТХЦ.

„Одгледувањето на индустриски коноп има голем потенцијал и доколку се применат некои европски примери, може да стане значајна индустрија за Македонија“, додава Кесковски.

Неговата компанија се уште нема пласирано производи од канабис на пазарот, но вели дека се работи за административни пречки коишто ја кочат продажбата.

Во април лани e издадено второто одобрение за одгледување на канабис за медицински цели на компанијата МАМ од Свети Николе, потпишано од тогашниот заменик министер Јовица Андовски.

МАМ од Свети Николе има посадено канабис на површина од 20 илјади квадрати во стакленик.

Дел од сопствениците на оваа компанија е бизнисменот Трајче Заев, роднина на актуелниот премиер. За инвестицијата на неговиот братучед, на пратеничко прашање од опозицијата премиерот Зоран Заев, пред неколку месеци истакна дека „вкупната инвестиција ќе достигне повеќе од 10 милиони евра, а во моментов се вработени скоро 30 граѓани од Свети Николе“.

Според премиерот, етички и со закон е дозволено да се произведува лек од канабис, независно дали станува збор за член на семејството Заеви. Во таа прилика премиерот ги повика „сите инвеститори што имаат ресурси да вложат во оваа дејност зашто е профитабилна“. Тој истакна дека државата очекува отворање на нови работни места и 100 милиони евра девизен прилив.

Зборувајќи за перспективата на оваа индустрија, Трајче Заев, истакна дека во јавноста се создава лоша слика за бизнис што има капацитет да биде мотор на домашната економија.

„Јас сум оптимист дека ова е една од индустриите што може најмногу да ја поттикне домашната економија. Сметам дека ваквите економски глобални трендови треба да бидат прифатени и кај нас. Регулирањето на оваа млада индустрија треба да биде синхронизирано со земји што имаат долгогодишно искуство и на тој начин и ние како производители ќе бидеме стимулирани да се држиме до глобалните стандарди и норми“, изјави тој и додаде дека веќе преговара со други странски инвеститори за отворање и на капацитет за екстракција на масло.

Во меѓувреме, уште една компанија, Фарма Медика Канабис, во која тој се јавува како ко – сопственик заедно со Катерина Бојовиќ Заева, и Бобан Заев, доби одобрение за одгледување на канабис за медицински цели во Валандово и тоа на површина од шест хектари.

Сопствениците најавија дека имаат големи планови за инвестиција што ќе отвори над 500 работни места.

Во овој регион, уште една компанија веќе има одобрение за одгледување на канабис. Станува збор за Греен Лифе која што ја сади оваа билка во околината на валандовско.

Во струмичко, пак, на површина од три хектари, одобрение за одгледување има добиено компанијата Канабис – Про којашто е во сопственост на поранешниот пратеник на СДСМ во мандатот од 2002 до 2006 година, Драган Ѓоргиев заедно со уште еден сопственик од Ново Село, Атанас Јанушев.

На листата на компании што досега имаат добиено одобренија за одгледување се и Оаза Алкалоиди од Штип, Каба Хербал од Скопје, 5 Летерс од Ресен, битолската компанија Медицал 420, АЦПВ од Беловиште, Гостивар, уште една компанија регистрирана исто така во гостиварско, Ф&M 2017 од Врапчиште, и две скопски компании, Фармаролли и ТХЦ Куалиту Гроуп.

Инаку измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции со коишто се дозволи одгледување на канабис за медицински или научни цели и екстракција на масло од цветот од билката се донесени во март 2016 година.

Одгледувањето на канабис е дозволено само на правни лица кои имаат одобрение за одгледување на канабис издадено од Министерството за здравство, по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија.

Компаниите се должни да имаат обезбедено соодветен простор, површини или земјиште за одгледување, за сушење и складирање. Просторот треба да биде атмосферски заштитен и ограден со ограда висока најмалку 4 метри, како и да има обезбеден 24 часовен видео надзор над целиот простор и физичко обезбедување, да има вработено најмалку четири лица од кои најмалку еден дипломиран фармацевт со најмалку три години работно искуство во областа на фармацијата и едно лице агроном – насока полјоделство со најмалку три години работно искуство во областа.

Канабисот во Македонија засега може да се обработува само во земјата, а не е дозволено да се извезува како суровина. Меѓутоа, со најновите законски измени, се очекува државата да дозволи извоз на цвет од канабис.

 

Doctor writing on prescription blank and bottle with medical can
Што бара Законот?

Одгледувачот на канабис е должен да води евиденција на одгледуваниот канабис (сеење, производство на расад, пресадување, број на стебла). Одгледувачот на канабис е должен да ги евидентира и пријави до Министерството за здравство и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, сите настанати промени и отстапувања во одгледувањето на канабисот претходно планирани во елаборатот.

Одгледувачот на канабис пред отпочнување со берба должен е да го извести Министерството за здравство за денот на отпочнувањето на бербата. По завршувањето на бербата од страна на Комисијата се врши увид за извршената берба заради утврдување на бројот на собраните стебла и влажна маса. Формата, содржината и начинот на водење на евиденцијата за сите фази на одгледување на канабисот го пропишува министерот за здравство.

По завршената берба, собраното растение се наложува да се суши во посебен наменски уреден простор, а одгледувачот е должен исушеното растение да го спакува во картонска кутија и да го запечати со сигурносна лента за запечатување.

Картонската кутија со исушеното растение/канабис задолжително е означена со следните податоци: назив и седиште на правното лице, година на производство, име на суровина, нето и бруто сува маса, форма (лист, цвет, растение, цело, сечкано) и датум на пакување.

Казнените одредби предвидуваат дека правното лице кое одгледува канабис за намена и под услови спротивни со одредбите на овој закон, може да се казни со парична казна. Одговорното лице кај правното лице, за ова кривично дело, ќе одговара и ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.

Во казнените одредби се пропишува дека дипломиран фармацевт, агроном, вработено лице во правно лице кое одгледува коноп, кое ќе задржи, изнесе, пренесе семе, расад, лист од канабис наменето за лична употреба ќе се казни со казна затвор од една година до пет години. Ако делото го извршиле повеќе лица или сторителот на ова дело организирал мрежа на препродавачи или посредници или организирал, сторителот ќе се казни со затвор од три до десет години, а семето, расадот и листот од канабис ќе се одземат.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×