Капитал истражува: Зошто македонските фирми се селат во Србија?
Објавено на од во Економија

Информацијата дека македонски фирми се селат во Србија можеби звучи нелогично, со оглед на фактот дека Македонија, а не Србија е земја која во секое истражување се фали за реформите за полесно водење бизнис и за ниските даноци. Капитал направи истражување кај повеќе македонски фирми и информациите не само што се потврдуваат, туку се очекува во иднина засилување на овој тренд. Што е тоа што домашните бизнисмени да си заминат од Македонија и да прават бизнис во Србија?

 

Македонија, земјата која секоја година е се повисоко рангирана во извештаите за водење бизнис и која се рекламира како топ дестинација и даночен рај за странски инвестиции доживува одлив на домашни компании во соседните земји.

Во последнава година оваа тема е се почесто дел од разговорите во македонската бизнис заедница, бидејќи се поголем е бројот на фирми кои се одлучуваат да го затворат или намалат бизнисот во Македонија и да го преселат работењето во Србија.
Капитал во изминатиов период консултираше повеќе бизнисмени за да ги слушне нивните размислувања за тоа што е тоа што ги тера да отвараат фирми во Србија – дали се тоа полесните услови за водење и желбата за ширење и освојувања на нови пазари или

 Домашните бизнисмени не се свои на своето

Многу бизнисмени со кои разговаравме велат дека се повеќе фирми се посилно го чувствуваат теретот да се работи како домашна фирма во Македонија. Додека странските инвеститори во земјава ги добиваат сите поволности и не плаќаат речиси никакви трошоци, неданочните давачки кои домашните фирми мора да ги плаќаат се повеќе ги истоштуваат домашните фирми.
Додека домашните бизнисмени со децении молат за да добијат основни инфраструктурни услови и даночни олеснувања кои природно би им следувале во како инвеститори во секоја нормална земја, странските инвеститори се ослободени од даноци, од придонеси за вработените, добиваат идеални ифраструктурни услови без да платат ниту денар, а добиваат и секаква друга можна поддршка на државата и сите нејзини институции.
Ова се само дел од причините заради кои некои македонски бизнисмени се одлучиле да започнат со бизнис во Србија, со надеж дека таму ќе имаат подобар третман како странски инвеститори.
„Македонски фирми се привилегирани во Србија и не се под постојан притисок од државата. Воопшто не е чудно што се регистрираат фирми во Србија во се поголем број. Во Србија освен што имаат пристап до многу поголем пазар од нашиот, фирмите може полесно да добијат тендери, ако се регистрирани како српски фирми. Законската регулатива таму е многу потолерантна од таа кај нас, казните за фирмите и трошоците за вработените се помали“, вели македонски бизнисмен кој добро ги познава состојбите за водење бизнис и во едната и во другата држава.
Универзитетската професорка Марија Зарезанкова Потевска вели дека Србија сепак има потолерантна регулатива за бизнис, а фактот што во Македонија може лесно да се отвори фирма, никако не значи дека лесно може да се развива и бизнис.
„Високите казни ги плашат и сериозно ги оптеретуваат македонските компании. Коа тоа ќе се искомбинира со ограниченоста на пазарот и малите можности за развој не е чудо што нашите фирми се обраќаат кај најблиската можна алтернатива, а тоа е соседна Србија. Информациите од бизнис заедницата велат дека веќе има одлив на компании и кон другите соседни земји како Бугарија и Албанија, кои и покрај очигледните пречки се повеќе напредуваат во однос на минатото“, вели Потевска.
Во однос на ефектите што ваквите трендови би можеле да ги имаат врз македонската економија, професорката Зарезанкова Потевска смета дека е пожелно и природно е македонските компании да се развиваат и шират.
“Но, лошо е ако фирмите и бизнисмените комплетно се иселуваат во Србија и други земји. За жал, постојат се повеќе такви примери. Тоа е класичен одлив на капитал од земјава“, вели Зарезанкова Потевска.

Големината на пазарот е голем аргумент во бизнисот

Капитал стапи во контакт и со повеќе македонски бизнисмени кои на било каков начин се поврзани со Србија. Од сите нив добивме сличен одговор дека без разлика на патриотските чувства, српскиот пазар нуди многу поголеми можности.
Компанијата Ариљеметал од Скопје е присутна во Србија од 2000 година, односно од времето на најголемите кризи во таа земја. Сопствениците уште на самиот старт ни кажаа дека во ниеден момент не зажалиле што инвестирале во Србија, а како причина ни дадоа навистина опширно образложение.
„Мотивот за нашето одење во Србија беше неможноста да ги искористиме сите човечки потенцијали кои ги поседуваме на вака мал пазар како македонскиот. Кога отидовме во Србија навистина видовме што значи поголем пазар и како треба да се однесуваме на таков пазар. Преку работењето и искуството во Србија ја отворивме вратата на пазарите кон Западна Европа“, вели Трајан Ангелески од Ариљеметал.
Тој смета дека секоја малку поголема фирма од Македонија како втор чекор во развојот размислува како да обезбеди присуство на српскиот пазар.
„Јазична бариера не постои, има добро инфраструктурно поврзување и навистина добар однос и прифатливост на македонските инвеститори од буквално сите фактори во Србија“, вели Ангелески.
Кумановскиот бизнисмен Бобан Тодоровски, поранешен сопственик на фабриката Стилкон веќе неколку години води свој бизнис во Србија и тврди дека причините за неговото инвестирање таму се чисто прагматични и бизнис исплатливи.
„Едноставно природата на мојот бизнис е таква да морам да поседувам своја фирма и во Србија. Законската регулатива дозволува размена на работници и добра помеѓу двете земји и од тој аспект работите функционираат добро. За даночни олеснувања не би можел да речам дека се подобри од македонските бидејќи се знае дека ние имаме пониски даноци. Но, големината на пазарот е навистина пресудна. Пазар од осум милиони нуди четири пати поголеми можности од пазар од два милиони и нема тука што повеќе да се размислува“, вели Тодоровски.

 Договорот за слободна трговија со Русија е голема предност за Србија

Србија со години наназад е интересна за инвеститори од цела Евр опа и поради Договорот за слободна трговија со Русија. Оваа нејзина позиција уште повеќе станува интересна со ембаргото кое взаемно го воведоа ЕУ и Русија со што останаа само неколку земји во Европа кои имаат право да извезуваат на 140 милионскиот пазар.
Информациите на Капитал велат дела многу македонски извозни компании кои се занимаваат со производство на храна размислуваат да отворат фабрики или погони во Србија токму заради Договорот за слободна трговија со Русија за да може полесно и поевтино да ги пласираат своите производи на рускиот пазар.
Но, многу компании од Македонија ја разгледуваат опцијата да се здружат со српски партнери за преку нив без царина да го испратат производството во Русија.
За извоз на македонски производи во Русија од Македонија сега се плаќа 16% царина, што ја намалува конкурентноста на македонските извозни производи.

 

3 thoughts on “Капитал истражува: Зошто македонските фирми се селат во Србија?

  1. Кои од позначајните фирми се преселиле во Србија? Штом се преселиле, штом ги затвориле канцелариите или производството во Македонија значи дека нема што да кријат околу преселбата. А имиња на фирми не добивме за да можеме да заклучиме колку е сериозно тврдењето што го отвара текстот.

  2. Малите и микро фирми се под тежок притисок со многубројните прописи, тие се сиромашни и не се во состојба да ги поднесат (а прописите се прават за да и дадат некаква активност на енормната администрација). Ако е вистина дека околу 90% од работната сила во Македонија е во фирми до 5 вработени, тогаш Владата треба да престане со фалбите дека сме добра бизнис дестинација, да ги изедначи условите со соседните земји и да даде исти поволности како за странските инвеститори. Казните со својата висина се вистински терор за малите фирми. Масовното исселување на младите и сивата економија се резултат на тешкотиите за водење мал бизнис.

  3. problemite vo nasava drzava gi pavi drzavata opstinite i javnite pretprijatija poradi ogromnite dolgovi kon naseto malo stopanstvo.nelikvidnosta na nasite mali i sredni pretprijatija se slucuva koga edna firma koja go dobila tenderot angazira drugi firmi i vo ovoj slucaj koga rabotata ne se plaka so godini lanecot na dolzenje se poveke i poveke se zgolemuva.dokolku drzavata zaedno so opstinite javnite pretprijatija gi pocituvaat rokovite za plakanje nema da se slucuvaat vakvi dolzenja pomegu firmite i redno vreme da poraboti na toa pole da najde modus da si gi servisira dolgovite inaku ke ostaneme bez mali i sredni pretprijatija vo koi retko kade rabotnicite zemaat plata redovno.

Напиши одговор на emerit prof Откажи одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×